Родовите стереотипи и изборот на stem кариери кај жените

Published by

on

Images (9)

Теодора Тренговска  

                                                                                  

Вовед

Во современото општество, развојот на науката, технологијата, инженерството и математиката, познати под кратенката STEM, претставува клучен двигател на иновациите, економскиот раст и технолошкиот напредок. Сепак, и покрај големиот напредок во областа на родовата еднаквост, жените сè уште се недоволно застапени во STEM професиите. Ова не е резултат само на лични избори, туку често произлегува од длабоко вкоренети родови стереотипи кои влијаат врз интересите, самодовербата и можностите на девојчињата уште од најрана возраст.

Проектот има за цел да ги анализира факторите кои придонесуваат за ниската застапеност на жените во STEM, со посебен акцент на улогата на родовите стереотипи, влијанието на образованието, семејството и медиумите, како и да понуди препораки за создавање на една поинклузивна и рамноправна иднина. Освен глобалната слика, ќе се обрне внимание и на состојбата во Република Северна Македонија, со цел да добиеме појасна претстава за локалните предизвици и потенцијални решенија.

Родовите стереотипи и STEM професиите

Родовите стереотипи претставуваат општествено конструирани верувања за тоа какви карактеристики, интереси и улоги „треба“ да имаат жените и мажите. Овие стереотипи се пренесуваат преку семејството, образовниот систем, медиумите и културните норми, и имаат силно влијание врз начинот на кој поединците го доживуваат својот идентитет и ги прават животните избори, вклучително и изборот на кариера.

Во контекст на STEM областа, често се појавуваат стереотипи дека мажите се „природно“ талентирани за математика, логика и технологии, додека жените се „природно“ насочени кон грижа, комуникација и уметност. Овие погрешни уверувања можат да доведат до  сомнеж кај девојчињата, намалена самодоверба, како и избегнување на STEM предмети и професии, дури и кога имаат потенцијал и интерес за нив.

Истражувањата покажуваат дека децата уште од најрана возраст усвојуваат стереотипи за „машки“ и „женски“ професии, а наставниците и родителите, најчесто несвесно, ги поттикнуваат овие перцепции преку избор на играчки, активности и пофалби. Дополнително, недостатокот на женски улоги во STEM во медиумите и учебниците дополнително ја засилува пораката дека овие полиња не се „за девојчиња“.

Разбирањето на начинот на кој родовите стереотипи влијаат врз изборот на кариера е суштински чекор во создавање на еднакви можности за сите, независно од полот.

Истражувања што ја потврдуваат поврзаноста меѓу родовите стереотипи и ниската застапеност на жени во STEM:

  • UNESCO (2017) – Cracking the Code: Girls’ and Women’s Education in STEM

Извештајот покажува дека само 35% од студентите во STEM области се жени. Како главни причини се наведуваат родови стереотипи, ниска самодоверба и отсуство на женски примери за идентификација.

  • OECD (2023) – Gender, Education and Skills

Овој извештај укажува дека иако девојчињата имаат добри резултати во математика и наука, поретко избираат STEM студии поради страв од неуспех и општествени стереотипи.

  • UNESCO (2025) – Women and Girls in Science

Потенцирани се предизвиците со кои се соочуваат жените во науката, како што се дискриминацијата, стереотипите и ефектот на Матилда – кога придонесите на жените се игнорираат или се препишуваат на мажи.

  • OECD (2022) – Gender Stereotypes in Education

Истражувањето покажува дека стереотипите се пренесуваат преку образовниот систем и наставните програми, што влијае на изборот на кариера кај младите.

  • Harvard Gender Action Portal – Ethnic Variation in Gender-STEM Stereotypes

Преку тестови за имплицитни асоцијации, ова истражување докажува дека и девојките имаат внатрешни стереотипи кои ги поврзуваат мажите со науката, што директно влијае на нивниот избор на професија.

Глобални статистики за учество на жени во STEM

  1. Жените сочинуваат 29% од глобалната STEM работна сила

Овој извештај направен од страна на Институтот за инжинерство и технологија  во 2024 година, укажува на тоа дека иако има напредок во бројот на жени што работат во STEM, над еден милион жени се вклучени во овие професии, сепак процентот од вкупната работна сила останува низок.

  • Што значи ова?

Постои напредок во апсолутни бројки, но пропорцијата останува речиси непроменета, што укажува дека и мажите се вклучуваат во STEM сектори со поголема брзина отколку жените. Ова покажува структурна нерамнотежа, а не само квантитативен напредок.

  1. 35% од STEM дипломците се жени – без раст во последните 10 години

Податоците од овој извештај напишан од страна на платформата World Education Blog ги анализираат дипломираните студенти од STEM програми ширум светот и покажуваат дека учеството на жените е стагнантно, односно не се зголемува, иако се вложуваат напори преку стипендии, иницијативи и STEM кампањи.

  • Што значи ова?

Ова сугерира дека само охрабрување не е доволно. Потребни се промени во образовните системи, пристапот до ресурси и културолошките ставови за STEM како „машка“ област.

  1. Жените сочинуваат само 22% од STEM работната сила во Г20 земјите

Г20 е група од најразвиени земји во светот. Ако и таму жените се само 22% од STEM професиите (според извештајот на UNESCO (2024)), тоа значи дека дури и економски најмоќните држави не успеале да го решат родовиот јаз.

  • Што значи ова?

Тоа покажува дека проблемот не е ограничен само на земјите во развој, туку е глобален, и се однесува на длабоко вкоренети стереотипи и бариери што постојат дури и во општества со висок степен на образование и можности.

Иако бројот на жени вработени во STEM сектори се зголемува во апсолутни бројки, глобалниот процент на нивно учество останува релативно низок. Според податоците од 2024 година, жените сочинуваат само 29% од глобалната STEM работна сила, додека во Г20 земјите тој процент е уште понизок – само 22%. Дополнително загрижувачки е фактот што процентот на жени кои дипломираат во STEM области останал стагнантен на 35% во последната деценија, и покрај бројните иницијативи за промоција на овие професии меѓу девојчињата и младите жени.

Овие бројки укажуваат дека проблемот не лежи само во недоволен интерес или пристап до образование, туку и во структурни и културолошки бариери кои ги обесхрабруваат жените да се насочат или задржат во STEM полињата. Родови стереотипи, недостаток на женски примери за следење, како и недоволна поддршка во кариерата, сè уште се присутни и во најразвиените економии. За да се постигне реална промена, потребен е системски пристап кој ќе ги надмине овие длабоко вкоренети предизвици.

Жени во STEM во Македонија

  • Според податоците од Државниот завод за статистика (2023), жените сочинуваат околу 49% од вкупниот број запишани студенти на универзитетите, но значително помал процент во техничко-технолошките и природно-математичките факултети.
  • Во областа на информатичките технологии, само 18% од вработените се жени. 
  • Според истражување на Фондацијата Метаморфозис (2023), родовите стереотипи и недостатокот на ментори се меѓу главните причини зошто девојките се двоумат да изберат STEM кариери.

Иако на прв поглед учеството на жените во високото образование е речиси еднакво со мажите, подлабоката анализа покажува дека одредени STEM области, особено ИКТ, остануваат доминирани од мажи. Слично како и на глобално ниво, во Северна Македонија постојат структурни бариери, како што се недоволен број женски ментори, слаба застапеност на жени во наставен кадар на технички факултети, и општествени норми кои ги ограничуваат очекувањата од девојките уште од основно образование.

Овие фактори допринесуваат за помал интерес кај девојчињата во STEM уште од рана возраст, што потоа се рефлектира и на ниската застапеност во професиите. Важно е да се сфати дека проблемот не е само во изборот на студии, туку и во професионалниот пат и поддршката што жените ја добиваат по дипломирањето.

Застапеност на жени во STEM во бројки 

  1. Вкупна застапеност на жените во STEM низ годините
ГодинаВкупен број на работници во STEM% на жени во STEM
2016802,84821%
2017864,27823%
2018908,31822%
20191,019,40024%
20221,137,20026%

Извор: STEM Women 2023

Податоците покажуваат постепено зголемување на застапеноста на жените во STEM професиите, од 21% во 2016 година на 26% во 2022 година.

И покрај ова зголемување, жените и понатаму се во значително помал број во споредба со мажите, што укажува на потребата од продолжени и засилени напори за промоција и поддршка на жените во STEM.

  1. Застапеност на жените по STEM области
Година% на жени во инженеринг% во компјутерски науки% во природни науки% во медицински науки
20168%16%41%52%
201711%15%42%52%
201810%15%42%53%
201910%16%46%53%
202212%19%44%52%

Извор: STEM Women 2023

Жените се најзастапени во медицинските науки (околу 52-53%), што покажува дека оваа област е најприфатена и најдостапна за нив.

Во природните науки се забележува умерена застапеност на жените (41–46%), со релативна стабилност низ годините.

Инженерството и компјутерските науки остануваат најмалку застапени од страна на жени, иако има мал напредок (инженеринг од 8% на 12%, компјутерски науки од 16% на 19%).

Овие податоци јасно го истакнуваат родовиот јаз и потребата од конкретни мерки за охрабрување и задржување на жени во технички и технолошки дисциплини.

  1. Жените во споредба со мажите во STEM области
Област% на мажи% на жени
Инженеринг88%12%
Компјутерски науки76%24%
Природни науки56%44%
Медицински науки48%52%

Извор: STEM Women 2023

Податоците од оваа табела ја покажуваат родовата распределба во различни STEM области и ја покажува разликата во застапеноста на жените во споредба со мажите. Ваквата распределба покажува дека во инженерството и компјутерските науки, жените се значително по обесправени, сочинувајќи само 12% и 24% од работната сила соодветно, што укажува на силна родова нерамнотежа. Овие области традиционално се сметаат за “машки” и се поврзани со стереотипи кои можат да придонесат до тоа жените да не изберат кариера во овие сфери.

Спротивно на тоа, природните науки и медицината покажуваат повисока застапеност на жените. Во природните науки, разликата помеѓу мажите и жените е релативно мала, со жените сочинувајќи 44%, што укажува на подобра родова инклузивност во оваа област. Посебно се истакнува медицинските науки, каде што жените претставуваат 52% од професионалците, што ги прави овие науки нај еднакви во поглед на родова застапеност во рамките на STEM.

Овие статистики не само што ја потврдуваат важноста на родовата инклузивност во STEM, туку и нагласуваат потребата за продолжување на напорите за намалување на родовата нерамнотежа во инженерството и компјутерските науки. Дополнително, овие бројки го покажуваат влијанието на социјалните стереотипи и очекувањата кои ги насочуваат жените кон одредени области и ги ограничуваат нивните можности во други. Секако, иако напредокот е видлив во некои области, потребни се дополнителни мерки и поддршка за подобра инклузија на жените во сите STEM области.

Кои земји се најповолни за жени во STEM?

Топ 5 земји по застапеност на жени во STEM

Монголија 57%

Белорусија 52%

Лесото             51%

САД             49%

Барбадос 48%

Најниско рангирани 5 земји по застапеност на жени во STEM

Јапонија             16%

Саудиска Арабија 17%

Турција             18%

Индија            19%

Египет                         20%

Според овие податоци од платформата Статиста може да се утврди дека во најуспешните земји како Монголија, Белорусија и Лесото, жените сочинуваат дури и над 50% од STEM работната сила. Ова укажува на постоење на системска поддршка, родова еднаквост во образованието и културни фактори кои ја охрабруваат женската инклузија во овие области.

Од друга страна, земји како Јапонија, Саудиска Арабија и Индија бележат многу ниска застапеност на жени – под 20%. Тоа укажува на структурни бариери, традиционални родови улоги и недостаток на поддршка за жени во науката и технологијата.

Особено интересно е тоа што економски развиени држави не секогаш се во водство, на пример, Јапонија и Саудиска Арабија се економски моќни, но имаат значителна родова нерамнотежа. Тоа укажува дека проблемот не лежи само во економијата, туку и во културните и образовни системи.

Причини за ниската застапеност на жени во STEM

  1. Родовите очекувања и социјализацијата од рана возраст

Од рана возраст, децата се соочуваат со родови стереотипи кои влијаат на нивниот избор на професии. На пример, девојчињата често се охрабруваат да се занимаваат со креативни и помалку технички активности, додека момчињата се насочуваат кон предмети како математика и науки. Ова социјално обликување на интересите продолжува и во текот на нивното образование, кога девојките се соочуваат со пониски очекувања за успех во STEM областите.

  1. Недостаток на женски улоги во STEM

Во многу STEM области, особено во технологијата и инженерството, жените се малку застапени, па така девојките немаат доволно примери за следење. Овој недостаток на женски ментори и лидерки во STEM сектори го намалува интересот на младите девојки да се запишат и да продолжат со кариера во овие области. Без видливи примери на успешни жени, тешко е да се замисли себе си како дел од таква професија.

  1. Недоверба во способностите на жените – „impostor syndrome“

Многу жени кои работат во STEM полето, а особено тие што се на почетокот од кариерата, се соочуваат со „impostor syndrome“ (синдром на измамник), што значи дека се чувствуваат дека не се доволно компетентни, дури и кога се високо квалификувани. Ова чувство на недоверба и сомнеж во сопствените способности ја ограничува нивната самоувереност и ги прави помалку подготвени да преземат нови предизвици или да напредуваат во своите кариери.

  1. Работна средина доминирана од мажи

Многу STEM сектори сè уште се карактеризираат со работна средина доминирана од мажи. Ова создава атмосфера која може да биде непријателска за жени, особено во високи менаџерски или лидерски позиции. Немањето поддршка и менторство од страна на други жени или мажи кои ја разбираат уникатната ситуација на жените на работното место ја ограничува нивната можност за напредување.

Овие причинители често се поврзани и создаваат сиркуларен ефект: на пример, родовите стереотипи доведуваат до помал интерес за STEM кај девојчињата, што резултира во недостаток на женски улоги, што пак предизвикува сомнеж и несигурност во сопствените способности. Работна средина доминирана од мажи дополнително ја поткопува увереноста на жените и ги става во позиција да се чувствуваат како „страници“ во својот професионален простор.

За да се надминат овие бариери, потребно е да се создадат поддржувачки мрежи за жени во STEM, кои ќе ги овозможат менторствата и ќе им помогнат на девојките да ги надминат првичните предизвици со несигурноста. Истовремено, треба да се работи на надминување на родовите стереотипи во образованието и создавање култура на инклузивност на работните места.

Последици од родовата нееднаквост

  1. Загубен потенцијал

Недоволната застапеност на жени во STEM значи дека огромен дел од потенцијалните таленти и иновации се неискористени капацитети. Кога во STEM полето се игнорираат жените, земјата и индустријата губат на разновидноста на перспективи, што може да резултира со недоволно решавање на проблеми и ограничен напредок. Многу потенцијални иновации и напредни решенија се пропуштаат бидејќи не се вклучени жени кои имаат различен поглед и искуства.

  1. Помалку иновативност и разновидност во решавање проблеми

Разновидноста во тимовите е клучна за иновациите. Кога има повеќе жени и различни перспективи во работата на проекти и истражувања, тимот е посилен во решавањето на сложени проблеми и создавањето нови идеи. Од друга страна, ако и понатаму продолжува да доминира еднородна група во STEM, иновациите ќе бидат ограничени, бидејќи секој тим ќе има сличен поглед на проблемите и решенијата. Иако мажите и жените може да донесуваат различни пристапи за ист проблем, нивното комбинирање создава поразновидни и поефективни решенија.

  1. Економски и социјални импликации

Родовата нерамнотежа во STEM има и широки економски и социјални последици. Кога жени не се вклучени во клучните индустрии како инженерство и технологија, тие не можат да придонесат во економскиот развој на државата на целосен начин. Земјите со поголема родова еднаквост во STEM полето имаат повисок економски раст, што покажува дека инклузивноста е поврзана со општото благосостојба. Од социјален аспект, недостатокот на жени во STEM полето значи и поголеми разлики во родовата еднаквост, што може да доведе до поголеми нееднаквости во општеството и недоволна застапеност на жените во одлуките што ја формираат иднината на технологијата и науката.

Овие последици не се само периферни проблеми, туку се длабоко вкоренети во самото структурирање на STEM индустриите и нивната способност за напредок и адаптација. Загубата на потенцијал и иновации ги прави технологијата и науката помалку ефективни, додека економските и социјалните импликации ја одржуваат нерамнотежата и можеби го спречуваат целосниот развој на сите општествени слоеви. Затоа, важно е да се пренасочат напорите кон инклузивни практики, кои ќе дозволат експанзија на талентот и ќе обезбедат повеќе решенија и напредок во клучните области.

Предлози и решенија за подобрување на STEM средината

  1. Поттикнување девојчиња од млада возраст (образовни програми и менторство)

Една од клучните стратегии за зголемување на учеството на жените во STEM е да се започне од рана возраст, кога девојчињата ќе можат да развијат интерес за науки, технологии, инженерство и математика. Преку образовни програми што се фокусираат на стимулирање на научниот интерес кај девојчињата, како и програми со менторство, кои ќе им овозможат директна интеракција со успешни жени во STEM, може да се создаде солидна основа за нивниот понатамошен развој. Клучно е да се обезбедат и ресурси како работилници, кампови и натпревари кои ќе ги поттикнат на активно учество во техничките и научните дисциплини.

  1. Видливост на успешни жени во STEM

Еден од најважните фактори за промена на родовите стереотипи е зголемување на видливоста на успешни жени кои постигнале значајни резултати во STEM полето. Кога девојчињата ќе видат примери на жени кои се успешни во овие области, ќе бидат посмели да се осмелат да ја следат истата патека. Различни медиуми, кампањи и јавни настани каде ќе се истакнуваат нивните достигнувања може да придонесат за креирање на позитивен имиџ на жените во STEM.

  1. Политики за еднаквост на работното место

За да се обезбеди продолжување на напредокот на жените во STEM, важно е да се спроведат политики за еднаквост на работното место, кои ќе ги елиминираат родовите предрасуди и ќе создадат еднакви можности за напредување. Овие политики треба да вклучуваат мерки за подобрување на родовата инклузивност, обезбедување на пристап до менторство, и праведни работни услови. Исто така, треба да се обезбедат програми кои ќе овозможат флексибилност за работниците, како што се родителски и други поддршки кои ќе ги мотивираат жените да останат во STEM индустриите и да се развиваат без да се соочуваат со дискриминација.

  1. Инклузивно образование и промена на наставни програми

Во образовниот систем, наставните програми треба да бидат повеќе инклузивни, како во начинот на кој се презентираат STEM дисциплините, така и во начинот на кој се прикажуваат жените во овие области. Вклучувањето на примери на женски научници, инженери, математичари и технолози во учебниците може да помогне девојчињата да се идентификуваат со нив и да ја развијат својата самодоверба. Понатаму, дизајнирањето на курсеви што се адаптирани на различни учења и стилови на ученици, ќе создаде подобри услови за сите. 

Организации кои ги поддржуваат жените и девојчињата во STEM

  1. Global Engineer Girls – Северна Македонија

Оваа иницијатива има за цел да овозможи девојчиња и жени да стекнат искуство и да се посветат на кариера во STEM, со посебен фокус на инженерството. Таа нуди поддршка за студенти во STEM образовниот систем кои го избрале инженерството како професија.

Достапно на: https://northmacedonia.globalengineergirls.com

  1. Women in Tech® – Македонија

Како дел од глобалната иницијатива Women in Tech, која се залага за инклузија, разновидност и еднаквост во STEM, оваа организација работи на промовирање на жените во технологијата и обезбедување на платформи за нивно вмрежување и развој.

Достапно на: https://womenintech.mk

  1. Association for Women in Science (AWIS)

Глобална мрежа која работи на унапредување на жените во STEM, промовирање на организациски успех и поттикнување на системски промени.

Достапно на: https://awis.org

Заклучок

Иако жените денес имаат поголем пристап до образование од кога било претходно, нивната застапеност во STEM професиите и натаму е значително помала од онаа на мажите. Според податоци од UNESCO, само околу 35% од студентите запишани на студии од областа на STEM се жени. Во некои сектори, како информатика и инженерство, оваа бројка е уште пониска, на глобално ниво, жените сочинуваат само 28% од работната сила во инженерството и 22% во вештачката интелигенција.

Овие бројки не се само статистика, тие се показател на длабоко вкоренети општествени норми и предрасуди кои и понатаму ја обликуваат перцепцијата за тоа кои професии „припаѓаат“ на жените, а кои на мажите. Многу девојчиња, уште од најрана возраст, растат во средина што не ги охрабрува да сонуваат за кариера во наука, технологија или инженерство. Дури и кога ќе влезат во тие полиња, често се соочуваат со скриени бариери, недостаток на видливи примери и ограничени можности за напредување.

И покрај сè, постојат позитивни примери. Во земји како Монголија, Белорусија и Литванија, жените сочинуваат над 50% од работната сила во STEM. Ова е доказ дека со соодветни образовни политики и поддршка, родовата рамноправност е остварлива. За жал спротивно на ова, во земји како Јапонија и Саудиска Арабија, каде што културните норми уште се силно патријархални, процентот е под 20%.

Сето ова води до еден јасен заклучок: промената е можна, но не се случува сама по себе. Таа бара доследна посветеност, од институциите, образовниот систем, семејствата и самите поединци. Ниту една девојка не треба да се прашува дали припаѓа во светот на науката. Таа припаѓа таму ако има интерес, талент и желба, а општеството има должност да и овозможи патот да биде достапен и праведен.

Библиографија

  1. Catalyst. (2024). Women in STEM: Science, Tech, Engineering, and Mathematics. Достапно на: https://www.catalyst.org/insights/2024/women-in-stem
  2. European Commission. (2021). She Figures 2021: Gender in Research and Innovation. Достапно на: https://ec.europa.eu/info/publications/she-figures-2021_en
  3. IET – The Institution of Engineering and Technology. (2024). Over one million women now in STEM occupations but still account for 29% of STEM workforce. Достапно на: https://www.theiet.org/media/press-releases/press-releases-2024/press-releases-2024-january-march/8-march-2024-over-one-million-women-now-in-stem-occupations-but-still-account-for-29-of-stem-workforce
  4. L’Oréal-UNESCO. (2022). For Women in Science Programme. Достапно на: https://www.forwomeninscience.com/
  5. McKinsey & Company. (2023). Women in the Workplace 2023. Достапно на: https://www.mckinsey.com/featured-insights/diversity-and-inclusion/women-in-the-workplace-2023
  6. National Science Foundation. (2023). Representation of Demographic Groups in STEM. Достапно на: https://ncses.nsf.gov/pubs/nsb20245/representation-of-demographic-groups-in-stem
  7. Statista. (2024). Share of women in STEM fields worldwide 2022, by country. Достапно на: https://www.statista.com/statistics/1126823/women-in-stem-worldwide-by-country/
  8. STEM Women. (2023). Women in STEM Statistics: The 2023 Update. Достапно на: https://www.stemwomen.com/blog/2023/03/women-in-stem-statistics-the-2023-update
  9. UNESCO. (2024). Changing the Equation: Securing STEM futures for women. Достапно на: https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000391384
  10. UNESCO Institute for Statistics. (2022). Women in Science. Достапно на: https://uis.unesco.org/en/topic/women-science
  11. UN Women. (2022). Innovation and technology | UN Women – Headquarters. Достапно на: https://www.unwomen.org/en/how-we-work/innovation-and-technology
  12. World Economic Forum. (2023). Global Gender Gap Report 2023. Достапно на: https://www.weforum.org/reports/global-gender-gap-report-2023/
  13. World Education Blog. (2024). New UIS data show that the share of women in STEM graduates stagnant for 10 years. Достапно на: https://world-education-blog.org/2024/04/25/new-uis-data-show-that-the-share-of-women-in-stem-graduates-stagnant-for-10-years/