Никола Христов, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство
Вовед
Во ера каде дигиталната трансформација не е повеќе луксуз туку потреба, центарот на вниманието е на ИТ професионалците. Додека водечките компании низ индустриите вршат притисок за понатамошно усовршување на дигиталните технологии, ИТ професионалците се повеќе и повеќе стануваат побарани, ако не и едни од најбараните членови на денешната работна сила. Затоа, во рамките на оваа семинарска работа направив детална анализа околу родовата еднаквост во ИТ индустријата, започнувајќи од самите почетоци на формирањето на оваа индустрија, па се до ден денес, не само на светско ниво, туку и на ниво на Република Македонија.
ИТ индустријата во историјата и родовата еднаквост
Пред околу 150 години, повеќето од програмери беа жени, вклучувајќи ја и Ada Lovelace, која претставува првиот програмер. Исто така, „Компјутер“ првично беше назив на работно место, а луѓето „компјутери“ само извршувале повторувачки пресметки. Слично како и на другите работни места, така и на ова било преполно со мажи поради родовата поделба на работата и домот. Но ова поле забележа голем број на вработувања на жени за време на Втората светска војна, бидејќи мажите мораа да одат во војна. Истиот случај бил и во другите професии (особено во СТЕМ) каде бројот на мажи бил доминантен, жените беа користени да ги пополнат празните места на оние мажи кои беа во војна. Голем број од жените кои беа користени за да се пополнат местата на мажите веќе биле математичарки.
Доказ за големата родова нееднаквост во ова поле низ историјата е креирањето на ENIAC – компјутерска машина чија намена е да и помогне на америчката армија во калкулации на сложени балистички табели за време на војна. ENIAC бил креиран во 1942 година од страна на 6 жени матемаричарки, кои биле избрани да работат на оваа машина, воедно и една од првите електронски компјутери. И покрај тоа што овој проект бил доста сложен и биле потребни години за да биде пуштен во употреба, кога тој конечно бил пуштен, на шесте програмерки/математичарки не им била дадена никаква заслуга и воопшто не биле ни поканети на забавата која била организирана. [1, 2]

Слика 1. Marlyn Wescoff и Ruth Lichterman – две од шесте жени програмерки кои работеа на машината ENIAC
Дури после околу 40 години, Kathly Kleiman која била дипломиран инженер по компјутерски науки, чувствуајќи се обесхрабрена поради недостатокот на жени во оваа индустрија, започна истражување околу историјата на жените во ова поле. Во своетo истражување таа открила позната форографија од весникот на ENIAC, во која во преден план биле мажите, а кога прашала за детали околу жените на фотографијата, и било кажано дека се манекенки и дека позираат пред машината за да изгледа подобро, што подоцна во нејзиното истражување се докажа дека е вистинска лага. Таа лично се сретнала со четири од шесте програмерки на ENIAC и ги документира нивните приказни во книга од 320 страни со име „Proving Ground“. [3]
Сето ова играше голема улога во се помалото присутво на жените во ова поле во текот на годините, кои играле главна улога во креирањето на ИТ индустријата, за потоа да бидат исфрлени од истата со текот на времето.
ИТ индустријата во 21 век и родовата еднаквост
Според најновите истражувања направени во 2024 година, работната сила во САД е речиси 50/50 помеѓу мажите и жените, но оваа бројка е значително помала кога се гледаат улогите во ИТ индустријата. Само една четвртина од компјутерските улоги ги имаат жените во 2015 година, а овој број со текот на годините не се менува. [4]
Во 2022 година, застапеноста на жените во ИТ секторот на светско ниво беше проценета на околу 27.6%, со стапка на раст од само 0.9%. Аналитирачите тврдат дека дури и при постојана стапка од речиси 5% годишно, ќе бидат потребни приближно 12 години за да се постигне родова еднаквост во ИТ индустријата. [4]
Кога станува збор за најголемите компании на светско ниво од групацијата GAFAM (Google, Apple, Facebook, Amazon и Microsoft), само 24% од вработените лица во ИТ секторите се жени. [5]

Слика 2. Процентуална застапеност на жените во најголемите светски компании (статистика направена во 2023 година)
Според графикот на слика 2, можеме да зебележиме дека најголема процентуална застапеност на жените има во Amazon, но сепак оваа компанија не пријавила бројки за стапката на жени во технолошкиот сектор, а само 29% од лидерските позиции на Амазон се од жени. [5]
Позитивен е фактот што 49.7% од лица дипломирани од СТЕМ областа се жени, но со околу една четвртина од работните места поврзани со компјутери кои ги имаат жените, релативно мал процент од оние кои дипломираат започнуваат да работат во оваа индустрија. Загрижувачки е фактот што дури 50% од жените во оваа индустрија ја напуштаат својата работа на околу 35 годишна возраст. Тоа е поради фактот што жените имаат 28% шанса за напредок да станат менаџери, во споредба со 40% кај мажите. [5]
Кога станува збор за европскиот технолошки сектор, постои значителна и забележлива разлика во платите меѓу мажите и жените, односно разлика од дури 26%, што значи дека во просек, жените заработуваат 26% помалку од мажите. Оваа бројка варира во зависност од земјата. Врз основа на извештајот за компензација на Равио, Велика Британија има највисока стапка од дури 29%, Германија следи со 25%, Холандија со 23% а Франција има 18% разлика меѓу платите. [6]
Но тука се поставува прашањето зошто постои толкава разлика? Според истражувањата од Figures и 50inTech, за секоја жена која што работи на повисока позиција, постојат шест мажи кои работат на истата таа позиција. Истото истражување покажа дека 60% од вработените во технолошките стартапи не се ни свесни за нивната пазарна вредност, што во моментот е поприсутно кај жените. [6]
Намалувањето на оваа голема разлика помеѓу мажи и жени во ИТ секторот бара напори на повеќе фронтови. Прво, негувањето на инклузивна образовна средина е од големо значење, охрабрувајќи ги жените да се запишуваат на факултети од СТЕМ полето. Второ, демонтирање на стереотипите и предрасудите кои ги има за жените во оваа индустрија преку кампањи и обуки за подигање на свеста и трето, промовирање на програми за еднаквост на платите во ИТ секторот.
ИТ индустријата во Македонија и родовата еднаквост
Иако е постигнат напредок во последните години, свеста за потребата од политики за зголемување на родовата еднаквост во ИКТ секторот е сеуште недоволно развиена. Индустријата за информациски и комуникациски технологии важи за една од најбрзо растечките индустрии, како и за најпросперитетна професија на денешницата, како и во светот така и во Македонија. Исто така ИКТ секторот се уште се перцепира како доминантно „машка“ сфера и професија и родовиот јаз во областа е се уште значителен и влијае врз образованиети, вработувањето и напредувањето на жените. Според одредени статистики направени во Македонија, иако ИКТ компаниите бележат голем пораст на бројот на жени, тоа во голема мера се должи и на вработување на жени на работни позиции поврзани со човечки ресурси, администрација, маркетинг, а значајно помалку со програмерство. Тие статистики кажуваат дека при истражувањето на примерок сочинет од 23% жени, само 20% од нив работат како програмерки, што придонесува во родовиот јаз во платите, имајќи во предвид дека токму програмерите се едни од најплатените во оваа сфера. Во ИКТ секторот во Македонија само 27% се жени, додека на раководни позиции се само 12%, а и бројот на жени кои ги напуштаат своите работни позиции во оваа индустрија е значајно поголем од бројот на мажи. [7, 8]
Но покрај малата застапеност на жените во оваа сфера, сепак треба да се истакнат и оние имиња кои имаат дадено значителен придонес во индустријата. Една од нив е и Светлана Кордумова, основач на Pixyle.ai, стартап кој користи вештачка интелигенција за да идентификува модни продукти во фотографии. Овој стартап има добиено инвестиција од 1 милион евра. Делфина Јовановска е iOS инженер во Apple, која има завршено магистратура на Ohio University, каде што работи 2 години како асистент. Александра Митева заедно со уште двајца ко-основачи го имаат основано стартапот Native Teams кој го менаџира и олеснува фриленс и хонорарното работење низ светот. Овој стартап има добиено инвестиција од 2 милиони евра. Моника Симјаноска работи како професор доцент на ФИНКИ и е ко-основач на IT компанијата iReason која работи на свои патентирани продукти базирани на биоинформатиката, вештачката интелигенција и машинското учење. Ова се само дел од многуте успешни жени во ИТ индустријата кои се доказ дека оваа професија не смее и не треба да знае за родова нееднаквост. [9]
Родовата застапеност на ФИНКИ
Доколку се земат бројките од последните 10 години (од 2012 до 2022) на запишани студенти на ФИНКИ, просекот покажува дека на овој технички факултет се запишуваат 31% жени, а 69% мажи

Слика 3. Табеларен приказ на процентот на машки и женски студенти запишани на ФИНКИ по година (2012-2022)
Во споделените бројки несомненот се забележува дека во 2022 година бројот на запишани студентки е рекорден (37%) и задоволително поголем од бројката во 2012 година.
Уште поинтересна статистика за родовата застапеност која може понатаму да се анализира се наоѓа кај дипломираните студенти. Во 2017-та година дури 56% од дипломираните студенти се жени, додека пак во 2018-та година тој број се зголемува на 60%. Овие статистики се направени пред две години, а сигурен сум дека бројот на студенти жени на овој факултет моментално е поголем од тоа што бил пред неколку години. [10]

Слика 4. Табеларен приказ на процентот на машки и женски студенти кои дипломирале во дадена година (2012-2018)
Лични ставови околу родовата еднаквост во ИТ индустријата во Македонија
Лично јас како студент во последната година од студиите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство никогаш не сум размислувал околу оваа тема, пред се поради фактот дека имам голем број на колеги и колешки на факултетот со кои сум во постојан контакт и истите тие лица немаат заприметено родова нееднаквост во ова поле. Според моја претпоставка, мојата генерација на студенти кои се запишаа на факултетот во 2020 година содржи исто толку женски колку и машки студенти, и повеќето од нив со кои имам контакт уште од првите денови на студиите сеуште се на факултетот.
Исто така сум бил на интервјуа во неколку ИТ фирми во Македонија во кои не сум забележал родова нееднаквост и родова сегрегација. Во една од компаниите беше организиран и отворен ден во кои сите кандидати за пракса бевме поделени во тимови, а на секој тим им беше назначен ментор. Мојот ментор беше жена програмер, а со нејзиното знаење и добар пристап спрема нас на крај завршивме одлична работа и речиси стигнавме до крајното решение на проблемот кој го решававме. Потоа бев контактиран од истата таа компанија од женско лице за разговор за можна пракса, а на самиот разговор зборував со два програмери, маж и жена. Во друга компанија, во која сум моментално во работен ангажман, работам во тим и со мажи и со жени, а мојот ментор со кој сум во постојана комуникација е жена. Па затоа сметам дека во СТЕМ не смее и не треба да има родова сегрегација, бидејќи станува збор за поле во кое секој може да биде успешен независно од родот. Секако не е спорно дека во некои работи жените се повешти од мажите, и обратно, но во ИТ индустријата тоа не е случај, а тоа е докажано во оваа семинарска работа.
Заклучок
Со промовирање на родовата разновидност и инклузија, ИТ индустријата може да го искористи целиот спектар на таленти, со што ќе се добијат поиновативни решенија и подобри резултати за бизнисите о општеството како целина. На крајот на краиштата, постигнувањето на родова еднаквост во ИТ индустријата е стратешки императив за постигнување на одржлив успех технолошки управуваниот свет.
Референци:
- https://www.sfu.ca/wwest/WWEST_blog/herstory-of-the-tech-industry-when-women-were-computers.html#:~:text=However%2C%20the%20computing%20field%20saw,who%20went%20overseas%20to%20fight.
- https://www.welivesecurity.com/2016/03/08/women-eniac-future-women-tech/
- https://www.hurstpublishers.com/book/proving-ground/
- https://www.luisazhou.com/blog/women-in-tech-statistics/#
- https://www.zippia.com/advice/how-many-women-work-in-big-tech/
- https://totalent.eu/women-are-earning-26-less-than-men-in-the-tech-sector/
- https://www.radiomof.mk/stav-zhenite-vo-ikt-ednakvost-za-nevidlivite/
- https://it.mk/mapiranje-na-it-industrijata-vo-mk-2022/
- https://it.mk/top-10-mk-zheni-vo-it-industrijata-vo-2022/
- https://it.mk/kakva-e-rodovata-zastapenost-na-finki-analiza/