Маја Илиевска
Вовед
Во светот на информатичката технологија, често се истакнуваат имиња на големи машки иноватори, но вистината е дека жените одиграле клучна, а често и недоволно препознаена улога во развојот на оваа област. Од самите почетоци на компјутерската ера, преку развојот на програмските јазици, па сè до современите дигитални иновации, жените оставиле длабок и траен белег. Нивните придонеси не само што ги поместиле границите на можностите во технологијата, туку и инспирирале генерации девојчиња и жени да се вклучат во ИТ секторот. Оваа тема ги истражува животните приказни, достигнувањата и иновациите на жените во ИТ – од Ада Лавлејс, првата програмерка, до современите лидерки кои го обликуваат дигиталниот свет денес.Технологијата не само што ја трансформираше комуникацијата, работата и образованието, туку длабоко навлезе и во сите аспекти на нашиот приватен и професионален живот. Благодарение на технолошките иновации, светот стана “помало место”, каде што информациите се пренесуваат за секунда, а можностите за развој и поврзување се поголеми од било кога. Сепак, со сите овие придобивки доаѓаат и одредени предизвици и ризици кои не смееме да ги занемариме.
Историја на информатичките технологии и вештачката интелигенција
Информатичката технологија (ИТ) претставува прибирање, обработка, складирање и дистрибуција на глас, слики, текст и бројчени информации преку микроелектроника, односно преку основната комбинација на компјутери и телекомуникации. Терминот за првпат се појавил во 1958 година во статија објавена во Harvard Business Review. Иако концептот на ИТ станал пошироко препознаен во 1970-тите години, неговите корени се многу подлабоки. Во текот на 20 век, војската и индустријата тесно соработувале на развојот на електрониката, компјутерите и теоријата на информации, при што воените потреби често го стимулирале и финансирале напредокот во овие области, особено за време на големите конфликти како Втората светска војна.
Првиот комерцијален компјутер бил UNIVAC I, развиен од Џ. Преспер Екерт и Џон Маучли за потребите на Бирото за попис на САД. Кон крајот на 1970-тите години се појавиле микрокомпјутерите, а во 1981 година компанијата IBM го претставила првиот персонален компјутер. Во 1975 година, Стив Џобс и Стив Вознијак го создале Apple I – првиот персонален компјутер произведен во Америка.
Развојот на дигиталната култура и на кибернетиката е тесно поврзан со економските и воените потреби. Според Чарли Гир, развојот на дигиталното општество е поврзан со потребите на капитализмот, каде што информацијата станала највредна економска единица. Воените услови, особено за време на Втората светска војна, поттикнале создавање на дигитални машини за кодирање и декодирање, како што бил компјутерот Манчестер Мк1 со електронска меморија. По војната се развиле и нови научни дисциплини како кибернетиката и теоријата на системите. За време на Студената војна, САД го развиле САГЕ – систем за надзор на воздушниот простор. Истовремено, компании како IBM започнале да произведуваат компјутери за масовна употреба, со што информатичката технологија станала неопходен дел од секојдневниот живот.
Хронолошки преглед од Ада Лавлејс до современите лидерки
Историјата на информатичката технологија е исполнета со значајни придонеси од жени иноватори, чии идеи и достигнувања го обликувале светот на компјутерите, програмирањето и дигиталната комуникација.
Ада Лавлејс (1815–1852): Првата програмерка
Ада Лавлејс се смета за прва личност што напишала компјутерски алгоритам, односно првата програмерка во историјата. Работејќи со Чарлс Бебиџ на неговата „Аналитичка машина“, таа ги постави темелите на компјутерското програмирање и ја предвиде иднината на компјутерите многу пред нивната реализација. (Августа Ада Кинг, грофица од Лавлејс (1815–1852), позната како Ада Лавлејс, е англиска математичарка и писателка која се смета за првата компјутерска програмерка во историјата. Таа ја препозна важноста и потенцијалот на „аналитичкиот мотор“ на Чарлс Бебиџ, механички компјутер кој никогаш не бил завршен, и во 1843 година преведе статија за моторот од италијанскиот инженер Лујџи Менабреа, дополнувајќи ја со свои белешки кои содржат прв алгоритам наменет за извршување од машина. Овие белешки ја истакнуваат нејзината визија дека компјутерите можат да одат многу подалеку од проста пресметка, вклучувајќи и создавање музика и уметност, што ја прави една од првите кои ја сфатиле иднината на компјутерската наука.)
Грејс Хопер (1906–1992): Кралицата на кодот
Грејс Хопер беше пионер во развојот на програмски преведувач и го создаде првиот програмски преведувач за компјутерски јазик, што овозможи програмирање на повисоко ниво и го направи програмирањето попристапно.
Сестра Мери Кенет Келер (1913–1985): Првата жена доктор по компјутерски науки
Сестра Келер беше ко-авторка на програмскиот јазик BASIC и првата жена во САД со докторска титула по компјутерски науки. Таа активно се залагаше за вклучување на жените во ИТ и поддршка на работнички мајки.
Хеди Ламар (1914–2000): Инвенции за безжична комуникација
Позната како холивудска актерка, Ламар беше и иноваторка која го патентираше „frequency hopping“ системот, кој е основа за Wi-Fi, GPS и Bluetooth технологиите.
Ани Изли (1933–2011): Пионерка во хибридната технологија
Како компјутерска научничка во НАСА, Ани Изли развиваше код за батерии на хибридни автомобили и работеше на ракетни проекти, отворајќи пат за идни генерации на жени во наука и технологија.
Радија Перлман (род. 1951): Мајка на интернетот
Перлман го измисли Spanning Tree Protocol (STP), кој овозможи скалабилност и стабилност на компјутерските мрежи, што е клучно за функционирањето на модерниот интернет.
Кетрин Џонсон (1918–2020): „Човечки компјутер“ на НАСА
Џонсон беше математичарка чии пресметки беа клучни за првите американски вселенски мисии. Нејзината приказна е прикажана во филмот „Hidden Figures“
Современи иноватори
- Шерил Сандберг: Технолошки извршен директор, прва жена на бордот на Facebook.
- Мариса Мајер: Прва женска инженерка во Google, подоцна CEO на Yahoo!.
- Кетрин Парсонс: Ко-основачка на Decoded, стартап за дигитална писменост.
Од Ада Лавлејс до денешните лидерки во ИТ, жените имаат клучна улога во развојот на технологијата. Нивните иновации, од основите на програмирањето до интернетот и современите дигитални платформи, се темел на денешното дигитално општество.
Предизвици со кои се соочуваат жените во технологијата
- Стереотипи и предрасуди: Жените често се соочуваат со перцепции дека ИТ и вештачката интелигенција се „машки“ домени, што влијае на нивната мотивација и можности за вработување и унапредување.
- Недоволна застапеност: Во техничките улоги, особено во ВИ, застапеноста на жените е ниска, особено кај етнички малцинства .
- Недостаток на менторство и поддршка: Недостатокот на женски модели и ментори во ИТ секторот ја отежнува интеграцијата и напредокот на жените.
- Баланс помеѓу работа и приватен живот: Иако флексибилните модели помагаат, жените сè уште се соочуваат со предизвици во балансирањето на професионалните и семејните обврски.
Како се справуваат жените со родовата нееднаквост во ИТ?
- Образование и стекнување вештини: Жените се охрабруваат да се вклучат во СТЕМ области (наука, технологија, инженерство, математика) уште од рана возраст, преку програми, конференции и кампањи кои ги промовираат нивните можности и потенцијал.
- Менторство и поддршка: Иницијативи како „Инжинерка на годината“ во Словенија и регионални форуми им даваат видливост и поддршка на жените во ИТ, инспирирајќи нови генерации.
- Флексибилни работни модели: Хибридниот модел на работа и можноста за работа од дома им овозможуваат поголема слобода и баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.
- Политики за родова еднаквост: Во некои земји и компании се воведуваат родово сензитивни политики, со цел да се намалат разликите во платите и да се овозможи еднаков пристап до можности и унапредувања
Вклученост на жените во вештачката интелигенција
Жените се сè повеќе вклучени во развојот на вештачката интелигенција, иако нивниот удел е сè уште помал во споредба со мажите.Пример за тоа се средношколки од Македонија кои развија апликација „Деметра ВИ“, која користи вештачка интелигенција за да им помогне на жените во земјоделството да станат економски независни преку персонализирани совети и едукација. (Три средношколки од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од Битола – Ана Марија Вељковиќ, Ангела Талева и Матеја Ѓоргиевска – беа избрани за тим со најдобра иновативна идеја на Форум за жени и девојки во СТЕМ, што се одржа во Будимпешта, Унгарија. Тие ја презентираа својата апликација „Деметра ВИ“, која користи вештачка интелигенција за да им пружи едукација и информации на жените – земјоделки во Македонија за тоа како да формираат агробизнис и да станат дел од женското претприемништво. Апликацијата содржи релевантни податоци за почвата во Македонија и препораки за тоа кои растенија најдобро одговараат за одгледување на одредени површини. Со оглед на тоа што земјоделието е една од главните стопански гранки во Македонија, но многу земјоделски површини остануваат недоволно искористени, апликацијата има посебна важност. Таа е насочена кон поддршка на жените во земјоделството, бидејќи оваа професија традиционално се смета за машка, а преку ваква технолошка иновација се поттикнува нивната финансиска независност и успех во оваа област. Средношколките беа единствените претставнички од Македонија на Форумот, каде што имаа можност да ја презентираат својата идеја и да соработуваат со ученици од други земји. Ана Марија Вељковиќ истакна дека преку апликацијата жените ќе можат да добијат сертифицирана обука и да научат како да ги користат клучните ресурси во земјоделието, додека Ангела Талева нагласи дека натпреварот бил одлично организиран и претставувал можност за нови искуства и вмрежување. Оваа приказна претставува инспиративен пример за тоа како младите жени од Македонија успешно ги користат технологијата и вештачката интелигенција за решавање на реални проблеми и за поттикнување на родова еднаквост во традиционално машки домени како што е земјоделието. Ова покажува како жените користат ВИ за решавање на конкретни социјални и економски проблеми и за поттикнување на женското претприемништво.)
Студија на случај: Грејс Хопер – Пионерка на програмските преведувачи и родоначалничка на современото програмирање
Во 1940-те и 1950-те години, компјутерите беа огромни, сложени машини кои се програмираа со машински јазик, што беше тешко и одземаше многу време. Програмирањето бараше директно пишување на бинарни кодови, што го ограничуваше бројот на луѓе кои можеа да работат со компјутерите и го забавуваше развојот на софтверот. Грејс Хопер, американска компјутерска научничка и војна офицерка, ја создаде првата верзија на програмски преведувач – програма која автоматски го преведува програмскиот код од јазик кој е разбирлив за луѓето (на пример, англиски текст) во машински јазик кој компјутерот може да го изврши. Оваа иновација ја направи програмата поедноставна, побрза и попристапна за повеќе луѓе. Нејзината работа доведе до развој на COBOL (Common Business Oriented Language), еден од првите програмски јазици на високо ниво, кој и денес се користи во деловни апликации. Како жена во доминантно машки свет на воени и технолошки институции, Хопер се соочуваше со скептицизам и предрасуди. Нејзините идеи првично беа одбиени од некои колеги кои сметаа дека компјутерите мора да се програмираат рачно. Сепак, нејзината упорност и визија ја направија клучна фигура во развојот на компјутерската наука. Грејс Хопер е позната како „Кралицата на кодот“ и е инспирација за многу жени кои влегуваат во ИТ. Нејзината работа го отстрани бариерите за учество во програмирањето, овозможувајќи развој на сложени софтверски системи и модерната индустрија на софтвер. Денес, многу организации и натпревари за жени во технологијата ја носат нејзиното име, поттикнувајќи родова еднаквост и иновации. Оваа студија на случај ја илустрира важноста на жените иноватори во ИТ и нивната улога во трансформацијата на технологијата од рачен и ограничен процес во глобална индустрија достапна за сите.
Улогата на вештачката интелигенција и информатичката технологија во промовирањето на родова еднаквост
Вештачката интелигенција (ВИ) и информатичката технологија (ИТ) имаат значајна улога во промовирањето на родовата еднаквост, нудејќи нови можности, но и предизвици кои бараат одговорен пристап. Технологиите овозможуваат разградување на традиционалните стереотипи и бариери кои долго време ја ограничувале улогата на жените во образованието и кариерата, особено во СТЕМ областите (наука, технологија, инженерство и математика). ВИ може да обезбеди персонализирани образовни програми кои ги препознаваат и корегираат родовите разлики во постигнувањата, охрабрувајќи повеќе девојки да се вклучат во ИТ и ВИ, како што покажува примерот со македонската апликација „Деметра ВИ“, насочена кон поддршка на жените земјоделки преку едукација и економско зајакнување. Алгоритмите на ВИ исто така можат да идентификуваат фактори кои водат до дискриминација при вработување, овозможувајќи создавање на поправедни работни средини. ВИ има потенцијал да открива и корегира родови пристрасности во медиумите и алгоритмите, создавајќи поинклузивна култура. Исто така, жените сè повеќе го користат ВИ за развој на иновации и бизниси, зголемувајќи ја нивната видливост и влијание во технолошкиот сектор. Сепак, предизвиците остануваат значајни: жените се сè уште недоволно застапени во критичните области на ИТ и ВИ, родовите стереотипи и дискриминација се присутни и во технолошките системи, а балансот помеѓу работата и приватниот живот претставува дополнителен товар. За ВИ и ИТ да бидат вистински двигатели на родова еднаквост, потребен е родово сензитивен развој на технологијата, активна вклученост на жените во сите нивоа на одлучување и поддршка преку менторство, образовни иницијативи и родово сензитивни политики.. Во целина, ВИ и ИТ претставуваат моќни алатки за рушење на родовите бариери и создавање на еднакви можности, но успехот зависи од свесноста за родовите прашања и посветената поддршка на жените во образованието, професионалниот развој и лидерството.
Заклучок:
Технологијата е еден од најмоќните двигатели на човечкиот напредок во историјата. Таа нè поврзува со светот, ни нуди нови знаења, ја олеснува работата и создава безброј можности за личен и професионален развој. Благодарение на неа, денес имаме пристап до медицински иновации, алатки за учење, брза комуникација и напредни решенија за секојдневните проблеми. Но, исто така е важно да сме свесни за потенцијалните негативни ефекти, како што се намаленото време за физичка активност, зголемената зависност од екрани и ризиците по приватноста. Наш предизвик е да научиме како да ја користиме технологијата на паметен и одговорен начин – како средство кое ќе ни го подобри животот, а не како нешто што ќе нè контролира. Само така ќе можеме да ја искористиме нејзината вистинска моќ и да создадеме подобро, поинформирано и поодржливо општество за сите.
Користена Литература
Анекс
Технологијата игра голема улога во обликованието на современиот свет, а нејзиното влијание се чувствува во сите аспекти на животот, вклучувајќи ја и родовата еднаквост. Од една страна, технологијата може да придонесе за поголема еднаквост помеѓу половите, додека од друга, може да ја нагласи родовата нееднаквост.
Првиот аспект што ја поврзува технологијата со родовата еднаквост е пристапот до образованието. Како што споменавме, онлајн курсевите, апликациите за учење и виртуелните училници го олеснуваат пристапот до знаење и вештини за сите, без разлика на географската локација. Ова е особено важно за жените во руралните области или за оние кои се соочуваат со културни или социјални бариери за традиционално образование. Технологијата може да им помогне на жените да се едуцираат, да стекнат нови квалификации и да станат дел од глобалната работна сила.
Друг аспект е автоматизацијата на работните процеси, која ја зголемува продуктивноста, но и создава нови предизвици. Додека технологијата може да понуди можности за професионален развој на жени, особено во технолошките индустрии, постои и ризик од заострување на родовата нееднаквост. Проблемите како што се недостаток на женска репрезентација во STEM (наука, технологија, инженерство и математика) секторите, како и родовиот јаз во платите, можат да бидат засилени ако не се создадат соодветни стратегии за вклучување и поддршка на жените во овие области.
Третиот аспект е ризикот од дигитална зависност и негативните ефекти врз менталното здравје, кои можат да имаат различно влијание врз мажите и жените. Жените често се повеќе изложени на негативни влијанија на социјалните мрежи, што може да предизвика проблеми со самопочитта и стрес. Во исто време, технологијата понекогаш може да доведе до дополнителен стрес за жените, кои ги комбинираат професионалните и домашните обврски, со зголеменото користење на дигитални уреди. Технологијата носи како позитивни, така и негативни ефекти врз родовата еднаквост. Иако таа може да биде моќен алатка за зголемување на пристапот до образование и подобрување на можностите за жени, сепак е важно да се биде свесен за потенцијалните ризици. За да се постигне вистинска родова еднаквост, потребно е да се инвестира во стратегии кои ќе го елиминираат родовиот јаз во технологијата и ќе се создадат услови за сите, без оглед на пол, да имаат исти можности за користење на предностите што ги нуди дигиталната ера.