Авторка Теа Наумовска
Вовед
Жените сочинуваат речиси половина од кадарот во СТЕМ областите и играат значајна улога во развојот на науката, технологијата, инженерството и математиката. Сепак, и покрај нивниот значителен придонес, тие се сè уште недоволно застапени, особено на повисоките позиции во овие дисциплини. Иако бројот на жени кои дипломираат е речиси изедначен со оној на мажите, поголем дел од работните места во СТЕМ се сè уште заземени од мажи.
И покрај бројните напори и иницијативи за постигнување родова еднаквост, машкиот пол доминира, особено во сферата на академското издаваштво и научните истражувања. Најизразена е оваа нерамноправност во области како хирургијата, компјутерските науки, физиката и математиката, каде што мажите доминираат на позиции поврзани со стаж и имаат поголем удел во престижните научни списанија.
Истражувањата покажуваат дека мажите имаат речиси двојно повеќе можности за објавување научни трудови во однос на жените, што ја открива пристрасноста која постои во академското издаваштво. Оваа тенденција се забележува и при анализата на кадарот на факултетите во СТЕМ дисциплините, каде што бројот на жени на академски позиции е значително понизок во споредба со нивниот растечки број на дипломирани студенти.
Една од причините за оваа состојба е што многу жени се воздржуваат од истражувачки и академски кариери поради присуство на родови стереотипи, дискриминација и суптилни знаци на исклучување кои создаваат непријатна работна средина.
Јасно е дека и покрај зголеменото учество на жените во СТЕМ, тие се соочуваат со сериозни предизвици кога станува збор за академското издаваштво и повисоките истражувачки позиции.
Издавачкиот јаз претставува разликата во учеството и видливоста на жените во научните публикации и академските списанија, што има директен влијание врз нивната професионална кариера, напредок и влијание во СТЕМ. Овој јаз е резултат на структурни бариери и пристрасности кои се одразуваат на целиот процес – од избор на теми за истражување, преку рецензирање, до уредувачки политики.
ГЛАВЕН ДЕЛ
Уделот на жените во СТЕМ
Во современото општество, СТЕМ-дисциплините (наука, технологија, инженерство и математика) се важни на технолошкиот и економскиот напредок. Сепак, и покрај глобалните напори за промовирање на еднаквост, родовата нерамнотежа во овие полиња сè уште претставува сериозен предизвик. Жените се сè уште недоволно застапени во СТЕМ-секторот, особено на повисоки академски и професионални нивоа, што укажува на постоење на структурни и културни бариери кои го попречуваат нивниот развој и напредок.
Во изминатите неколку децении, бројот на жени кои се вклучени во СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика) постепено расте, но родовата нееднаквост сѐ уште е значајна, особено во одредени области и на повисоки академски и управувачки позиции.
Истражувањата покажуваат дека овој јаз не произлегува од недостаток на способност или интерес кај жените, туку од длабоко вкоренети општествени стереотипи, ограничувачки образовни практики и недоволна поддршка во текот на академската и професионалната патека. Жените се соочуваат со пречки уште од основното образование, а тие се зголемуваат во текот на кариерата, резултирајќи со одлив на таленти и недоволна застапеност на женски лидери во научните и технолошките сфери.
Целта на овој труд е да се анализира тековниот удел на жените во СТЕМ дисциплините, да се истражат причините за нивната ниска застапеност, како и да се идентификуваат добри практики и стратегии што можат да доведат до поголема родова еднаквост.
Историски развој на улогата на жените во СТЕМ
Историски гледано, жените играле значајна, но често занемарена улога во развојот на науката и технологијата. Иако многу од нивните достигнувања биле игнорирани или припишани на мажи, постојат бројни примери на жени кои дале значителен придонес.
Во античкиот период, жени како Хипатија од Александрија, математичарка и астрономка од IV век, ја предводеле научната мисла во своето време. Сепак, нивниот број бил ограничен поради недостапноста на образование за жените. Во средниот век, жените биле скоро целосно исклучени од формалното образование.
Првиот поголем продор на жени во науката се случил во 19 и 20 век. Ликови како Марија Кири, добитничка на две Нобелови награди (во физика и хемија), ја пробиле бариерата и отвориле пат за жените научници. Во 20 век, со развојот на информатиката, жените како Ада Лавлејс (која се смета за првиот компјутерски програмер) и Грејс Хопер (пионерка во развојот на програмски јазици), добиваат поголемо признание.
Жени во науката за време на Втората светска војна
Втората светска војна претставува пресвртница кога многу жени добиле можност да работат во технички и научни полиња, поради масовната мобилизација на мажи во војската. Жените биле вклучени во критични проекти, вклучувајќи ја и ракетната наука и развојот на раните компјутери.
Еден од најпознатите примери е работата на група жени кои работеле како програмери на ENIAC – првиот електронски дигитален компјутер. Тие напишале програмски кодови и вршеле сложени пресметки кои биле основа за технолошкиот напредок. Иако нивната улога долго време била непозната, современите истражувања го признаваат нивниот клучен придонес.
Паралелно, жени во СТЕМ почнале да основаат организации и групи за поддршка, да менторираат помлади генерации и да се борат за повеќе пристапни и инклузивни академски и работни средини. Во текот на 70-тите и 80-тите години, со нови законски мерки и политики за еднакви можности, жените во СТЕМ започнаа постепено да ја зголемуваат својата застапеност.
Статистички преглед – Глобални и регионални податоци
Глобалната статистика укажува на постојана родова нерамнотежа во СТЕМ дисциплините. Според статистиките на UNESCO (2023), жените сочинуваат приближно 35% од студентите запишани во СТЕМ-програми ширум светот. Најголемата разлика се забележува во областа на информатичките технологии, каде во многу земји процентот на жени е под 20%. Во научните истражувања, жените се застапени со околу 33% од вкупниот број истражувачи. Ситуацијата е подобра во природните науки (биологија, хемија), но значително полоша во инженерството и компјутерските науки.
И покрај фактот што денес жените дипломираат во СТЕМ области, во некои дисциплини дури и во поголем број од мажите, нивниот удел на повисоки академски позиции, истражувачки улоги и лидерски места останува нисок. Според податоците од Европската унија од 2021 година, жените сочинуваат 32,8% од сите дипломирани во СТЕМ области на високо образование, со највисоки проценти во Романија (42,5%), Полска (41,5%) и Грција (40,9%), додека во некои земји како Белгија (27,4%) и Германија (27,7%) тој процент е значително помал. Сепак, во раководните и академски позиции застапеноста на жените опаѓа — тие заземаат само 25,9% од лидерските функции во СТЕМ. Анализи од САД покажуваат слична слика, каде жените сочинуваат околу 26-28% од вработените во СТЕМ, а само една четвртина од нив стигнуваат до лидерски позиции. Иако приближно половина од асистентите во СТЕМ се жени, нивниот удел се намалува на 45,4% кај вонредните и на само 32,8% кај редовните професори. Најголем јаз постои во области како компјутерски науки, инженерство и физика, каде помалку од 25% од редовните позиции ги заземаат жени. Овие податоци јасно покажуваат дека, и покрај напредокот во образованието, жените се соочуваат со значителни пречки за професионален раст и лидерство во СТЕМ.
Во Европската Унија, според Eurostat (2022), жените сочинуваат:
• 41% од вработените во научно-истражувачките институции. • Само 19% во секторот ИКТ (информациско-комуникациски технологии). • Околу 33% од докторите на науки во СТЕМ.
Жените во СТЕМ во Македонија и Балканскиот регион
Во Република Македонија, жените имаат релативно добар пристап до високо образование, но се уште е присутна поделба на „женски“ и „машки“ студиски програми. Податоците од Државниот завод за статистика (2023) покажуваат:
Жените се околу 58% од вкупниот број на дипломирани студенти. Но, во инженерските факултети, жените се помалку од 25% од запишаните. Во компјутерските науки, учеството на жените е под 20%.
Во природните науки (биологија, хемија), жените се дури и повеќе од мажите – над 60%.
Што се однесува до работната сила, жените се помалку присутни во приватниот сектор и во водечките позиции во СТЕМ-компании. Многу жени со СТЕМ образование мигрираат во странство поради недостиг на можности и поддршка.
Јазот во академското издаваштво
Родовата нееднаквост е особено видлива во академското издаваштво, кое е клучно за професионалниот развој и научниот углед. Иако бројот на жени кои објавуваат научни трудови се зголемува, тие се значително помалку застапени како авторки на позиции со најголемо влијание и престиж. Жените ретко се наведуваат како последни автори (кои обично се раководители на истражувањето) или како единствени автори, особено во реномирани списанија како Nature, Lancet и BMJ. Поканите за објавување двојно повеќе ги добиваат мажите, иако продуктивноста на жените е речиси иста. На пример, само 18-22% од поканетите автори во Nature и Science се жени.
Овој јаз не е само на авторско ниво, туку се пренесува и во процесот на рецензирање: само 27% од рецензентите во високофакторски списанија се жени. Оваа нееднаквост влијае на тоа кои научни гласови се слушаат и кои се маргинализирани. Жените исто така се недоволно застапени во уредничките одбори — само 14-24% од уредниците се жени, а на највисоки позиции како CEO, тие сочинуваат само 8%. Истражувањата покажуваат дека присуството на жени во уредничките тимови ја зголемува застапеноста на женски авторки, што го нагласува значењето на родовата разновидност за фер и инклузивен процес на селекција и рецензија.
Покрај тоа, жените се премногу малку застапени во топ 1% од најцитираните научни трудови — тие сочинуваат само 12-15%, додека мажите доминираат со 85-88%. Разликата расте во текот на кариерата, а жените добиваат 10-20% помалку цитати по труд во споредба со мажите.
Ова се должи и на нерамноправен пристап до професионални мрежи и меѓународни соработки, каде мажите имаат значително поголем број контакти и проекти, што ја зголемува нивната видливост и влијание. Исто така, шансите за објавување на трудови напишани од жени се помали, дури и кога темата и квалитетот се идентични, што дополнително ја влошува родовата пристрасност.
Сумирано, иако продуктивноста на мажите и жените во СТЕМ е слична, системските пречки во издаваштвото, рецензијата и меѓународната соработка го ограничуваат напредокот на жените. За да се намали овој јаз, неопходни се структурални промени во начинот на уредување, рецензирање и објавување, како и активна промоција на родова разновидност и борба против стереотипите.
Пример за успешна жена во СТЕМ: Ада Лавлејс
Ада Лавлејс е препознаена како првата компјутерска програмерка во светот и е инспирација за многу жени кои се стремат кон кариера во информациските технологии (IT).
Нејзината најпозната работа е соработката со Чарлс Бебиџ, таткото на концептот на современиот компјутер, кој развивал механички пресметувач наречен „Аналитичка машина“. Ада го разбра потенцијалот на оваа машина и напиша прв алгоритам наменет за нејзино извршување, со што всушност го создаде првиот компјутерски програм. Таа ја опиша машината не само како алатка за бројни пресметки, туку како уред кој може да се користи за создавање музика и графика – визија која го надмина времето во кое живееше.
Покрај нејзиниот технички придонес, Ада Лавлејс е симбол на женската способност да го обликува светот на технологијата. Во време кога жените беа исклучени од повеќето научни и технолошки полиња, нејзината работа покажува дека родот не е пречка за иновација и техничка извонредност. Денес, нејзиното име се користи за награди, програми за поддршка и иницијативи кои ја промовираат улогата на жените во IT.
Ада Лавлејс е инспирација и пример дека жените можат да бидат лидери и визионери во полето на компјутерските науки, и нејзиниот живот и дело ги поттикнуваат младите девојки да се впуштат во кариера во технологијата и програмирањето.
Напори за надминување на јазот
Во последните години се преземени бројни иницијативи насочени кон намалување на родовите разлики во СТЕМ и академското издаваштво, со акцент на системски и институционални промени. Една од најпознатите е програмата NSF ADVANCE во САД, која од 2001 година инвестира над 135 милиони долари во проекти за зголемување на бројот и напредокот на жените во академските кариери во СТЕМ. Програмата се фокусира на промена на академската култура преку обуки за намалување на имплицитни пристрасности, воведување политики за поддршка на семејниот живот и зголемување на бројот на жени на раководни позиции. Институциите кои учествуваат во ADVANCE бележат зголемување на жените на лидерски позиции и подобра инклузивна атмосфера.
Дополнително, менторските програми се покажале како клучен фактор за поддршка на жените во СТЕМ. Пример е CyberMentor во Германија, кој ги поврзува девојчињата од 10 до 18 години со жени-менторки од СТЕМ индустријата. Оваа програма го зголемува интересот за СТЕМ кариера и самодовербата кај младите
девојки. За време на програмата, секоја девојка добива менторска поддршка, учествува во работилници и добива ресурси за развој на вештини.
Во областа на научното издаваштво, некои списанија воведуваат политики за зголемување на родовата разновидност, како што е осигурување дека барем 30% од уредничките одбори се жени и воведување слепо рецензирање за намалување на пристрасноста. Некои институции исто така промовираат иницијативи за поттикнување на авторки, како што се специјални изданија посветени на жени истражувачи.
Овие проекти вклучуваат менторски програми, промена на институционалните политики, креирање на инклузивна култура и обуки за препознавање и елиминирање на несвесна пристрасност. Резултатите покажуваат дека ваквите интервенции водат до зголемена застапеност и подобрување на работната клима.
Во Европа, слични иницијативи се спроведуваат преку Horizon Europe и European Institute for Gender Equality (EIGE), кои промовираат т.н. родово сензитивно истражување. Преку т.н. „Gender Equality Plans“, институциите се обврзуваат да воведат конкретни мерки за унапредување на жените, вклучувајќи транспарентен избор на кадар, еднаков пристап до ресурси и интеграција на родовата перспектива во истражувањата.
Во Македонија, дел од универзитетите имплементираат локални програми за еднакви можности, но потребна е посилна државна стратегија и институционална поддршка. Во таа насока, неколку невладини организации и истражувачки центри организираат обуки и форуми за охрабрување на жените да се вклучат во СТЕМ и научното пишување.
Важно е и образованието од најрана возраст да ја промовира родовата еднаквост. Учебниците, наставниците и политиките во училиштата треба да охрабруваат девојчиња да се занимаваат со науки, без предрасуди за нивната „соодветност“ за одредена област. Родителите и медиумите исто така имаат голема улога во рушење на стереотипите.
Покрај институционалните, и индивидуалните напори се важни. Жените научници сè почесто формираат сопствени мрежи и здруженија за поддршка, вклучувајќи платформи за споделување на трудови, советување, менторство и заеднички проекти. Таквите заедници ја зајакнуваат самодовербата, видливоста и поврзаноста на жените во СТЕМ.
Примери од успешни земји
Шведска:
Воведена се „квоти за балансирана застапеност“ во научно-истражувачките тела и универзитетски совети.
Државна програма за поддршка на жени во технологијата – Womengineer. Канада:
Програмата NSERC Chairs for Women in Science and Engineering нуди финансиска и институционална поддршка за женски лидери во академијата.
Високо развиени менторски мрежи и партнерства со приватниот сектор. Германија:
Програмата Komm, mach MINT. (Доаѓај, прави СТЕМ.) е национална иницијатива за мотивација на девојчиња и млади жени да се приклучат во СТЕМ области.
Организиран систем на стипендии за жени истражувачки кадри. Јужна Кореја:
Програми за „повторно интегрирање“ на жени научнички кои направиле пауза поради мајчинство.
Државна агенција WISET работи исклучиво на поттикнување на жените во наука, инженерство и технологија.
Родови политики и меѓународни рамки
Промовирањето на родова еднаквост во СТЕМ е глобален приоритет кој е поддржан од низа меѓународни институции и правни документи. Обединетите нации, преку Целите за одржлив развој (ЦОР), особено ЦОР 5 (Родова еднаквост) и ЦОР 4 (Квалитетно образование), ги повикуваат земјите да преземат конкретни чекори за елиминирање на нееднаквоста во образованието и на пазарот на трудот.
UNESCO активно работи на креирање политики и програми кои ги поддржуваат девојките и жените во СТЕМ, вклучувајќи ја и Иницијативата „Cracking the code“,
која се фокусира на идентификување на бариерите и предлагање решенија за нивно надминување.
Европската Унија преку програмите Horizon Europe и European Institute for Gender Equality (EIGE), воспоставува конкретни цели и индикатори за следење на напредокот на жените во истражување и иновации. Многу проекти финансирани од ЕУ вклучуваат обврска за вклучување на родова перспектива и еднаков пристап до финансирање.
На национално ниво, се повеќе земји усвојуваат „родово одговорно буџетирање“, кое овозможува подобро насочување на ресурсите за поддршка на жените во техничките и научните полиња. Во некои земји, како Шведска или Канада, постојат и посебни министерства или агенции посветени на родова еднаквост.
Вклучувањето на родовите аспекти во креирањето на јавни политики не е само прашање на правичност, туку има и економска оправданост: истражувањата покажуваат дека различноста во тимовите доведува до поголема креативност и подобри резултати во истражувањето и развојот.
Улога на институциите и засегнатите страни
За да се надминат предизвиците со кои се соочуваат жените во СТЕМ, потребна е вклученост на сите релевантни актери:
Државата и јавните политики треба да донесуваат и спроведуваат стратегии за родова еднаквост во образованието и науката. Ова вклучува финансирање на програми за поддршка на девојчиња и жени во СТЕМ, собирање и објавување на родово-разделени податоци, и воведување на квоти или мерки за афирмативна акција таму каде што е потребно.
Образовни институции треба да креираат инклузивна академска средина. Наставните програми треба да бидат ослободени од родови стереотипи и да ја нагласуваат важноста на различноста. Потребно е постоење на центри за родова еднаквост кои ќе работат со студентите и професорите за подигање на свеста.
Невладини организации, овие субјекти играат клучна улога во мобилизација на јавноста и обезбедување на поддршка преку менторски програми, кампањи за свест и соработка со образовните институции. НВО-секторот може да пополни празнини таму каде што државата има ограничен капацитет.
Компаниите треба да инвестираат во родово инклузивни работни места преку практики како флексибилно работно време, програми за развој на жени лидери, и вклучување на жени во иновациски тимови. Дополнително, тие можат да обезбедат стипендии, пракси и можности за вмрежување.
ЗАКЛУЧОК
Учеството на жените во СТЕМ дисциплините покажува континуиран раст, но нивната застапеност и влијание на водечки академски и истражувачки позиции сè уште се ограничени. Ова се должи на длабоко вкоренети структурни и културни бариери кои го спречуваат нивниот целосен напредок. Системската пристрасност, недостигот на менторство, ограничените можности за професионално вмрежување и упорните стереотипи не само што ја намалуваат видливоста на жените во академското издаваштво, туку ги ограничуваат и нивните научни достигнувања и потенцијал.
Искуствата од Македонија дополнително ја потврдуваат важноста на социјалните норми и дискриминаторските практики како фактори што влијаат на ниската застапеност на жените во СТЕМ, и покрај нивните високите образовни резултати. Иако постои видлив напредок преку различни иницијативи за поддршка, менторство и институционални реформи, вистинската родова еднаквост може да се постигне само со долгорочна, системска и инклузивна трансформација на академската и професионалната средина.
Таквата трансформација треба да создаде услови за еднакви можности, фер третман и признавање на заслугите за сите, без оглед на родот. Само преку заеднички напори и промени во културата, политиките и практиките во СТЕМ, може да се овозможи потполно и одржливо учество на жените, што ќе придонесе кон поголема инклузивност, иновација и напредок во науката и технологијата.
Користена Литература
1. UNESCO Institute for Statistics. (2023). Women in STEM: Global Trends and Gaps.
2. European Institute for Gender Equality (EIGE). (2022). Gender Statistics Database.
3. European Commission. (2021). She Figures 2021: Gender in Research and Innovation.
4. National Science Foundation (NSF). (2022). ADVANCE Program Summary. 5. Larivière, V., et al. (2013). Bibliometrics: Global gender disparities in science. Nature, 504(7479), 211–213.
6. Holman, L., Stuart-Fox, D., & Hauser, C.E. (2018). The gender gap in science: How long until women are equally represented? PLoS Biology, 16(4), e2004956. 7. Nature Editorial. (2021). Gender imbalance in editorial boards. Nature, 595, 331– 332.
8. DZS – Државен завод за статистика на РСМ. (2023). Годишен извештај за образованието.
9. Eurostat. (2022). Women in Science and Engineering.
10.Macaluso, B., et al. (2016). Is science built on the shoulders of women? A study of gender differences in contributorship. Academic Medicine, 91(8), 1136–1142. 11. Gvozdanović, J. (2012). Gender Equality in Academia: Problems and Solutions. Journal of Research in Gender Studies, 2(1), 98–112.
12. American Association of University Women (AAUW). (2021). Barriers and Bias: The Status of Women in Leadership.
13. Institute of Physics. (2021). Improving Gender Balance in Physics. 14.Cech, E.A. & Blair-Loy, M. (2010). Perceiving glass ceilings? Meritocratic versus structural explanations of gender inequality among women in science and engineering. Social Problems, 57(3), 371–397.
15.Macedonian Academy of Sciences and Arts (МАНУ). (2021). Извештај за положбата на жените во науката.
16.Center for Research and Policy Making – CRPM. (2022). Жените во наука и технологија: можности и предизвици во Македонија.