Христина Здравеска
1) Вовед
Живееме во 21век, во информатичко општество и во ера на дигитализација и на технологија. Свесни сме за енормниот развој на технологијата и масовната дигитализација на секојдневниот живот. Технологијата и Интернетот донесоја бројни придобивки и значително ни го олеснија животот, но истовремено создадоја нови форми на насилство. Родово дигитално насилство претставува комплексен поим што значи употреба на дигитални платформи, социјални мрежи и други онлајн средства за вршење на насилство, контрола и малтретирање врз основа на родот на жртвата. Ова насилство може да вклучува сајбер малтретирање,закани, онлајн вознемирување, сексуално изнудување, ширење на интимни фотографии без согласност, онлајн следење (stalking), злоупотреба на лични податоци и говор на омраза насочен кон одредена родова група. Денес, родовото базирано насилство е всушност проблем од поголеми размери, кој го обиколува целиот свет и бројни држави се соочуваат со овој нов вид на насилство. Последиците од родовото дигитално насилство се сериозни и влијаат врз психолошката состојба на жртвите, нивната самодоверба и слободата на изразување . Загрижува фактот што дигиталното родово базирано насилство е во пораст, но младите не го препознаваат. Потребно е да се едуцира јавноста заради превенција и рано откривање на вакви случаи, заштита, како и да се создадат јасни законски регулативи за санкционирање на сторителите. Овој труд ќе го истражи родово дигитално насилство преку анализа на неговите форми, причини и последици. Исто така, ќе ги разгледа можностите за справување на овој проблем и ќе понуди препораки за поефикасна превенција и заштита.
2) Форми на родово дигитално насилство
Родово-базираното насилство е комплексно прашање што во последните децении се истражува и се анализира од повеќе аспекти. Сепак, Истанбулската конвенција (2011) ги споменува следните видови насилство: психолошко насилство ; следење ; физичко насилство; присилни бракови;сексуално насилство, вклучувајќи силување; осакатување на женски генитални органи ; присилен абортус и присилна стерилизација; сексуално вознемирување. Користејќи го ова како основа, може да разликуваме пет меѓусебно поврзани типови насилство:
• физичко насилство
• вербално насилство (вклучувајќи говор на омраза)
• психолошко насилство
• сексуално насилство
• социоекономско насилство
Во реалноста, можат да бидат присутни истовремено, некои или сите од горенаведени форми на родово-базирано насилство. Дополнително, сите споменати форми на насилство можат да се појават како во приватната сфера (во семејствата и интимните врски) така и во јавната сфера, извршени од (непознати) поединци, или од организации, институции, па и од страна на самите држави.
Слика 1.Прикажани различни форми на дигитално насилство
Дигитално овозможеното родово-базирано насилство може да биде поделено во две категории, зависно од тоа дали технологијата служи само како инструмент за извршување на едно од претходно споменатите 5 вида насилства или, пак, кога технологијата станува форма на насилство сама по себе, без активна улога на човекот. Дигиталното насилство ги опфаќа различните форми на насилство на интернет, односно насилство што се врши со посредство на технологијата. Се дефинира како „свесно нанесување и повторување штета со помош на компјутери, мобилни телефони или други електронски уреди“, најчесто преку употреба на текстуална или графичка содржина, со цел да се заплаши некое лице, негативно да се влијае врз неговата самодоверба или да му се наруши угледот. Кога станува збор за технолошки овозможеното родово-базирано насилство со човечки фактор можеме да ги споменеме следните форми:
2.1. Онлајн родово и сексуално вознемирување
– Ова опфаќа широк спектар на несакани однесувања насочени кон лица врз основа на нивниот род или сексуалност.
2.2. сајбер-прогонување
– Сајбер-прогонувањето претставува повторливо и упорно следење, мониторирање или вознемирување на некое лице преку интернет што предизвикува страв или сериозна загриженост. Ова може да вклучува постојано следење на онлајн активностите на жртвата, испраќање многубројни несакани пораки преку различни платформи, користење на технологија за следење на локацијата на жртвата, создавање лажни профили за да се следи жртвата, и собирање лични информации за да се создаде чувство на закана.
2.3. злоупотреба на фотографии, што вклучува споделување интимни фотографии, монтирани фотографии или праќање фотографии до жртвата со гениталии од трето лице
– Злоупотребата на фотографии вклучува манипулација, неовластено споделување или неморална употреба на слики на лица без нивна согласност.
2.4. сексуално изнудување (уцена од страна на насилникот со закана дека ќе објави фотографии, видеа или информации поврзани со сексуалната активност на жртвата)
– Сексуалното изнудување често започнува со измама, каде што жртвата е наведена да сподели интимни содржини, или преку хакирање на уреди за да се добијат такви материјали. Ова создава циклус на контрола и злоупотреба што е тешко да се прекине, бидејќи жртвите се плашат од јавно откривање.
2.5. доксинг (јавно објавување на приватно достапни лични информации) – Доксингот вклучува јавно објавување на приватни информации за некоја личност без нивна согласност, често со злонамерна намера. Ова може да вклучува домашна адреса, телефонски број, е-пошта, информации за вработување, податоци за членови на семејството и финансиски детали. Доксингот се користи за да се засрами, заплаши или да се охрабри некое лице.
2.6. хакирање со цел да се изврши овој вид насилство
– Хакирањето со цел вршење насилство вклучува неовластен пристап до уреди или сметки на жртвата за да се изврши малтретирање, контрола или злоупотреба. Ова може да вклучува добивање пристап до лични фотографии и документи, е-пошта или сметки на социјални медиуми за крадење на лични податоци, следење на активностите на жртвата, или манипулација со содржината на сметките на жртвата.
2.7. лажно претставување во туѓо име на интернет
– Лажното претставување вклучува создавање лажни онлајн профили или сметки со цел да се преправате дека сте друго лице без нивна согласност. Овие лажни профили потоа можат да се користат за да се наруши репутацијата на жртвата, да се извршат измами, или да се соберат лични информации од пријателите и семејството на жртвата.
2.8. користење на технологијата за лоцирање на преживеани при природна непогода со цел да се изврши насилство од сексуална природа над нив – Оваа форма на насилство вклучува злоупотреба на технологијата и податоците за локација за да се таргетираат ранливи лица, особено жени и деца, во време на криза. По природни катастрофи, насилниците можат да користат апликации за помош, бази на податоци за жртви, или објави на социјални медиуми за да идентификуваат потенцијални жртви кои се во ранлива состојба. Жртвите можат да бидат изложени на сексуално насилство под маската на нудење помош, засолниште или ресурси.
2.9. клевета со помош на технологија и интернет
– Ова вклучува намерно ширење лажни изјави или обвинувања за некое лице преку Интернет со цел да се наштети на нивната репутација. За разлика од традиционалната клевета, онлајн клеветата може брзо да се рашири и да остане трајно достапна преку пребарувачи.
Слика 2.Жртви на дигитално насилство и формата на насилството кое го претрпеле
Горната слика прикажува бар-дијаграм за жртви на дигитално насилство според истражување на Justin W. Patchin и Sameer Hinduja (2023), врз основа на национално испитување 5,005 американски ученици на возраст од 13 до 17 години.54.6% од испитаниците изјавиле дека барем еднаш во животот биле малтретирани онлајн.30.4% биле цел на навредливи или штетни коментари онлајн. 43.8% од испитаниците искусиле најмалку една или повеќе форми на дигитално малтретирање повеќе пати. Некои ученици биле жртви на насилство заради расна или етничка припадност (14.3%).
3) Таргет групи и статистики
Жените и девојчињата се најчести жртви, но и мажите можат да бидат изложени на родово базирано насилство. Дополнително, трансродовите лица односно ЛГБТК+ заедницата често се соочуваат со дискриминација, малтретирање и насилство.Родово базираното дигитално насилство најчесто ги таргетира следниве групи:
1. Жени и девојки – се соочуваат со сексуално вознемирување, закани и демнење онлајн.
2. ЛГБТК+ заедницата – членовите се мета на сајбер насилниците поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
3. Активисти за родова еднаквост – луѓето кои јавно се залагаат за родова еднаквост често стануваат мета на напади
4. Јавни личности и инфлуенсери – особено жени во политиката, новинарството, забавата и спортот.
5. Млади лица – особено се ранливи поради често користење на социјалните мрежи.
6. Преживеани од насилство – лица кои веќе доживеале некаква форма на насилство често стануваат повторно цели преку дигитални средства.
Слика 3. Бар дијаграм за истражување на жртви од дигитално насилство по пол
Горната слика е бар дијаграм добиен од истражување направено на 5005 вкупно тинејџери во возраст од 13 до 17 години,спроведено во 2023 година за дигитално насилство.Од нив 59,2% жени во текот на животот биле малтретирани онлајн а 49,5% машки.Воедно 28,6% од испитаниците кои се жени биле жртви на дигитално насилство во последните 30 дена,а 24.2% од испитаниците биле мажи.
Слика 4. Бар дијаграм за истражување на сајбернасилници по пол
Според слика 3, можеме да заклучиме дека мажите почесто се впуштаат во сајбер малтретирање отколку жените и трансродовите лица.Ова истражување е спроведено од Cyberbullying Research Center каде се испитани 2,546 американски тинејџери на возраст од 13 до 17 години. Мажите имаат највисок процент на учество во сајбер малтретирање (5.6%).
4) Превенција од родово дигитално насилство
Едукацијата претставува основен чекор во превенцијата на дигиталното насилство. Децата треба од рана возраст да се едуцираат за родовата еднаквост и почитување на разликите. Училиштата, универзитетите и другите образовни институции треба да имплементираат во секојдневните активности теми кои ги учат младите како да препознаат дигитално насилство, како да се заштитат и кои ресурси им се достапни ако станат жртви. Ефективната правна рамка е важна за заштита на жртвите на дигитално насилство. Законодавството треба јасно да го дефинира родово базираното дигитално насилство, обезбедувајќи соодветни казни за сторителите. Институциите за спроведување на законот, вклучувајќи ги полицијата и судството, треба да бидат соодветно обучени за дигиталното родово насилство и за тоа како правилно да ги истражуваат овие случаи. Воедно треба да постојат сервиси за поддршка на жртви. Овие сервиси треба да вклучуваат телефонски линии за помош, советувалишта и правна помош. Доколку сте жртва на сајбер малтретирање, контактирајте и информирајте: полиција или јавно обвинителство. Покрај горенаведеното и во зависност од тоа каде се случило насилството, добро е директно да се контактира со социјалната мрежа, односно платформата (Инстаграм, Фејсбук, Снепчет, Тикток). Компаниите што стојат зад социјалните мрежи што ги користиме имаат обврска да отстранат несоодветни, експлицитни содржини или содржини поврзани со говор на омраза. Повеќето апликации имаат развиено форми за пријавување несоодветна и вознемирувачка содржина, како и лажни профили. Освен споменатите начини на кои можете да се заштитите, други мерки за заштита и безбедност на интернет се:
• Внимавајте каква содржина споделувате – избегнувајте објавување лични и доверливи информации, како што се: адреса на е-пошта, телефонски број, адреса на живеење, броеви на картички, пинови и слично
• Користете малку посложени лозинки – користете што е можно покомплексни лозинки за да ги заштитите вашите податоци
• Грижете се за тоа што го отворате – некои линкови се небезбедни и нивното отварање може да биде особено опасно бидејќи дозволува трето лице да има пристап до сите ваши податоци.
• Внимавајте кои ви се „пријатели“ на социјалните мрежи – доколку некого не познавате некого лично внимавајте што споделувате со тој профил.Никогаш не се знае кој стои зад таа сметка.
5) Последици од родово дигитално насилство
Родово базираното дигитално насилство може да предизвика сериозни и долготрајни последици во повеќе сфери од животот на жртвите. Дигиталното насилство не треба да се смета за помалку сериозно од физичкото, бидејќи неговите последици можат да бидат подеднакво лоши и да продолжат да влијаат на жртвите долго откако директното насилство ќе заврши. Жртвите доживуваат сериозни психолошки последици, вклучувајќи анксиозност, депресија, намалена самодоверба, постојан страв и несигурност и чувство на
беспомошност.Воедно,постои огромен ризик од самоповредување и суицидални мисли кај жртвите.Исто така може да се доживеат социјални последици како социјално изолирање, оштетување на репутацијата и односите и прекинување на образовни и професионални можности.
6) Заклучок
Родовото дигитално насилство претставува глобален проблем кој ги засега жените и девојките, но и сите други родови групи. Преку овој труд можевме да ги видиме формите на родовото дигитално насилство а и последици врз психичкото здравје, социјалниот живот и професионалниот развој на жртвите. Воедно разгледавме повеќе резултати од спроведени истражувања со цел подобро објаснување на поимите и поткрепување на истите со факти. Преку едукација, законски мерки и активна заштита, можеме да создадеме побезбедна дигитална средина за сите. Потребна е заедничка акција од државните институции и самите граѓани за успешно справување со овој проблем. Само преку создавање култура на почитување на родовата еднаквост и никаква толеранција за сите форми на насилство, можеме да се создадеме дигитален свет и информатичко општество кое е навистина безбедено и рамноправно за сите без разлика на родот.
7) Референци
https://respublica.edu.mk/blog/politika/digitalnite-tehnologii-i-rodovo-zasnovanoto nasilstvo/
https://meta.mk/digitalnoto-rodovo-bazirano-nasilstvo-e-vo-porast-no-mladite-ne-go prepoznavaat/
https://libertas.mk/digitalnoto-rodovo-bazirano-nasilstvo-definicii-i-zakonska-zashtita/ https://northmacedonia.unfpa.org/sites/default/files/pub-pdf/report_mkd.pdf
https://pina.mk/8059-rodovo-bazirano-nasilstvo-vo-digitalniot-svet-circulus-vitiosus-na oflajn-nasilstvoto-i-patrijarhatot/
https://mladieu.mk/wp-content/uploads/2022/10/Priracnik-za-spravuvanje-so-kiber nasilstvo-mk.pdf
https://mhc.org.mk/news/platforma-za-rodova-ednakvost-lichnoto-i-intimnoto-e zagrozeno-preku-digitalnoto-rodovo-baziranoto-nasilstvo-koe-stanuva-se-poopasno/
https://www.unicef.org/northmacedonia/mk/%D0%BE%D0%BD%D0%BB%D0%B0%D1% 98%D0%BD-
%D0%BD%D0%B0%D1%81%D0%B8%D0%BB%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE- %D1%88%D1%82%D0%BE-
%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%82%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%B2%D1%83%D0% B2%D0%B0-%D0%B8-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%B4%D0%B0- %D1%81%D0%B5-%D0%B7%D0%B0%D0%BF%D1%80%D0%B5
resources/thesaurus/terms/1113?language_content_entity=mk