Ана Стевановска
Апстракт
Современите достигнувања во биомедицината, технологијата и машинското учење овозможуваат сè подлабоко разбирање на факторите кои влијаат врз плодноста и успешноста на асистираните репродуктивни технологии, како што е ин витро оплодувањето (ИВФ). Иако неплодноста претставува медицинска состојба која подеднакво ги засега и мажите и жените, во многу општества постојат сериозни родови нееднаквости, предрасуди и стереотипи кои ја препишуваат „вината“ исклучиво на жената. Ова дополнително влијае врз психолошката состојба, социјалната поддршка, пристапот до медицински услуги и начинот на кој паровите ја доживуваат својата репродуктивна реалност. За повеќето луѓе на планетата Земја најважната вредност во нивните животи е семејството. На почеток тоа претставува нивното примарно семејство кое го создало, а потоа тоа се поистоветува со семејството кое тие сами ќе си го формираат. Желбата за проширување на семејството за еден пар од маж и жена не секогаш се исполнува само со обиди по природен пат, туку за многу од нив тоа може да подразбира и стручна медицинска помош преку процесот на ин витро фертилизација (ИВФ). Иако се чини дека науката и медицината се семоќни многу често се случува за одредени парови ниту таа да не може да помогне во нивната желба за остварување во улогата на родители. Во оваа семинарска работа се анализира улогата на родовата еднаквост во процесот на разбирање и третирање на неплодноста, при што се користат модели на машинско учење за предвидување на успешноста или неуспешноста на ИВФ. Преку преглед на биолошки, медицински, психолошки и општествени фактори, се истражува како одредени стереотипи и претпоставки влијаат врз процесот на донесување одлуки и врз исходот на третманот. Семинарската работа предлага интегративен пристап што ги обединува технологијата, медицината и општествените науки за да се обезбеди холистичка поддршка на паровите кои поминуваат низ процесот на ИВФ.
Што е родова еднаквост?
Родовата еднаквост претставува состојба во која жените и мажите имаат еднакви права, можности, пристап до ресурси и еднаков третман во сите општествени сфери, без разлика на биолошките, културните или општествените разлики меѓу нив. Таа не подразбира дека мажите и жените треба да бидат исти, туку дека различностите кои постојат не смеат да доведат до нееднаквост во можностите, правата или квалитетот на живот. Родовата еднаквост претставува фундаментално човеково право и е основа за праведно и стабилно општество [1]. Во контекст на репродуктивното здравје, родовата еднаквост игра посебно значајна улога. Традиционално, жената често била сметана како „примарно одговорна“ за зачнувањето, за носењето на бременоста и за грижата за детето. Овие вкоренети општествени норми создавале притисоци кои останале присутни и денес, и покрај значителниот напредок во медицината и правата на жените. Родовата еднаквост во овој контекст бара подеднаква одговорност, разбирање, поддршка и информираност кај двата партнери, бидејќи неплодноста е состојба која подеднакво може да се јави и кај мажите и кај жените. Дополнително, родовата еднаквост вклучува и рамноправен пристап до здравствени услуги, медицински третман, психолошка поддршка и информации. Ова е од огромно значење кога станува збор за ин витро оплодувањето, бидејќи процедурата често е емотивно и физички комплексна, долга и финансиски предизвикувачка. Општествата со поголема родова еднаквост покажуваат повисоки нивоа на користење на репродуктивни услуги, поголема информираност, а резултатите и прифатливоста на процедурите се подобри. Во поширока смисла, родовата еднаквост е двигател на иновациите, економскиот развој и општествената кохезија. Еднаквата застапеност и третман во образованието, науката, здравството и технологијата создава услови за повеќе истражувања, подобри политики и поквалитетни медицински услуги – што директно влијае врз областите како репродуктивната медицина и асистираните репродуктивни технологии.
Што претставува ин витро оплодување?
Ин витро оплодувањето ИВФ (In vitro fertilization – IVF) е вид на асистирана репродуктивна технологија која им помага на многу парови да ја надминат неплодноста и да имаат деца. Самиот термин ин витро во буквална смисла на зборот значи во стакло, т.е оплодување и создавање на ембрион во стаклен сад. Оваа медицинска процедура вклучува комбинирање на јајце клетка и сперма надвор од телото, а потоа се прави пренесување на добиениот ембрион назад во матката [2]. Ин витро процедурата поминува низ неколку фази: Подготовка за ИВФ, Оваријална супресија, Фоликуларна стимулација, Аспирација на јајце клетки, Оплодување на јајце клетките и Ембриотрансфер. Прво, кај жената се стимулира овулацијата преку хормонални медикаменти за да се произведат повеќе зрели јајце клетки. Потоа, истите се извлекуваат преку минимално инвазивна интервенција и се оплодуваат со сперматозоиди во лабораторија. Од оплодените клетки се развиваат ембриони, по што се избираат најквалитетните и најздравите кои ќе се имплантираат во матката [3]. Успешноста на ИВФ варира во зависност од голем број фактори: возраста на жената, квалитетот на сперматозоидите, хормоналните вредности, здравствената состојба, претходните бремености, навиките (пушење, алкохол, стрес), како и специфични генетски показатели. Ин витро оплодувањето е не само медицински, туку и психолошки и финансиски комплексен процес. Често бара повеќе циклуси, што може да создаде дополнителен притисок врз паровите. Токму затоа, улогата на поддршката – од партнерот, семејството, здравствените работници и општеството – има суштинско значење. ИВФ претставува една од најреволуционерните медицински технологии во областа на репродукцијата, со милиони родени деца ширум светот. Денес, со поддршка на современи техники како генетското тестирање, анализа на хормонските маркери и машинското учење, процедурите стануваат сè поуспешни, поефикасни и персонализирани.
Што е машинско учење?
Машинското учење (Machine Learning – ML) претставува област од вештачката интелигенција која овозможува компјутерските системи да учат од податоци и да подобруваат свои модели без експлицитно програмирање. Наместо да им се кажува што точно да направат, на алгоритмите им се даваат големи количини на податоци врз основа на кои тие „учат“ да препознаваат обрасци, да донесуваат одлуки и да прават предвидувања. Во основа, ML моделите можат да се поделат во две главни категории: Надгледувано учење – моделот учи од примерок со познати одговори (labels), како кога предвидуваме успешност на ИВФ врз основа на претходни случаи. Ненадгледувано учење – се користи за групирање податоци или откривање скриени структури (на пр. кластеризација на пациенти со различни типови неплодност)[4]. ML е широко применувано во медицината, биоинформатиката и репродуктивната медицина бидејќи може да анализира илјадници параметри: хормонални маркери, генетски секвенци, возраст, животни навики, ултразвучни мерења, лабораториски резултати и успешност на претходни третмани. Во контекст на ИВФ, ML моделите се користат за: предвидување успех/неуспех на третманот, избор на најквалитетен ембрион, предвидување на хормонален одговор, класификација на ризик-фактори, анализа на машка и женска неплодност.
Фактори кои допринесуваат до состојба на неплодност
Неплодноста претставува комплексна медицинска состојба која може да се јави кај двата партнери, зависно од различни биолошки, генетски, хормонални и животно-средински фактори. Светската здравствена организација ја дефинира неплодноста како неможност да се постигне бременост по една година редовни незаштитени односи. Иако постојат многу предрасуди дека неплодноста најчесто е „женски проблем“, статистиката покажува дека причините се распределени приближно рамномерно: околу 35% кај жената, 35% кај мажот, 20% заеднички фактори и 10% непознати причини. Кај жените, најчести фактори се хормоналните дисбаланси (како нерегулирани циклуси или синдром на полицистични јајници), проблеми со овулацијата, блокирани фалопиеви туби, ендометриоза, намален резервоар на јајце клетки и возраста. Возраста е еден од најсилните предиктори — по 35-та година, квалитетот на јајце клетките опаѓа драматично, што директно влијае на успешноста на природното зачнување и на ин витро процедурите. Кај мажите, причините поврзани со неплодност најчесто вклучуваат намален број, подвижност или морфологија на сперматозоидите. Фактори како варикоцела, инфекции, хормонални нарушувања, пушење, употреба на алкохол, висока температура на тестисите и изложеност на токсини можат значително да го нарушат квалитетот на спермата [5]. Во последните години, се забележува глобален пад на сперматозоидниот квалитет, што ја зголемува потребата за истражувања и предиктивни модели. Животно-срединските фактори исто така играат улога: стресот, исхраната, недостатокот на физичка активност, хроничните заболувања како дијабетес или проблеми со тироидната жлезда, како и изложеноста на ендокрини нарушувачи кои се поприсутни во облеката, козметиката и храната. Понекогаш неплодноста е резултат на комбинација од фактори кај двата партнери, па затоа анализата на податоци е исклучително важна. Токму тука машинското учење има огромен потенцијал: со анализа на повеќедимензионални податоци може да препознае обрасци кои не се очигледни за лекарите. ML моделите често покажуваат дека факторите кои најмногу придонесуваат до неплодност не се само биолошки, туку се поврзани со животни навики, стрес и социјални услови, што ги прави овие модели особено вредни во клиничката пракса.
Стереотипни размислувања поврзани за неуспехот при природно зачнување
Општествените стереотипи и предрасуди поврзани со неплодноста се присутни низ историјата и ја обликуваат перцепцијата за тоа кој „е одговорен“ за неуспехот во зачнувањето. Во многу култури, жената традиционално се сметала за единствен „виновник“ кога парот не можел да има деца. Овој стереотип е длабоко вкоренет, иако медицината одамна докажала дека причините подеднакво може да произлегуваат и од мажот. Во Македонија и поширокото балканско општество, ваквите стереотипи сè уште се релативно присутни. Жените кои се соочуваат со неплодност често доживуваат стигма, коментари, притисок од околината, страв од осуда и чувство на неуспех. Мажите, пак, почесто се соочуваат со замолчување на проблемот поради културната претстава дека „мажот секогаш е плоден“, што создава дополнителен психолошки товар. Стереотипите најчесто вклучуваат верувања како:„Жената е секогаш виновна ако нема бременост.“, „Мажите не може да имаат проблем со плодност.“, „Жената мора да забремени за да биде добра сопруга.“, „Неплодноста е ретка, не треба да се оди на лекар.“, „Стресот е единствениот проблем – значи жената премногу размислува.“ Овие предрасуди ја нарушуваат родовата еднаквост, ја зголемуваат стигмата и го попречуваат навременото барање медицинска помош. Современите општества се соочуваат со предизвикот да ги заменат овие ограничувачки размислувања со научно базирани сознанија. Науката денес докажува дека неплодноста е медицинска состојба — не морална, не социјална, ниту родова. Интересно е тоа што анализата преку машинско учење дополнително ги побива овие предрасуди. Кога ML алгоритми ги анализираат податоците, тие не прават родови претпоставки – туку ги идентификуваат најрелевантните фактори. Во повеќето модели кои предвидуваат успешност на ИВФ, важни параметри се: возраста на жената, морфологијата на сперматозоидите, индексот на телесна маса и животните навики на двата партнери. Ова укажува дека биолошката одговорност е поделена, што помага да се оттргнат долгогодишните стереотипни размислувања.
Приказ на модел од машинското учење во процес на предвидување на успешноста/неуспешноста на ин витро процедурата
По предметот Вовед во биоинформатиката изработив проектна задача на темата: Предвидување за успешноста/неуспешноста на ин витро процесот кај луѓето како резултат на податоци поврзани со репродуктивните клетки, рецептори на хормони FSHR, LHR и ензим ACROSIN и надворешните фактори кои влијаат врз процесот на ин витро оплодување, каде во изградбата на техничкиот дел главниот двигател ми беа надворешните и внатрешните фактори кои допринесуваат до состојба на инфертилитет и две хипотези и неколку помошни хипотези кои токму ги третираат општествените стереотипни размислувања поврзани со плодноста кај партнерите. Во анализа на надворешните и внатрешните фактори ги вклучив: Предолгото седење, Консумирање на преголемо количество на алкохол, Пушење на цигари, Чести настинки, Последици од некои детски болести и настинки, Операциони интервенции, Нездрав начин на живот. Внатрешни фактори кај жената: Преголемо ниво на масти во телото и високо ниво на BMI(Body mass index), Старосната/Возрасната граница, Прекинување на претходни бремености преку абортус/спонтан абортус, кои потоа допринесуваат до пореметување на плодните денови, менструалниот циклус, т.е нарушување на овулацијата, аномалии на матката, ендометриоза, оштетени или непроодни јајцеводи или пак и појава на предвремена менопауза. Внатрешни фактори кај мажот: Неподвижни сперматозоиди, Непрогресивна подвижност на сперматозоидите, Помала Концентрација на сперматозоиди и нивната вкупна прогресивна подвижност кои потоа исто така доведуваат до појава и на: Неправилно производство или функција на спермата, Проширени вени на тестисите, Проблем во транспорт на спермата. Низ следните слики, (слика1, слика2, слика3) ќе може јасно да се види во колкава мера учествуваат секој од овие фактори при анализата на неплодноста кај паровите користејќи го ML моделот RandomForest. Самиот проект го започнав со поставување на две хипотези: 1. Машкиот полов ензим ACROSIN не влијае на успешноста на ин витро процесот. Поставувањето на оваа хипотеза е поттикнато од општествените предрасуди и чаршиски муабети кои секогаш потенцираат дека најчестата причина поради која некој пар не може да има потомство се хормоните и циклусот кај жената. За жал или за среќа преку овој пример на пар каде жената има одлични параметри по сите атрибути, а мажот исто така има одлични параметри по биолошкиот материјал, но исто така има и нарушувања во секвенцијата на половиот ензим ACROSIN го доведува во состојба да за овој обид со ин витро оплодување предвидената успешност да биде со 0.00% за зачнување, т.е неуспешно. 2. Редовниот менструален циклус кај жените е доволен параметар за остварување на успешно ин витро оплодување. Пристигнувањето на првата менструација кај младите девојчиња создава сигурност кај нивните мајки, тетки, роднини и целото општество дека еден ден кога ќе дојде време за тоа, без проблем и без поголемо влијание на останатите атрибути нејзината бременост ќе биде загарантирана. Повторно за жал, но и оваа хипотеза ја побив со тестирање на успешноста/неуспешноста на ин витро оплодување со спојување на целосен здрав машки материјал и женски материјал каде менструалниот циклус е во нормални и редовни граници, но со поголеми отстапувања во BMI вредностите, поголема возрасна граница, неколку абортуси и мутации во секвенциите на FSHR и LHR, со што овој процес резултираше со потенцијална предвидена успешност при овој обид на ин витро оплодување од 0.00% шанси за негово остварување, т.е неостварување. Како надоврзување на овие две хипотези поставив уште две помошни хипотези во кои разгледуваните биолошки параметри во едниот случај беа целосно нарушени и кај двата партнери, но сепак предвидувањето од ML моделот даде 100% шанси за успешно ин витро оплодување, додека во другиот случај на целосна здрава клиничка слика кај двата партнери кои ни по природен пат не успеале да зачнат, за жал истиот случај се потврди и преку предвидувањето на ML моделот. Со ова само се покажува дека зачнувањето и по природен пат и со некоја асистирана процедура не треба да се води од стереотипните претпоставки, затоа што на самиот процес треба да се гледа како на тимски резултат, а не на индивидуален пораз само врз осова на родовата нееднаквост, предрасуди и општествено прифатливи стигми [6].


Слика 1. Надворешни фактори Слика 2. Внатрешни фактори кај жената

Слика 3. Внатрешни фактори кај мажот
Општествени и религиски погледи на ин витро процедурата
Ин витро оплодувањето не е само медицинска процедура, туку и тема која долго време била предмет на општествени дискусии, етички дилеми и религиски ставови. Во многу општества, особено традиционалните, ИВФ се поврзува со одредена доза на отпор, недоверба или погрешни претстави. Некои општества ја доживуваат ИВФ како „вештачко“ или „неприродно“ зачнување, иако медицината јасно покажува дека процедурата е само продолжение на природните биолошки процеси, со помош на технологија. Со тек на време, општествата кои се повеќе информирани и во кои родовата еднаквост е поизразена, развиваат попозитивни ставови и поголема поддршка за репродуктивната медицина. Религиските ставови варираат меѓу различните традиции. Во христијанството, во зависност од деноминацијата, постојат различни гледишта. Во православието, општо прифатено е ИВФ само кога се искористуваат сопствените гамети (јајце клетка и сперма на брачниот пар), додека одредени практики како замрзнување на ембриони или донорски материјали се предмет на етички дебати. Католичката црква има построги ставови, особено во однос на манипулацијата со ембриони. Исламската традиција во голем дел дозволува ИВФ, доколку се користи материјалот на брачните партнери [7]. Социјалната поддршка, пак, игра клучна улога. Земјите со прогресивни политики овозможуваат финансиска помош, бесплатни циклуси, јавни кампањи за информирање и намалување на стигмата. Ова директно влијае врз тоа колку парови навремено ќе пристапат кон третман. Во Македонија, општественото мислење е сè повеќе позитивно, што се гледа и преку годишната Владината програма за финансирање на ИВФ. Сепак, одредени предрасуди и недоверба сè уште постојат, особено во традиционално ориентирани заедници. Овој дел ја поврзува медицината со културологијата и укажува дека успешноста на ИВФ не зависи само од биологија и технологија, туку и од тоа во какво општествено и духовно опкружување се наоѓаат паровите.
Поддршка помеѓу партнерите
Поддршката меѓу партнерите е еден од најважните, но често занемарени фактори кои влијаат на успешноста на ИВФ процедурата. Процесот е психолошки и физички стресен: вклучува хормонални терапии, инјекции, чекање на резултати, финансиски трошоци, неизвесност и емоционални подеми и падови. Парови кои покажуваат високи нивоа на меѓусебна поддршка имаат поголема веројатност да останат стабилни во текот на процесот и да донесуваат рационални одлуки. Истражувањата покажуваат дека партнерската поддршка ги намалува анксиозноста, депресијата и стресот, кои пак имаат индиректно влијание врз хормоналната рамнотежа и физиолошките реакции важни за зачнување. Поддршката може да се манифестира на различни начини: активно учество на партнерот во медицинските прегледи, емпатичен пристап и разбирање на физичките и емоционалните тешкотии, донесување заеднички одлуки, отворена комуникација и искрено споделување на стравовите, распределување на трошоците и логистичките обврски, заштита од негативни коментари и социјален притисок. Особено важно е мажите да бидат активно вклучени во процесот, затоа што традиционално, тежината се става на жената. Партнерската поддршка е еден од најсилните фактори кои ги рушат родовите стереотипи — таа создава чувство на заедничко патување, а не „женски проблем“. Машинското учење влијае и во овој дел преку анализа на големи медицински и психолошки податоци преку кои може да се прикаже како стресот, анксиозноста и емоционалната состојба корелираат со успешноста на процедурите. Ваквите сознанија се корисни не само за медицината, туку и за советувалиштата и психолошките служби кои работат со парови.
Влијанието на машинското учење во подобрувањето на успешноста на ин витро процесите
Машинското учење претставува огромен чекор напред во современата репродуктивна медицина. Благодарение на неговата способност да анализира големи количини клинички, биолошки и социјални податоци, ML моделите овозможуваат значително поквалитетно донесување одлуки. Со помош на ML, лекарите денес можат: попрецизно да предвидат кој пациент има најголеми шанси за успешен ИВФ, да изберат најквалитетни ембриони, да избегнат непотребни третмани, да персонализираат хормонални терапии, да ги идентификуваат ризик-факторите за неуспех уште во почетната фаза. Технологијата овозможува подобра класификација на пациентите, минимизирање на грешките во проценката и зголемување на успешноста на процедурите. Но исто така, ML моделите ги откриваат и поврзаностите кои не се лесно забележливи со традиционални медицински методи — како влијанието на стресот, психолошката поддршка, животните навики и социјалните услови. Со тоа, машинското учење не само што ја подобрува медицинската ефикасност, туку и ја унапредува родовата еднаквост: ги руши предрасудите, покажува дека причините за неплодност се комплексни и споделени, и им овозможува на паровите подобро да го разберат својот процес.
Пронаоѓање на индивидуалната смисла на животот
Ин витро оплодувањето е повеќе од медицинска процедура — тоа е интимно, емотивно и животно искуство кое ги трансформира партнерите. За многу луѓе, желбата да станат родители е еден од најсилните животни мотиви. Процесот на ИВФ често ги става на тест емоциите, трпението, односите и внатрешната сила. Во вакви моменти, важно е секоја индивидуа да ја пронајде својата лична смисла и стабилност. За некого тоа е надежта за родителство; за другите, тоа може да биде силата што се гради низ процесот, поддршката од партнерот или можноста да се научи нешто ново за себе. Пронаоѓањето на индивидуалната смисла на животот во овој контекст значи: прифаќање дека вредноста на личноста не зависи од биолошката способност за зачнување, разбирање дека родителството има многу форми — биолошко, посвоено, духовно, воспитувачко, препознавање дека патот до родителство е различен за секого, развивање на внатрешна сила и емоционална зрелост, градење на сопствена животна приказна независно од општествените очекувања. Во овој дел, родовата еднаквост повторно игра клучна улога: и мажите и жените мора да имаат право и слобода да ги изразат своите емоции, да бараат психолошка поддршка, да се чувствуваат чуени и разбрани. Еднаквата поддршка им овозможува на паровите да гледаат на ИВФ како на заедничко патување, а не како товар и одговорност што паѓа само на еден партнер.
Користени материјали
[2] https://ivfmonbebe.mk/course/ivf/
[3] https://acibadem.mk/treatment/reproductive-medicine-infertility/
[5] https://www.novalac-prenatal.mk/planirae-na-bremenost/neplodnost-shto-koga-i-zoshto/
[6] Мој изработен практичен проект по предметот Вовед во биоинформатиката (СИТЕ ПРАВА СЕ ЗАДРЖАНИ)
*Дополнителна инспирација филмот JOY – the birth of IVF (Netflix) (препорака за гледање)
