Жени иноватори во ИКТ: Скриената историја и современото невидливо влијание

Published by

on

Iguwmlfe

Авторка Елена Костоска                                                                                   

Вовед

Информациските и комуникациските технологии (ИКТ) претставуваат еден од најмоќните двигатели на современиот свет. Од начинот на кој комуницираме и учиме, до тоа како работиме, водиме бизниси и градиме политики, ИКТ се присутни во сите сфери на животот. Но, и покрај нивната клучна улога, историјата на ИКТ, особено на компјутерските науки, најчесто се раскажува од машка перспектива.

Жените отсекогаш биле дел од технолошкиот развој, но нивните придонеси ретко се препознаваат. Од првите програмери што рачно кодирале со кабли и дијаграми, до жени кои дизајнирале програмски јазици или раководеле со проекти во раните фази на компјутеризацијата, нивниот труд честопати бил игнориран, маргинализиран или препишан на машки колеги. Овој феномен на „невидлив труд“ не припаѓа само на минатото. И денес, многу жени кои работат во ИКТ секторот се соочуваат со недоволна видливост, ограничени можности за напредување и помала застапеност во влијателни позиции.

Целта на оваа семинарска работа е да се истражи и прикаже токму тој невидлив придонес на жените во ИКТ, како од историска гледна точка, така и во современиот контекст. Преку анализа на жените пионери во компјутерските науки, како и на модерни жени лидери кои придонесуваат значајно без да добијат заслужено признание, трудот ќе ги истакне причините за оваа маргинализација и ќе упати повик за ревалоризација. Приказната за технолошкиот напредок не може да биде целосна ако во неа недостигаат жените.

ИКТ и родот

  1. Што е ИКТ и зошто е значајна

Информациските и комуникациските технологии (ИКТ) опфаќаат широка група технолошки средства и системи кои овозможуваат складирање, обработка и пренос на податоци. Во оваа категорија влегуваат компјутерите, интернетот, мобилните уреди, софтверот, мрежните системи, па дури и вештачката интелигенција. Она што ја прави ИКТ особено важна е нејзината способност да влијае врз секојдневниот живот и да го трансформира начинот на кој функционира општеството.

ИКТ игра клучна улога во образованието, здравството, бизнисот, комуникацијата и јавната администрација. Таа не е само алатка, туку и средина во која се одвиваат современиот труд, учење и социјализација. Затоа прашањето за тоа кој ја создава, кој има пристап до неа и кој е претставен во технолошките простори, станува прашање на еднаквост и вклученост.

  1. Родови улоги и технологија

Во текот на историјата, технологијата најчесто била поврзувана со машкоста. Од индустриската револуција до дигиталната ера, доминантната слика на „техничарот“, „инженерот“ или „инвентивниот гениј“ речиси секогаш се претставувала како маж. Ваквата културна рамка довела до тоа жените да бидат перципирани како „неприродно технички“, а нивното присуство во технолошките простори да се смета за исклучок.

Овие стереотипи не само што влијаеле на тоа колку девојчиња се охрабрувани да изберат технолошка кариера, туку и на тоа како жените што навлегуваат во ИКТ се третирани – како „гости“ во машки свет. Технолошките компании, академските институции и медиумите долго време не ја прикажувале женската перспектива, што резултирало со отсуство на женски модели за идентификација и мала застапеност во влијателни позиции.

  1. „Невидливиот труд“ и родова историја на технологија

Поимот „невидлив труд“ се однесува на активности кои се од суштинско значење, но не се препознаваат, вреднуваат или забележуваат како што заслужуваат. Во контекст на ИКТ, ова особено важи за жените чии придонеси биле систематски игнорирани во историјата на компјутерските науки.

Програмерите на ЕНИАК, првите жени кои рачно пишувале код и решавале комплексни проблеми, долги години не биле признаени како вистински иноватори. Нивниот труд бил класифициран како „женска“ операција, за разлика од „машкиот“ инженеринг. Слични случаи се повторуваат и денес, каде што жените често работат во позадина – како истражувачки асистентки, тимски лидери без титула или ко основачи без јавна заслуга.

Овој невидлив труд го обликува нашиот однос кон технологијата и влијае на тоа кои приказни ги сметаме за вредни. Да се именува, признае и валоризира трудот на жените во ИКТ не е само прашање на правда, туку и предуслов за вистинска инклузивност во технолошкиот напредок.

Историски преглед: жени пионери во компјутерските науки

Жените одиграле клучна улога во развојот на компјутерските науки уште од самите почетоци, но нивниот придонес често останува незабележан или потценет. Од алгоритмите кои ги напишале, до системите што ги дизајнирале, многу од овие жени биле двигатели на технолошкиот напредок. Сепак, нивните имиња ретко се појавуваат во учебниците или популарната култура. Овој дел има цел да ги осветли некои од најзначајните жени пионери, чие влијание врз ИКТ е историски значајно, но недоволно препознаено.

  1. Ада Лавлејс: првата жена програмер

Ада Лавлејс е ќерка на поетот Лорд Бајрон, но нејзиниот ум бил насочен кон математиката. Во соработка со Чарлс Бебиџ, таа го проучувала неговиот дизајн за аналитичка машина – механички компјутер. Во своите белешки, Лавлејс напишала алгоритам за пресметување на вредности на т.н. Бернулиеви броеви,  што денес се смета за првата програма напишана за компјутер. Но, таа отишла и чекор подалеку: ја предвидела иднината во која машините ќе можат да создаваат музика, графики и уметност, долго пред да постојат електронски компјутери.

Како нејзиниот придонес бил занемарен?

Долги години нејзиниот труд се сметал за “поетска фантазија”, а не за реална наука. Нејзиниот труд бил препишан на Бебиџ, иако самата таа ги напишала деловите со алгоритми. Дури во втората половина на 20 век, нејзината работа почнала да добива признание.

  1. Грејс Хопер: мајка на модерното програмирање

Грејс Хопер била доктор по математика и офицер во американската морнарица. Таа работела на компјутерот Harvard Mark I за време на Втората светска војна, а подоцна го развила првиот компајлер – програма што го “преведува” човечкиот код во машински инструкции. Таа исто така е главниот ум зад COBOL, еден од првите програмски јазици кој станал индустриски стандард.

Како нејзиниот придонес бил минимизиран?

Иако го дизајнирала COBOL, често била претставувана како „жената што помогнала“ во проект водени од мажи. Нејзините технички генијални достигнувања биле игнорирани од медиумите и академијата сѐ додека нејзината кариера не завршила, кога конечно почнала да добива награди и признанија.

  1. Маргарет Хамилтон: жената заслужна за Аполо 11

Маргарет Хамилтон ја предводела софтверската дивизија на NASA за време на мисијата Аполо 11. Нејзиниот тим развил софтвер кој бил доволно стабилен и интелигентен да ги препознае грешките во реално време, а токму тоа ја спасило мисијата од прекин неколку минути пред слетување на Месечината. Таа е заслужна и за воведувањето на терминот „софтвер инженеринг“, кој до тогаш не се сметал за вистинска инженерска дисциплина.

Како нејзиниот придонес бил занемарен?

И покрај нејзината водечка улога, долго време нејзиното име било изоставено од јавните признанија. Фокусот бил ставен на астронаутите и инженерите-мажи, додека нејзиниот тим бил споменуван само во ноти на благодарност.

  1. ENIAC девојките: Првите софтверски инженерки

Во 1940-тите, првиот електронски компјутер ENIAC бил програмиран од шест жени: Кеј МекНалти, Бети Џенингс, Бети Снајдер, Марлин Везкоф, Франсис Билас и Рут Лихтерман. Тие работеле без прирачници или претходни искуства, морале сами да развијат логички дијаграми, да ја разберат машината и да креираат комплексни пресметки за балистички табели. Иако нивната работа била клучна за функционалноста на ENIAC, за време на јавните демонстрации тие не биле спомнати.

Како нивниот придонес бил избришан?

На официјалните фотографии, тие воопшто не биле вклучени, а нивните имиња не се појавувале во документацијата. Дури во 1980-тите истражувачи започнале да откриваат кој навистина стоел зад ENIAC. Сѐ до ден-денес, нивната приказна останува пример за “невидлива работа” на жените во технологијата.

Како нивниот придонес бил заборавен или минимизиран?

Иако жените пионери во компјутерските науки направиле значајни чекори во формирањето на современата технологија, нивниот придонес често бил игнориран, маргинализиран или прикажан како помалку вреден во споредба со трудот на нивните машки колеги. Причините за тоа се многу аспекти: од системскиот сексизам и историските културни норми кои ја ограничувале женската видливост во научни и технолошки полиња, до недоволното документирање на нивната работа во официјалните архиви.

Во многу случаи, мажите ја добивале јавната заслуга за проекти што биле тимска работа, додека жените останувале зад сцената, без признание. Историјата на ENIAC програмерите е типичен пример, иако тие го напишале првиот софтвер во светот, нивните имиња биле заборавени сè додека историчарите не почнале да го истражуваат нивниот придонес децении подоцна. Овој недостаток на препознавање не само што ја искривува историјата, туку и влијае врз идните генерации на жени, кои ретко добиваат историски модели за идентификација. Наместо да се прикаже вистинската, разновидна историја на ИКТ, се создава наратив во кој технолошкиот напредок е машка заслуга, што дополнително ги одвраќа жените да се вклучат или останат во оваа индустрија.

Препознавањето на овие скриени приказни не е само прашање на историска правда, туку и клучен чекор кон создавање поинклузивна технолошка иднина. Видливоста на женските придонеси во минатото е темел врз кој можеме да изградиме поправедна и рамноправна иднина за жените во ИКТ.

Современи жени лидери во ИКТ и нивната невидливост

Иако денес има сѐ повеќе жени кои активно учествуваат и предводат иновации во областа на информациско-комуникациските технологии (ИКТ), нивниот придонес честопати останува во сенка. Нивните имиња се ретко спомнати во медиумите, нивните достигнувања поретко се слават во јавноста, и често се соочуваат со системски бариери за напредување.

  1. Активни жени иноватори, инженери и основачки на стартап компании
  • Феј-Феј Ли – како истражувачка и ко-директорка на Stanford Human-Centered AI Institute, таа е водечка фигура во развојот на етичка и инклузивна вештачка интелигенција. Се залага за тоа технологијата да биде одраз на општествена одговорност и човечки вредности.
  • Решма Сауџани – основачка на организацијата Girls Who Code, која досега едуцирала стотици илјади девојчиња ширум светот и ја зголемила женската застапеност во програмирање и компјутерски науки.
  • Маријам Нафиси – ко-основач и извршна директорка на Minted, онлајн дизајнерска платформа. Таа се смета за пионер во комбинацијата на уметност, технологија и претприемништво, докажувајќи дека жените можат да создадат иновативни стартапи кои имаат глобално влијание.
  • Аиша Еванс – извршна директорка на Zoox, стартап за автономни возила што беше купен од Amazon. Нејзиното лидерство во оваа високо конкурентна и машки доминирана индустрија е од исклучителна важност за рушење на родовите бариери.
  • Кетрин Лудерс – виш функционер во NASA и една од првите жени кои управувале со мисиите за испраќање луѓе во вселената, вклучително и партнерствата со SpaceX.
  1. Жените во Big Tech 

Жените сѐ повеќе добиваат лидерски позиции и во најголемите технолошки корпорации:

  • Шерил Сандберг (поранешна COO на Meta) –  била клучен фактор во растот на Facebook во глобален бизнис модел. И покрај нејзиното влијание, во медиумите често беше сведена на “женски лик во сенка на Зукерберг”.
  • Сузан Вожицки (поранешна CEO на YouTube) – под нејзино водство, YouTube стана една од највлијателните медиумски платформи во светот. Нејзиниот придонес во развојот на Google Ads, Google Video и YouTube ретко се нагласува во историјата на Google.
  • Џини Ромети (поранешна CEO на IBM) – првата жена извршна директорка на IBM. Таа го трансформираше бизнис моделот на компанијата, преместувајќи го фокусот кон вештачка интелигенција и облачни технологии, но нејзината приказна останува во голема мера незабележана.
  1. Медиумска невидливост и недостаток на признание

И покрај нивните достигнувања, жените во ИКТ ретко се наоѓаат на насловните страници на медиумите. Наместо тоа, вниманието се насочува кон машките технолошки „гуруа“ како Илон Маск, Марк Зукерберг или Џеф Безос. Овој медиумски дисбаланс не само што ги потиснува достигнувањата на жените, туку создава и лажна слика дека технолошкиот напредок е доминантно машка заслуга.

Истражувањата покажуваат дека дури и кога жените го добиваат вниманието на медиумите, се фокусира на нивниот изглед или приватен живот, наместо на нивната експертиза, што придонесува за нивната стручна невидливост.

  1. Статистики за застапеност
  2. Застапеност на жени и мажи како ИКТ специјалисти во ЕУ (2022–2023)
ГодинаВкупно ИКТ специјалистиЖени (%)Мажи (%)
20229.4 милиони18.9%81.1%
20239.8 милиони19.4%80.6%

Информации: Eurostat

Оваа табела покажува дека вкупниот број на ИКТ специјалисти во Европската Унија расте – од 9.4 милиони во 2022 на 9.8 милиони во 2023 година. Иако бројот на жени во оваа област се зголемил за 0.5 процентни поени (од 18.9% на 19.4%), тој сè уште е значително помал во однос на мажите, кои доминираат со над 80%. Тоа укажува на мали, но стабилни чекори кон родова рамноправност, но и дека сè уште постои сериозен родов јаз.

  1. Највисока застапеност на жени во ИКТ по земји (2022–2023)
Земја2022 (%)2023 (%)
Бугарија28.9%29.1%
Естонија24.5%26.8%
Романија25.2%26.0%

Информации: Eurostat

Овде се издвојуваат неколку земји, особено Бугарија, Романија и Естонија, кои имаат највисок процент на жени во ИКТ. Овие земји покажуваат позитивен тренд, со постепено зголемување на учеството на жените во оваа индустрија. Ваквите резултати може да се поврзат со посебни национални политики за поддршка на жените во технологијата, како и културолошки фактори кои го охрабруваат женското учество во STEM-професии.

  1. Најниска застапеност на жени во ИКТ по земји (2022–2023)
Земја2022 (%)2023 (%)
Чешка10.9%12.4%
Малта13.8%13.8%
Унгарија13.6%15.7%

Информации: Eurostat

Оваа табела ја прикажува спротивната слика – земји каде жените се сериозно потценети во ИКТ полето. Чешка, Малта и Унгарија имаат особено ниска застапеност на жени, со процент кој е под 16% дури и во 2023 година. Иако Унгарија бележи пораст, бројките укажуваат на потреба од конкретни политики за охрабрување на женското учество, како и отстранување на структурни бариери кои ги обесхрабруваат жените да влезат или останат во оваа индустрија.

Причини за системско игнорирање на женскиот придонес во ИКТ

  1. Историски стереотипи и машка доминација во технологијата

Стереотипот дека технологијата, математиката и инженерството се „машки професии“ датира уште од индустриската револуција и се продлабочува со дигиталната ера. Жените како Ејда Лавлејс (првиот компјутерски програмер) или Грејс Хопер (пионер во програмирањето на COBOL), често се исклучени од образовните програми и јавната историја. Иако нивната работа била клучна, тие добиле признание за нивната работа години подоцна. Овие стереотипи се одржуваат преку учебници, медиуми, па дури и во поп-културата, каде што техничарите и иноватори речиси секогаш се претставени како мажи.

✦ Пример: Во 1960-тите, жените од NASA кои ги пресметувале траекториите за мисиите Аполо биле нарекувани „компјутери“ – но нивните имиња не биле јавни со децении.

  1. Недостаток на женски примери и институционална поддршка

Без видливи примери на успешни жени во ИКТ, младите девојки имаат помалку мотивација да се замислат себеси во овие улоги. Истовремено, многу компании и академски институции немаат доволно програми за поддршка на жени, како менторство, стипендии или заштита од родова дискриминација. Жените често се соочуваат со предрасуди, микро агресии и сомнежи во нивната експертиза, што дополнително ги демотивира да се задржат или напредуваат во ИКТ кариерата.

✦ Пример: Во анкета спроведена од Accenture и Girls Who Code (2022), 50% од младите жени кои влегле во технолошки кариери размислувале да се откажат пред да наполнат 35 години, најчесто поради чувство на изолираност или недостиг на поддршка.

  1. „Групен авторитет“ и припишување заслуги на мажи

Во научната и технолошката заедница, често се случува трудот на жените да биде припишан на мажите, особено кога станува збор за тимски проекти. Ова е познато како „Матилда ефект“ – термин што ја опишува тенденцијата научните достигнувања на жените да бидат незабележани или припишани на нивните машки колеги.

✦ Пример: Розалинд Френклин дала клучен придонес во откривањето на структурата на ДНК, но Нобеловата награда ја добиле само Вотсон, Крик и Вилкинс.

✦ Пример од ИКТ: Маргарет Хамилтон, директорка на софтверскиот инженеринг тим за Аполо 11, не добила јавно признание, иако нејзиниот код буквално ја спасил мисијата.

Овие случаи не се исклучок – тие се дел од шема на системско потценување, каде што жените добиваат помалку награди, помалку медиумска видливост и поретки унапредувања.

Последици од невидливоста

Невидливоста на жените во ИКТ не е само прашање на признавање, туку има длабоки последици кои се прелеваат низ целото општество, образовниот систем и технолошкиот развој.

  1. Репродукција на стереотипи

Кога жените не се видливи во историјата и сегашноста на ИКТ, се создава впечаток дека оваа област природно им припаѓа на мажите. Тоа води кон одржување и продлабочување на родовите стереотипи дека жените се помалку способни или помалку заинтересирани за технологија и наука. Овие стереотипи се рефлектираат и во начинот на кој девојчињата се охрабруваат или обесхрабруваат да се вклучат во STEM кариери уште од најрана возраст.

  1. Отсуство на инспирација за млади девојчиња

Кога нема женски примери во учебниците, медиумите или во јавниот дискурс, младите девојчиња тешко можат да се замислат себеси како иноватори, научнички или инженерки. Истражувањата покажуваат дека присуството на родово слични модели во одредена професија ја зголемува веројатноста младите да ја изберат таа кариера (Lockwood, 2006). Невидливоста на жените во ИКТ значи дека девојчињата немаат соодветни модели за идентификација, што доведува до помала родова разновидност во технолошките факултети и индустрии.

  1. Ограничување на иновацијата поради еднолична перспектива

Истражувањата покажуваат дека разновидни тимови, во кои има родова, културна и етничка разновидност, генерираат покреативни идеи и посилни иновациски решенија.  Кога жените се маргинализирани или игнорирани во процесот на креирање нови технологии, се губи богатството на перспективи што тие можат да го понудат. Ова резултира со производи и услуги кои не ги земаат предвид различните потреби на корисниците, што може да има сериозни последици, особено во области како здравството, безбедноста, и дизајнот на алгоритми.

Ревалоризација

Ревалоризацијата претставува процес на повторна евалуација и вреднување на историјата и придонесите кои биле игнорирани, минимизирани или погрешно претставени. Во контекст на жените во ИКТ, ова значи не само да се спомнуваат по име, туку активно да се признава нивната улога, иновации и влијание врз технолошкиот напредок.

  1. Повик за враќање на историското признание

Историското бришење на жените од научната и технолошката историја не само што е неправедно, туку и штетно. Враќањето на признанието значи:

  • Коригирање на наративот во учебници, музеи, документарци и други едукативни материјали.
  • Вклучување на имињата на жени како Ада Лавлејс, Грејс Хопер и други во истите реченици со мажи како Алан Туринг и Стив Џобс.
  • Признавање на колективниот труд и соработката во технолошкиот развој, а не исклучиво индивидуални машки “генијалци”.
  1. Вклучување на жените во технолошката нарација

Жените не треба да бидат спомнувани само како исклучоци, туку како суштински дел од историјата и иднината на ИКТ. Тоа подразбира:

  • Промена на наративите во медиумите и индустриските извештаи.
  • Активно вклучување на жени во панел дискусии, конференции и лидерски позиции.
  • Поттикнување на девојчиња и млади жени да се идентификуваат со ИКТ професионалките како реални и достапни улоги.
  1. Иницијативи и платформи што ја прават оваа промена

Во последните години, се појавуваат иницијативи и движења што ја туркаат ревалоризацијата напред:

  • Ada Lovelace Day – меѓународен ден посветен на славење на жените во науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM).
  • The Gender Gap in Tech – истражувачки проекти и извештаи кои го мапираат недостигот на родова рамноправност во технолошкиот сектор.
  • Women in Tech конференции, менторски програми и глобални заедници како Girls Who Code, AnitaB.org, SheCodes и Women Who Tech.
  • Истражувачки трудови и дигитални архиви кои имаат цел да документираат и враќаат видливост на женските придонеси (пример: “Hidden Figures”, “Broad Band” од Клер Еванс).

Ревалоризацијата не е само прашање на минатото, туку неопходна алатка за создавање на поправедна иднина. Признавањето на жените во ИКТ е предуслов за рамноправна и иновативна технолошка ера.

Заклучок


Жените отсекогаш биле присутни во развојот на информациските и комуникациските технологии, но нивните приказни се премолчени, нивниот труд маргинализиран, а нивните имиња често заборавени. Овој проект ја осветлува токму таа скриена историја, но и ја покажува современата невидливост на жените во ИКТ  и покрај нивниот значаен придонес како иноватори, инженерки, научнички и лидерки. 

Преку истражување на историјата, современите примери и статистички податоци, станува јасно дека невидливоста не е случајна, туку резултат на системски фактори: културни стереотипи, недостаток на поддршка и институционализирано припишување заслуги на мажи. Последиците од оваа невидливост се сериозни, се одржуваат родови нееднаквости, се губи инспирацијата за идните генерации девојчиња, а иновациите се развиваат во ограничени рамки. Затоа, потребна е ревалоризација – враќање на заслуженото историско и современо признание на жените. Без рамноправно учество и видливост, не можеме да зборуваме за вистински инклузивна и праведна технолошка иднина. Овој труд претставува повик за промена во сите области, во образованието, културата, институциите и во секојдневната перцепција за тоа кој ја создава иднината.

Библиографија

  1. Abbate, J. (2012). Recoding gender: Women’s changing participation in computing. MIT Press.
  2. Cheryan, S., Plaut, V. C., Davies, P. G., & Steele, C. M. (2009). Ambient belonging: How stereotypical cues impact gender participation in computer science. Journal of Personality and Social Psychology, 97(6), 1045–1060. https://doi.org/10.1037/a0016239
  3. Ensmenger, N. (2010). The computer boys take over: Computers, programmers, and the politics of technical expertise. MIT Press.
  4. Eurostat. (2023). ICT specialists in employment by sex – EU statistics. https://ec.europa.eu/eurostat/statistics-explained/index.php?title=ICT_specialists_in_employment
  5. Google.org. (2022). Women Techmakers Program. https://www.womentechmakers.com/
  6. Hicks, M. (2017). Programmed inequality: How Britain discarded women technologists and lost its edge in computing. MIT Press.
  7. Light, J. S. (1999). When computers were women. Technology and Culture, 40(3), 455–483. https://doi.org/10.2307/25147356
  8. Margolis, J., & Fisher, A. (2002). Unlocking the clubhouse: Women in computing. MIT Press.
  9. UNESCO. (2021). Cracking the code: Girls’ and women’s education in STEM. https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000253479
  10. UNESCO Institute for Statistics. (2023). Women in science. http://uis.unesco.org/en/topic/women-science
  11. U.S. Bureau of Labor Statistics. (2023). Women in STEM. https://www.bls.gov/cps/cpsaat11.htm
  12. World Economic Forum. (2023). Global Gender Gap Report 2023. https://www.weforum.org/reports/global-gender-gap-report-2023