Авторка Ива Стефановска
1
I. Апстракт
Оваа семинарска работа ја открива нераскажаната историја на шесте ENIAC програмерки, нивните детски години, борбите со сексизмот и систематското прекривање на нивниот придонес кон машината. Семинарската работа исто така ја раскажува работата на Кети Клајман која ги открила и вратила нивните приказни на светлината.
Клучни зборови – ENIAC, жени во СТЕМ, полова еднаквост, историја на технологијата
II. Вовед
Во текот на 1940-тите години, општествените норми биле длабоко интегрирани со родови предрасуди, одредувајќи како треба да изгледа жената во нејзиниот приватен и професионален живот. За време на втората светска војна, жените започнале масовно да се вклучуваат во работната сила, нешто што дотогаш било незамисливо. Десетици илјади жени, доброволно се пријавиле за воена служба, а над сто илјади жени превземале работни позиции кои претходно биле недостапни за нив. Не е познат точниот број на жени кои ги напуштиле подрачјата засегнати од војната, но тоа што го знаеме е дека илјадници од нив се посветиле на зачувување на ресурси, собирање средства и преземање на работни предизвици, кои претходно биле извршувани од страна на мажите. Иако дозволата за работа претставувала голем чекор за правата на жените, властите настојувале дека промената ќе трае само за време на војната. Сепак, нивното настојување не ги спречило жените да докажат дека успешно можат да ги извршуваат задачите [1]. Меѓу нив се шест извонредно интелегентни жени кои денес играат клучна улога во технолошкиот напредок. Нивната работа на првиот дигитален компјутер ENIAC го промени начинот на кој машините обработуваат податоци, поставувајќи темели за модерното програмирање. И покрај тоа што нивниот придонес бил од суштинско значење, имињата на овие пионерки речиси исчезнале од историските записи кои биле покриени од имињата на нивни машки колеги.
2
III. Историјата на ENIAC
ENIAC (Electronic Numerical Integrator and Computer) се смета за првиот општонаменски дигитален компјутер кој бил конструиран во 1945 година, но бил објавен пред јавноста во 1946 во University of Pennsylvania Moore School of Electrical Engineering.
ENIAC зафаќал цела просторија (15x9m) во подрумот на Moore School каде неговите четириесет панели, секоја со големина од 0.6×0.6×2.4m, биле распределени по ѕидовите на собата во форма на буквата „U“ [2]. Можеме со сигурност да кажеме дека овој компјутер се смета за најсложениот елктронски систем во тоа време. Во 1940-тите, бидејќи сè уште не постоеле програмски јазици, работниците го создавале ENIAC рачно, со кабли и прекинувачи. Нивната задача била да обработуваат математички формули преку секвенци и резултатите да ги запишуваат на перфорирани картички (punch cards) [3].
Идејата за ENIAC произлегла како резултат од Првата светска војна поради потребата на американската војска за прецизни артилериски пресметки (trajectories for artillery firing tables). За време на војната сите пресметки се вршеле рачно, при што за секоја од нив биле потребни 40 часа индивидуална работа. Лицата кои ги извршувале овие задачи биле наречени „човечки компјутери“ кои во голем број биле жени. За време на Втората светска војна побарувачката за овие пресметки станала поголема, па затоа началникот за вооружување на САД (United States Chief of Ordnance) ја основал лабораторијата за балистички истражувања. Целта на лабораторијата била создавањето на уред што ќе и помогне на работната сила да се справи со илјадниците неопходни пресметки [4].
Кој е задолжен за создавањето на ENIAC? Во историските книги како главни умови зад овој неверојатен компјутер се спомнуаат Џ. Преспер Екерт, Џон В. Мокли и Херман Х. Голдстајн, а како заслужни соработници се наведуваат и Џон Грист Брејнард и Артур Беркс. Но, овие имиња не ја раскажуваат целата приказна. Често изоставени или сосема заборавени се шесте жени-програмери кои активно учествувале во развојот на оваа револуционерна машина, односно Кетлин МекНалти, Френсис Билас, Рут Лихтерман, Марлин Вескоф, Бети Џин Џенингс и
3
Бети Холбертон. Ова се имињата што историјата цел век ги премолчувала, но денес конечно добиваат признание кое со генерации го заслужуваат. IV. Кои се жените на ENIAC?
A. Кетлин МекНалти (Kathleen McNulty) and Френсис Билас (Frances Bilas) [5], [6], [7]
Кетлин, позната како Кеј МекНалти (1921-2006), била родена во Ирска како ќерка на Џејмс и Ана Џенингс МекНалти. Иако нејзиното детство започнало во Ирска, во 1924 година нејзиното семејство се преселило во САД населувајќи се во Пенсилванија. Таму, таа го завршила средното образование каде што се истакнала со извонреден талент за математика. Како признание за нејзината посветеност и успех, добила понуда за стипендија од страна на Chestnut Hill College for Women за да студира напредна математика, вклучувајќи калкулус, геометрија и статистика.
Френинсис Билас (1922-2012) била родена во јужна Филаделфија во семејство каде што образованието било ставено на прво место. Нејзините родители биле луѓе кои целиот свој живот го посветиле на пренесување на своето знаење. Татко ѝ бил професор по инженерство, а мајка ѝ учителка во локалното училиште. Таа и нејзините четири сестри биле воспитувани со силен фокус на академски успех и интелектуален развој. По завршувањето на средното образование, Френсис добила стипенција за студирање на истиот факултет како и Кетлин.
За време на студиите, Кетлин и Френсис станале многу блиски пријателки работејќи заедно на решавање тешки задачи. Дипломирале заедно во јуни 1942 година, како едни од ретките жени со овој успех. По дипломирањето, се пријавиле да бидат дел од 80-те жени вработени како „човечки-компјутери“ за американската војска. Кетлин била повикана да биде дел од програмерите на ENIAC, но не и Френсис. Соочувајќи се со преголем товар од самостојната работа, Кетлин инсистирала да се вклучи нејзината колешка. Нивната задача била да дебагираат и разрешуваат грешки во програма за која немале никакви инфромации, бидејќи немале доволно високо безбедносно овластување. За успешно извршување на работата, тие биле во постојана соработка со други математичари на проектот
4
како Џон Мокли и Преспер Екерт. Денес знаеме дека тие работеле на дебагирање на код кој ја одредувал изводливоста на атомските бомби за програмата Лос Алмос.
За време на нивната кариера работејќи на ENIAC, МекНалти и Билас го развиле концептот за подрутини кој редовно се користи сè до денес! Начинот на кој го имплементирале овој концепт во машината бил преку дизјанирање на систем каде што специфични отсечоци од код можат да бидат искористени на повеќе места во програмата. Односно, за да не мора да се препишува истиот код при извршување на секоја задача.
По завршување на програмата во Лос Алмос, Кетлин продолжила да работи на ENIAC наредните две години, тестирајќи и склопувајќи ја машината по нејзиното преселување во Aberdeen Proving Ground. За жал, придонесот на Кетлин на ENIAC, како и нејзината работа на сите проекти после тоа, бил замаглен од разни судски спорови и од хардверските инженери на проектите. Меѓутоа, од нејзината биографија е познато дека таа работела на ENIAC сè до нејзиниот брак со колегата Џон Мокли, кој што ѝ подарил книга со рецепти на нивниот меден месец како знак дека е време таа да стане домаќинка. Таа навстина се повлекла од била каква работа во програмирање, за да се посвети на децата на Џон.
А што се однесува до Френсис, таа исто така продолжила да работи на ENIAC сè до нејзиното пензионирање за да се грижи за своето семејство. B. Марлин Вескоф (Marlyn Wescoff) and Рут Лихтерман (Ruth Lichterman) [8], [9]
Мерлин Вескоф (1922-2008) била родена во Пенсилванија како ќерка на Фредерик и Ана Векоф. Во 1938 година дипломирала во средното училиште West Philadelphia, по што се запишала на Temple University. Од сите шест жени на ENIAC, таа е единствена која нема формално образование по математика, туку диплома по образование и педагогија. Нејзината кариера во математички песметувања започнала работејќи како метеоролог-аналитичар, по што преминала да работи како „човечки-компјутер“. Најимпресивниот факт е тоа што ги учела потребните формули од калкуклус за време на првиот месец од работата. Иако математиката ја научила доцна, нејзините пресметки биле толку точни што била
5
прочуена за тоа што никогаш не грешела. Заради нејзината репутација во програмата, американската војска не можела да го занемари нејзиниот талент и интелегенција, па затоа ја поканиле да стане дел од тимот на ENIAC.
Рут Лихтерман (1924-1986) била родена и израсната во Њујорк, како ќерка на Сара и Сајмон Лихтерман кои биле имигранти од Русија. Нејзиниот татко бил научник, а нејзината мајка била член на Меѓународниот синдикат на жени вработени во текстилната индустрија што ѝ овозможило поголеми можности на страна од улогата на мајка на Рут и нејзините двајца помали браќа. Родителите, како угледни членови на заедницата, ја поддржувале Рут на патот кон успехот запишувајќи ја на Hunter College каде што студирала математика. По дипломирањето, Рут одлучила да го напушти семејството и да се пресели во Пенсилванија со цел да се соочи со нови предизвици како работник за американската војска. Лихтерман секогаш сакала да се предизвикува себеси со своето знаење, па затоа се борела да биде избрана како една од жените-програмери на ENIAC со што станала и најмладата меѓу нив на 21 година.
Рут и Мерлин всушност се здружиле и работеле заедно, помагајќи си меѓусебно при извршување на пресметките. Нивната главна задача била рачно да ги изведуваат пресметките што всушност требало да ги извршува ENIAC. Ова била исклучително важна работа, бидејќи преку нивните рачни резултати можело да се провери дали машината дава точни одговори. Но, ова воопшто не била лесна задача. За да ги добијат потребните резултати и да ги споредат со оние на ENIAC, двете жени морале да научат сосема нов начин на пресметување траектории. Бидејќи тие биле тестери на машината и нивната работа била детално документирана, сите тие информации подоцна биле користени за тестирање на првите електронски компјутери.
По завршување на програмата, Рут ги поминала наредните две години од својот живот работејќи на ENIAC и обучувајќи ги новите програмери на машината. За жал, таа починала во 1968 година, пред да добие било какво признание за нејзините научни достигнувања и истражувања.
Што се однесува до Марлин, таа се пензионирала во 1947 година за да се омажи и да го одгледува своето семејство.
6
C. Бети Џин Џенингс (Betty Jean Jennings) and Бети Холбертон (Betty Holberton) [10], [11], [12], [13]
Бети Џин Џенингс (1924-2011) била родена на фарма во многу мал град во Мисури. Родена во големата фамилија на Вилијам Џенингс и Лула Спејнхауер како шесто дете од седум. Џин пораснала во фамилија полна со наставници и професори, но низ целото нејзино детство, нејзината баба и била најголем пример и учителка. Таа, заедно со сите свои браќа и сестри, посетувала основно училиште во најблискиот град до нивното село. Сите биле успешни во математиката, но Бети се издвојувала со нејзиниот талент за софтбол. Таа била неверојатно страсна за своето образование што било докажано кога таа учила двојно повеќе за да може да премине од четврто до седмо одделение. Средното образование го завршила во училиште во Станбери. Бидејќи транспортот не бил достапен секој ден, Џин и нејзините браќа и сестри морале да живеат сами во градот во текот на неделата. По завршување на средно училиште, Џенингс се запишала на Northwest Missouri State Teachers College. Таа ги започнала своите студии на смерот за новинарство, но брзо сфатила дека тоа не е нејзината вистинска страст. Па затоа, се префрлила на математичкиот смер на истиот колеџ. Веднаш по дипломирањето, Џин била подготвена за предизвик. Кога дознала дека војската на САД бара „човечки-компјутери“ во Пенсилванија, одлучила да аплицира. Со прифаќањето на работата, ѝ се отвори можност за прв пат да доживее голем град. Џин се стремела да се истакнува во сè. Па затоа, кога дознала за можноста да работи на проектот ENIAC, аплицирала без двоумење.
Бети Холбертон (1917-2001) била родена во Филаделфија каде што нејзините родители, Џон Снајдер и Францес Мороу биле наставници во локалното средно училиште. Иако поттекнувала од интелегентно семејство, Бети се соочувала со повеќе ситуации во кои нејзиниот интелект бил потценуван, дури и од страна на нејзините наставници. Во средно училиште, го сменила фокусот од математика кон новинарство, областа во која подоцна и дипломирала. Иако никогаш не дипломирала по математика, сепак била поканета да се приклучи на тимот од жени-програмери каде што била принудена да ги совлада сите пресметки од напреден калкулус.
7
Џин Џенингс и Бети Холбертон заедно работеле на проектот ENIAC, фокусирајќи се на програмирањето, артилериски пресметки и логичките кола. Нивните пресметки се користат и денес во peer-to-peer програмирање.
По успешната соработка на ENIAC, Џенингс и Холбертон ја продолжиле нивната соработка на проектот UNIVAC (Universal Automatic Computer). Џенингс го искористила своето знаење за логичките кола од ENIAC за да помогне во откривањето и корегирањето на грешки во колата на UNIVAC. Таа била прва да додаде седми број на постоечката секвенца од шест бинарни цифри. Џин утврдила дека број помал од седум во резултатите укажува на грешка во тестираната секвенца. Холбертон пак, за време на нејзината работа на UNIVAC, го развила алгоритмот merge sort. Нивните откритија се применуваат во основни концепти на програмирањето сè до денес. Седумцифрените секвенци се клучен елемент во инфраструктурата на дата-центрите и внатрешниот хардвер, чие функционирање е основа на модерниот Интернет. Од друга страна, merge sort алгоритамот претставува основна компонента во образованието на секој софтверски инженер и постојано се наоѓа во практичната примена.
По работата на UNIVAC, Холбертон помогнала во развојот на првите програмски јазици Cobol и Fortan. Нејзиниот придонес го трансформирал програмирањето од рачно поврзување на кабли и прекинувачи во процес каде што програмерите можат да пишуваат, зачувуваат, извршуваат и вчитуваат програми во било кое време. За да прикаже своите откритија пред светот, таа ја предавала заслугата на нејзините соработници-мажи.
Џин работела на UNIVAC сè додека додека машината не преминала во сопственост на друга компанија. Потоа се повлекла од работата за да се посвети на семејството, одлгедувајќи три деца. Нејзиниот брак со Џон Бартик, кој не можел да ја прифати нејзината независност, завршил во развод. Решена да продолжи напред, Џин се вратила во технолошката индустрија како технички уредник. На 61 година се пензионирала по долга кариера во која непрекинато се спротивтавувала на сексизмот, докажувајќи дека со мотивација и посветеност, жените можат да постигнат сè.
8
V. Запоставувањето на ENIAC женитe
Програмерките на ENIAC, иако клучни во развојот на еден од првите електронски компјутери, биле систематски потценувани децении наназад. Ова историско бришење директно произлегувало од доминантните општествени норми во 1940-тите кои жените ги ограничувале на улогите мајки и домаќинки. Медиумските приказни го засилиле овој стериотип, нарекувајќи ги „refrigerator ladies“, термин кој имплицирал дека нивната единствена функција е естетска, а не интелектуална [5].
Додека нивните машки колеги биле славени како пионери, жените останале надвор од официјалните извештаи и нивните придонеси биле игнорирани. Оваа маргинализација влијаела врз нивните можности за напредок во кариерата, нивната способност да добијат заслужено признание во академските и професионалните кругови, како и нивното место во историјата.
Со години нивниот придонес бил скриено богатство кое го знаеле само оние кои работеле со нив. Во поново време, благодарение на историчари и истражувачи, нивните достигнувања конечно биле признани како фундаментален дел од историјата на компјутерите.
VI. Придонесот на Кети Клајман за програмерките на ENIAC [14] Кети Клајман, адвокатка и застапничка за жените во технологијата, играла клучна улога во откривањето на заборавените придонеси на жените кои го програмирале ENIAC.
Додека студирала на универзитет, посетувала многу часови по компјутерски науки бидејќи била исклучително заинтересирана за програмирањето. Сепак, додека ги проучувала учебниците и историјата на компјутерите, забележала отсуство на женските улоги меѓу раните пионери во технологијата. Одлучна да го промени тоа, започнала своја потрага надевајќи се дека ќе пронајде жени кои оставиле трага во ова поле. За време на истражувањето, сретнала архивски фотографии од создавањето на ENIAC на кои биле прикажани мажите и жените од тимот. Додека мажите биле прецизно именувани во описите, со нивните придонеси детелано документирани, жените останале анонимни. Желбата за вистината ја мотивирала Кети да го преиспита потценувачкото мислење на
9
нејзиниот професор, кој жените од фотографиите ги сметал за едноставни модели. Нејзината интуиција, поткрепена со слики на самоуверени жени како активно работат на ENIAC, ја убедила дека тие мора да имаат клучна улога. Иако првиот обид кај Универзитет во Пенсилванија не открил документација, нејзината упорност била наградена со покана за 40-годишнината на ENIAC.
На прославата, додека мажите доминирале во просторијата, Кети забележала група жени кои страсно дискутирале за итни поправки направени пред формалното претставување на машината. Во тој момент сфатила дека пред неа стојат жените од фотографиите – Мерлин Вескоф, Бети Џин Бартик, Кетлин МекНалти и Бети Холбертон. Нивните сведоштва, исполнети со технички детали и носталгични приказни, конечно ја откриле вистината зад анонимните слики.
Десет години подоцна, на прагот од 50тата годишнина на ENIAC, Клајман повторно се обратила до Универзитетот во Пенсилванија, надевајќи се дека ќе дознае кои од оригиналните програмери ќе присуствуваат на настанот. Меѓутоа, одговорот кој добила бил обесхрабрувачки, организаторот не ги препознавал нивните имиња и достигнувања. Во тој момент, Кети сфатила дека вистинската приказна на ENIAC мора итно да биде документирана.
Решена да ги зачува нивните сведоштва, Клајман го започнала своето истражување со повторно посетување на четирите програмерки. Меѓутоа за време на интервјута, неочекувано забележала двоумење во одговарите на жените за нивните формули, стратегии и алатки. На почетокот, Кети се загрижила дека педесетгодишниот временски јаз ги избришал нивните сеќавања. Но набрзо сфатила дека проблемот не бил во нивната меморија, туку во терминологијата.
Во компјутерските науки, основните принципи останале исти, односно почнуваме со математичка формула која потоа се претвора во извршна програма. Она што се променило биле имиња на компонентите, алгоритмите и хардверските компоненти. За подобро да ја разбере нивната работа, Кети се обратила до Библиотеката на Конгресот, каде што истражувала проекти како ENIAC и UNIVAC, кои имале преклопувачки тимови и затоа слични методи. По месеци истражување, Кети се вратила кај програмерките, овој пат пристапувајќи кон интервјуата со користење на нивната терминологија. Со ова прилагодување, тие со ентузијазам
10
ги објасниле своите програмерски техники, но и детални приказни за нивното искуство. Kлајман документирала сè на филм, обезбедувајќи дека нивната историја никогаш повеќе нема да биде изгубена.
Решена да им обезбеди признание, Кети и нејзиниот тим ги номинирале шесте жени за престижни награди низ САД. Нивниот труд се исплатил бидејќи во 1997 година, сите шест програмерки на ENIAC биле примени во „“Hall of Fame” за жени во технологијата, конечно добивајќи го признанието за нивниот револуционерен придонес во компјутерските науки. Клејман сакала нивните приказни да бидат слушнати ширум светот, а не само во САД. За да го постигне ова, таа и нејзиниот тим создале документарен филм со нивните интервјуа, пренесувајќи ги нивните сведоштва. Документарецот “Top Secret Rosies: The Female “Computers” премиерно бил прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Сиетл, со цел да ги инспирира младите девојќи и жени ширум светот.
Гледајте го документарецот и слушнете ги нивните приказни!
Top Secret Rosies The Female Computers of WWII Documentary – YouTube VI. Заклучок
Приказните на програмерките на ENIAC, не се само историска исправка туку и моќен потсетник дека иновацијата нема пол. Нивната борба против сексизмот, бришењето од историјата и технолошките предизвици создаде наследство што инспирира генерации жени во СТЕМ. Денес, кога млади девојки учат програмирање, кога жените водат технолошки компании, и кога некој нов пронајдок носи женско име, токму тогаш нивната победа станува целосна. Ова не е крајот на приказната, туку почеток на нова ера каде што секоја девојка знае дека нејзиниот глас може да го промени светот.
11
VI. Користена литература
[1] McEuen, Melissa A. “Women, Gender, and World War II.” Oxford Research Encyclopedia of American History, 5 May 2016,
https://oxfordre.com/americanhistory/display/10.1093/acrefore/9780199329175.001.000 1/acrefore-9780199329175-e-55
[2] Swaine, Michael R, and Paul A Freiberger. “ENIAC | History, Computer, Stands For, Machine, & Facts.” Encyclopedia Britannica, 7 Oct. 2008,
www.britannica.com/technology/ENIAC.
[3] “The Forgotten Women of ENIAC: How Six Programmers Pioneered Software Development.” Quantum Zeitgeist, 14 Apr. 2025,
quantumzeitgeist.com/the-forgotten-women-of-eniac-how-six-programmers-pioneered-s oftware-development/.
[4] “ENIAC – Encyclopedia of Greater Philadelphia.” Encyclopedia of Greater Philadelphia, Mar. 2022, philadelphiaencyclopedia.org/essays/eniac/.
[5] “McNulty, Kathleen Rita (“Kay”) | Dictionary of Irish Biography.” Www.dib.ie, 2017, www.dib.ie/biography/mcnulty-kathleen-rita-kay-a9949#:~:text=McNulty,%20Kathleen% 20Rita%20(“Kay”)%20(1921%E2%80%932006),%20pioneering%20computer%20progr ammer,,and%20his%20wife%20Anne%20or%20Annie%20(n%C3%A9e%20Nelis)..
[6] “Kay McNulty, ENIAC Superhero.” Code like a Woman, 22 Aug. 2016, codelikeawoman.wordpress.com/2016/08/22/kay-mcnulty-eniac-superhero/.
[7] “Frances Bilas, ENIAC Superhero.” Code like a Woman, 29 Aug. 2016, codelikeawoman.wordpress.com/2016/08/29/frances-bilas-eniac-superhero/.
[8] “Marlyn Wescoff and Ruth Lichterman, ENIAC Programmers.” Code like a Woman, 5 Sept. 2016,
codelikeawoman.wordpress.com/2016/09/05/marlyn-wescoff-and-ruth-lichterman-eniac programmers/.
12
[9] ETHW. “Marlyn Meltzer – Engineering and Technology History Wiki.” ETHW, 4 Feb. 2016, ethw.org/Marlyn_Meltzer.
[10] “Jean Bartik – Biography.” Maths History, 2025,
mathshistory.st-andrews.ac.uk/Biographies/Bartik/.
[11] “Betty Jennings, ENIAC Superhero.” Code like a Woman, 8 Aug. 2016, codelikeawoman.wordpress.com/2016/08/08/betty-jennings-eniac-superhero/.
[12] ETHW. “Betty Holberton – Engineering and Technology History Wiki.” ETHW, 19 Jan. 2016, ethw.org/Betty_Holberton.
[13] “Betty Snyder, ENIAC Superhero.” Code like a Woman, 15 Aug. 2016, codelikeawoman.wordpress.com/2016/08/15/betty-snyder-eniac-superhero/.
[14] Youtube.com, 2025, www.youtube.com/watch?v=Zevt2blQyVs.