Марија Велковска
Вовед
Современото општество е во фаза на постојана дигитална трансформација, каде што информатиката и технолошките иновации стануваат централна сила на економскиот и социјалниот развој. Сепак, зад овој технолошки напредок се кријат длабоко вкоренети општествени структури, кои влијаат врз тоа кој има пристап до образованието, вработувањето и технолошкото создавање. Една од најзначајните појави во тој контекст е нееднаквата застапеност на жените во информациските технологии (ИТ), особено кај нас во Македонија, каде традиционалните родови норми и стереотипи сè уште имаат силно влијание.
Изборот на ИТ образование не е само професионална одлука, туку и општествен чин, акт на идентификација, отпор или прифаќање на одредени вредносни системи. Жените кои избираат ИТ кариера се наоѓаат во простор каде се судираат модерните идеи за еманципација и можност со историските и културните предрасуди за “женски” и “машки” професии. Оттука, концептот на родот не може да се третира како биолошка даденост, туку како општествено конструирана категорија што го обликува индивидуалниот избор и колективните очекувања.
Анализата на стереотипите за жените во ИТ контекстот отвора прашања за етичките, егзистенцијалните и социјалните импликации на технологијата. Од една страна, технологијата се претставува како неутрална, рационална и објективна област. Од друга страна, ИТ секторот е длабоко вкоренет во култура изградена преку машка перспектива и вредности како компетитивност, техничка надмоќ и дистанцирана професионалност.
Стереотипи за ИТ секторот
Така, темата “Стереотипи и избор на ИТ образование кај младите жени во Македонија” овозможува да се истражи двојната димензија на проблемот: филозофската, односно како родот се обликува во општествените наративи, но и практичната, односно како тие наративи влијаат врз реалните избори и можности на младите жени.
Истовремено, оваа анализа има и поширока општествена важност. Во свет каде дигитализацијата навлегува во секој сегмент од животот, исклучувањето на цели групи на луѓе од ИТ процесот значи губење на потенцијалот за разновидност, креативност и иновативност. За Македонија, која се стреми кон модернизација и европска интеграција, охрабрувањето на жените во ИТ не е прашање на политичка коректност, туку предуслов за целосен развој.
Понатамошната анализа на прашањето за родот и изборот на ИТ образование бара разбирање на основните теоретски и филозофски концепти поврзани со родот како социјална категорија, како и улогата на стереотипите во обликувањето на личните и колективните ставови. Родот, според современата теорија за род (gender theory), не се сведува само на биолошки разлики, туку претставува конструкт на општеството, културно и симболички обликуван преку норми и очекувања (de Beauvoir, 1949; Butler, 1990). Влијание на ова поле имаат теоретичарки како Симон де Бовоар и Џудит Батлер, но и други кои го нагласуваат процесот на “станување жена” како општествено и културно детерминиран процес, а не како природно дадена состојба (Butler, 1990).
Стереотипите за жените како помалку способни за технички или научни дисциплини се одржуваат преку образовниот процес, медиумските претстави и семејните вредности. На пример, уште од млада возраст на девојчињата им се понудени активности кои ги подготвуваат за “грижливи” и “комуникативни” улоги, додека момчињата се охрабруваат да истражуваат, да бидат логични и технички настроени. Таквите социјални практики ја одредуваат перцепцијата на “женските” и “машките” професии и водат кон предефинирани очекувања кон самиот себе, но кон и другите, а со тоа се ограничуваат изборите на индивидуалките.
Од филозофска перспектива, прашањето за слободата на избор се доведува во прашање кога изборот е посредуван од предрасуди и направен во нерамноправни општествени структури. Џон Стјуарт Мил, на пример, критички се осврнува на институциите кои ја ограничуваат женската автономија и истакнува дека “секогаш кога општеството поставува пречки за одредена група, тоа е во загуба и за индивидуите и за општеството во целина”. Понатаму, Џудит Батлер истакнува дека родот е перформативен, дека се произведува и изведува преку секојдневните практики, јазик и очекувања.
Паралелно, феминистичката епистемологија се занимава со прашањето: дали науката и технологијата се навистина неутрални или пак носат со себе и одреден “машки” поглед на светот? Дона Харавеј и Евелин Фокс Келер, меѓу другите, покажуваат дека историјата на науката е исполнета со исклучување на женските искуства и перспективи, што се одразува и во дизајнот на самата технологија, и во пристапот кон истражувањето (Haraway, 1988; Fox Keller, 1985).
Во овој контекст, изборот на ИТ образование кај младите жени може да се гледа како дел од поширок отпор кон родовите стереотипи, но истовремено и како борба со невидливиот “стаклен плафон”, кој ги ограничува нивните аспирации. Значи, не е дозволено да се гледа само на индивидуалниот избор, туку да се согледа сложената мрежа на фактори, вклучувајќи ги институционалните практики, културните наративи и личните идентитети.
Фактори кои влијаат врз изборот на образование
Во Македонија, популацијата на млади жени кои избираат информатичко образование останува значително помала во споредба со нивните машки врсници, што се потврдува со податоци од државните факултети, анкети и извештаи од образовните институции. Сето тоа е резултат на долгогодишни општествени стереотипи, како и на отсуството на системска поддршка за девојките кои се интересираат за техничко образование.
Во средното образование, статистиката покажува дека помалку од 30% од учениците во насоката ”информатика” се жени, а оваа бројка се намалува дури и повеќе на факултетско ниво, особено на отсеците за компјутерско инженерство и електротехника (European Commission, 2023; UNDP, 2022). Причините за оваа диспропорција се комплексни, вклучувајќи родови предрасуди, недостиг од женски ИТ модели во јавниот живот и медиумите, но и отсуство на практични политики за поддршка на жените во STEM (Science, Technology, Engineering, Mathematics).
Интервјуата и сведоштвата од млади жени кои студираат на ФИНКИ или слични институции често откриваат дека се чувствуваат осамено или помалку прифатено во доминантно машка средина. Овие индиректни притисоци може да водат до чувство на помала самодоверба, избор на “помалку технички” насоки, или дури напуштање на студиите. Дополнителен проблем е стереотипот за ИТ како “машка” дисциплина која бара логичко размислување, рационалност, и долгочасовна работа со компјутери, карактеристики што традиционално се пријавуваат како “машки” вредности.
Постои значителна разлика и во однос на постигнатите резултати: во училниците и лабораториите често доминира машкиот глас, што може да доведе до занемарување на женската перспектива при групни проекти и развој на софтвер, како и при одлуки во врска со теми за дипломски или истражувачки трудови. Ова води до т.н. “невидливост” на женскиот придонес, која може да има последици и по натамошната кариера.
Истовремено, медиумите и јавните настапи ретко ги истакнуваат успешните жени во македонскиот ИТ сектор, што придонесува за одржување на впечатокот дека таквите примери се исклучоци, а не правило. Таквиот контекст не само што ги обесхрабрува девојките да изберат ИТ, туку и го стабилизира стереотипот дека успехот во оваа област е резервиран за мажите.
Спротивно на тоа, во повеќе европски држави и глобални иницијативи се преземаат чекори за популаризација на ИТ меѓу девојките, преку организирање на летни школи, натпреварувања, и програми за менторство што се водат од жени со успешни ИТ кариери. Овие добри практики можат да бидат инспирација и за националните политики во Македонија.
Во нашата држава, стереотипите што ги поврзуваат информатичките технологии со машките родови улоги се длабоко вкоренети и имаат силно влијание врз изборот на образование и професија кај младите жени. Општо земено, ИТ секторот се доживува како доминантно машки, каде што техничките вештини, логиката и лидерството се сметаат за атрибути на машкиот пол. Ова создава културен и социјален притисок на девојчињата да не се запишуваат во овој сектор, бидејќи се чувствуваат дека не припаѓаат или дека немаат соодветни способности.
Родителите, наставниците, а понекогаш и пријателите, несвесно или свесно ги охрабруваат девојчињата да изберат хуманистички науки, образование или здравство, додека машински или компјутерски науки им се претставуваат како предизвикувачки и оддалечени за нив. Овие стереотипи во голема мера се пренесуваат преку медиумите, каде што успешните ИТ професионалци ретко се претставени како жени, што дополнително ја намалува видливоста на идни модели и мотиватори.
Ситуацијата во Македонија
Истражувањата во Македонија покажуваат дека младите жени имаат помала самодоверба кога станува збор за нивните способности во математика и информатика, што не е резултат на реални разлики во интелектуалните потенцијали туку на системските и социјалните бариери што ги доживуваат уште од најрана возраст. Токму поради тоа, се јавува феномен на “самоцензура” каде девојчињата се оддалечуваат од насоките каде што се чувствуваат несигурно, што ја ограничува нивната иднина.
На институционално ниво, македонските ИТ компании бележат низок процент на вработени жени што се должи на истите причини, но и на недостаток од поддршка во кариерата, како што се менторски програми, родово сензитивни политики и флексибилни услови за работа. Ова ја продолжува родовата нееднаквост и го поттикнува заминувањето на жените од секторот, создавајќи зачувани структури и циркуларни ефекти.
Ја намалува видливоста на жените во ИТ и во академската сфера, каде што во просек само приближно 30% од студентите на факултетите поврзани со информатички науки се жени, со бавно но стабилно зголемување низ годините. Најголемиот дел од програмерските позиции и лидерските работни места се уште се доминација на мажите, што ја прави инклузијата голем предизвик.
За успешно менување на оваа состојба, повеќе организации и иницијативи во Македонија поттикнуваат програми за подигнување на свеста, едукација за родови стереотипи и поддршка на младите девојки да изберат и останат во ИТ образование и кариера. Кампањи како “Изгледам како инженер” ги претставуваат жените како модели за идентификација и ги предизвикуваат дехуманизациските стереотипи.
Дополнително, важно е да се разбере дека изборот на ИТ образование кај младите жени често зависи од начинот на кој околината ги прикажува техничките професии. Ако уште од основно училиште девојчињата добиваат пораки дека програмирањето е “премногу тешко” или “не е за нив”, тие пораки полека стануваат дел од нивната лична слика за себе. Ова не мора да биде изразено директно, понекогаш е доволно да се види како учителите почесто им даваат компјутерски задачи на момчињата, или како родителите претпоставуваат дека синовите природно ќе бидат подобри во математика. Ваквите ситни, секојдневни ситуации создаваат чувство на сомнеж кај девојките, иако реално нема никаква разлика во нивната способност да учат и да успеат во ИТ. Токму затоа, многу млади жени не го гледаат ИТ секторот како место каде што би можеле да напредуваат, дури и пред да имаат вистинска шанса да се запознаат со него.
Друг важен фактор е начинот на кој училиштата и факултетите ги претставуваат ИТ професиите. Ако наставата е организирана така што ја нагласува само техничката страна, без да покаже дека технологијата има влијание врз секојдневниот живот, многу девојки се чувствуваат дека не можат да се вклопат. Всушност, голем број истражувања покажуваат дека младите жени се повеќе мотивирани кога гледаат општествена корист и реален позитивен ефект од својата работа. Ако технологијата им се претстави како алатка која може да реши проблеми во образованието, здравството или општеството, интересот кај девојките значително се зголемува. Тоа значи дека образовните институции треба да размислат како ги конструираат своите програми и какви пораки испраќаат. Наместо да создаваат атмосфера во која доминира компетитивност, потребно е да се гради средина која охрабрува учество, соработка и поддршка.
Еден од најконкретните начини на кои стереотипите влијаат врз изборот на ИТ образование кај младите жени е преку влијанието на семејството и блиското опкружување. Родителите често сакаат најдобро за своите деца, но носат и свои претходно поставени претпоставки за тоа кои професии се “безбедни” или “примерни” за девојките. На пример, многумина родители повеќе ги поддржуваат ќерките да учат педагогија, јазици или здравствени науки, бидејќи тие ги сметаат за стабилни, со поголеми гаранции за вработување и помирен режим. Овој избор може да биде мотивиран и од искуството на родителите, ако тие лично имаат видено дека жена од семејството се борела во машка работна средина, можеби ќе ја советуваат ќерката да избегне слични тешкотии. Таквите совети, иако дојдени од загриженост, често имаат ефект на ограничување на хоризонтот на младите жени. Понатаму, и самите роднини или пријатели, со добронамерни забелешки или без кои, ја пренесуваат порака дека “ИТ е за момчињата”, што полека станува внатрешен глас во младите девојки. Ова е причината зошто е важно во семејниот совет и разговорите со родители да се вклучи и информации за современите ИТ занимања, дека постојат повеќе профили (дизајн, аналитика, проекти, образование), дека работните места понекогаш нудат флексибилност и работа од дома, и дека има голем простор за социјална и креативна работа во технологијата. Кога семејството ќе види конкретни примери, ете жена која работи во ИТ, има редовни работни часови и успеси, стереотипите лесно паѓаат. Токму затоа иницијативи за информирање на родители, отворени денови на факултетите и контакти помеѓу училишта и компании се клучни за да се промени народната перцепција.
Иницијативи и решенија
Медиуми, модели на идентификација и ИТ
Следен фактор што сериозно влијае е начинот на кој медиумите и поп-културата ги прикажуваат технолошките професии. Филмовите, сериите и домашните вести често создаваат слики за “старомоден” програмер, некој што е осамен, со неприлагодена комуникација, или пак претставуваат успешни ИТ лидери речиси исклучиво како мажи. Овие слики работат на подсвесно ниво и ја обликуваат идејата кај младите што значи “да припаднеш” на таа професија. Кога нема видливи примери на жени-програмери, дизајнерки или инженерки во јавниот простор, девојките немаат модели по кои ќе се водат и ќе се идентификуваат. Промена може да се постигне преку намалување на таа невидливост телевизиски стории за успешни македонски жени во ИТ, интервјуа во локалните портали, колумни и подкасти. Училиштата и факултетите треба да работат со медиумите за да промовираат прикажување на разновидни профили, и да ги покануваат успешните професионалки како говорнички и менторки. Исто така, важна е и улогата на социјалните мрежи, младите често ги следат инфлуенсерите и каналите за учење. Aко повеќе жени од ИТ го користат својот глас на овие платформи за да покажат што работат и како изгледа денот во нивната професија, тоа создава реална и достапна слика. Во пракса, компаниите може да вложат во програми за прикажување на своите вработени, да ги поддржат нивните јавни настапи и да учествуваат во локални настани за кариера. Такви активности не само што ги привлекуваат девојките, туку ги менуваат и очекувањата на целата заедница, од учителите до локалните бизнисмени. На крај, кога младата жена ќе види дека ИТ може да биде креативно, социјално и стабилно поле, таа има поголема слобода и храброст да го избере тоа како свој пат.
Во македонскиот образовен систем, улогата на наставниците е клучна во оформувањето на ставовите кај младите жени во врска со изборот на ИТ образование. Наставниците често први ја забележуваат склоноста на учениците кон математика, логика, програмирање или креативна технологија, но нивните очекувања и ставови значително влијаат врз тоа дали девојките ќе се охрабрат да продолжат во овие насоки. Постојат случаи каде наставници, несвесно водени од општествени стереотипи, ќе ѝ кажат на девојка “ова е премногу тешко, размисли за нешто полесно”, додека момчињата се охрабруваат да ризикуваат, да експериментираат и да продолжат дури и кога прават грешки. Ова создава селекција уште во средно образование, па дури и во основно, каде девојките наместо да се поттикнуваат да истражат, се насочуваат кон “поумерени” насоки. Од друга страна, има наставници кои прават спротивно, активно ги мотивираат девојките, ги вклучуваат во натпревари, хакатони или клубови за роботика и им даваат простор да се истакнат. Тука е јасно дека обучен наставник кој ги разбира родовите прашања, може да има огромно влијание. Затоа е важно наставниците да добиваат обуки за родова еднаквост, но и да им се овозможат ресурси како материјали, работилници и поддршка од ИТ компаниите. Доколку училиштата имаат менторски програми каде учениците ќе можат да работат со професионалци од ИТ индустријата, тоа ќе го намали стравот од непознатото кај девојките и ќе ја зголеми довербата во сопствените способности. Од филозофска перспектива, овој процес може да се поврзе со идејата за автономија, способност на поединецот да избере за себе, ослободен од социјални притисоци. Според современите филозофски теории, изборот кој е условен или ограничен од надворешен авторитет, не е вистински слободен избор. Затоа, кога наставникот со сопствените зборови или очекувања го ограничува изборот на девојките, тој индиректно ја нарушува нивната автономија и го намалува просторот за лично оформување на идентитетот. Во овој контекст, демократизацијата на образованието значи нешто многу повеќе од пристап, значи создавање средина каде секое дете ќе може да го избере својот пат без родови бариери. Вклучувањето на родово сензитивни пристапи во наставата е еден од начините Македонија да го подобри ИТ образованието во целина.
Кога зборуваме за изборот на ИТ образование кај младите жени, мора да се разгледа и историскиот и културниот контекст на Македонија. Македонското општество долго време се карактеризира со традиционални родови улоги, каде жената често е поврзана со семејството, домот и професии што се гледаат како “грижливи”, додека машките професии се поврзуваат со техника, инженерство и лидерство. Овој историски развој не се менува преку ноќ. Tој е длабоко вкоренет во колективните претстави и јазикот. Ако се погледне филозофски, ова може да се разбере преку идејата дека родовите улоги се “културни конструкции”, нешто што го научуваме од околината и кое се одржува преку навики, традиции и општествени норми. Во Македонија, овие конструкции често се одржуваат преку две главни линии: прво, преку семејството и традициите, и второ, преку образовните институции кои понекогаш несвесно го репродуцираат истото. На пример, во минатото жените ретко учествувале во техничките професии, што создало впечаток дека тие полиња “не се женски”. Денес, иако состојбата се подобрува, тој колективен спомен уште има влијание, младите девојки сè уште растат со порака дека инженерството е машка област. Од социолошка перспектива, ова е резултат на т.н. “социјална инерција”, кога нешто се повторува долго време, општеството продолжува да го прифаќа како норма. Од друга страна, во современа Македонија се појавуваат иницијативи што ја рушат оваа традиционална структура. Се организираат ИТ настани за девојки, постојат програми како “Girls in Tech”, фондации, хакатони и кампањи за освестување. Интересно е што токму во овие иницијативи може да се препознае филозофската борба меѓу конструктивизмот (идејата дека родот е создаден, не даден) и стремежот за подетално поимање на индивидуалната слобода (European Commission, 2023). Со други зборови, овие кампањи се обид да се “корегира” општествениот конструкт и да се овозможи поголем простор за женската автономија. Преку зголемување на видливоста на жените во ИТ, се менува целата културна матрица, девојките добиваат нови примери, а старите стереотипи се доведуваат во прашање. Ова е важен чекор за Македонија, особено во контекст на европските интеграции, каде што рамноправноста е основен принцип.
Од друга страна, дигиталната ера донесува нови можности и малку поинаква перспектива. Во последните години, во Македонија се појавија многу курсеви, академии, онлајн програми и иницијативи што охрабруваат девојки да се вклучат во програмирање и ИТ (European Commission, 2023). Присуството на женски ИТ професионалки станува се поголемо, иако процентуално сè уште не е на европско или глобално ниво. Но она што е важно е дека се создава нов модел на улоги – жени кои водат технички тимови, кои се софтверски инженери, data analysts, UX/UI дизајнери, QA тестери, основачи на стартапи. Кога младите девојки гледаат примери од својата земја, а не од странство, таа слика има многу поголемо влијание. Тоа е реалност што може да ја допрат, нешто што можат да го замислат и кај себе.
Заклучок
Сепак, стереотипите не исчезнуваат преку ноќ. Филозофски гледано, секој стереотип е еден вид навика на мислата – начин на поедноставување на светот за да можеме да го разбереме побрзо. Проблемот настанува кога тие поедноставувања стануваат пречки што им ја ограничуваат слободата на избор на поединците. Девојките во Македонија често се поставени пред избор кој не го прават слободно, туку под влијание на очекувањата што никогаш не ги побарале. Вистинската родова еднаквост би значела девојките да можат да го изберат ИТ образованието ако го сакаат, без страв, без притисок и без културна тежина. А за тоа да се случи, потребна е поширока општествена промена, во семејствата, училиштата, медиумите и образовните институции.
Кога се анализира зошто толку многу девојки ја напуштаат идејата за ИТ уште пред да ја започнат, треба да се погледне подлабоко во тоа како функционира училиштето како институција. Во македонскиот образовен систем, математиката и информатиката често се прикажуваат како “тешки” предмети, а понекогаш и како нешто што бара вроден талент, наместо труд и интерес. Овој наратив несвесно ги дели учениците на “оние кои го имаат тоа” и “оние кои не го имаат”, што е погрешно и демотивирачки. Девојките, под влијание на општествените очекувања, полесно се вбројуваат во втората група, не затоа што имаат помал потенцијал, туку затоа што многу поретко добиваат охрабрување да истражат, да пробаат, да згрешат и да учат преку искуство. Наместо тоа, тие често се туркани кон предмети каде грешките се помалку “видливи” или каде општеството има утврдено дека жените “природно” се снаоѓаат подобро.
Исто така, голем проблем претставува и тоа што во многу основни училишта немаме доволно наставници кои можат да покажат како ИТ може да биде интересно, креативно, дури и уметничко. Информатиката се учи како строго техничка област, често сведена на меморирање команди, работење со Word и Excel, или некои старомодни содржини кои не ја претставуваат вистинската природа на современата технологија. Девојките кои природно се влечат кон дизајн, визуелна комуникација, психологија, комуникации или социјални науки би можеле да блеснат во UX/UI, data storytelling, front-end development, content design или во истражување на човечка интеракција со интерфејси, но овие области речиси и да не се споменуваат во формалното образование. Па така, уште на старт, многу млади жени не сфаќаат дека ИТ не е само програмирање и алгоритми, туку и анализа на човечко однесување, креативно решавање проблеми, комуникација, тимска работа, логика и дизајн.
Кога ќе се додадат и потешкотиите што девојките ги доживуваат при социјалниот притисок, сликата станува уште појасна. Во помалите македонски средини, каде традицијата е посилна, често се среќава ставот дека “ИТ не е за девојки” или дека “жената нема што да бара меѓу кабли, компјутери и машини”. Овие ставови не се секогаш директно искажани, понекогаш доаѓаат преку шеги, коментари или потсмевања од врсниците, па дури и од членови на семејството. Исто така, постои заблуда дека ИТ бара “постојано седење пред компјутер”, што се смета за “несоодветно” за жената, бидејќи традиционалниот модел диктира дека таа треба да работи нешто “понежно”, “поприменливо” или “попрактично”.
Филозофски гледано, овој тип на стереотипи создава ограничувања во самото сфаќање на слободата (de Beauvoir, 1949; Butler, 1990). Ако младата жена го ограничува својот избор поради страв од реакција, поради очекувања на околината или поради внатрешна несигурност создадена од надворешни влијанија, тогаш нејзиниот избор не е целосно нејзин. Тука се гледа како родовите норми, кои не делуваат само како надворешни правила, туку стануваат дел од внатрешниот свет на поединката, дел што го контролира начинот на кој таа размислува за сопствените способности и желби. Од оваа перспектива, изборот на образование не е само лична одлука, туку и огледало на вредностите и очекувањата на општеството.
Најголемата промена ќе дојде тогаш кога ќе се создадат услови девојките да можат да го истражат ИТ без страв и предрасуди. Потребно е наставниците да ги охрабруваат да се занимаваат со технички активности, потребно е училиштата да им даваат еднаков пристап до ресурси, а семејствата да ги поддржат во нивните избори. Македонија има потенцијал за раст во ИТ секторот, но тој раст ќе биде целосен само ако жените учествуваат рамноправно во неговото развивање. Кога младите жени ќе го видат ИТ како простор каде можат да создаваат, да влијаат, да градат решенија и да придонесуваат за општеството, тогаш изборот за ИТ образование ќе стане природен, а не исклучок.
Кога се разгледува поттикот или отпорот кај младите жени кон изборот на ИТ образование, важно е да се сфати дека секој избор се формира низ комбинација од лични интереси, општествен притисок, економски фактори и културни вредности. Во Македонија, една од специфичните околности е тоа што ИТ секторот е меѓу најбрзо растечките индустрии, односно нуди добра плата, сигурност, флексибилно работно време и можност за работа од дома. Овие аспекти можат да бидат особено привлечни за младите жени кои размислуваат за својата иднина. Но и покрај тоа, голем дел од нив сè уште не го гледаат ИТ како природна опција за себе, што говори за тоа колку силно можат да делуваат стереотипите. Наместо перспективата дека технологијата е алатка за креативност и интелектуално истражување, многу девојки ја гледаат како област што “не е за нив”, само затоа што така им било пренесено преку годините.
Во суштина, изборот на ИТ образование кај младите жени во Македонија е резултат од еден комплексен сплет на културни навики, традиционални очекувања, медиумски претстави и образовни влијанија. Кога сите овие фактори се соберат, создаваат средина која повеќе ги одвраќа отколку што ги привлекува девојките кон технологијата. Но ова не е неизбежна судбина. Со доволно свесност и промена на приодот, можат да се создадат услови каде жените ќе се чувствуваат добредојдени во ИТ, а не како исклучок или “невообичаен случај”.
Mоже да се каже дека изборот на ИТ образование кај младите жени во Македонија не зависи само од индивидуалниот интерес или способност, туку од целата општествена слика што се создава околу нив. Стереотипите, традициите, очекувањата и навиките што се пренесуваат со генерации сè уште играат голема улога во тоа како младите девојки се перцепираат себеси. Но истовремено, не треба да се игнорира и фактот дека Македонија постепено се менува. Повеќе жени влегуваат во ИТ индустријата, стануваат успешни професионалки и менаџерки, и со своето присуство го менуваат начинот на кој општеството гледа на технологијата. Секоја од тие жени претставува пример што им покажува на младите девојки дека успехот не зависи од полот, туку од желбата, трудот и посветеноста. Јас како една од тие девојќи, која е вклучена во ИТ секторот, на секоја една моја другарка или роднина, ги охрабрувам да се запишат на такви струки, најпрво во средно училиште, бидејќи веќе и средните технички училишта во Македонија воведуваат се повеќе праткични предмети за програмирање, а потоа да се запишат и на факултетети за програмирања, како што е ФИНКИ во Скопје и факултетот во Штип, но има и многу приватни факултети кои имаат струка за программирање, еден од нив е и Американ Колеџ. Единствен минус е што кај нашите факултети се учат некој позастарени технологии, но верувам дека со новите прогрми кои ги воведуваат, дека ќе се заземе погледот кон тоа што е актуелно, а тоа нормлано е Вештачката интелигенција
Токму затоа, идните напори треба да се насочат кон тоа да се создаде средина во која млади жени ќе можат да го изберат ИТ без страв и без чувство дека “не се вклопуваат”. Потребни се подобри програми во училиштата како што напоменив, професори кои даваат еднаква поддршка, медиумско прикажување што ги вклучува жените како активни учеснички во технологијата, и семејства што охрабруваат наместо да ограничуваат. Кога девојките ќе ја добијат таа поддршка, ИТ нема да биде “машка професија”, туку едноставно професија и област каде сите можат да придонесуваат. На крајот, прашањето за изборот на ИТ образование е всушност прашање за слобода.
Слобода да се избере пат што навистина инспирира, без притисоци и предрасуди. Ако Македонија сака да се развива како модерно и конкурентно општество, мора да обезбеди услови во кои младите жени ќе можат целосно да го искористат својот потенцијал. А кога тоа ќе се оствари, добивката ќе биде за сите, за индивидуите, за индустријата и за целото општество.
Многу важно е да се напомене дека природно се наметнува и потребата за промени во самиот образовен систем (de Beauvoir, 1949; Butler, 1990). Една од тие промени е воведувањето предмети поврзани со родови студии, етика и филозофија на технологијата директно во наставните програми на факултетите за информатичко инженерство и компјутерски науки. Овие предмети не би имале за цел само да го прошират теоретското знаење на студентите, туку и да ја подигнат свесноста за начините на кои општеството, културата и стереотипите влијаат врз технолошкиот развој (Haraway, 1988; Fox Keller, 1985). На тој начин, идните инженери би добиле поширока перспектива за улогата на технологијата во секојдневниот живот и за важноста на вклучување на различни групи во процесите на креирање, дизајн и развој.
Ваквите предмети би можеле да ги поттикнат студентите да размислуваат критички за тоа како технологијата може да биде инклузивна и фер, наместо случајно да ги поддржува постојните нееднаквости. Истовремено, девојките кои студираат ИТ би почувствувале поголема поддршка и разбирање, бидејќи ваквите предмети би ја признавале нивната перспектива, која често е занемарена. Воведувањето вакви содржини би помогнало и кај машките студенти, бидејќи би се намалиле несвесните предрасуди што постојат во академските групи и проектните тимови.
Доколку факултетите во Македонија направат чекор во оваа насока, би се создала образовна средина што не само што подготвува стручни ИТ професионалци, туку и одговорни, свесни и општествено чувствителни луѓе. Тоа би било огромен придонес кон создавање на ИТ индустрија која ја почитува разновидноста и ги отвара вратите за сите. На долг рок, овие мали, но значајни чекори можат да помогнат во кршењето на стереотипите и во градењето праведно и модерно технолошко општество во Македонија, а со тоа и рамноправен живот за секоја една индивидуа.
Оваа семинарска работа е изработена од Марија Велковска и претставува моја оригинална академска студија. Истражувањето, методологијата, анализата и интерпретацијата на резултатите се резултат на мојата самостојна научна работа и критички пристап кон темата. Сите извори на информации, вклучувајќи научни публикации, академски книги, емпириски студии, веб-извори и други релевантни материјали, се правилно наведени во библиографијата според APA (автор-датум) стандардот. Секое користење на туѓи идеи, концепти, податоци или текст е правилно наведено преку цитати и референци, во согласност со принципите на академската чесност и етичките стандарди за научно истражување. Неовластено копирање, репродукција или дистрибуција на овој документ е забрането без претходна писмена дозвола од авторот.
Литература
Butler, J. (1990). Gender trouble: Feminism and the subversion of identity.
Haraway, D. (1988). Situated knowledges: The science question in feminism and the privilege of partial perspective. Feminist Studies, 14(3), 575–599.
Fox Keller, E. (1985). Reflections on gender and science.
European Commission. (2023). Women in Digital Scoreboard.
Книги / академски трудов:
Cheryan, S., Master, A., & Meltzoff, A. N. (2015). Cultural stereotypes as gatekeepers: Increasing girls’ interest in computer science and engineering by diversifying stereotypes. Frontiers in Psychology, 6, 49.
Eccles, J. S. (2011). Gendered educational and occupational choices: Applying the Eccles et al. model of achievement-related choices. International Journal of Behavioral Development, 35(3), 195-201.
Margolis, J., & Fisher, A. (2002). Unlocking the Clubhouse: Women in Computing. MIT Press.
Sainz, M., & Eccles, J. (2012). Self-concept of computer and math ability: Gender implications across time and within ICT studies. Journal of Vocational Behavior, 80(2), 225-233.
Varma, R. (2010). Why so few women enroll in computing? Gender and ethnic differences in students’ perception. Computer Science Education, 20(4), 301-316.
Wajcman, J. (2004). TechnoFeminism. Polity Press.
Научни статии
Beyer, S. (2014). Why are women underrepresented in Computer Science? Gender differences in stereotypes, self-efficacy, values, and interests and predictors of CS career choice. Computers & Education, 72, 1-13.
Cheryan, S., Plaut, V. C., Davies, P. G., & Steele, C. M. (2009). Ambient belonging: How stereotypical cues impact gender participation in computer science. Journal of Personality and Social Psychology, 97(6), 1045-1060.
Dasgupta, N., & Stout, J. G. (2014). Girls and women in science, technology, engineering, and mathematics: STEMing the tide and broadening participation in STEM careers. Policy Insights from the Behavioral and Brain Sciences, 1(1), 21-29.
Eccles, J. S. (2007). Where are all the women? Gender differences in participation in physical science and engineering. In S. J. Ceci & W. M. Williams (Eds.), Why aren’t more women in science? Top researchers debate the evidence (pp. 199-210). American Psychological Association.
Master, A., Cheryan, S., & Meltzoff, A. N. (2016). Computing whether she belongs: Stereotypes undermine girls’ interest and sense of belonging in computer science. Journal of Educational Psychology, 108(3), 424-437.
Sainz, M., & Eccles, J. (2012). Self-concept of computer and math ability: Gender implications across time and within ICT studies. Journal of Vocational Behavior, 80(2), 225-233.
Sax, L. J., Lehman, K. J., Jacobs, J. A., Kanny, M. A., Lim, G., Monje-Paulson, L., & Zimmerman, H. B. (2017). Anatomy of an enduring gender gap: The evolution of women’s participation in computer science. Journal of Higher Education, 88(2), 258-293.
Varma, R. (2010). Why so few women enroll in computing? Gender and ethnic differences in students’ perception. Computer Science Education, 20(4), 301-316.
Wang, M. T., & Degol, J. (2017). Gender gap in science, technology, engineering, and mathematics (STEM): Current knowledge, implications for practice, policy, and future directions. Educational Psychology Review, 29(1), 119-140.
Веб-извори
European Institute for Gender Equality (EIGE). (2023). Gender Equality in Education and Training. https://eige.europa.eu/
Girls Who Code. (2023). Closing the Gender Gap in Technology. https://girlswhocode.com/
National Center for Women & Information Technology (NCWIT). (2023). Women in IT: The Facts. https://www.ncwit.org/
OECD. (2021). Education at a Glance 2021: OECD Indicators. https://www.oecd.org/
UNESCO. (2019). I’d Blush if I Could: Closing Gender Divides in Digital Skills through Education. https://www.unesco.org/
World Economic Forum. (2023). Global Gender Gap Report 2023. https://www.weforum.org/
European Commission. (2020). Digital Education Action Plan 2021-2027. https://ec.europa.eu/
Ministry of Education and Science of North Macedonia. (2023). Education Statistics. https://mon.gov.mk/
State Statistical Office of North Macedonia. (2023). Education Statistics. http://www.stat.gov.mk/
UN Women. (2020). Gender Equality in the Digital Age: A Roadmap for Action. https://www.unwomen.org/
