Авторка Тамара Синадиноска
1. ВОВЕД
Што е менталното здравје?
Менталното здравје ја вклучува нашата психолошка, емоционална и социјална благосостојба. Важно е во секоја фаза од животот, од детство и адолесценција до зрелост и старост. Тоа влијае на начинот на кој размислуваме, чувствуваме и делуваме кога се соочуваме со животот. Исто така, помага да се одреди како се справуваме со стресот, како се поврзуваме со другите и како донесуваме одлуки.
Менталното здравје е важно затоа што помага при справување со животниот стрес, остварување на здрави врски, придонес во заедницата во која се наоѓаме, продуктивно работење и искористување на нашиот потенцијал до максимум. Грижата за нашето ментално здравје е тесно поврзана со грижата за нашето телесно здравје. Менталните нарушувања може да го зголемат ризикот од телесни здравствени проблеми, како што се мозочен удар, шеќерна болест и срцеви заболувања.
Анксиозност и депресија како најчести нарушувања
Анксиозноста и депресијата се сметаат за најчести ментални нарушувања поради фактори кои се поврзани со современиот начин на живот. Паралелно со тоа, изложеноста на социјални мрежи, постојаната споредба со другите и дигиталната преоптовареност доведуваат до зголемено чувство на осаменост и несигурност, особено кај младите.
Тие се класифицираат како „болести на модерното време“ но имаат длабоки корени во биологијата, општеството и индивидуалното искуство. Добрата вест е што денес постојат многу алатки и пристапи – од терапија до ВИ технологија – кои можат да помогнат во рано препознавање и лекување.
Вовед во улогата на ВИ во психичкото здравје
Во последната деценија вештачката интелигенција е се повеќе вклучена во здравствениот сектор и бележи голем напредок. Алгоритмите за машинско учење се дизајнирани да
анализираат текстуални содржини (пораки, објави на социјални мрежи) до говор, мимика, физиолошки сигнали и обрасци на однесување – за да идентификуваат рани знаци на психолошки нарушувања. Некои апликации и платформи, како што се Woebot, Wysa или Replika, користат ВИ за да функционираат како дигитални терапевти, обезбедувајќи емпатична комуникација и психолошка поддршка 24/7.
Иако ВИ никогаш не може целосно да го замени човекот во тие области, неговата емпатија и слично, сепак се зема како една алтернатива за оние кои немаат пристап до традиционална помош, лечење и терапии.
2. ПОЛОВИ РАЗЛИКИ ВО МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ
Менталното здравје не се манифестира на ист начин кај сите поединци, и токму родот игра значајна улога во начинот на кој се доживуваат, препознаваат и третираат анксиозноста и депресијата. Според Светската здравствена организација (СЗО), жените почесто развиваат депресивни и анксиозни нарушувања, додека мажите се со поголема веројатност да пројават симптоми како агресија, раздразливост и злоупотреба на супстанции. Овие разлики се резултат на сложена интеракција помеѓу биолошки, психолошки и социјални фактори.
Психолошка поддршка и третман
Според истражувањата жените се оние кои почесто бараат помош и посетуваат психолози или терапевти, додека мажите тоа го прават многу поретко. Ова делумно се должи на стигмата која е особено силна кај мажите, каде признавањето на психичка болест се смета за слабост. Ваквата разлика во однесувањето влијае врз квалитетот и времето на интервенција, а со тоа и на исходот од третманот.
ВИ и родово чувствителен пристап
Во контекст на примена на вештачка интелигенција во менталното здравје, неопходно е да се развиваат модели кои ги земаат предвид овие родови разлики. Универзалните алгоритми, без адаптација на родовите обрасци, можат да доведат до погрешна проценка – на пример, ВИ може да не препознае депресија кај маж со агресивни симптоми, или да потцени сериозност кај жена со плачливост. Затоа, современите истражувања се насочени кон креирање родово чувствителни дигитални алатки, кои ќе понудат еднаков и ефективен пристап до менталната грижа за сите.
3. ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО ДЕТЕКЦИЈА НА ПСИХИЧКИ НАРУШУВАЊА
Вештачката интелигенција претставува револуционерен инструмент во раната детекција на психички нарушувања, овозможувајќи прецизно и навремено препознавање на симптоми кај поединци, често и пред тие самите да бидат свесни за проблемот. ВИ може да обработи илјадници информации за кратко време и да открие суптилни знаци кои често се пропуштаат во класичната психијатриска пракса.
Како функционираат алгоритмите?
Со користење на алгоритми за машинско учење и анализа на податоци, ВИ може да идентификува модели на однесување, говор, пишан текст или физиолошки показатели кои се индикативни за состојби како депресија, анксиозност, биполарно нарушување или ПТСП.
Истражувања покажуваат дека одредени ВИ модели можат со над 80% точност да разликуваат текстови напишани од лица со клиничка депресија од оние без дијагноза.
Понатаму, преку носливи уреди и сензори (wearables), ВИ следи физиолошки параметри како срцева фреквенција, квалитет на сон, и ниво на активност – индикатори кои се важни за проценка на психичката стабилност.
Примери на ваква технологија вклучуваат анализи на објави на социјални мрежи (на пр. Facebook, Twitter) со цел детекција на изрази на безнадежност, песимизам или анксиозност, како и апликации што го следат гласот и тонот при разговори и откриваат промени што упатуваат на ментална вознемиреност.
Веродостојност на резултатите од ВИ
Прецизноста на ВИ во детекција зависи од квалитетот и разновидноста на податоците со кои се обучува. Недоволно родово, културно или јазично репрезентативни податоци можат да доведат до пристрасни алгоритми, што е особено важно кога станува збор за психичко здравје.
Иако технологијата не може да го замени човекот во процесот на дијагноза, таа претставува значаен додаток – особено во превенцијата и навременото насочување кон соодветна стручна поддршка.
4. АПЛИКАЦИИ И ТЕХНОЛОГИИ
Со огромниот подем на технологијата и дигиталната трансформација во здравството, се појавуваат се поголем број на апликации кои се јавуваат како поддршка на менталното здравје и раното окривање на неговото нарушување. Главните категории на вакви алатки се: виртуелни терапевти, апликации за следење на расположение, платформи за разговор и алгоритамски системи за проценка на ризик.
Виртуелни терапевти (chatbots)
Апликации како Woebot, Wysa и Tess користат разговорен ВИ за да обезбедат емпатична комуникација и когнитивно-бихејвиорална терапија (CBT) преку текстуален интерфејс. Тие функционираат 24/7 и се дизајнирани да помогнат со справување со анксиозност, стрес, осаменост и депресивни мисли. Иако не ги заменуваат професионалните терапевти, овие алатки претставуваат корисен прв чекор за лица кои се двоумат дали да побараат стручна помош.
Апликации за следење на расположение и симптоми
Апликации како Moodpath, Youper, и Sanvello користат ВИ за анализа на податоци од секојдневни влезови: расположение, спиење, физичка активност, стрес и анксиозност. Врз основа на овие податоци, системот генерира персонализирани извештаи и препораки, и ги алармира корисниците ако се забележат ризични промени во нивното психичко здравје.
ВИ интегрирана во нослива технологија (wearables)
Уреди како Fitbit, Apple Watch, и слични, во комбинација со AI алгоритми, можат да следат физиолошки параметри како срцева фреквенција, ниво на стрес, варијации во сон и физичка активност. Овие индикатори се корисни во рано откривање на психолошки нарушувања, особено ако се забележат долготрајни отстапувања од нормалните обрасци.
Интегрирани здравствени системи
Некои здравствени установи користат ВИ за автоматизирана анализа на електронски здравствени досиеја. Системи како IBM Watson Health или Mindstrong го анализираат однесувањето на пациентот и даваат предикции за влошување на менталната состојба, што им помага на психијатрите да преземат навремени интервенции.
5. РОДОВА ПРИСТРАСНОСТ НА АЛГОРИТМИТЕ
Ефикасноста на ВИ системите зависи од квалитетот и разновидноста на податоците со кои тие се обучуваат. Еден од клучните предизвици е родовата пристрасност во алгоритмите – прашањето дали моделите се обучени подеднакво за мажи и жени, и дали правилно ги препознаваат и интерпретираат симптомите и емоциите на двата рода. Исто така, психичките симптоми се изразуваат различно кај половите, но алгоритмите ретко прават јасна разлика или се прилагодуваат на тие разлики. Ова резултира со неточности во дијагнозата и непотполно разбирање на менталните состојби кај различни родови.
Примери на пристрасност
Многу машки корисници манифестираат депресија преку раздразливост, агресија или повлекување, наместо преку тага или плач. ВИ алгоритмите, кои често се обучени да препознаваат „традиционални“ симптоми на депресија, овие појави не ги препознаваат како индикативни за ментално нарушување. Жените често пријавуваат симптоми како хроничен замор, нарушен сон, телесни болки или анксиозност поврзана со семејни и социјални обврски – но ако алгоритмите не се обучени на вакви податоци, овие сигнали може да се игнорираат или да се припишат на „нормални“ животни стресови. Ова доведува до недоволна проценка на сериозноста на нивната состојба.
Прикладни решенија
Потребно е собирање и вклучување на податоци кои еднакво ги опфаќаат и мажите и жените, но и лица со небинарен родов идентитет. Податоците треба да ги рефлектираат различните начини на изразување на ментални состојби, како и културните и општествените фактори кои влијаат на психичкото здравје.
Моделите на ВИ треба да бидат способни да се прилагодат на специфичните карактеристики на индивидуалниот корисник. Тоа вклучува креирање на алгоритми кои земаат предвид родови варијации, хормонални циклуси, општествени улоги и психолошки навики. Овие модели треба да се дизајнираат со вграден механизам за „учење“ од различни податоци, со што се зголемува нивната прецизност и правичност.
6. ПРЕДНОСТИ И ПРЕДИЗВИЦИ НА ВИ ВО ПРОЦЕНКА И ПОМОШ Како предности може да се набројат:
Брза и достапна проценка
Една од главните предности на ВИ е можноста за брза анализа на симптомите и однесувањето на корисниците. За разлика од традиционалните методи кои често бараат закажување термин, чекање и лична проценка, ВИ алатките можат за неколку секунди да обработат големи количини податоци и да дадат почетна проценка за можни ментални нарушувања. Тоа е особено важно за рано препознавање на симптоми и насочување кон стручна помош.
Поддршка за пациенти без пристап до терапевт
Во рурални или сиромашни средини, или во случаи кога терапевтите се недостапни (поради висока цена, срам, културни бариери), ВИ алатките можат да понудат алтернативна форма на поддршка. Апликации и дигитални асистенти обезбедуваат информации, вежби, дневници за емоции и водени медитации, кои можат значително да им помогнат на луѓето што инаку не би побарале помош.
Достапнотст 24/7
За разлика од терапевтите кои работат во ограничено време, ВИ апликациите се достапни во секое време од денот или ноќта. Оваа постојана достапност е клучна во моменти на криза или кога корисникот има итна потреба да се изрази, добие охрабрување или следи техники за смирување. Особено е вредна за лица со нерегуларни работни смени, тинејџери, или оние што чувствуваат анксиозност доцна навечер.
Решавањето на овој проблем со ВИ носи и голем број на предизвици: Недостаток на човечка емпатија
Иако ВИ може да симулира емпатична комуникација, таа не поседува вистинско разбирање, сочувство или интуиција што е суштинска во терапевтскиот процес.
Психотерапијата не е само техничка анализа на симптоми – таа подразбира длабок меѓучовечки однос, доверба и автентична поврзаност, нешто што машината не може целосно да го реплицира. Ова го ограничува емоционалниот ефект на дигиталната интервенција.
Ризик од погрешна дијагноза
Алгоритмите може да дадат лажна позитивна или лажна негативна проценка, особено ако корисникот не внесува точни или доволни податоци. Симптомите на многу ментални нарушувања се слични и варијабилни, а алгоритмите не секогаш можат да направат прецизна разлика без контекст. Погрешна проценка може да доведе до паника, неадекватна самотерапија или одложување на вистински третман.
Проблеми со приватноста и доверливоста
Менталното здравје е исклучително чувствителна тема. Податоците што ги внесуваат корисниците во ВИ апликации – нивни мисли, чувства, навики – мора да бидат заштитени со највисоки стандарди на безбедност. Меѓутоа, постојат случаи каде што апликации не ги исполнуваат тие стандарди или споделуваат податоци со трети страни. Недостатокот на транспарентност околу начинот на складирање и користење на личните податоци го нарушува чувството на доверба и може да има сериозни последици врз менталната благосостојба на корисниците.
7. ЗАКЛУЧОК
Вештачката интелигенција претставува моќна алатка со потенцијал значително да го унапреди полето на менталното здравје. Нејзината примена во детекција, мониторинг и поддршка при анксиозност и депресија отвора нови можности за рана интервенција, особено кај лица кои немаат лесен пристап до стручна помош. Со својата достапност, брзина и способност за обработка на големи количини податоци, ВИ може да ја прошири грижата за менталното здравје надвор од традиционалните клинички рамки.
Сепак, и покрај овие предности, неопходно е внимателно да се разгледаат етичките, приватносните и родово чувствителните аспекти на ваквата технологија. Недостатокот на
човечка емпатија, ризикот од неточна дијагноза и потенцијалната родова пристрасност во алгоритмите бараат внимателно дизајнирање, тестирање и континуирана ревизија на ВИ системите. Потребни се податоци кои еднакво ги опфаќаат различните родови и културни контексти, за да се обезбеди правичност и ефикасност.
8. ЛИТЕРАТУРА
• Светска здравствена организација (2022). Менталното здравје и родот. https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/mental-health-strengthening-our response
• Американска психолошка асоцијација (2023). Вештачка интелигенција и ментално здравје: Придобивки и ризици.
• Институт Брукингс (2022). Како ВИ може да помогне во менталното здравје – но не и да ги замени луѓето.
https://www.brookings.edu/articles/how-ai-can-help-with-mental-health-but not-replace-humans
• УНЕСКО (2021). Родова еднаквост и вештачка интелигенција: Предизвици и препораки.
• https://zmc.mk/shto-e-mentalno-zdrav-e/