Родот меѓу природата и самосоздавањето: одговор на две огледални грешки

Published by

on

Image 20261119

Апстракт

Текстот ја анализира расправата за „родовата идеологија“ како спор на два фронта. Тој истовремено одговара на црковната критика на родовата теорија и на радикалните толкувања во кои родот се сфаќа како дуалистичко, внатрешно својство независно од телото. Основната теза е дека двете позиции делат иста погрешна инференција, од аналитичко разликување на полот и родот кон нивно онтолошко раздвојување. Делат и иста грешка: психолошките, медицинските и правните категории ги читаат како метафизички тези за суштината на човекот. Текстот ги реконструира психолошкиот, медицинскиот и правниот регистар на родовиот идентитет, вклучително и пресудата X v. the former Yugoslav Republic of Macedonia (2019). Ги анализира католичките документи „Male and Female He Created Them“ (2019) и Dignitas Infinita (2024) и ја развива дистинкцијата меѓу автономност и независност на родовиот идентитет. Заклучокот е дека конститутивноста на телото не повлекува прескриптивност, а автономноста на идентитетот не повлекува независност. Диференцијацијата на регистрите овозможува одговор на двете страни без отстапка кон ниту една.

Клучни зборови: род, родов идентитет, „родова идеологија“, телесност, автономија, диференцијација на регистрите, правно признавање, христијанска антропологија.

Вовед: двојниот предмет на расправата

Расправата за „родовата идеологија“ најчесто се води меѓу две страни. На едната страна се верските институции, кои современите концепции за родот ги отфрлаат како закана за антрополошкиот поредок. На другата страна се научните, правните и феминистичките пристапи, кои родовиот идентитет го признаваат како легитимна категорија. Овој текст тргнува од поинаква поставеност. Тој се обидува истовремено да одговори на две позиции што изгледаат спротивставени, а всушност делат иста погрешна претпоставка. Првата е црковната критика, која во разликувањето на полот и родот гледа опасно раздвојување на личноста од нејзиното тело. Втората се радикалните толкувања, кои родот го сфаќаат како дуалистичко својство, односно како внатрешна, ментална реалност независна од телесноста.

Заедничката претпоставка на двете позиции е инференцијата од аналитичко разликување кон онтолошко раздвојување. Црквата ја прифаќа и затоа стравува: ако родот се разликува од полот, тогаш тој е одвоен од телото, па разликата треба да се отфрли. Радикалниот толкувач ја прифаќа и затоа ја слави: ако родот се разликува од полот, тогаш тој е независно внатрешно својство, па самоопределувањето е неограничено. Заклучоците се спротивни, но логичкиот потег е ист.

Текстот ја брани тезата дека таа инференција е логички неоправдана и дека нејзиното отфрлање е можно токму преку диференцијацијата на регистрите во кои се дефинира родот. Психологијата, медицината, правото, феминистичката теорија и теологијата не дефинираат ист предмет на ист начин. Секоја од нив има сопствен механизам на дефинирање, сопствено прашање и сопствени критериуми на легитимност. Покрај заедничката инференција, двете огледални грешки ги мешаат регистрите на ист начин: процедуралните, класификациските и правните категории се читаат како метафизички тези за суштината на човекот, еднаш за да се отфрлат, а другпат за да се потврдат. Одговорот на двете страни е ист. Аналитичката автономија на родовиот идентитет не подразбира негова онтолошка независност, а институционалното признавање не е тврдење за суштината на личноста.

1. Род и родов идентитет

Точно е дека родовиот идентитет има свое психолошко, медицинско и правно објаснување, но концептот на род (gender) е значително поширок од концептот на родов идентитет (gender identity). Родот како кконцепт не може да се сведе на индивидуалното чувство на припадност кон одреден род. Во општествените и хуманистичките науки тој функционира како аналитичка категорија преку која се проучуваат општествените односи, институционалните структури, нормативните очекувања, распределбата на моќта и општественото конструирање на машкоста и женственоста.

Затоа е потребно да се разликуваат најмалку три концептуални рамништа. Родот е поширока општествена и аналитичка категорија што ги опфаќа улогите, нормите, очекувањата, хиерархиите и институционализираните односи меѓу половите. Родовиот идентитет е индивидуалното доживување и разбирање на сопствениот род и има психолошки, медицински и правни димензии. Родовите односи се општествените односи и структури на моќ преку кои се организираат и репродуцираат родовите нееднаквости.

Родовиот идентитет е, значи, еден аспект на родот, но родот не е само родов идентитет. Ако родот се сведе на индивидуалното самоидентификување, се губи можноста да се анализираат структурните и институционалните механизми преку кои се создаваат и одржуваат родовите нееднаквости. Ова предупредување веќе ја содржи првата половина од двојниот одговор. Сведувањето на родот на внатрешно доживување не е само теориски проблем на радикалните толкувања, туку и стеснување на аналитичкиот опсег на самите родови студии.

2. Родовиот идентитет во три регистри

Родовиот идентитет е индивидуалното, внатрешно и субјективно доживување на сопствениот род, односно начинот на кој лицето се идентификува и се разбира себеси во однос на категориите машко, женско, комбинација од нив, ниту едно од нив или друга родова позиција. Оваа дефиниција овозможува разграничување на три категории. Биолошкиот пол (sex) се однесува на хромозомските, гонадните, хормоналните и анатомските карактеристики. Тие во најголем број случаи се организирани околу типичните машки и женски репродуктивни структури, но биолошката варијабилност не може да се сведе на една карактеристика. Затоа научната анализа на полот бара разгледување на повеќе параметри, а не претпоставка дека тие секогаш и без исклучок се совпаѓаат. Родовото изразување (gender expression) се однесува на надворешните начини на кои лицето го претставува својот род, преку облекувањето, изгледот, однесувањето и говорот. Родовиот идентитет се однесува на внатрешното доживување на сопствениот род. Овие категории се поврзани, но не се идентични и не мора секогаш да бидат усогласени. Американската психолошка асоцијација (APA, 2015) го дефинира родовиот идентитет како длабоко доживеано, внатрешно чувство на припадност кон определен род, кое не може едноставно да се заклучи од телесниот изглед, облекувањето или однесувањето. Треба да се има предвид дека самите упатства наведуваат оти нивниот статус како политика на APA истекува во 2022 година. Затоа тие се цитираат како професионален документ од 2015, а не како неограничено важечка политика.

Психолошкиот регистар

Од психолошка перспектива, родовиот идентитет е дел од поширокиот процес на формирање на личниот идентитет. Тоа е начинот на кој поединецот се препознава себеси во однос на родовите категории и го вклучува тоа доживување во сопствената личност, социјалните односи и животното искуство. Тука треба да се разликуваат три поими. Родовиот идентитет е самото доживување. Родовата неконгруентност (gender incongruence) е значајно и трајно несогласување меѓу доживеаниот род и полот припишан при раѓањето. Родовата дисфорија (gender dysphoria), во терминологијата на DSM-5-TR (American Psychiatric Association, 2022), е клинички значајна вознемиреност или нарушување во функционирањето поврзано со таквото несогласување. Овие поими не се синоними. Постоењето на трансродов идентитет само по себе не значи психолошко нарушување. Не секое трансродово лице доживува дисфорија, ниту секое лице со родова неконгруентност има потреба од медицинска транзиција.

Медицинскиот регистар

Медицинската димензија се однесува на препознавањето, проценувањето и здравствената поддршка на лицата кај кои постои родова неконгруентност или дисфорија. Со единаесеттата ревизија на Меѓународната класификација на болести (ICD-11), Светската здравствена организација ги замени категориите од ICD-10, „транссексуализам“ и „нарушување на родовиот идентитет во детството“, со категоријата родова неконгруентност (WHO, 2019; WHO, n.d.). Родовата неконгруентност беше преместена од поглавјето за ментални и бихевиорални нарушувања во поглавјето „Состојби поврзани со сексуалното здравје“. Со тоа трансродовиот идентитет не се третира како ментална болест, а истовремено се признава дека некои лица може да имаат потреба од здравствени услуги. Тие може да вклучуваат психолошко советување, хормонска терапија или хируршки интервенции, зависно од индивидуалните потреби и одлуки. Медицинската транзиција не е универзален ниту задолжителен услов за постоење на трансродов идентитет. Некои лица избираат медицински интервенции, други само социјална транзиција, а трети ниту едно од двете.

Правниот регистар

Правото не се обидува да одговори на метафизичкото прашање што е човечката личност. Неговото прашање е друго: кои аспекти на личноста се релевантни за институционалниот однос меѓу лицето и државата и како тие треба да се признаат и заштитат. Правниот род е институционален статус. Тоа е начинот на кој државата комуницира со лицето преку личните документи, матичната евиденција, заштитата од дискриминација, приватноста и телесниот интегритет.

Во европскиот систем на човекови права, Европскиот суд за човекови права го поврзува родовиот идентитет со правото на почитување на приватниот живот од член 8 на Европската конвенција за човекови права. Парламентарното собрание на Советот на Европа, со Резолуцијата 2048 (2015), повикува на брзи, транспарентни и достапни процедури за правно признавање на родот, засновани врз самоопределувањето. Резолуцијата бара и укинување на задолжителната стерилизација, медицинскиот третман и дијагнозата на ментално нарушување како услов за признавање. Резолуцијата е политички и нормативен акт, а не пресуда ниту обврзувачки договор. Но Судот го користи истиот стандард при толкувањето на член 8, како што покажува македонскиот случај.

За македонскиот контекст особено е значајна пресудата X v. the former Yugoslav Republic of Macedonia (2019). Во неа Судот утврди повреда на член 8 поради отсуство на јасна и предвидлива правна рамка за правно признавање на родот. Пресудата е поучна токму поради своето образложение. Судот утврди дека постојната правна рамка не обезбедува „брзи, транспарентни и достапни процедури“ за промена на регистрираниот пол во изводот од матичната книга на родените. Утврди и дека државата не ја исполнила својата позитивна обврска да воспостави регулаторна рамка што го обезбедува правото на почитување на приватниот живот (§§ 70–71). Судот не утврди дека државата има погрешна антропологија. Метафизиката на родот не беше предмет на одлуката. Тоа е правото што функционира според сопствената логика.

3. Регистрите не треба да се мешаат

Од претходното произлегува дека родовиот идентитет е интердисциплинарен концепт, но неговото значење се менува зависно од регистарот во кој се употребува. Психологијата го проучува како димензија на самодоживувањето. Медицината ги разгледува здравствените потреби што може да произлезат од родовата неконгруентност. Правото го третира како аспект на личната автономија, приватноста и заштитата од дискриминација. Феминистичката теорија поставува четврто прашање: како општеството ги создава, организира и вреднува родовите категории. Кај Симон де Бовоар (1949) се отвора прашањето за општественото создавање на женственоста. Џоан Скот (1986) го концептуализира родот како конститутивен елемент на општествените односи засновани врз перципираните полови разлики и како примарен начин на означување на односите на моќ. Џудит Батлер (1993) го проширува прашањето кон нормативните механизми преку кои телата и идентитетите стануваат општествено препознатливи.

Овие регистри не треба да се мешаат. Медицинското препознавање на родовата неконгруентност не го прави родовиот идентитет медицинска категорија во целост. Правното признавање не значи дека правото го дефинира неговото психолошко или социјално значење. Психолошкото објаснување на индивидуалното доживување не е доволно за да ги објасни општествените структури во кои функционираат родовите категории. Науката, правото и феминистичката теорија не сочинуваат ни единствен блок. Тие имаат различни методологии, предмети и внатрешни несогласувања.

Ова разграничување не е само методолошки постулат, туку и историски процес. Депатологизацијата во ICD-11 ја одвојува медицинската грижа од психијатриската класификација. Резолуцијата 2048 бара правното признавање да се ослободи од медицинските услови. Двата чекора се чекори на диференцијација на регистрите. Во таа светлина, дискурсот за „родовата идеологија“ може да се разбере како реакција токму на тој процес, како обид регистрите повторно да се обединат под една антропологија.

4. Црковната критика: телото како нормативна основа

Прашањето зошто Црквата ги толкува современите медицински, психолошки и правни концепции за родовиот идентитет како „родова идеологија“ бара да се разграничат две рамништа. Од една страна е научното и институционалното третирање на родовиот идентитет, а од друга теолошкото разбирање на човекот. Клучниот проблем не е само несогласувањето околу определени практики. Тоа е судир меѓу различни нормативни претпоставки за телото, личноста, природата и општествениот поредок. Документите што се анализираат во продолжение се официјални документи на Католичката црква. Тие не можат автоматски да се претставуваат како став на сите христијански цркви, а особено не на православните, иако за волја на вистината доста се слични. Католичките и православните институции имаат различни документи, теолошки традиции и начини на аргументација, а постојат и внатрешни несогласувања.

Во христијанската теолошка традиција, човечката личност е единство на телесна и духовна димензија. Телото не е надворешен атрибут ниту инструмент со кој располага автономниот субјект. Човекот не е субјект кој има тело, туку телесно отелотворена личност. Машкото и женското се толкуваат како создадени и значајни облици на човечкото постоење, со упориште во Битие 1:27: . Оттука, биолошката половост не е само физиолошка карактеристика, туку дел од начинот на кој човекот постои.

Терминот „родова идеологија“ не е неутрален научен термин, туку полемичка и нормативна категорија. Со него не се оспорува само родовиот идентитет како индивидуално искуство. Се претпоставува дека зад современите концепции за родот стои поширок систем на идеи што се обидува да го промени разбирањето на човекот, семејството, сексуалноста и општествените односи. Во оваа критика се издвојуваат три аргумента. Според првиот аргумент, биолошката половост е дел од создадената човечка природа и не може произволно да се редефинира независно од телото. Вториот е аргументот против неограничената автономија: слободата не е самосоздавање без граници, туку остварување на личноста во рамките на определен природен и морален поредок. Третиот е аргументот од семејството: односот меѓу мажот и жената е основа на бракот и семејството, па критиката се насочува и кон образовните програми, законодавството и институционалните политики.

Овие аргументи се формулирани во два документа. Првиот е документот на Конгрегацијата за католичко образование „Male and Female He Created Them“ (Congregation for Catholic Education, 2019). Во него се критикуваат образовните програми и законите што промовираат личен идентитет радикално одвоен од биолошката разлика меѓу машкото и женското, при што човечкиот идентитет станува избор на поединецот што може и да се менува со текот на времето. Документот предупредува и дека таквата идеологија го дестабилизира семејството како институција. Вториот е декларацијата на Дикастеријата за доктрината на верата Dignitas Infinita (Dicastery for the Doctrine of the Faith, 2024). Во делот посветен на родовата теорија, таа разликува две работи: почитувањето на достоинството на секое лице и осудата на дискриминацијата и насилството врз основа на сексуалната ориентација, од една страна, и несогласувањето со барањата за нови права што ги поставува родовата теорија, од друга. Клучната формулација на декларацијата е дека биолошкиот пол и социокултурната улога на полот (родот) можат да се разликуваат, но не и да се разделат.

5. Каде е оправдана, а каде не, црковната критика

Црковната критика идентификува реален теориски проблем: можноста аналитичкото разликување меѓу телесниот пол и родовиот идентитет да се претвори во нивно онтолошко раздвојување. Аргументот дека телото учествува во идентитетот и достоинството на личноста е сериозен филозофски аргумент. Тој може да се сврти против секој редукционизам што човекот го третира како свест способна да си го конструира идентитетот независно од материјалните услови на сопственото постоење.

Проблемот настанува во следниот чекор. Црквата тврди две работи. Првата е дека телото е дел од личноста, па човекот не може да се разбере без своето тело. Втората е дека, поради тоа, родовиот идентитет мора да одговара на полот забележан при раѓањето. Втората не следува од првата. Од тоа што телото е дел од личноста следува само дека телото е важно. Не следува дека телото пропишува каков треба да биде идентитетот. За таков заклучок е потребна уште една претпоставка: дека полот е даден со цел што човекот е должен да ја следи. Таа претпоставка доаѓа од верата во создадената природа, а не од самиот факт дека имаме тело. Затоа заклучокот на Црквата е теолошки, а не онтолошки. Тоа се гледа и кај Мерло-Понти: тој го смета телото за темел на личноста, но оттаму не изведува правило за родовиот идентитет. Накратко, тоа што телото е конститутивно за личноста не значи дека е и прескриптивно, односно дека ѝ наложува како да се разбира себеси..

Вториот проблем е генерализацијата. Постои суштинска разлика меѓу научното утврдување на определена појава и идеолошкото пропишување на тоа како општеството треба да биде организирано. Кога Светската здравствена организација ја класифицира родовата неконгруентност, таа врши медицинска класификација. Кога Европскиот суд го признава правното значење на родовиот идентитет, тој применува правни принципи за заштита на приватноста и автономијата. Кога психологијата го истражува родовиот идентитет, таа проучува психолошки процеси. Научните дисциплини не се изолирани од вредностите и историските контексти, но од тоа не следува дека секое сознание или професионална практика е идеолошка конструкција. Документот од 2019 година формално прави разлика меѓу „идеологијата на родот“ и целото поле на истражувања за родот што го развиле хуманистичките науки. Но кога во црковната употреба ознаката „родова идеологија“ ги опфаќа медицинската класификација, правната заштита и психолошкото истражување, таа самата разлика се губи и регистрите се мешаат. Различните дисциплински пристапи тогаш се претставуваат како делови на една програма.

Оттука произлегува и методолошкото начело на овој текст. Црквата има право да развива сопствена теолошка антропологија и критички да ги разгледува современите теории. Тоа е дел од слободата на вероисповед и од интелектуалната дебата. Но теолошкото несогласување со определена научна или правна концепција не е доказ дека таа е идеолошка, ниту може да ја поништи нејзината легитимност. За таква процена се потребни аргументи соодветни на регистарот за кој станува збор.

6. Огледалната грешка: родот како дуалистичко својство

Втората позиција на која одговара овој текст тргнува од истата инференција, но стигнува до спротивен заклучок. Во дел од популарниот и активистичкиот дискурс родовиот идентитет се сфаќа како чисто ментално својство, како внатрешна вистина на јаството независна од телото. Наративот за „погрешно тело“ претпоставува вистинско внатрешно јас заробено во погрешна материја. Тоа е класичен дуализам: свеста е носител на идентитетот, а телото е надворешен, речиси случаен сад. Таквата слика не ја критикува само Црквата. Со неа се соочува и самата транс-теорија. Prosser (1998) го враќа телото во средиштето на транс-искуството преку телесните наративи. Salamon (2010) покажува дека доживеаното тело, телото за кое лицето има „чувство“, е самото по себе телесно, а не ментална спротивност на телото. Bettcher (2014) ги критикува и моделот на „погрешно тело“ и доминантниот трансродов модел, иако покажува дека наративот за погрешното тело може да има и отпорна, политичка функција.

Радикалното толкување ги меша регистрите исто како и црковната критика, само во спротивна насока. Црквата го чита правното самоопределување како онтолошка теза за човекот и затоа го отфрла. Радикалниот толкувач го чита истото правно самоопределување како потврда на онтолошка теза, како законот да утврдил дека родот е она што лицето го чувствува. Обете страни ја преведуваат процедуралната норма, начинот на кој државата го регистрира и признава статусот, во метафизика на јаството.

Ниту феминистичката теорија не го поддржува неограниченото самоконституирање. Кај Бовоар човекот не е целосно определен од биологијата, но не е ниту целосно независен од неа. Формулацијата дека жената станува жена упатува на општественото и историското конституирање на женственоста, а не на тезата дека индивидуата произволно го создава својот идентитет. Кај Батлер субјектот не е слободен автор на својот род, туку се конституира во рамките на веќе постојни норми. Перформативноста не значи слободен избор, туку повторување на нормативни практики преку кои родот станува препознатлив. Кај неа телото не исчезнува ниту се сведува на волја. Прашањето е како материјалноста на телото станува општествено разбирлива. Слично, кај Морис Мерло-Понти телото не е биолошки објект, туку основен услов на нашето постоење и искуство во светот. Една од највлијателните феминистички теории, значи, ја проблематизира токму идејата за самосоздаден субјект. Феноменологијата тргнува од надминувањето на дуализмот меѓу тело и идентитет, а не од неговото потврдување.

7. Автономност без независност

Двојниот одговор се потпира на една дистинкција, меѓу автономност и независност. Една димензија на личноста може да има сопствено значење, сопствена психолошка динамика и сопствена општествена релевантност, а да не постои изолирано од телесноста, биографијата, социјалните односи и другите аспекти на човечкото постоење. Психолошкиот идентитет не е независен од телото, но не може да се сведе на физиологијата. Моралниот идентитет не е независен од општеството, но не може целосно да се објасни преку социјалните норми. Истото важи и за родовиот идентитет. Првиот дел од оваа дистинкција е одговор на Црквата: родовиот идентитет има релативна автономија и не се исцрпува во телесната половост. Вториот дел е одговор на радикалните толкувања: таа автономија не е независност и не го претвора идентитетот во бестелесно својство.

Вистинскиот проблем, значи, е односот меѓу делот и целината. Може ли една димензија на личноста аналитички да се издвои, да добие сопствен концептуален статус и да стане основа за правно признавање, без да се претставува како независна од целината на личноста? Одговорот на овој текст е потврден: аналитичката автономија не подразбира онтолошка независност. Но важи и обратното. Ако телесноста се прогласи за единствена нормативна основа на идентитетот, се занемаруваат реалните психолошки искуства, индивидуалните разлики и потребата од правна заштита.

Истата логика важи и за самиот поим на автономија. Во христијанската антропологија слободата се остварува во рамките на природата, телесноста и моралниот поредок. Во либералната правна традиција автономијата е право на лицето да одлучува за сопствениот живот без неоправдано мешање на државата и другите. Во феминистичката теорија автономијата често се сфаќа релациски: способноста за самоопределување зависи од општествените услови, односите на моќ и реалните можности за дејствување. Затоа треба да се разликуваат две тези. Првата е дека човекот има право да учествува во толкувањето и определувањето на сопствениот идентитет. Втората е дека човекот е единствениот и неограничен творец на сопствениот идентитет. Првата теза е присутна во современите концепции за лична автономија и човекови права. Втората е многу посилна филозофска претпоставка. Таа не може автоматски да им се припише ниту на науката, ниту на правото, ниту на феминистичката теорија. Овој текст ја отфрла заедно со Црквата, но од други причини.

8. Асиметријата на двата одговори

Кога расправата се води на два фронта, постои ризик секоја од страните критиката упатена кон другата да ја протолкува како поддршка за сопствениот став. Тој ризик се отстранува со една асиметрија. Критиката на дуалистичкото толкување не го ослабува правното признавање на родовиот идентитет, бидејќи признавањето никогаш не зависело од дуализмот. Пресудата X v. FYROM, Резолуцијата 2048 и ICD-11 опстојуваат и ако радикалната онтологија на родот падне, бидејќи нивната легитимност е правна, политичка и медицинска, а не метафизичка.

Тоа е можно токму поради диференцијацијата на регистрите. Без неа, секоја критика на радикалните толкувања би била аргумент во корист на Црквата, а секоја критика на Црквата би изгледала како одобрување на радикалните толкувања. Со неа, расправата може да се води на обата фронта без отстапка кон ниту еден. Правото не мора да избере една онтологија за да обезбеди заштита. Може да ги разликува биолошките и правните категории зависно од контекстот, без едната да ја поништи другата.

Заклучок

Спорот околу „родовата идеологија“ не е само спор околу дефиницијата на родот, туку судир меѓу различни начини на производство и легитимирање на знаењето за човекот. Црквата прашува што е природата на човекот. Правото прашува како државата треба да постапува кон човекот. Медицината прашува кои здравствени потреби се релевантни за лицето. Психологијата прашува како лицето се доживува себеси. Феминистичката теорија прашува како општеството ги создава и вреднува родовите категории. Ниту едно од овие прашања не може да ги замени другите.

Централната теза на текстот може да се формулира вака. Црковната критика и радикалните дуалистички толкувања делат иста погрешна инференција, од аналитичко разликување на полот и родот кон нивно онтолошко раздвојување. Делат и иста грешка во мешањето на регистрите: институционалните и процедуралните категории ги читаат како метафизички тези за суштината на човекот. Фактот дека родовиот идентитет може да се концептуализира како посебна психолошка, социјална и правна димензија не значи дека тој постои независно од телесноста и целината на личноста. Истовремено, признавањето на телесноста како конститутивна димензија на човекот не дава доволна основа таа да се постави како единствен нормативен критериум за сите аспекти на идентитетот. Конститутивноста на телото не повлекува прескриптивност, а автономноста на идентитетот не повлекува независност.

Човекот не е ниту целосно определен од својата биолошка даденост, ниту целосно ослободен од неа. Тој е телесно, историски и социјално ситуиран субјект, кој истовремено може да ги толкува, преиспитува и менува условите на сопственото постоење. Оваа позиција овозможува да се избегнат две редукции. Едната е биолошкиот детерминизам, според кој телесната даденост однапред ги определува сите аспекти на идентитетот. Другата е радикалниот волунтаризам, според кој индивидуалната волја е единствен извор и граница на идентитетот. Црквата има право да го брани единството на човечката личност како своја теолошка позиција, но нејзиното конкретно толкување на тоа единство не може автоматски да стане универзален научен, медицински или правен норматив. И обратно, современите теории на родот треба критички да ги преиспитуваат сопствените претпоставки за телесноста, материјалноста и границите на индивидуалната автономија. Токму во тој меѓупростор, а не во поедноставената опозиција меѓу религијата и науката, се наоѓа можноста за вистинска филозофска дебата.

Литература

American Psychiatric Association. (2022). Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders (5th ed., text rev.; DSM-5-TR). Washington, DC: American Psychiatric Association Publishing.

American Psychological Association. (2015). Guidelines for psychological practice with transgender and gender nonconforming people. American Psychologist, 70(9), 832–864. https://doi.org/10.1037/a0039906

Beauvoir, S. de. (1949). Le Deuxième Sexe. Paris: Gallimard.

Bettcher, T. M. (2014). Trapped in the wrong theory: Rethinking trans oppression and resistance. Signs: Journal of Women in Culture and Society, 39(2), 383–406.

Butler, J. (1993). Bodies That Matter: On the Discursive Limits of “Sex”. New York: Routledge.

Congregation for Catholic Education. (2019). “Male and Female He Created Them”: Towards a Path of Dialogue on the Question of Gender Theory in Education. Vatican City. https://www.vatican.va/roman_curia/congregations/ccatheduc/documents/rc_con_ccatheduc_doc_20190202_maschio-e-femmina_en.pdf

Dicastery for the Doctrine of the Faith. (2024, 2 April). Declaration Dignitas Infinita on Human Dignity. Vatican City. https://www.vatican.va/roman_curia/congregations/cfaith/documents/rc_ddf_doc_20240402_dignitas-infinita_en.html

European Court of Human Rights. (2019). X v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 29683/16, judgment of 17 January 2019. HUDOC. https://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-189096

Merleau-Ponty, M. (1945). Phénoménologie de la perception. Paris: Gallimard.

Parliamentary Assembly of the Council of Europe. (2015). Resolution 2048 (2015): Discrimination against transgender people in Europe. Strasbourg. https://pace.coe.int/en/files/21736/html

Prosser, J. (1998). Second Skins: The Body Narratives of Transsexuality. New York: Columbia University Press.

Salamon, G. (2010). Assuming a Body: Transgender and Rhetorics of Materiality. New York: Columbia University Press.

Scott, J. W. (1986). Gender: A useful category of historical analysis. The American Historical Review, 91(5), 1053–1075. https://doi.org/10.2307/1864376

World Health Organization. (2019). International Classification of Diseases, 11th Revision (ICD-11). Geneva: WHO. (Усвоена на Светското здравствено собрание во 2019, во сила од 1 јануари 2022.)

World Health Organization. (n.d.). Gender incongruence and transgender health in the ICD. https://www.who.int/standards/classifications/frequently-asked-questions/gender-incongruence-and-transgender-health-in-the-icd