Пепи Хаџи Арсов
Вовед
Сајбер-безбедноста претставува процес и збир на мерки кои се користат за заштита на луѓе, системи и податоци од различни видови сајбер напади. Таа е комбинација од технологии, процедури и навики што заедно имаат цел да создадат безбедна дигитална средина. Со текот на годините, бројот на вакви напади постојано расте, а истовремено и начинот на кој тие се изведуваат станува сè посложен. Од обични вируси и малициозни програми, денес дојдовме до ситуации каде што целосни институции или компании може да бидат парализирани со еден добро организиран напад. Ова ја покажува потребата на сајбер-безбедноста и потребата за постојано учење и прилагодување.
Се повеќе организации, институции, но и поединци инвестираат во различни форми на заштита и превенција. За компаниите тоа значи поставување заштитни системи, користење на специјализирани алатки, обука на вработените и воспоставување политики за работа со чувствителни информации. За обичните луѓе тоа најчесто се однесува на користење на посилни лозинки, активирање двојна заштита, внимателно управување со личните податоци и препознавање сомнителни пораки или линкови. Со оглед на тоа дека интернетот денес е голем дел од секојдневието, свеста за безбедноста мора да постои кај сите од најголемите организации па се до индивидуалните корисници.
Сајбер-нападите можат да предизвикаат сериозни последици. Тие не се ограничуваат само на загрозување на приватноста на луѓето, туку можат да доведат и до финансиски загуби, уништување на деловни системи, па дури и нарушување на јавната безбедност. Во многу случаи, се случува чувствителни информации да бидат објавени или злоупотребени, што резултира со кражба на идентитет или долгорочни последици врз поединците кои станале жртви. Кај бизнисите и институциите, еден напад може да значи губење на доверба од корисниците, огромни парични трошоци и прекин на работа.
Сето ова покажува дека сајбер-безбедноста не е нешто што се однесува само на компјутерски експерти или на ИТ секторот. Таа е прашање кое директно влијае врз секојдневниот живот на луѓето. Без разлика дали станува збор за заштита на лични податоци на социјални мрежи, спречување на измами со банкарски сметки или обезбедување на критични системи како што се болници и јавни услуги, дигиталната безбедност е клучна за нормално функционирање на современото општество.
Зошто е важно да се гледа од перспектива на род
Кога се зборува за сајбер-безбедност, често фокусот е ставен на технолошки решенија и системи за заштита. Но, не помалку важно е да се разгледа и родовиот аспект, односно како различните општествени групи се погодени од истите ризици. Родот има големо влијание врз тоа кој има пристап до технологии и дигитални ресурси, како и до образование и можности за работа во оваа област.
Жените во многу случаи имаат ограничен пристап до ИКТ алатки, мрежи и обуки, што ги прави поранливи во дигиталниот свет. Дополнително, родовите улоги и општествените стереотипи имаат директно влијание врз тоа кој ќе биде изложен на ризик и како ќе реагира на онлајн вознемирување. Жените честопати се чувствуваат под притисок да не пријавуваат онлајн злоупотреба, што создава дополнителна бариера во нивната заштита.
Според извештајот „Why Gender Matters in International Cyber Security“, жените значително почесто се таргетирани со родово-базирано насилство онлајн. Исто така, само 15–20% од работните места во ИКТ се држат од жени, што значи дека женскиот глас е далеку помалку застапен во оваа област.
Според оваа слика на Cybercrime Magazine може да видиме дека бројот на жени во сајбер-безбедноста се зголемува, но е сеуште значително помал во однос на мажите во оваа област.
Но, зошто жените поретко се дел од сајбер безбедноста?
Често се прикажува сајбер-безбедноста како нешто што бара многу технички вештини, како кодирање, сложени мрежи, „хакирање“ и слично. Тоа може да им се чини страшно или недостижно на оние кои немаат такво предзнаење. Постојат очекувања од тоа што треба да умееш за да работиш во сајбер-безбедност, како кодирање, математика, инженеринг. Жените поретко се охрабрувани да учат овие предмети уште во основно или средно образование. Важно е жените да имаат наставници, ментори, роднини кои ќе им кажат дека можат да се занимаваат со сајбер-безбедност. Еден таков разговор или совет може да ја промени насоката на нечија кариера. Девојките често не добиваат исти можности како мажите да учествуваат во натпревари (hackathons), програми за кодирање, работилници, курсеви, и сл. Исто така, стереотипите влијаат на тоа како жените се гледаат себеси, ако постојано слушаш дека оваа област е за мажи, може да се чувствуваш дека не си подобна или дека нема можност да успееш. Иако бројот на жени во сајбер-безбедност расте, растот е многу бавен. Статијата на SheCanCode вели дека ако продолжи со исто темпо, ќе треба уште многу години пред да се постигне еднаквост.
Облиците на онлајн вознемирување кон жени можат да бидат разновидни. Често сè започнува со омразни коментари кои се оставаат под нивните објави на социјалните мрежи. Овие коментари може да бидат насочени кон нивниот изглед, нивниот начин на изразување или едноставно кон фактот дека тие се жени кои јавно го споделуваат своето мислење. Наместо конструктивна критика или културна дискусија, жените многу често се соочуваат со груби зборови и непријатни забелешки кои оставаат негативни последици врз нивната самодоверба.
Покрај омразните коментари, чест облик на вознемирување се и директните навреди. Тие можат да се испраќаат преку приватни пораки или да бидат јавно објавени. Навредите обично се полни со омраза, потценување или исмејување, а често носат и личен карактер, насочен директно кон достоинството на жената. Овие напади можат да создадат чувство на страв, несигурност и изолација, бидејќи жртвата повеќе не се чувствува безбедно ниту во дигиталниот простор каде што првично можеби барала поддршка или само сакаше да се изрази.
Друг чест облик е следењето на профили. Жените се соочуваат со лица кои постојано ја следат нивната активност, ги разгледуваат нивните објави, коментираат на секоја фотографија и често создаваат чувство дека секогаш се набљудувани. Ова следење може да премине во дигитално прогонување, каде што вознемирувачите прават лажни профили, испраќаат барања за пријателство или постојано испраќаат пораки и реакции, со цел да го одржуваат чувството на притисок и контрола.
Објавувањето пораки без согласност е уште еден сериозен проблем. Се случува приватни разговори, пораки или комуникации да бидат објавени јавно со цел да се засрами или омаловажи жената. Дури и кога тие пораки не содржат ништо скандалозно, самото нарушување на довербата и јавното изложување на нешто приватно може да биде болно и штетно.
Особено тежок облик на вознемирување е ширењето интимни фотографии или видеа без дозвола. Овој чин претставува директен напад врз приватноста и достоинството на жената. Дури и кога материјалите се добиени со согласност во одреден контекст, нивното јавно споделување без дозвола е насилство кое остава длабоки траги. Жените кои се соочуваат со вакви ситуации често се изложени на дополнителен притисок, бидејќи таквото ширење носи последици не само во дигиталниот простор, туку и во реалниот живот – во нивните семејни односи, на работното место или во образовната средина.
Покрај тоа, се јавуваат и дезинформации. За жените често се шират лажни вести, измислени приказни или намерно извртување на нивните зборови. Таквите дезинформации можат да се користат за да ја нарушат нивната репутација, да ги дискредитираат во јавноста или да предизвикаат сомнеж околу нивниот карактер. Дури и кога станува збор за очигледни лаги, нивното постоење на интернет создава сомневање кај другите и го нарушува имиџот на жената. Социјалните мрежи, каде што дезинформациите брзо се шират, ја засилуваат оваа штета, бидејќи еднаш објавена лага тешко може целосно да се избрише.Онлајн вознемирувањето не е нешто што постои само во виртуелниот простор. Последиците од него многу често се пренесуваат и во секојдневниот живот. Жените може да станат повлечени, да избегнуваат социјални ситуации, да ја изгубат довербата во околината или дури да се соочат со психолошки проблеми како анксиозност и депресија. Со тоа се намалува можноста за нови контакти кој покрај психолошки последици ова влие и врз финансискиот дел на нивниот живот. Некои жени одлучуваат да се тргнат од професионални мрежи и платформи, што пак директно им го ограничува пристапот до проекти и нови работни места. Кај дел од нив, ситуацијата завршува и со напуштање на работното место, било поради притисок од околината, било поради тоа што не можат да издржат постојан стрес и напади. Сето ова води до тоа жените да трпат финансиска штета, бидејќи ги губат приходите и можностите за развој кои инаку би ги имале.
Единствено во областа на кражба на идентитет жените се нешто помалку погодени од мажите. Според анкетата спроведена од Nationwide, само 11% од жените пријавиле кражба на податоци во споредба со 23% од мажите. Ова покажува дека иако жените се жртви во многу области, во одредени ситуации разликите можат да бидат во корист на жените.
Од друга страна, жените почесто ги прават своите профили приватни и ги штитат подобро (63% жени наспроти 50% мажи). Мажите пак почесто имаат повеќе пријатели или следбеници кои не ги познаваат лично (53% мажи наспроти 37% жени), што ја зголемува нивната изложеност.
Cyberstalking и психолошки импакт
Еден посебно значаен облик на онлајн напад е cyberstalking, односно следење на профили на интернет. Истражувањето направено во Јужна Кореја покажа дека cyberstalking почесто го извршуваат возрасни лица отколку младите (0.8% кај млади наспроти 19.1% кај возрасни). Во однос на родовата разлика, мажите почесто ја користат анонимноста на интернет за следење на профили, додека жените во целина покажуваат повисока моралност и ретко се појавуваат како напаѓачи.
Според истражување спроведено во Обединетото Кралство од Alan Turing Institute, иако вкупната изложеност на штетни содржини е слична кај мажи и жени, психолошкиот ефект е многу поизразен кај жените. Жените значително повеќе се плашат да бидат таргетирани и пријавуваат повисок степен на психолошки импакт.
Пример за тоа е дека 54% од жените изјавиле страв од cyberstalking, наспроти 35% мажи. Исто така, 49% од жените се изјасниле дека се плашат од содржини со омраза кон жените (misogynistic content), додека само 14% од мажите го пријавиле истиот страв.
Овие бројки јасно укажуваат дека штетите од онлајн насилство не се само квантитативни, туку и квалитативни, бидејќи жените доживуваат поголема вознемиреност и психолошки стрес.
Разлики во реакциите и довербата во институциите
Истражувањата на Pew Research Center покажуваат дека кога станува збор за онлајн малтретирање, мажите и жените реагираат различно. Жените почесто блокираат или прекинуваат контакт со лице кое ги вознемирува, додека мажите поретко се одлучуваат за таков чекор.
Покрај тоа, постојат разлики и во довербата кон институциите. Жените значително почесто чувствуваат дека полицијата и судството не ги земаат сериозно нивните случаи на онлајн насилство. Според истото истражување, 46% од жените сметаат дека полицијата не ги сфаќа сериозно, наспроти 39% мажи.
Оваа недоверба доведува до тоа многу жени да не ги пријавуваат случаите на онлајн вознемирување. Така, дури и кога се случува напад, шансите жените да добијат соодветна заштита и поддршка се многу помали. Последиците од ова се сериозни: психолошки стрес, срам, губење доверба, анксиозност, па дури и самоизолација. Сето тоа може да влијае врз кариерата, учеството на социјалните мрежи и активноста во јавниот живот.
Институции и организации
European Institute for Gender Equality (EIGE) е една од најпознатите институции која се занимава со заштита на жените. Според нивните податоци, сајбер-насилството врз жени и девојки претставува сериозен и растечки проблем во рамките на Европската Унија. Истражувањата покажуваат дека една од три жени доживеала некаква форма на насилство во својот живот, а една од десет жени од 15-годишна возраст наваму веќе искусила барем една форма на сајбер-насилство.
Во 2024 година ЕУ усвои директива со која се бара од земјите членки да ги адресираат сите форми на онлајн насилство врз жени. Со тоа започна и процес на мерење за да се утврди колкав процент од жените се жртви на вакви напади.
UN Women е друга позната организација која дава препораки за намалување и превенција на онлајн насилството. Нивните препораки се насочени кон создавање законска рамка што ќе го третира онлајн насилството како сериозно кривично дело, обезбедување лесни и транспарентни механизми за пријавување, како и психолошка и правна поддршка за жртвите. Исто така, тие нагласуваат дека е потребна едукација на јавноста за родово-базираното онлајн насилство.
Состојбата во Македонија
Како и во многу други држави, и во Република Северна Македонија жените се сериозно изложени на различни форми на онлајн вознемирување. Според истражувањето на UNDP, повеќе од 60% од жените во земјата доживеале барем една форма на онлајн насилство, а една од десет жени искусува вакво насилство секојдневно.
Во однос на законската рамка, Македонија направи чекор напред со усвојување на Законот за заштита и превенција од насилство врз жени и семејно насилство во јануари 2021 година. Законот содржи одредби за заштита од дигитално насилство, но сепак постојат празнини кои можат да се надминат. Тоа вклучува појасни дефиниции за различни видови сајбер-насилство, подобро обучување на институциите за препознавање и реагирање, како и обезбедување посилна психолошка и правна поддршка за жртвите.
За да сфатиме колку е сериозен проблемот со сајбер насилството, ќе разгледаме еден реален случај на вознемирување врз жена кој многу јасно покажува со што може да се соочат луѓето во дигиталниот свет. Во овој пример жртвата е 32-годишна жена која по разводот со својот поранешен сопруг, наместо да може мирно да продолжи со животот, почнала да се соочува со нови проблеми и напади. Поранешниот сопруг заедно со неколку членови од неговото семејство започнале организирана злоупотреба преку интернет. Тие креирале повеќе лажни профили на социјалните мрежи, а потоа тие профили ги користеле за објавување навредливи и заканувачки коментари. Освен тоа, тие ширеле содржини кои имале цел да ја понижат и да ѝ наштетат.
Сето ова не било нешто што се случило само еднаш, туку било континуирано. Жртвата секојдневно се соочувала со понижувања и негативни пораки, што довело до тоа таа да почувствува огромен стрес. Наместо да може да живее нормално, таа почнала да развива анксиозност и чувство дека е постојано под напад. Се појавило и чувство на несигурност, бидејќи нападите биле постојани и не знаела кога ќе престанат. Поради таквата состојба таа морала да побара психолошка помош. Ова е многу важен дел од случајот затоа што покажува дека онлајн нападите не се нешто безначајно, туку реално оставаат трајни последици по психичкото здравје на луѓето.
Иако жената решила да го пријави случајот во полиција и при тоа имала докази за сè што ѝ се случувало, институциите не реагирале на соодветен начин. Наместо да ѝ обезбедат заштита и да покренат постапка против сторителите, полицијата не превзела ништо конкретно. Ова уште повеќе ја влошило ситуацијата, бидејќи наместо да почувствува дека системот стои зад неа, жртвата останала сама и без заштита. Напротив, вознемирувањето не престанало, туку продолжило со уште поголема сила.
Причината за ваквиот недостаток на реакција е тоа што онлајн вознемирувањето во моментот не било целосно опфатено со Кривичниот законик. Постоеле закони за навреди и закани, но тие не биле доволно јасни за вакви случаи каде дигиталните платформи се користат како алатка за насилство.
Овој случај само ја зголемува бројката на жени во светот кои се жртви на онлајн вознемирување. Најтрагично е тоа што за сторителите воопшто не биле преземени никакви мерки. Тоа покажува дека проблемот не е само кај луѓето што го вршат насилството, туку и кај системот кој треба да ги штити жртвите, а често не успева да го направи тоа.
Од моја перспектива, ако би бил судија на ваков случај, ќе го гледам на следниов начин. Прво, делото не е еднократен настан, туку нешто што се повторувало многу пати. Тоа значи дека психолошката штета е поголема, бидејќи жртвата не добила простор да се одбрани или да се стабилизира. Второ, мора да се има предвид дека социјалните мрежи биле искористени како оружје против една личност. Денес интернетот е огромен дел од секојдневниот живот и не може да се каже дека она што се случува таму е „помалку важно“ од тоа што би се случило во реалноста.
Затоа според мене, поранешниот сопруг и оние што учествувале во вознемирувањето треба да добијат кривична санкција исто како што би добиле доколку насилството се случило лице в лице. Нема разлика дали понижувањето и заканите се упатени преку улица или преку екран – ефектот врз жртвата е ист, а понекогаш дури и посилен, затоа што интернет содржината може да се шири брзо и да ја видат многу луѓе.
Овој случај е јасен пример дека е неопходна посилна законска рамка за онлајн вознемирување. Потребни се измени кои ќе го третираат дигиталното насилство како високо кривично дело. Само така жртвите ќе добијат соодветна заштита, а сторителите ќе бидат санкционирани соодветно.Во спротивно, ќе продолжиме да имаме ситуации каде жртвите остануваат сами и незаштитени, а насилниците продолжуваат без страв од последици.
Како жените можат да бидат по безбедни онлајн?
Според The Conversation жените кои се соочуваат со онлајн насилство најчесто бараат помош од групи и организации. Кај нас во Македонија, такви улоги можат да имаат здруженија за заштита на жени, женски центри или невладини организации. Овие заедници овозможуваат споделување искуства, советување и правна поддршка. Исто така велат дека е потребно да се сработат едукативни работилници против закани и споредлување несакани фотографии. Многу е важно да постојат групи и заедници на интернет каде жените можат да се чувствуваат сигурни и да споделуваат информации без страв од дополнително вознемирување. Тоа може да бидат затворени групи на Фејсбук, форуми или локални онлајн заедници создадени специјално за поддршка. Исто така за постарите лица може да има обуки кој може да присуствуваат поврзани со онлајн безбедноста. На пример, како да се користи двојна автентикација, како да се препознаат сомнителни пораки или како да се заштити личниот профил.
Некои решенија кои може да се применат според мене се тоа да се создадат алатки за препознавање и блокирање на онлајн вознемирување и кај жените и кај мажите. Денес технологијата многу брзо се развива, па не би било проблем да се направи нешто вакво, а истовремено би било од голема корист за сите корисници на интернетот. Секојдневно гледаме колку луѓе се соочуваат со лажни профили, закани или навредливи коментари, па токму поради тоа е потребно да има еден едноставен систем кој автоматски ќе препознава вакви ситуации и ќе го олесни процесот на заштита.Во моментов постојат некои вакви алатки, како што се UpGuard и Recorded Future, но проблемот е што тие бараат доста познавање од областа на ИТ индустријата и сајбер безбедноста. Со други зборови, тие не се лесни за користење за обични луѓе кои немаат техничко искуство. Повеќето луѓе сакаат брзо и едноставно решение кое можат да го користат без многу објаснувања и долги упатства. Затоа, би било добро да се креираат алатки или мобилни апликации што ќе бидат прилагодени за пошироката публика.На пример, една таква апликација би можела автоматски да препознае кога некој профил е лажен и да нè предупреди пред да го прифатиме. Исто така, би можела автоматски да ги филтрира или брише навредливите пораки и коментари пред тие воопшто да ги видиме. Со тоа корисниците би се чувствувале многу побезбедни, а и би се намалило времето кое инаку би го трошеле за пријавување или блокирање на вакви случаи.Покрај ова, многу е важно и луѓето подобро да се запознаат со користењето на вештачка интелигенција. Денес АИ се користи во многу области, но сè уште постои голем број на луѓе кои не знаат како правилно да ја користат. Вештачката интелигенција во сајбер-безбедноста може да помогне на различни начини: може автоматски да открива сомнителни активности, да анализира огромна количина на податоци и да предвиди можни закани пред тие да се појават. Со тоа се зајакнува безбедноста на интернетот и корисниците имаат алатка која работи во нивна корист.На пример, АИ може да препознае ако некој сака да пробие во наш профил, ако се користи сомнителна лозинка или ако има чудна активност што одстапува од нашето вообичаено однесување. Наместо сами да бараме решение и да се збунуваме, АИ може да ни даде директно предупредување или совет што да направиме. Тоа значи дека луѓето нема да мора да бидат експерти за да се заштитат, туку самата технологија ќе им помага да бидат побезбедни.Исто така, многу важна улога имаат и социјалните мрежи како Инстаграм, Фејсбук и ТикТок. Тие треба да создадат системи со кои жените, но и сите други корисници, ќе можат лесно да пријават навредливи пораки или вулгарности. Најдобро би било во самата апликација да постои јасно и едноставно копче за пријавување, кое веднаш би ја испратило пријавата до тимот на социјалната мрежа.Овие пријави потоа би требало да се разгледуваат од специјализиран тим кој ќе може брзо да реагира. Ако е потребно, случаите треба да се проследуваат и до полицијата за да се преземат соодветни мерки против сторителите. Со тоа ќе се прати порака дека онлајн вознемирувањето е сериозен проблем и дека има последици за оние што го прават.
Ако имаме вакви системи во самите апликации, тогаш многу полесно ќе можеме да се заштитиме. Луѓето ќе се чувствуваат побезбедни кога ќе знаат дека можат да пријават нешто со само еден клик, без да бараат комплицирани процедури. Ова ќе придонесе жените, но и сите други, да имаат повеќе доверба во социјалните мрежи и да се чувствуваат сигурни додека ги користат.
Заклучок
Покрај техничките решенија и важноста на образованието, треба да бидеме свесни дека ниту една алатка ниту еден закон сами по себе нема да ја решат ситуацијата. Реалноста е таква што секогаш ќе има луѓе кои ќе се обидуваат да повредат или понижат некого преку интернет, без разлика колку забрани и правила ќе постојат. Затоа најважно е ние како луѓе да почнеме да се грижиме еден за друг, да покажеме поголема свест и емпатија. Ако видиме некого дека е жртва на вознемирување, да не останеме само набљудувачи, туку да се обидеме да помогнеме или барем да го поддржиме.
Онлајн вознемирувањето не познава граници, пол или возраст може да се случи на било кој. Затоа потребно е да има еднаквост во начинот на кој се третираат жртвите, без поделба дали се жени или мажи. Сите треба да имаат исти можности да бидат заштитени, да им се слушне гласот и да добијат поддршка.
Секако, построги санкции, подобри закони и алатки за препознавање и блокирање на насилството се неопходни. Исто така, организациите и институциите мора да бидат многу поактивни и поефикасни. Но тоа е само дел од решението. Најважно е да се создаде култура каде што ваквото однесување нема да се прифаќа, каде што сите ќе бидеме свесни дека зборовите имаат тежина и дека можат сериозно да повредат.
Во суштина, иднината на интернетот зависи од тоа како ние ќе го користиме. Ако сакаме онлајн просторот да биде безбедно и пријатно место за сите, тогаш мора да вложиме заеднички напори како поединци, како заедници и како општество. Да не гледаме на дигиталниот свет како нешто одвоено, туку како дел од нашата секојдневна реалност каде што правилата на почит и разбирање треба да важат исто како и во вистинскиот живот. Само тогаш може да се каже дека сме направиле вистинска промена.
Литература
https://www.ibm.com/think/topics/cybersecurity
https://www.coe-civ.eu/kh/why-gender-matters-in-international-cyber-security
https://www.mdpi.com/2076-328X/15/5/566
https://www.turing.ac.uk/sites/default/files/2024-03/understanding_gender_differences_in_experiences_and_concerns_surrounding_online_harms_-_a_nationally_representative_survey_of_uk_adults.pdf
https://www.nationwide.co.uk/media/news/women-half-as-likely-as-men-to-have-identity-stolen-due-to-not-oversharing-personal-details
https://eige.europa.eu/gender-based-violence/cyber-violence-against-women?language_content_entity=en
https://www.unwomen.org/en
https://www.undp.org/north-macedonia/blog/online-violence-leaves-scars-too
https://koha.mk/en/me-lenduan-me-shume-se-divorci-ngacmimet-online-pritet-te-perfshihen-ne-kodin-penal/
https://theconversation.com/six-ways-to-make-the-internet-safer-for-women-244877
https://shecancode.io/why-is-there-a-lack-of-women-in-cyber-security/
https://www.fortinet.com/resources/cyberglossary/artificial-intelligence-in-cybersecurity