Ана Тодорова
АПСТРАКТ
Темата за жените во хакерската култура е поле кое се смета деја е исклучиво машка област на делување, а всушност и жените имаат значајна улога и придонес. Целта на овој текст е да се прикаже како изгледаат родовите улоги во една традиционално машка заедница и со кои предизвици се соочуваат женските хакери. Преку ова истражување ќе се осврнам на тоа колку е тешко да се пробијат бариерите на стереотипите, како се развива женското присуство во сајбер-безбедноста и што значи тоа за иднината на етичкото хакирање. Мое мислење е дека секое општество што се стреми кон развој мора да даде простор и поддршка на жените во сите области, па и во хакерството, бидејќи токму разновидноста носи подобри решенија и посигурна дигитална иднина.
Вовед
Хакерската култура е феномен кој низ изминатите децении стана составен дел од дигиталното општество. Првично се појави во академските и технолошките кругови во 60- тите и 70-тите години и се развиваше паралелно со напредокот на компјутерите и интернетот. Во суштина, хакерството претставува начин на размислување кој вклучува љубопитност, инвентивност и стремеж кон пробивање на ограничувањата во технологијата, иако во јавноста најчесто се поврзува со нелегални активности (Chng et al., 2022). Со текот на времето, медиумите и популарната култура го претставија хакерот претежно како машка фигура, што доведе до перцепција дека оваа сфера е резервирана за мажи.
Моето гледиште е дека ваквата слика е еднострана и неправедна. Жените отсекогаш имале удел во развојот на технологијата, но нивниот придонес бил маргинализиран. Историјата потсетува на примери како Ада Лавлејс, која уште во 19-от век напиша алгоритамска програма, или жените кои работеле на ENIAC проектот во 40-тите години и кои го поставија темелот на современото програмирање (Goodrich,2022). И покрај тоа, подоцна во развојот на компјутерската наука и хакерската култура, жените останаа речиси невидливи поради социјалните стереотипи и нерамномерната распределба на моќта во технолошките заедници (Corneliussen, 2023; Trinkenreich et al., 2022).
Целта на оваа семинарска е да ја истражи улогата на жените во хакерската култура, со фокус на тоа како изгледаат родовите улоги и кои предизвици ги следат женските хакери во една заедница што се смета за машка. Ќе се разгледаат примери на жени кои успеале да се наметнат со својот труд и знаење, како и перспективите за етичкото хакирање, кое нуди нови можности за нивно активно учество.
Верувам дека прифаќањето на родовата разновидност во оваа област не е само прашање на правичност, туку и предуслов за подобри решенија во сајбер-безбедноста и посигурен дигитален свет. Стереотипите дека хакерството е „машка игра“ се застарени и претставуваат пречка за напредок. Со оваа семинарска ќе се обидам да покажам дека инклузивната хакерска култура претставува иднина која нуди повеќе креативност, сигурност и правична распределба на можностите.
1. Хакерската култура и родовите улоги
Хакерската култура претставува субкултура која се развила паралелно со еволуцијата на компјутерската технологија и интернетот. Таа се заснова на вредности како слободен пристап до информации, креативно решавање на проблеми и постојано надминување на ограничувањата на системите (Chng et al., 2022). Во својата суштина, хакерството е начин на размислување односно љубопитност и предизвик да се истражи она што е „зад сцената“ во дигиталниот свет. Сепак, јавноста често го идентификува со нелегални активности, што придонесува за создавање на еден негативен и еднодимензионален имиџ. (Coleman, 2014).
Во историјата на хакерската култура, посебно место имаат идеалите за слобода и бунтовност, но истовремено оваа култура се оформила како доминантно машка заедница. Медиумските претстави, филмовите и популарните книги најчесто ги прикажуваат хакерите како млади мажи, осамени лица кои се борат со системот. Ваквиот стереотип оставил длабоки траги и во академските и во технолошките средини, каде што присуството на жените било минимизирано или дури игнорирано (Corneliussen, 2023).
Родовите улоги во хакерската култура долго време биле поставени на начин кој ја засилувал нееднаквоста. Од една страна, машките хакери се гледале како пионери и визионери, а од друга страна, жените биле соочени со сомнеж во нивните способности и социјален притисок да се докажуваат повеќе од своите машки колеги (Trinkenreich et al., 2022). Истражувањата укажуваат дека во многу хакерски заедници, жените се чувствувале изолирано, маргинализирано и често се соочувале со дискриминаторски коментари или потценување (Rmit University,Australia).
Од моја гледна точка, ваквата состојба е показател за тоа колку социјалните стереотипи влијаат врз една област која всушност треба да се темели на знаење и креативност, а не на родова поделба. Жените можат да бидат исто толку успешни и инвентивни во хакерството како и мажите, но нивната видливост зависи од тоа дали заедницата е подготвена да ги прифати како рамноправни. Позитивните примери на жени хакери кои се стекнале со глобално признание покажуваат дека пречките не се резултат на недостаток на способности, туку на предрасуди и структурни бариери.
Важно е да се нагласи дека родовите улоги не се нешто фиксно зададено. Тие се резултат на културни норми и општествени претстави кои со текот на времето може да се
менуваат. Денес, со растечкото внимание кон инклузијата во технологијата и со иницијативите за поддршка на жените во STEM областите, се отвора простор за редефинирање на улогата на жените и во хакерската култура. Овој процес не е брз ниту лесен, но е неопходен доколку сакаме хакерството да остане автентично во својата суштина ,отворено, креативно и ориентирано кон рушење на бариерите.
2. Женски хакери низ историјата и денес
Иако хакерската култура долго време се сметала за машка заедница, низ историјата постојат бројни примери на жени кои со својот труд и знаење оставиле значаен белег во областа на технологијата и компјутерската безбедност. Нивната улога не секогаш била видлива, но нивниот придонес бил суштински за развојот на модерното програмирање, системската безбедност и новите пристапи кон етичкото хакирање.
Во ова поглавје ќе бидат обработени два клучни аспекти:
1. Историските примери на жени кои ја трасирале патеката кон современата хакерска култура, преку нивните иновации и пионерски труд во компјутерските науки. 2. Современите женски хакери и организации кои активно придонесуваат кон унапредување на сајбер-безбедноста и рушење на родовите бариери во оваа област. Со ова ќе се покаже дека, и покрај долготрајната доминација на машките фигури во популарната претстава за хакерите, жените отсекогаш биле и остануваат важен дел од оваа култура.
2.1.Историски личности и примери
Иако терминот „хакер“ во современа смисла се појавува дури во втората половина на 20 век, неколку жени од претходните децении можат да се сметаат како симболични претходници на хакерската култура. Тие со својот труд и креативност ги отвориле патиштата за подоцнежниот развој на компјутерските науки и технологијата.
Ада Лавлејс (1815–1852) често се смета за „првата програмерка во историјата“. Работејќи со Чарлс Бебиџ на неговата „аналитичка машина“, таа напиша алгоритам за пресметување на Бурнулиевите броеви што многумина денес го сметаат за прва програма
(Patterns,2020). Иако таа не била хакер во современа смисла, нејзината работа претставува симболичен доказ дека жените имаат историја во технолошките иновации уште од самите почетоци.
Друг значаен пример е групата на жените програмерки на ENIAC (1940-ти), кои учествувале во развојот на првиот електронски дигитален компјутер. Тие често се сметаат за „невидливите пионерки“ на модерното програмирање, бидејќи нивната работа долго време не била доволно признаена (Goodrich, 2022). Токму нивниот труд ја покажува скриената страна на историјата, жените биле присутни во самите темели на компјутерската револуција, иако ретко добивале јавна видливост.
Со појавата на хакерската култура во 60-тите и 70-тите години, жените продолжиле да се појавуваат во технолошки кругови, иако многу поретко од своите машки колеги. Примери на жени истражувачки ориентирани кон технологијата и безбедноста постојат и во тој период, но најчесто биле маргинализирани од медиумските и академските приказни.
Овие историски примери укажуваат дека присуството на жените во хакерството и компјутерската наука не е нова појава, туку дел од континуитет кој е неправедно занемарен. Иако во јавноста доминира машкиот лик на „хакерот“, жените отсекогаш биле активен дел од историјата на технологијата.
2.2. Современи женски хакери и организации
Во современиот дигитален пејзаж, жените сè повеќе се пробиваат во областа на хакерството и сајбер-безбедноста, иако бројките и натаму покажуваат дека тие се помалку застапени во споредба со мажите. Сепак, постојат истакнати примери на жени кои се здобија со глобално признание и кои го менуваат начинот на кој се доживува хакерската култура.
Joanna Rutkowska, позната полска експертка за компјутерска безбедност, стекна углед преку нејзините иновации во полето на виртуелизацијата и оперативните системи. Таа е основач на „Invisible Things Lab“ и креаторка на Qubes OS кој претставува оперативен систем кој ја нагласува безбедноста и приватноста (Rutkowska, 2010). Низ својата работа, Rutkowska покажа дека жените можат да бидат водечки фигури во еден домен кој со децении бил сметан за машка област.
Parisa Tabriz, често нарекувана „Security Princess“ на Google, е уште еден пример за жена која направила огромен придонес во сајбер-безбедноста. Таа раководи со тимот за безбедност на Google Chrome и има влијание врз безбедносните политики кои денес ги користат милијарди корисници (Google Security Blog, 2015).
Katie Moussouris е уште една позната фигура, најмногу препознатлива по својата работа на развивање bug bounty програми, кои претставуваат механизам за етичко хакирање и идентификација на безбедносни слабости во системите. Таа е основач на Luta Security и активистка за инклузивност и родова еднаквост во технолошкиот сектор (Moussouris, 2016).
Покрај поединечните примери, се појавуваат и организации и движења кои имаат за цел да ја поттикнат родовата еднаквост во хакерската култура и пошироко во технологијата. Меѓу нив е Women in CyberSecurity (WiCyS)-меѓународна организација која обезбедува поддршка, менторство и можности за кариерен развој на жени во оваа индустрија (WiCyS, 2023). Исто така, иницијативата Girls Who Code има за цел да ги инспирира девојките од најмала возраст да се занимаваат со технологија и програмирање, рушејќи ги предрасудите дека овие области се „машки“ (Resnick, 2019).
Овие примери покажуваат дека и покрај историската маргинализација, жените сè повеќе стануваат видливи и влијателни во областа на хакерството. Тие не само што придонесуваат со своите технички вештини, туку и отвораат нови перспективи за идните генерации. Инклузијата и разновидноста не се само прашања на правичност, туку и предуслов за покреативни решенија и подобра сајбер-безбедност на глобално ниво.
3. Етичко хакирање и родова перспектива
Етичкото хакирање претставува една од најзначајните трансформации на хакерската култура во современиот дигитален свет. Наместо хакирањето да се поврзува со уништување, кражба на податоци или нелегални активности, етичките хакери ја користат својата експертиза за заштита на системите и зајакнување на сајбер-безбедноста. Тие се ангажирани преку penetration testing, bug bounty програми и други форми на превентивна безбедност, каде што слабостите на системите се откриваат за да се спречат можни напади.
Во овој контекст, улогата на жените добива особено значење. Иако сè уште се помалку застапени, жените кои се вклучуваат во етичко хакирање носат нови перспективи и пристапи, кои ја збогатуваат оваа област. Разновидноста не е само прашање на инклузија, туку и предуслов за поефикасни решенија во борбата со дигиталните закани. Преку организации како WiCyS и примери на жени како Katie Moussouris, станува јасно дека родовата перспектива во етичкото хакирање претставува клучен фактор за иднината на глобалната сајбер-безбедност.
3.1. Што е етичко хакирање
Етичкото хакирање, познато и како „white-hat hacking“, претставува процес на користење на хакерски техники и алатки за легитимни и позитивни цели. Наместо хакирањето да се поврзува со кражба на податоци, саботажа или нелегални активности, етичките хакери работат со цел да ги заштитат системите и организациите од вистински закани. Тие го прават тоа преку идентификација и анализа на безбедносни слабости пред истите да бидат искористени од злонамерни актери (EC-Council, 2020).
Основните методи на етичко хакирање вклучуваат penetration testing, vulnerability assessment, како и учество во bug bounty програми каде хакерите се наградуваат за откривање на слабости во софтверот и мрежите (Moussouris, 2018). На овој начин, етичките хакери играат улога на „дигитални чувари“ кои активно придонесуваат за сајбер
безбедноста.
Важно е да се истакне дека етичкото хакирање не е само технички процес, туку и етичка одлука. Хакерите кои избираат да работат во рамките на законот и со дозвола на организациите ја нагласуваат својата професионална одговорност и ја трансформираат јавната слика за хакерската култура. Како резултат, терминот „хакер“ денес не мора секогаш да асоцира на криминал, туку може да значи и „заштитник“ на дигиталните ресурси (Chng et al., 2022).
3.2. Жените во етичкото хакирање
Иако бројот на жени во областа на етичкото хакирање е значително помал од бројот на мажи, нивната улога е сè позначајна во современиот дигитален свет. Жените кои избираат кариера како етички хакери често се соочуваат со двоен предизвик: од една страна техничката сложеност и динамиката на полето, а од друга потребата да ги надминат родовите стереотипи кои сè уште се присутни во технолошката индустрија (Trinkenreich et al., 2022).
Еден од најпознатите примери е како што спомнавме и погоре Katie Moussouris, која ја има клучната улога во развојот и популаризацијата на bug bounty програмите. Нејзината работа го промени начинот на кој компаниите ја разбираат важноста на соработката со хакери, отворајќи простор за поинклузивен пристап во сајбер-безбедноста (Moussouris, 2018).
Parisa Tabriz, позната како „Security Princess“ во Google, исто така е пример за жена која успеала да се наметне во врвот на сајбер-безбедноста. Како директорка на безбедноста на Google Chrome, таа ја користи својата позиција за да нагласи дека хакерството може да има позитивна, заштитничка функција (Google Security Blog, 2015).
Покрај индивидуалните примери, се појавуваат и организации и иницијативи кои ги охрабруваат жените да се вклучат во оваа област. Организацијата Women in CyberSecurity (WiCyS) обезбедува обуки, менторство и мрежи на поддршка за жени кои сакаат да изградат кариера во етичко хакирање (WiCyS, 2023). Исто така, Girls Who Code ги мотивира младите девојки од најрана возраст да стекнат програмерски и безбедносни вештини, со што се намалува родовиот јаз и се отвораат нови можности за идните генерации (Resnick, 2019).
Од моја перспектива, жените во етичкото хакирање претставуваат клучен ресурс – не само затоа што придонесуваат со своето техничко знаење, туку и затоа што носат различни пристапи и начини на размислување. Токму оваа разновидност е неопходна за справување со сложените предизвици во дигиталната ера.
3.3. Родовата перспектива и значењето на разновидноста во етичкото хакирање
Етичкото хакирање не е само техничка дисциплина, туку и простор каде што се судираат различни начини на размислување, културни вредности и општествени улоги. Токму затоа, родовата перспектива има големо значење. Истражувањата покажуваат дека
тимови кои се составени од луѓе со различни позадини и искуства имаат поголема креативност и подобра способност за решавање на комплексни проблеми (Corneliussen, 2023). Во контекст на сајбер-безбедноста, оваа разновидност може да значи и поефикасна заштита од закани кои се сè пософистицирани.
Жените кои влегуваат во областа на етичкото хакирање често внесуваат поинаков пристап кон идентификацијата на ризиците и решавањето на безбедносните предизвици. Тие носат перспектива која е формирана не само од техничкото знаење, туку и од искуството на маргинализираност во средини каде што доминира машкото присуство. Тоа, во суштина, ја збогатува дискусијата и ги проширува хоризонтите на можните решенија (Trinkenreich et al., 2022).
Од моја гледна точка, родовата еднаквост во етичкото хакирање е повеќе од прашање на правичност. Таа претставува предуслов за создавање на поцврсти и поинклузивни системи. Ако сакаме сајбер-безбедноста да одговори на глобалните предизвици, потребно е да се искористи потенцијалот на сите,без оглед на полот. Организациите кои активно вклучуваат жени и други маргинализирани групи во безбедносните тимови не само што градат порамноправна работна средина, туку и постигнуваат подобри резултати во справувањето со ризиците.
Во иднина, охрабрувањето на жените да се вклучат во програмите за етичко хакирање и сајбер-безбедност ќе биде клучен фактор за балансирање на индустријата и за изградба на дигитален свет кој е и безбеден и праведен.
4. Предизвици и бариери за жените во хакерската култура
И покрај тоа што жените низ историјата и денес придонесуваат во развојот на технологијата и сајбер-безбедноста, хакерската култура и понатаму е просторија во која тие се соочуваат со сериозни предизвици. Најчестиот проблем се социјалните стереотипи кои ја претставуваат технологијата како „машка“ област, што создава бариери уште од образованието. Девојките често се демотивирани да влезат во компјутерските науки поради предрасудите дека тоа „не е за нив“ или дека таму нема да бидат доволно успешни. Оваа почетна пречка има долгорочни последици врз нивната застапеност во професионалните технолошки заедници (Corneliussen, 2023).
Друг значаен предизвик е недостатокот на женски модели и ментори. Кога младите жени не гледаат успешни примери со кои можат да се идентификуваат, кај нив се создава чувство дека патот кон успехот во оваа област е многу потежок. Истражувањата покажуваат дека жените во технолошките и хакерските заедници често се чувствуваат изолирани, маргинализирани и се соочуваат со микропретпријатија, дискриминаторски коментари или недоволно признавање на нивниот труд (RMIT, 2024). Овие искуства не се индивидуални, туку се дел од поширокиот системски проблем кој бара културни и институционални промени.
Дополнителна бариера претставува и т.н. „imposter syndrome“, односно чувството на несигурност и сомнеж во сопствените способности, и покрај објективните постигнувања. Овој синдром е особено чест кај жените во машки-доминирани професии и често доведува до тоа тие да се потценуваат себеси и да се воздржуваат од преземање на лидерски улоги (Trinkenreich et al., 2022). Моето видување е дека ова чувство не е резултат на недостаток на компетенции кај жените, туку на надворешниот притисок и на културниот контекст во кој се наоѓаат.
Од моја перспектива, најголемиот предизвик не е во тоа дали жените имаат знаење и способност да бидат дел од хакерската култура – тоа одамна е докажано. Проблемот лежи во перцепцијата на општеството и во начинот на кој самата заедница ги прифаќа или исклучува. Сметам дека без поддршка, менторство и активно рушење на стереотипите, многу талентирани жени ќе останат невидливи или ќе ја напуштат оваа област. Тоа е загуба не само за нив, туку и за целото општество, бидејќи без разновидност, хакерството губи дел од својата суштинска креативност.
Затоа, бариерите и предизвиците треба да се гледаат како повик за промени. Хакерската култура, која отсекогаш се гордеела со рушење на граници и оспорување на статус кво, треба да биде местото каде што најпрво ќе се демонстрира родова еднаквост. Верувам дека иднината ќе донесе поголема инклузија на жени во оваа област, но таа иднина нема да дојде сама од себе – потребна е свесна работа, поддршка и промена на културните норми.
Заклучок
Истражувањето за жените во хакерската култура покажа дека оваа област, која традиционално се сметала за машка, постепено се отвора кон поголема инклузија и разновидност. Историјата открива дека жените отсекогаш имале значаен придонес во развојот на технологијата,од Ада Лавлејс и програмерките на ENIAC, до современите експертки како Joanna Rutkowska, Parisa Tabriz и Katie Moussouris. Сепак, нивната улога често останувала во сенка поради стереотипите и културните бариери.
Етичкото хакирање претставува клучна пресвртница во перцепцијата на хакерството, бидејќи ја нагласува заштитничката, а не деструктивната страна на оваа култура. Токму тука жените имаат огромна можност за афирмација, не само преку техничкиот придонес, туку и преку внесување на нови перспективи и пристапи во справувањето со безбедносните закани. Разновидноста не треба да се гледа како формално барање за рамноправност, туку како вистинска сила која носи покреативни и поефикасни решенија.
Мое видување е дека иднината на хакерската култура ќе биде одредена од способноста да се надминат постоечките бариери и да се создаде заедница во која секој, без оглед на полот ќе може да придонесе. Поддршката на жените преку менторство, образование и професионални програми како WiCyS и Girls Who Code е чекор во вистинската насока. Само со рушење на стереотипите и активна работа на вклучување ќе можеме да изградиме хакерска култура што навистина ќе ги отсликува своите основни принципи: креативност, слобода и правичност.
Библиографија
1. Chng, S. et al. (2022). Hacker types, motivations and strategies: A comprehensive model, Science direct, https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S245195882200001X (пристапено на ден 07.10.2025)
2. Corneliussen, H. G. (2023). The Unsolved Mystery of the Gender Imbalance in IT, https://link.springer.com/chapter/10.1007/978-981-99-5187-1_2 (пристапено на ден 07.10.2025)
3. Coleman, G. (2014). Hacker, Hoaxer, Whistleblower, Spy: The Many Faces of Anonymous. Verso Books.
4. EC-Council. (2020). Certified Ethical Hacker (CEH) Official Study Guide. Wiley. 5. Goodrich Joanna,The Women Behind ENIAC,https://spectrum.ieee.org/the-women behind-eniac (пристапено на ден 08.10.2025)
6. Google Security Blog. (2015). Meet Parisa Tabriz, Google’s Security Princess. Retrieved from
7. Patterns (N Y),https://pmc.ncbi.nlm.nih.gov/articles/PMC7660412/
8. Moussouris,K. (2016 )https://www.lutasecurity.com/founder-ceo
9. RMIT University, Australia, https://www.rmit.edu.au/news/all-news/2024/dec/women-in cyber-security-study
10. Rutkowska, J.(2010), Introducing Qubes OS,
11. Trinkenreich, B., Britto, R., Gerosa, M. A., & Steinmacher, I. (2022). An Empirical Investigation on the Challenges Faced by Women in the Software Industry: A Case Study., https://arxiv.org/abs/2203.10555
12. Women in CyberSecurity, https://www.wicys.org/
14
