Технологии за борба против дискриминација и улогата на жените во нивниот развој

Published by

on

Unnamed (7)


Авторка Ема Ристовска

Вовед

Во современото општество, технологијата игра сè поголема улога, а вештачката интелигенција станува нејзин највлијателен двигател, со длабоко влијание врз економијата, општеството и секојдневниот живот. Од здравство и образование, до вработување и комуникација, AI системите сe повеќе се користат за донесување одлуки кои директно влијаат врз нас, луѓето. Во оваа дигитална трансформација, прашањата за етика, правичност и родова еднаквост стануваат неизбежен дел од дискусијата за одговорна примена на вештачката интелигенција.

Иако технологијата носи потенцијал за позитивна промена, истовремено постои ризик таа да ја засили постојната дискриминација, особено кога алгоритмите се базираат на пристрасни податоци. Родово пристрасните AI-системи можат несвесно да фаворизираат мажи во процесите на вработување, кредитирање или препораки, оставајќи ги жените во подредена положба. Затоа, неопходно е да се развиваат и применуваат технологии што активно промовираат еднаквост и правичност.

Паралелно со техничкиот развој, значајна е и улогата на жените во создавањето на вештачката интелигенција. И покрај историјата на придонеси од истакнати жени научници, жените се уште се соочуваат со бројни бариери за влез и напредок во AI-секторот. Нивната ниска застапеност не само што влијае врз родовиот баланс во индустријата, туку и го ограничува квалитетот и разновидноста на самите технолошки решенија.

Целта на оваа семинарска работа е да се истражи двојната врска помеѓу вештачката интелигенција и родовата еднаквост. Како технологијата може да се користи за борба против дискриминација – од една страна, и како жените можат и треба да бидат активни учеснички во нејзиниот развој – од друга страна. Преку анализа на конкретни технологии и примери, ќе се истакне потенцијалот на вештачката интелигенција не само како технолошки феномен, туку и како алатка за изградба на поинклузивно и праведно општество.

Вештачката интелигенција како алатка за постигнување родова еднаквост

Вештачката интелигенција има потенцијал не само да ја трансформира индустријата и секојдневието, туку и да придонесе за намалување на општествените нееднаквости – вклучително и родовата дискриминација. Со правилна примена, вештачката интелигенција може да се користи како алатка за препознавање, следење и спречување на различни облици на нееднаквост, како и за промовирање на инклузивност и правичност во различни сфери.

Еден од клучните начини на кои вештачката интелигенција се користи во оваа насока е преку алгоритми што откриваат пристрасност или говор на омраза. Разни платформи денес користат машинско учење за автоматско препознавање на сексистички коментари и онлајн вознемирување, овозможувајќи побрза реакција и заштита на корисниците, особено жените, кои често се мета во дигиталниот простор. Таквите системи се тренирани на големи збирки текстови, препознаваат шаблони на навредлив или штетен говор, и можат да дејствуваат автоматски, предупредувајќи или блокирајќи содржини што ја прекршуваат дигиталната култура. Сепак, и овие системи мора да се дизајнираат внимателно, за да не се случи погрешна цензура или пропуштање на суптилен говор на омраза, што уште еднаш ја нагласува важноста на разновидноста и родовата чувствителност во нивната изработка.

Дополнително, вештачката интелигенција се применува и во анализи на родова застапеност, како што се системи што ги мерат половите разлики во платите, шансите за вработување или застапеноста во менаџерски позиции. Овие податоци им овозможуваат на организациите и институциите да идентификуваат системски проблеми и да креираат политики што ќе ја намалат нееднаквоста. Алгоритмите можат да обработуваат големи количини податоци и да откријат шаблони на нееднакво постапување кои би биле тешко видливи преку традиционални методи. На пример, AI може да открие дека жените со исти квалификации и искуство се плаќаат помалку, или поретко добиваат унапредувања. Врз основа на овие анализи, организациите можат да воведат транспарентни платни структури. Дополнително, можат да спроведат обуки за елиминација на несвесна пристрасност и да применуваат правични практики при регрутација. Овие алатки, кога се правилно користени, стануваат моќен ресурс за создавање поправедни работни средини и зајакнување на родовата рамноправност.

Постојат и AI-апликации дизајнирани специјално за поддршка на жени, особено во развиените и земјите во развој. Некои мобилни апликации користат вештачка интелигенција за следење на безбедноста при движење, препознавање опасни ситуации или итна комуникација со блиски лица. Технологијата тука не само што нуди заштита, туку и чувство на сигурност и поддршка. Овие апликации често вклучуваат функции како GPS следење, автоматско известување до избрани контакти, или анализа на околината врз основа на корисничко однесување и податоци. Во некои случаи, вештачката интелигенција може дури и да предвиди потенцијален ризик врз основа на историски инциденти во одредена локација или да препознае алармантни зборови или движења. Ваквите решенија имаат особено значење во средини каде институционалната поддршка е слаба или каде родовото насилство е широко распространето. Иако самата технологија не може целосно да ја спречи опасноста, таа може да придонесе за брза реакција и да овозможи жените да се чувствуваат побезбедно во секојдневието.

Сепак, за вештачката интелигенција да биде вистински ефективна алатка за еднаквост, мора да биде развивана со внимание кон етика, транспарентност и разновидност на тимовите што ги креираат алгоритмите. Во спротивно, постои ризик технологијата да ја одрази и засили постојната дискриминација. Затоа, важно е да се разбере и двојната природа на вештачката интелигенција дека таа може да биде средство за решавање на проблемите, но и нивен потенцијален извор, ако не се користи одговорно.

Образование и обука за жените во технологијата

Образованието и стручната обука претставуваат клучни елементи за зголемување на учеството на жените во технолошките сектори, особено во контекст на создавање инклузивна и праведна дигитална економија. Жените, а особено оние од маргинализирани заедници, често се соочуваат со ограничен пристап до квалитетни образовни можности во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката – уште познато како STEM, што значително ги ограничува нивните потенцијали за развој и вклучување во дигиталниот свет.

За надминување на ваквите бариери, ширум светот се иницираат и спроведуваат програми кои имаат за цел да им обезбедат на жените конкретни дигитални и технички вештини. Примери за тоа се обуките по програмирање, развој на софтвер и дигитален маркетинг, кои ги отвораат вратите за флексибилни и достапни работни можности. Проекти како She Codes се фокусираат на обучување жени за кодирање, со што не само што се стекнуваат со практични способности, туку и се зголемува нивната самодоверба, што ги охрабрува да навлезат и да напредуваат во технолошките индустрии. Покрај техничката едукација, значајна е и поддршката преку менторски програми и професионални мрежи, кои обезбедуваат континуирана социјална и професионална мотивација. Организации како Women Who Code и Girls Who Code нудат платформи за вмрежување, размена на искуства и добивање насоки од искусни професионалки, со што се зајакнува чувството на припадност и поддршка во средини каде жените сè уште се недоволно застапени.

Истовремено, важна е улогата на владините институции и приватниот сектор во финансирање и проширување на пристапот до технолошко образование. Преку стипендии, бесплатни курсеви и јавни кампањи за подигнување на свеста, тие можат значително да придонесат во унапредување на родовата еднаквост во STEM. Иницијативи како Business Women Connect овозможуваат жените да добијат не само стручна обука, туку и потребна финансиска поддршка за започнување сопствени технолошки бизниси, со што се охрабрува претприемништвото како форма на економска независност.

Зголеменото учество на жените во STEM има пошироко општествено значење. Разновидноста на перспективи придонесува за поиновативни решенија, поширока палета на идеи и подинамична соработка во научните и технолошките истражувања. Присуството на жени во водечки позиции не само што инспирира идни генерации, туку и директно ги предизвикува постојните стереотипи, демонстрирајќи дека технологијата не е домен резервиран за одреден пол. На овој начин, се отвораат можности за трансформација на општествените норми и се унапредува визијата за праведно и рамноправно дигитално општество. Со оглед на тоа што технологијата станува неизбежен дел од секојдневието, исклучително е важно да се осигура дека сите гласови се слушнати и застапени. Само на тој начин може да се гради иднина што не само што е технолошки напредна, туку и социјално одговорна.

Во продолжение на овој труд ќе бидат анализирани примери во кои жените играат централна улога во развојот на вештачката интелигенција и технологиите за борба против дискриминацијата, со цел да се покаже колку нивната вклученост е суштинска за создавање фер и инклузивен дигитален свет.

Предизвици, пристрасност, родови стереотипи и улога на жените во развојот на вештачката интелигенција

Иако вештачката интелигенција има значаен потенцијал да придонесе за унапредување на родовата еднаквост, таа сама по себе не е ослободена од предрасуди. Напротив, ако AI системите се развиваат врз основа на пристрасни или непотполни податоци, тие можат да ја засилат постојната дискриминација. Бидејќи алгоритмите учат од историски податоци, тие често несвесно ги репродуцираат структурните нееднаквости што веќе постојат во општеството. Иако претходно споменатите алатки – како системите за препознавање говор на омраза или апликациите за следење на безбедност – се создадени со добра намера, нивната ефикасност зависи од квалитетот на податоците и начинот на кој се тренирани. Ако не се внимава на разновидноста и вклученоста во процесот на развој, овие технологии можат ненамерно да ја продлабочат нееднаквоста наместо да ја ублажат.

Пример за ова е познатиот случај со AI алатката на Amazon за автоматизирана селекција на кандидати за работа, која била дизајнирана да помогне во побрзо и поефикасно идентификување на најсоодветните апликанти за технички позиции. Алгоритмот, обучен врз податоци од претходни вработувања, почнал да дискриминира кандидати жени – бидејќи системот „заклучил“ дека мажите историски почесто биле ангажирани и попогодни за технички позиции. И покрај тоа што алатката технички „работела како што треба“, таа не била правична, затоа што ја одразувала родовата нееднаквост вградена во претходните практики на вработување. Наместо да донесе правичност, AI  системот само ја репродуцирал постоечката пристрасност. 

Друг проблем е во препознавањето на лице. Жените истражувачи кои се занимаваат со етичка вештачка интелигенција, како што се Joy Buolamwini и Timnit Gebru, токму тоа и го покажуваат, дека системите за препознавање лице, имаат значително помала прецизност кај жени, особено кај жени од малцински заедници. Овој феномен, познат како „algorithmic bias“, ја истакнува важноста од разновидност во податоците и развојните тимови. Една од најистакнатите фигури во оваа сфера е Timnit Gebru, истражувачка која се фокусира на етичките импликации на вештачката интелигенција. Како дел од тимот на Google, таа предупреди на расна и родова пристрасност во системите за препознавање лице, како и на опасноста од недоволно регулирани јазични модели. Заедно со Joy Buolamwini, таа покажа како алгоритмите значително почесто грешат при препознавање на лица кај жени и лица со потемна кожа, укажувајќи на тоа дека недостатокот на разновидност во податоците може да доведе до системска дискриминација. Joy Buolamwini, пак, е основач на Algorithmic Justice League што претставува иницијатива што ја комбинира уметноста и технологијата за да се бори против пристрасноста во алгоритмите. Покрај нив, бројни други жени придонесуваат во развојот на правична и инклузивна вештачка интелигенција преку академски трудови, технички решенија и граѓански активизам. 

Понатаму, транспарентноста на алгоритмите често е ограничена, што значи дека не е јасно како точно се доаѓа до одредени заклучоци или препораки. Овој недостаток на разбирливост претставува сериозен проблем кога станува збор за пристрасност и дискриминација. Ако не можеме да објасниме зошто еден кандидат бил одбиен за работа, зошто една објава е означена како говор на омраза, или зошто една личност е препознаена како закана од систем за безбедност – тогаш не можеме ниту да ја корегираме можната неправда што системот ја предизвикал.

Овој проблем е уште поизразен кога AI системите се користат во јавни или чувствителни сфери – како правосудството, вработувањето, или здравството – каде што пристрасноста може да има сериозни последици. Затоа, сè поголем број истражувачи и етички комитети инсистираат на развој на објаснива вештачка интелигенција составена од системи што овозможуваат увид во начинот на одлучување, како и алатки за евалуација на пристрасност уште во фазата на развој. Транспарентноста не е само технички предизвик, туку и предуслов за градење доверба и правичност при употребата на AI технологиите, особено кога тие директно влијаат врз маргинализирани групи, вклучувајќи ги и жените.

Да не ги изоставиме и гласовните асистенти како Siri, Alexa, Google Assistant и Cortana кои стануваат се поприсутни во секојдневниот живот, ни помагаат да најдеме информации, поставуваме потсетници, да контролираме уреди со „паметни“ уреди и други потреби од секојдневието. Но, иако се производ на врвна технологија, тие често носат со себе едно старо наследство – родовите стереотипи.

Најголем дел од гласовните асистенти се дизајнирани со женски глас и прилагодени да звучат пријателски и според мене, услужно. Иако на прв поглед ова изгледа како неважен дизајнерски избор, во суштина тоа ја одразува и зацврстува идејата дека жените се „создадени“ да служат, да помагаат и да бидат на располагање. Кога младите корисници, особено децата, секојдневно комуницираат со „послушна женска гласовна технологија“, тие несвесно можат да ги апсорбираат овие пораки и да ги пренесуваат во реалниот свет.

Овој проблем не се решава само со машки глас како алтернатива. Потребно е пошироко преиспитување на тоа како ја моделираме технологијата и какви општествени пораки испраќаме преку неа. Некои организации веќе работат на развој на „родово неутрални“ асистенти, како што е Q – првиот дигитален асистент со глас што не може лесно да се класифицира како машки или женски.

Борбата со овие проблеми бара свесност, интердисциплинарна соработка и силна етичка рамка. Развивачите мора активно да работат на вклучување на жени и претставници од различни групи во дизајнот и тестирањето на AI системите. Горенаведените примери не само што го демонстрираат техничкиот придонес на жените во вештачката интелигенција, туку и нивната посветеност да создадат технологии што се чувствителни на социјалните неправди. Токму нивниот ангажман е причината зошто денес теми како што се алгоритамска транспарентност, разновидност во податоци и родова еднаквост се сè почесто дел од развојните процеси во вештачката интелигенција. Само така може да се создадат технологии што не само се ефикасни, туку и правични. 

Потреба од родова перспектива во развојот на вештачката интелигенција

Со порастот на примената на вештачката интелигенција во различни сфери од животот – од здравство и образование, до вработување и правосудство станува сè појасно дека технологијата не е неутрална. Начинот на кој се дизајнираат, тренираат и применуваат AI-системите директно влијае врз луѓето, а особено врз маргинализираните групи. Поради тоа, е неопходно развојот на вештачката интелигенција да вклучи родова перспектива – не само како етичка обврска, туку и како предуслов за правичност, иновација и технолошка ефективност.

Родовата еднаквост во развојот на вештачката интелигенција не е прашање на политичка коректност, туку на квалитет и ефективност на самата технологија. Кога разновидноста е присутна во истражувачките тимови, се добиваат пошироки перспективи, покреативни пристапи и посензитивни решенија. Напротив, едностраноста во тимовите доведува до едностраност во алгоритмите. Во еден свет каде што алгоритмите одлучуваат за пристап до работа, здравствена нега, образование и безбедност, важно е тие алгоритми да бидат развиени од луѓе кои ги разбираат различните искуства на различни групи. Жените мора да бидат не само кориснички на технологијата, туку и активни креатори, одлучувачи и истражувачи во нејзиниот развој.

Истражувањата и практиката покажуваат дека кога во развојот на технологијата се вклучени жени, особено жени од различни етнички, културни и социјални средини, се добиваат покритични и похумани решенија. Токму поради таа причина, многу е важно да се поддржи родова инклузија во сите фази на AI-процесот, од дизајн и програмирање, до тестирање, евалуација и етика. Само така може да се осигури дека новите технологии нема да ги репродуцираат постојните нееднаквости, туку ќе придонесат кон пофер општество.

Статистика на родовата нерамнотежа во развојот на вештачката интелигенција

Родов јаз во програмирањето и дигиталните вештини

Податоците покажуваат дека постои значителен родов јаз во учењето и усвојувањето на програмски вештини, особено кај младите луѓе. Во Европа, повеќе од двојно повеќе млади мажи од 16 до 24 години учат да програмираат во споредба со младите жени. Ова значи дека голем дел од идните креатори и развивачи на дигитални технологии ќе бидат претставници на машкиот пол, што носи ризик од создавање технологии и алгоритми кои ќе ја рефлектираат или дури и продлабочуваат родовата пристрасност.

Овој родов дисбаланс не само што ја ограничува разновидноста на перспективи во технолошкиот развој, туку и придонесува за создавање системи што можеби несвесно ја игнорираат или маргинализираат женската перспектива. Недостатокот на женско учество во дизајнирањето на алгоритми и дигитални решенија може да резултира со технолошки производи кои не ги земаат предвид потребите на целата популација. Затоа, промовирањето на програмски вештини кај девојчињата и младите жени е клучен чекор не само за правична застапеност, туку и за обезбедување на поквалитетна, етичка и инклузивна технолошка иднина.

Недоволно учество на жени во истражувањето на вештачка интелигенција

Иако бројот на жени коавтори на научни трудови поврзани со вештачката интелигенција расте, тие сѐ уште се во помалку број во споредба со мажите. Ова значи дека жените не се застапени доволно во клучните области на истражување и развој на AI, каде што се носат одлуки кои ќе влијаат на иднината на технологијата, па со тоа и на општеството. Родовата рамноправност во овие области е критична за создавање на инклузивни и непристрасни технологии.

Разлика во ИКТ вештините и професиите

Податокот дека процентот на жени во ИКТ професии се зголемил само за 1 процентен поен во последната декада, и дека мажите имаат 3 до 8 пати поголема застапеност во овие позиции, јасно ја покажува постојаната нерамнотежа. Особено алармантно е што уште на возраст од 15 години многу мал број девојчиња имаат желба да се занимаваат со ИКТ, во споредба со момчињата. Ова укажува на системски проблеми во образованието, родовите стереотипи и можностите кои им се нудат на младите.

Идни перспективи за родова еднаквост во науката и технологијата

Иднината на жените во науката и технологијата носи надеж, особено бидејќи општествените ставови се повеќе се менуваат. Сѐ поголемиот акцент на различност и инклузија во академската и корпоративната средина создава поподдржувачка атмосфера за жените. Образовните институции исто така ја препознаваат важноста на менторството и примерите за углед, кои можат да ги охрабрат младите жени да изберат кариера во STEM областа. Програми што ги поврзуваат студентките со женски ментори можат да ја инспирираат следната генерација научнички и инженерки.

Покрај тоа, порастот на технолошки ориентирани области како вештачка интелигенција, биотехнологија и обновлива енергија отвора нови можности за жените да водат и иновираат. Со проширувањето на овие сектори, се повеќе се признава потребата од различни перспективи кои ќе поттикнат креативност и решавање проблеми. Компаниите и истражувачките институти што ја ставаат разновидноста во приоритет имаат поголеми шанси да добијат поширок спектар на идеи и решенија, што во крајна линија води кон поголем успех.

Заклучок

Улогата на жените во науката и технологијата доживеа значајна трансформација – од маргинализирани и исклучени, до признати придонесувачи и лидери. Жените низ историјата постигнале импресивни резултати и оставиле длабок белег во различни научни и технолошки области, иако често нивниот труд не бил доволно препознаен. И покрај напредокот во застапеноста, се уште постојат бариери кои го отежнуваат нивниот целосен влез и напредок, како што се родовата пристрасност, недостаток на ментори и слаба застапеност на раководни позиции.

За да се постигне вистинска и одржлива родова еднаквост, потребно е системско и континуирано делување кое вклучува охрабрување на младите девојки уште од основното образование, поддршка и менторство во кариерата, како и активно вклучување на институциите во креирање и спроведување инклузивни политики. Особено важно е да се препознаат и вклучат различните искуства на жените од различни етнички, културни и социјални средини.

Развојот на технологии кои ги одразуваат потребите и перспективите на сите членови на општеството бара разновидни гласови и искуства. Жените не се само учеснички, туку клучни двигатели на науката и технологијата, а само со заеднички напори можеме да изградиме инклузивна и иновативна иднина.

Референци

https://www.csis.org/analysis/technology-driver-gender-equality-and-peace
https://www.unwomen.org/en/news-stories/interview/2025/02/how-ai-reinforces-gender-bias-and-what-we-can-do-about-it
https://essaygenius.ai/essay/essay-on-the-role-of-women-in-science-and-technology
https://www.csis.org/analysis/technology-driver-gender-equality-and-peace
https://www.oecd.org/en/topics/sub-issues/gender-equality-and-digital-transformation.html

Слика 1, Слика 2, Слика 3 – https://www.oecd.org/en/topics/sub-issues/gender-equality-and-digital-transformation.html