Образовниот систем како клучен фактор за вклучување на девојчињата во СТЕМ: предизвици и можности 

Published by

on

Unnamed (29)

Авторка Верица Чочоровска 

1.Вовед 

Во последните децении, светот се соочува со забрзан технолошки развој и растечка потреба за кадар во областите на науката, технологијата, инженерството и математиката – познати како СТЕМ (анг. STEM – Science, Technology, Engineering, Mathematics). СТЕМ областите се водичи на иновациите,и решавањето на клучни глобални проблеми како што се климатските промени, здравствените кризи и дигиталната трансформација. 

Но, покрај големата потреба од кадри во овие полиња сеуште доминира машката популација. Припадниците од женскиот пол се значително помалку застапени во СТЕМ работните позиции.Причините за овој родов дисбаланс се комплексни и вклучуваат културни стереотипи,како и нееднаков пристап до образовни ресурси и поддршка.Од најрана возраст, девојчињата често се соочуваат со пораки дека СТЕМ „не е за нив“, што влијае на нивниот интерес, самодоверба и избор на кариера. 

Образовниот систем има клучна улога во формирањето на интересите и идните избори на учениците.Начинот на кој се предаваат СТЕМ предметите, пристапот на наставниците, учебните материјали и опкружувањето во училиштата можат значително да влијаат врз тоа дали девојчињата ќе се чувствуваат добредојдени и охрабрени да се развиваат во овие области.Целта на овој семинарски труд е да се истражи улогата на образовниот систем во поттикнувањето на девојчињата да се вклучат во СТЕМ полињата. 

2.Родовиот јаз во СТЕМ: Причини и последици 

Науката, технологијата, инженерството и математиката – познати под заедничкиот термин СТЕМ – се движечка сила на иновациите и развојот во модерниот свет. И покрај тоа што СТЕМ полињата се отворени за сите, практиката покажува значителен родов дисбаланс, каде жените и девојчињата се недоволно претставени. Причините не лежат во способностите или интересите, туку во длабоко вкоренети општествени бариери и очекувања. 

Од најрана возраст, децата се изложени на пораки – преку медиуми, семејството и образованието – кои дефинираат кои професии се „погодни“ за девојчиња, а кои за момчиња. СТЕМ често се доживува како машка територија, што кај многу девојчиња создава чувство дека „не припаѓаат“ таму, дури и кога постигнувањата им се еднакви или подобри од оние на момчињата. 

2

Овие стереотипи влијаат не само врз образовните избори, туку и врз кариерниот пат. Според извештаи на УНЕСКО, жените сочинуваат околу 28% од глобалната работна сила во СТЕМ, а застапеноста е уште пониска во технолошки дисциплини како информатиката и инженерството. Иако девојчињата постигнуваат високи резултати по математика и природни науки, тие сѐ поретко избираат технички факултети или се задржуваат на повисоки академски и раководни позиции во овие области. 

Недостатокот на жени во СТЕМ не е само прашање на еднаквост. Истражувањата покажуваат дека родово разновидните тимови креираат покреативни и поефикасни решенија. Со тоа, ова прашање добива и економска димензија – бидејќи се губи потенцијалот на половина од популацијата. Особено загрижува фактот што жените се маргинализирани во развојот на клучни технологии како што е вештачката интелигенција, што дополнително го продлабочува проблемот, бидејќи пристрасностите во општеството може несвесно да се пренесат во дигиталните системи. 

3.АИ писменост како механизам за справување со родовите пристрасности 

Вештачката интелигенција (АИ) станува дел од сè повеќе аспекти на секојдневниот живот – од препораки на содржина на социјалните мрежи до одлуки за вработување, кредитна способност и пристап до образовни можности. Сепак, она што често се занемарува е дека АИ системите се рефлексија на податоците и вредностите на општеството во кое се развиваат. Ако тие податоци содржат родови пристрасности, алгоритмите ги „учат“ и ги репродуцираат – а понекогаш и ги засилуваат. 

Кога во процесот на развој на АИ нема доволно родова разновидност, постои реална опасност овие технологии да го продолжат трендот на нееднаквост. На пример, алатки за автоматизирана селекција на кандидати може да дискриминираат женски апликанти, ако се обучени на податоци од историја каде мажите биле почесто вработувани. Ваквите сценарија не се теоретски – тие се веќе документирани во неколку случаи на големи компании. 

Во овој контекст, АИ писменоста станува клучна. Таа не се однесува само на користење на технологијата, туку на разбирање на нејзината структура, начинот на кој „учат“ машините, и препознавање на можните пристрасности. Кога младите, особено девојчињата, се образуваат да ги разберат механизмите зад алгоритмите, 

3

тие добиваат алатки да ги доведат во прашање, да ги подобрат или дури и сами да ги создадат. 

Вклучувањето на девојчињата во создавањето на технологијата не само што придонесува за правична застапеност, туку и директно го подобрува квалитетот на самите АИ решенија. Жени кои учествуваат во развојот на вакви системи носат различни перспективи и искуства, што е од суштинско значење за намалување на несвесните пристрасности. 

Вклучувањето на девојчињата во создавањето на технологијата не само што придонесува за правична застапеност, туку и директно го подобрува квалитетот на самите АИ решенија. Жени кои учествуваат во развојот на вакви системи носат различни перспективи и искуства, што е од суштинско значење за намалување на несвесните пристрасности. 

Но, вистинските промени бараат системски пристап. Потребна е интеграција на АИ писменост и родова свест уште во основното образование, како и поддршка за наставниците и образовните институции да ги вклучат овие теми на начини што се достапни и инспиративни за сите ученици – особено за девојчињата. 

Само така можеме да изградиме иднина во која технологијата ќе биде фер, етичка и одраз на целото човештво, а не само на една доминантна група. 

4.Улогата на образовниот систем во поттикнување на девојчињата кон СТЕМ дисциплините 

Образованието е еден од најмоќните инструменти преку кои може да се влијае врз кариерните избори и идните можности на младите. Во контекст на родовата еднаквост и застапеноста на девојчињата во СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), образовниот систем има клучна улога – не само како извор на знаење, туку и како културна и социјална рамка која ги обликува вредностите, амбициите и самодовербата на учениците. 

Иако формално, училиштата се отворени и еднакви за сите, начинот на кој се предаваат предметите, кои примери се користат и какви пораки (отворени или скриени) се пренесуваат, често несвесно ги фаворизираат момчињата кога станува збор за СТЕМ области. Ова започнува уште од основното образование, каде што учениците почнуваат да градат претстава за тоа што е „за нив“ и каде се „вклопуваат“. Ако девојчињата не се чувствуваат прифатени или не се охрабрени, 

4

тие поретко ќе продолжат по тој пат, и покрај можната заинтересираност или талент. 

Еден од најчестите проблеми е отсуството на женски примери во наставните материјали. Кога учениците постојано гледаат научници, програмери и иноватори кои се мажи, кај девојчињата се создава впечаток дека тие улоги не се за нив. Освен тоа, педагошкиот пристап во СТЕМ предметите често е ориентиран кон резултат и конкуренција, а поретко вклучува соработка, креативност или општествено значење – аспекти кои честопати се поважни за мотивацијата на девојчињата. 

Исто така, наставниците, иако со најдобри намери, можат несвесно да покажуваат разлики во очекувањата. Истражувањата покажуваат дека девојчињата често добиваат помалку внимание или поинаков тип одговор во часовите по математика или технологија, што влијае на нивната самодоверба. Покрај тоа, кога девојчињата не се поттикнати да земаат учество во напредни СТЕМ програми, натпревари или работилници, тие ги пропуштаат можностите каде би можеле да се истакнат и да добијат дополнителна мотивација. 

Позитивниот ефект на менторството и моделите за идентификација е исто така критичен. Кога девојчињата имаат можност да слушнат или да се сретнат со жени кои успеале во СТЕМ кариери, нивната перцепција за можностите значително се менува. Програмите кои вклучуваат гостински предавања, посети на компании или онлајн средби со професионалки се покажале како исклучително ефективни. 

Современите технологии, особено алатките засновани на вештачка интелигенција, можат да го подобрат пристапот до СТЕМ едукацијата преку персонализирано учење, дигитални лаборатории и симулации, како и преку анализа на податоци за следење и намалување на пристрасности во училницата. Но, за тоа да биде успешно, потребно е наставниците и образовните институции да развијат АИ писменост, односно способност критички да ја користат технологијата со цел поттикнување на еднакви шанси за сите. 

Покрај наставниците, и семејствата и пошироката заедница имаат важна улога. Родителите честопати несвесно поставуваат пониски очекувања за математичките и техничките способности на своите ќерки, или пак не ги охрабруваат доволно да истражат технички насоки. Затоа, успешните образовни програми за поттикнување на СТЕМ кај девојчињата вклучуваат и активности со родители, како и јавно подигање на свеста за важноста на родовата еднаквост во овие дисциплини. 

Конечно, потребни се реформи на системско ниво: ревизија на наставни програми, нови пристапи во оценувањето, вложување во обука на наставници и 

5

поттикнување на иновативни и инклузивни методи на настава. Девојчињата не треба да бидат „исклучок“ во СТЕМ, туку еднакво застапени учесници во дизајнот на иднината. 

5.Успешни практики и примери од светот и Македонија 

Во обидите да се намали родовиот јаз во СТЕМ областите, многу држави, организации и училишта низ светот започнале иницијативи кои се покажале како успешни и мотивирачки. Овие примери ни покажуваат дека кога се вложи време, труд и ресурси, може да се направат конкретни промени – особено кога станува збор за поттикнување на интерес кај девојчињата за наука, технологија, инженерство и математика. 

Еден од најпознатите примери е американската организација “Girls Who Code”, која постои од 2012 година и има за цел да ги охрабри девојчињата да се занимаваат со програмирање и компјутерски науки. Нивните програми, клубови и летни школи ги опфаќаат илјадници девојчиња, а дополнителната вредност е што создаваат заедница каде девојчињата се поддржани и инспирирани од други девојчиња и жени во технологијата. Слична е иницијативата “Technovation Girls”, каде учесничките работат на развој на мобилни апликации за решавање на проблеми во своите заедници, што ги учи не само технологија, туку и претприемништво и општествена одговорност. 

Во Европа, неколку проекти покажуваат добри резултати. На пример, проектот “Hypatia”, поддржан од ЕУ, развива алатки и активности за музеи, училишта и индустрија со цел да се заинтересираат тинејџери, особено девојчиња, за СТЕМ. Иницијативата “STEM Alliance” ја вклучува индустријата во образованието и нуди интересни ресурси за наставници. Во Велика Британија, кампањата “WISE” има за цел да ги инспирира девојчињата преку проектот “People Like Me”, кој им помага да ги поврзат своите лични особини со професии во СТЕМ, што им помага да се идентификуваат со тие улоги. 

Меѓународните натпревари како “First Lego League” и “Destination Imagination” се исто така добра можност за девојчињата да се вклучат во СТЕМ активности на забавен и креативен начин. Натпреварите често вклучуваат тимска работа, практично решавање на проблеми и промовирање на инклузија. Тие создаваат позитивна атмосфера каде што девојчињата можат да се изразат и да стекнат самодоверба. 

Важно е да се споменат и СТЕМ клубовите и вонучилишните активности кои обезбедуваат поддржувачко и мотивирачко опкружување. На пример, во САД, организацијата “Science Club for Girls” организира бесплатни научни активности за 

6

девојчиња од различни заедници, водени од жени ментори. Во Обединетото Кралство, “STEMettes” нуди работилници и хакатони наменети исклучиво за девојчиња, каде тие имаат можност да се запознаат со успешни жени од технолошкиот свет. 

Дополнително, многу стипендии и финансиски програми се креирани за да им се помогне на жените да студираат и да изградат кариера во СТЕМ. Програми како “Women in Technology Scholarship” (Google), “Women Techmakers”, како и иницијативата “For Women in Science” од L’Oréal-UNESCO, не само што финансиски ги поддржуваат жените, туку често вклучуваат менторство, професионални мрежи и можности за пракса. 

Кога станува збор за Македонија, иако сме далеку од идеалното, има позитивни примери. Организацијата “Women in Tech Macedonia” е една од водечките која организира конференции, настани и менторски програми со цел да се поддржат жените во технолошкиот сектор. Секоја година се одбележува и “Girls in ICT Day”, со бројни активности и работилници кои имаат за цел да го разбудат интересот на младите девојчиња за технологии и ИКТ. 

ФИНКИ, еден од водечките факултети за ИКТ во Македонија, често организира летни школи за програмирање, каде што активно се охрабрува учество од девојчиња. Дополнително, некои средни училишта имаат СТЕМ клубови, а дел од нив организираат посети на компании, универзитети и слични активности за да им овозможат на учениците, особено на девојчињата, директен контакт со професионалци. 

Исто така, иницијативата „Девојчиња во ИКТ“, поддржана од неколку министерства и компании, секоја година организира настани и работилници во кои девојчињата учествуваат во интересни ИКТ активности и се запознаваат со жени кои работат во оваа сфера. Тоа е важно бидејќи покажува дека овие професии се достапни и за нив, и дека има жени кои веќе успеале на тој пат. 

Некои македонски компании, како Сеавус, А1, Македонски Телеком, се активни во поддршката на жените во технологијата, преку стажирања, стипендии и обуки. Овие иницијативи се добар пример за тоа како приватниот сектор може да помогне во рушење на бариерите со кои се соочуваат девојчињата во СТЕМ. 

Конечно, важна е и улогата на невладините организации, како “Здружение на жени во ИКТ”, “Акција Здруженска”, и други кои работат на подигање на свеста, промовирање на еднаквост и застапување на политики кои би можеле да го подобрат опкружувањето за жените во СТЕМ. 

7

Иако има уште многу да се направи, овие иницијативи покажуваат дека и кај нас има волја и потенцијал. Со повеќе поддршка и поголема вклученост на сите – од наставници, родители, па до институции и компании – може да се направи сериозен напредок во охрабрување на девојчињата да го најдат своето место во СТЕМ светот. 

6.Препораки за подобрување: Како училиштата можат да ги мотивираат девојчињата во СТЕМ, и важноста на родово чувствителни наставни материјали 

За да се намали родовиот јаз во СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика), потребни се конкретни и добро осмислени промени во образовниот систем. Овие промени треба да одат подалеку од само охрабрување на девојчињата да се вклучат во СТЕМ – тие треба да опфатат и промена на начинот на кој учиме, предаваме и комуницираме вредности во училишните клупи. 

6.1 Како училиштата можат да ги мотивираат девојчињата 

Една од најважните работи што училиштата можат да ја направат е да им понудат на учениците, особено на девојчињата, СТЕМ образование што е практично, интерактивно и поврзано со реални проблеми. Многу девојчиња пројавуваат поголем интерес за наука и технологија кога ќе видат како тие можат да се користат за решавање на општествени прашања – како на пример климатските промени, заштита на здравјето или енергијата. Овие теми се попривлечни бидејќи создаваат чувство дека нивната работа има смисла и придонесува кон нешто поголемо. 

Покрај тоа, многу е важно училиштата да создадат средина каде секое дете, без разлика на родот, се чувствува добро и охрабрено да учи. Родовите стереотипи сè уште се присутни и можат да влијаат на тоа како девојчињата се перципираат себеси во однос на СТЕМ. Потребни се јасни правила во училиштата за тоа што значи еднаквост, а наставниците треба да знаат како да реагираат на дискриминаторски или демотивирачки коментари, дури и кога тие се кажани “во шега”. 

Наставниците исто така играат голема улога – не само преку материјалот што го предаваат, туку и преку начинот на кој комуницираат со учениците. Девојчињата често се посензитивни на критика во СТЕМ предметите и може да ја интерпретираат како потврда дека „не се доволно добри“. Затоа е важно наставниците да користат пристап кој ги охрабрува да истраат и да научат од грешките, со акцент на тоа дека вештините се стекнуваат преку работа и труд, а не се само „природен талент“. 

8

Женските ментори и примери од реалниот живот се уште еден моќен начин за инспирирање на девојчињата. Гостувања на жени кои работат во технологија, инженерство или истражување – како и приказни за жени кои оставиле значаен белег во науката – им помагаат на девојчињата да се замислат себеси во такви улоги. Важно е тие да видат дека постојат жени кои успеале и дека нивниот род не е пречка за успех. 

Исто така, голем придонес имаат и вонучилишните активности – СТЕМ клубови, натпревари, работилници – каде девојчињата можат без стрес и предрасуди да експериментираат и учат. Се покажало дека кога овие активности се фокусирани на соработка, креативност и решавање реални проблеми, девојчињата се почувствуваат многу поангажирани. 

6.2 Важноста на родово чувствителни наставни материјали 

Учебниците и наставните материјали што ги користиме имаат огромно влијание врз тоа како учениците ги гледаат своите можности. Ако во учебниците девојчињата постојано гледаат дека научниците, инженерите и иноватори се само мажи – тоа несвесно создава слика дека СТЕМ не е „за нив“. Дури и јазикот што се користи („научникот… тој“, „инженерот… тој“) може да биде суптилна бариера. 

Затоа е многу важно материјалите што се користат во наставата да бидат родово чувствителни. Тоа значи дека треба свесно да се вклучуваат примери со жени научнички, да се користи јазик кој не прави полова разлика без потреба, и да се прикажуваат и мажи и жени во најразлични улоги – од инженери, до дизајнери, од хемичари до климатски активисти. Исто така, треба да се понудат примери што се поврзани со различни интереси, а не само со „машки“ теми како роботи или мотори – туку и со здравје, екологија, креативни технологии итн. 

Овие промени не мора да се радикални, но бараат ангажирање од сите чинители – издавачи, наставници, институции. Сите тие треба да се запрашаат: „Каква порака им испраќаме на девојчињата преку она што го предаваме?“ Ако сакаме да ги мотивираме, мора да им покажеме дека тие припаѓаат во СТЕМ – не како исклучоци, туку како еднакви учеснички. 

Интересна е и можноста што ја нуди вештачката интелигенција – да се користи за анализа на содржината и за откривање на родови пристрасности во текстови, слики и примери. Со софтвер кој е внимателно дизајниран, може навреме да се препознаат и поправат содржини кои несвесно испраќаат погрешни пораки. 

9

7.Заклучок 

Родовата еднаквост во СТЕМ областите е прашање што не се однесува само на бројки и застапеност, туку и на тоа каква слика им нудиме на младите – особено на девојчињата – за тоа што можат да бидат и што можат да постигнат. Она што го научив преку истражувањето за оваа тема е дека образованието има огромна моќ да мотивира или да одврати, во зависност од тоа колку е инклузивно, фер и родово чувствително. 

Училиштата, наставниците и наставните материјали треба да бидат внимателно дизајнирани за да не пренесуваат (често несвесни) родови стереотипи кои можат да влијаат врз тоа како девојчињата се гледаат себеси во однос на СТЕМ. Мислам дека е многу важно девојчињата да имаат пристап до позитивни примери – жени кои работат во овие области, ментори, соработнички, но и поддржувачка средина каде што можат да учат без страв од осуда или потценување. 

Исто така, од големо значење е наставата да биде поврзана со реалниот живот – со проблеми што ги засегаат сите нас – бидејќи тоа им помага на учениците, особено на девојчињата, да ја препознаат вредноста на СТЕМ во поширок општествен контекст. Личен заклучок ми е дека СТЕМ не треба да се гледа како “машка” или “тешка” област, туку како поле полно со можности за секој што сака да истражува, решава проблеми и креира нешто ново. 

Верувам дека ако навистина сакаме да го намалиме родовиот јаз, треба системски и континуирано да вложуваме во образовни реформи, наставничка обука, современи и праведни материјали, но и поширока поддршка од заедницата, семејството и медиумите. Само така девојчињата ќе имаат вистинска шанса не само да се вклучат во СТЕМ, туку и да успеат и да придонесат со својата уникатна перспектива. 

8.Библиографија 

1.A Comprehensive Approach to Addressing Gender Equity in STEM Subjects at Four-Year Universities in England (20210 – Hyun Kyoung Ro, Frank Fernandez, Benjamin Alcott 

2.Sustainable Gender Equality: A Comparative Perspective on STEM Education and Employment in Jordan (2024) -by Ahlam A. Sharif ,Angela Lee ,Alaa S. Alshdiefat ,Muhammad Q. Rana ,Noor-Alhuda Abu Ghunmi 

10

3.Addressing the gender gap in STEM education across educational levels Analytical report 

4.Interventions for gender equality in STEM education: A meta-analysis (2023) – Wenhao Yu, Jiaqi He, Julan Luo, Xiaoyan Shu 

5.Can we achieve gender parity in education by 2030? (2025) – ISDM 

6.New report addresses the gender gap in STEM education across educational levels (2024) – European Education Area 

7.Bridging the Gender Gap in STEM (2024) – Gisela Hansen 

8.Агенција за родова еднаквост. (2022). Годишен извештај за состојбата со родовата еднаквост во образованието. Скопје: Министерство за труд и социјална политика. 

9.Technovation Girls. (н.д.). Our Impact. Преземено на 14.05.2025 од: https://technovationchallenge.org 

10.Technovation Girls. (н.д.). Our Impact. Преземено на 14.05.2025 од: https://technovationchallenge.org 

11