:
Марија Попадиновска
Вовед
Родовата еднаквост претставува едно од основните човекови права и еден од клучните фактор за создавање на мирно, просперитетно и одржливо општество. Можеме да ја разбереме како обезбедување на еднакви права, одговорности и можности за сите поединци без разлика на нивниот пол, тоа значи земање предвид на интересите, потребите и приоритетите на поединци и различните групи во општеството , со цел создавање на праведно општество за сите. Социјалната работа игра клучна улога во создавањето инклузивни стратегии и програми кои им помагаат на различни заедници да ги надминат бариерите на родовата нееднаквост. Во светот каде што технологијата брзо напредува, социјалната работа се соочува со нови предизвици и можности во постигнувањето на родова еднаквост. Примената на СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика) отвора нови можности за унапредување на родовата еднаквост. Со примена на овие технологии може да се унапреди заштитата на правата на жените и маргинализираните родови групи, како и да помогне во идентификувањето и решавањето на родовите нееднаквости, со цел создавање на праведно општество за сите. Исто така може да се каже дека со интеграција на СТЕМ пристапите во социјалната работа, можеме да развиеме ефективни и одржливи алатки кои ќе овозможат рамноправно учество на сите граѓани во општествениот живот.
I.Концептот на родова еднаквост и неговото значење
Родовата еднаквост претсатвува едно од основните човекови права. Родова еднаквост е состојбата во која жените и мажите ги уживаат истите права и можности во сите сектори на општеството, вклучително и економското учество и донесувањето одлуки, при што различните однесувања, аспирации и потреби на жените и мажите еднакво се земаат предвид при развојот и спроведувањето на одредени политиките. Еднаквоста на жените и мажите се смета за прашање од областа на човековите права, но e и предуслов и показател за одржлив развој и демократија во чиј центар е човекот. Според УНИЦЕФ родовата еднаквост „значи дека жените и мажите, а и девојчињата и момчињата, уживаат исти права, ресурси, можности и заштита. Не бара девојчињата и момчињата, или жените и мажите, да бидат исти, или да бидат третирани идентично“. Сепак, стереотипите, дискриминацијата и институционалните бариери често го спречуваат постигнувањето на оваа еднаквост. Преку соодветни политики, пристапи и алатки може да се создаде општество во кое сите поединци ќе имаат еднакви можности и права.
II.Социјалната работа и родовата еднаквост
Социјалната работа е дисциплина и професија која се занимава со задоволување на основните потреби на поединецот, семејството, групите, заедниците и општеството како целина заради подобрување на нивната индивидуална и колективна благосостојба. Социјалната работа промовира социјални промени, социјални политики и услуги, решавање на проблеми низ меѓучовечки контакт, и јакнење и ослободување на луѓето. Таа има значајна улога во елиминирањето на родовите бариери и во унапредувањето на инклузивноста во општеството, создавајќи простор за фер и рамноправно учество на сите луѓе во општеството без разлика на нивниот пол, возраст, раса, припадност на одредена група. Преку поддршка на ранливите групи и преку образовни иницијативи, правната заштита и социјалните интервенции создаваат политики и програми кои помагаат во намалување на дискриминацијата и промовирање на родовата правда .
III.СТЕМ и родовата еднаквост
Според извештајот на ОН, жените имаат само 20% од работните места во секторот на СТЕМ. Комбинација на одредени фактори продолжува да го ограничува учеството на жените во СТЕМ секторите. Социјалните норми и притисоци од страна на семејствата и наставниците, систематски ги оддалечуваат девојките од науката и математиката. Исто така, иако некои жени успеваат да студираат и да започнат кариера во СТЕМ, нивното задржување во овие професии останува предизвик. Работните средини во кои доминираат мажи често не ги земаат предвид специфичните потреби на жените, како што се соодветни безбедносни мерки и инклузивна работна облека. Многу малата застапеност на жените во областите на науката, технологијата, инженерството и математиката се рефлектира и во делот на вештачка интелигенција. Ова може да доведе до сериозни последици врз квалитетот и иновативноста на вештачката интелигенција и нејзината апликација.
Со зголемувањето на пристапот и поддршката за жените во СТЕМ како и истакнување на успешни жени во СТЕМ, заедно со иницијативи за менторство и охрабрување, може да се помогне во рушењето на стереотипите и создавањето на поинклузивна професионална средина.
IV. Улогата на социјалната работа во подобрување на родовата еднаквост преку СТЕМ
СТЕМ, родовата еднаквост и социјалната работа се три концепти кои, иако различни, се длабоко испреплетени во создавањето на поправедно општество. Социјалната работа има за цел да ги унапреди правата на ранливите групи, вклучително и жените, преку елиминирање на бариерите што ги спречуваат да имаат еднакви можности. Од друга страна, СТЕМ обезбедува алатки и иновации кои можат да помогнат во решавањето на социјалните предизвици и да поттикнат поголема инклузивност како и намалување на родовата нееднаквост. Дигиталните технологии можат да го подобрат пристапот до образование и ресурси за девојките и жените, елиминирајќи ја дискриминацијата во традиционалните образовни системи. Анализата на податоци може да идентификува критични точки каде што е потребна интервенција, додека инженерските решенија можат да создадат безбедни и инклузивни работни средини. Вештачката интелигенција може да игра клучна улога во идентификување и елиминирање на пристрасноста во различни системи, вклучувајќи го и процесот на вработување и напредување во кариерата.
Пример: може да се создадат дигитални платформи кои нудат едукација и ресурси за жени во СТЕМ, како и мобилни апликации што нудат поддршка на жените кои се соочуваат со дискриминација на работното место. Покрај тоа, вештачката интелигенција може да се искористи за анализа на податоци со цел да се идентификуваат проблемите со родовата нееднаквост и да се развијат стратегии за нивно решавање.
Дополнително, подобрувањето на алгоритмите за анализа на податоци, развојот на инклузивни и родово-сензитивни интерфејси, како и изградбата на родово-еднакви технолошки тимови и организации, може значително да придонесе за промоција на родовата еднаквост. Со заедничка примена на СТЕМ и социјалната работа, можеме да развиеме инклузивни алатки кои ќе придонесат за порамноправно и праведно општество.
V.Пример за функционална дигитална алатка за родова еднаквост во СТЕМ
За да се постигне поголема родова еднаквост во СТЕМ областите, потребно е да се развијат алатки кои ќе обезбедат поддршка за сите кои се вклучени во науката, технологијата, инженерството и математиката и алатка која ќе ги премости родовите бариери и ќе поттикне поголема еднаквост. Според моето размислување, една функционална дигитална алатка треба да содржи неколку клучни компоненти кои ќе овозможат активно учество, поддршка и развој во кариерата за сите поединци без разлика на нивниот пол. Овие компоненти би вклучиле програми за менторство, едукативни ресурси, форум за заедница и поддршка и алатка за откривање и намалување на родова пристрасност.
V.I.Програми за менторство
Една од најважните функционалности на платформата треба да биде програмата за менторство. Оваа алатка ќе овозможи интерактивно поврзување на млади студенти или професионалци со искусни ментори од СТЕМ секторот. Преку персонализирани препораки, платформата автоматски ќе ги препознава потреби и ќе ги поврзува корисниците со најсоодветни ментори, обезбедувајќи насоки и поддршка за професионален напредок. Процесот би бил прилагоден на индивидуалните цели и потреби на секој корисник.
V.II.Едукативни ресурси
Платформата треба да понуди широк спектар на едукативни ресурси, како што се интерактивни бесплатни курсеви и работилници. Овие ресурси ќе бидат фокусирани на развој на професионалните вештини во СТЕМ индустријата, создавајќи можности за учење во секое време и од било каде. Преку едукативните материјали, корисниците ќе можат да се усовршат во различни области на СТЕМ и да ги подобрат своите вештини во техничките и научните дисциплини.
V.III.Форум за заедница и поддршка
Друг важен елемент е интеграцијата на форум за заедница и поддршка, кој ќе биде простор за размена на искуства и совети. Во оваа мрежа, корисниците ќе можат да поставуваат прашања, да разменуваат информации и да добиваат поддршка од други членови на заедницата, вклучувајќи и експерти од различни СТЕМ области. Овој форум ќе помогне во изградба на заедница која ќе ја поттикнува инклузивноста и ќе обезбеди простор за конструктивни дискусии и учење.
V.IV. Aлатка за откривање и намалување на родова пристрасност
Алатката за препознавање на родова пристрасност ќе биде интегрирана во платформата и ќе користи вештачка интелигенција за анализа на работни огласи, академски програми и корпоративни политики. Оваа функција ќе идентификува можни родови бариери и ќе понуди препораки за нивно надминување. Така, ќе се помогне во елиминирање на родови пристрасности и ќе се создадат поинклузивни можности за професионален развој и едукација на поединците и групите.
Заклучок
Постигнувањето на родова еднаквост во СТЕМ бара голема посветенност, не е доволно само зголемување на бројот на жени во овие области потребна е и една суштинска промена во начинот на кој функционираат образовните системи, работните средини и општествените норми. Социјалната работа има клучна улога во овој процес, бидејќи овозможува поддршка, создава политики за заштита и помага во намалувањето на бариерите што ги спречуваат жените да напредуваат. Интегрирањето на дигитални алатки, што ќе содржат одредени компоненти како што се менторските програми, едукативни ресурси форуми за помош и поддршка и технологиите за откривање на родова пристрасност, може значително да придонесат за создавање на поправедно и поддржувачко опкружување. Но, вистинските промени ќе дојдат само ако сите чинители од образовни институции и работодавачи до самите професионалци активно се залагаат за градење на инклузивна култура и креирање можности за сите. Борбата за родова еднаквост во СТЕМ не е само предизвик, туку и можност, можност да изградиме похумано, поправедно и поиновативно општество, каде што секој ќе има еднаква шанса да придонесе и да напредува.
Користена литература
1. https://mk.council.science/blog/achieving-gender-equality-stem/
2.http://periodica.fzf.ukim.edu.mk/godzb/GZ76(2023)/GZ76.56%20Bobi%20Badarevski%20mk-793-804.pdf
3.https://eige.europa.eu/publicationsresources/thesaurus/terms/1059?language_content_entity=mk
4.https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A1%D0%BE%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%B0_%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D0%B0
5. https://www.fakulteti.mk/news/07092023/zoshto-stem-obrazovanieto-e-vazhno-za-sekoe-dete
6. https://www.osce.org/files/f/documents/d/3/500995.pdf
7.https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A0%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%B2%D0%B0_%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%B0%D0%BA%D0%B2%D0%BE%D1%81%D1%82