Анастасија Петковска
Вовед
Вештачката интелигенција се повеќе и повеќе ни станува помошна алатка на секој од нас. Во секојдневниот живот во последниот период многу луѓе секојдневно ја користат оваа алатка и едноставно не можат да ги извршуваат своите работни обврски без неа. Како и секоја нова технологија така и оваа има свои предности и маани, може да се користи за добро и лошо, а на нас преостанува во какви цели ќе биде употребена.
Вештачката интелигенција има сè поголема улога во поддршката на децата со посебни потреби, нуди алатки и технологии кои можат значајно да им го подобрат образованието, комуникацијата, развојот и самостојноста на овие деца. Добиваат помош преку различни ботови, асистивна технологија, персонализирано учење, виртуелни асистенти, роботи и сл. Помош можат да добијат скоро сите деца со попреченост без разлика дали имаат оштетен слух, вид, говор, моторика и др.
Персонализирано учење – тука спаѓаат Адаптивни платформи базирани на Вештачка Интелигенција и можат да се прилагодат на индивидуалните способности и потреби на ученикот, овозможувајќи им на децата да учат со сопствено темпо и стил. ВИ системи можат да анализираат како ученикот учи, па со тоа создаваат персонализирана содржина и темпо, што е клучно за ученици со нарушувања во учењето (дислексија, АДХД и сл.).
Асистивна комуникација – За деца со тешкотии во говор или јазик, ВИ нуди алатки како што се уреди за гласовна комуникација, апликации со предвидување на текст или софтвери за препознавање на глас.
Рана дијагноза и поддршка – ВИ се користи за рано откривање на нарушувања како што се аутизам, дислексија или ADHD преку анализа на говор, однесување или моторички вештини. Можат да се внесат податоци а ВИ да помогне во откривање на дијагнозата.
Виртуелни асистенти и роботи – Роботи со ВИ се користат за терапија и учење, особено за деца со аутизам, им помага во развој на социјални вештини и интеракција, комуникација и сл.
Персонализирано учење
Со помош на адаптирани платформи кои се базирани на Вештачка Интелигенција и се прилагодуваат на индивидуалните способности и потреби на детето, му се овозможува да учи со сопствено темпо и стил, со помош и без да се чувствува преоптоварено. Се е во негов стил и материјалот е прилагоден за неговите способности.
Платформите базирани на вештачка интелигенција можат да ги користат моделите на учење, силните и слабите страни на овие ученици за да обезбедат прилагодена, соодветна содржина и вежби. Учениците кои користеле програми за адаптивно учење управувани од вештачка интелигенција забележале зголемување од 62% во резултатите од тестовите.
Ваквиот пристап за персонализирано учење е особено важно за децата со посебни потреби, кои често имаат уникатни когнитивни, емоционални или моторички профили што бараат индивидуализиран пристап.
Вештачката интелигенција ги анализира податоците од ученикот , ги препознава образовните потреби и слабости, автоматски ја прилагодува содржината или методот на учење кој е потребен да се примени и обезбедува поддршка преку препораки, визуелизации, објаснувања, квизови и игри.
DreamBox платформа
DreamBox применува системи базирани на вештачка интелигенција. Таа преку анализа на перформансите и перспективите на учениците дава персонализирани препораки за материјали за учење и активности. Ова е платформа која секогаш се обидува да ги исполни образовните стандарди на одредени ученици.
DreamBox користи напредни алгоритми за да следи различни аспекти од однесувањето на ученикот, како што се:
- Стратегии за решавање на задачи
- Време потребно за решавање
- Користење на помош
- Точност и доследност
Кога се работи за ученици со посебни потреби има одредени клучни карактеристики кои треба да се согледаат.
- Секој ученик има персонализирани патеки на учење – Секој ученик напредува според некои свои способности, се пополнуваат празнините во знаењето и се поттикнува напредок.
- Мултисензорно учење – Задачите комбинираат визуелни, аудитивни и тактилни елементи, со што се поддржуваат различни стилови на учење. Кога се работи со различни деца треба да се внимава и на различни стилови на учење , на секое дете индивидуално му одговара различен стил на учење, некое подобро учи преку слики/визуелно, други преку слушање/аудитивно и сл.
- Комуникација со наставници – Учениците можат да испраќаат пораки до наставниците преку платформата, овозможувајќи поддршка и мотивација во вистински момент.
Според студија на Центарот за истражување на образовни политики при Харвард, учениците кои користеле DreamBox околу 14 часа покажале напредок од речиси 4 процентилни поени на стандардизираните MAP тестирања. Ова покажува дека доследната употреба на платформата носи значаен академски напредок, особено за ученици кои учат под нивото на генерацијата.
DreamBox е достапен онлајн, што го прави применлив и во училиште и во домашни услови. Иако најмногу се користи во САД, платформата може да се користи и во други земји, вклучително и во Северна Македонија, доколку има пристап до интернет и лиценца за користење.
Асистивна комуникација AAC (Augmentative and Alternative Communication)
Ова се еден вид на дигитални алатки кои им помагаат на луѓето што не можат (или тешко можат) да зборуваат, да комуницираат поинаку – преку симболи, слики, икони, текст и синтетизиран говор. Најчесто ги користат лицата со аутизам, церебрална парализа, Даунов синдром, апраксија на говор.
Како функционираат AAC апликациите?
1. Избор преку слики или симболи
Детето на екранот избира симбол (на пр. „јас“, „сакам“, „вода“).
2. Превод во говор
Апликацијата автоматски ја составува реченицата и ја произведува со глас преку синтеза на говор. Пример:
- Симболи: „Јас“ + „сакам“ + „вода“
- Апликацијата вели: „Јас сакам вода“.
3. Можност и за персонализација
- Додавање фотографии од семејство, омилена храна, предмети
- Избор на машки или женски глас, брзина и интонација
- Различни јазици, вклучително и локални
Proloquo2Go е една позната апликација од овој тип на апликации која се користи кај деца со аутизам, моторички нарушувања и говорни тешкотии, таа содржи симболи, текст и глас. Може да се прилагоди според возраста и способностите на детето.
Рана дијагноза и детекција на нарушувања
ВИ се користи за анализа на однесување, движења, изрази на лице и говор, со цел да се идентификуваат потенцијални нарушувања уште во најрана возраст. АИ системи можат рано да идентификуваат нарушувања преку анализа на говор, движења или обрасци на однесување, што овозможува навремена интервенција и рано почнување со третман. Апликации и системи како Cognoa, AutismAI, или EarlySee ги анализираат видео-записите од децата и препознаваат одредени шаблони поврзани со аутизам или други нарушувања од развојниот спектар. Колку порано се открие нарушување (на пр. аутизам), толку поефикасна може да биде интервенцијата. Раните терапии значително го подобруваат развојот на говор, социјални вештини и академски способности.
- Cognoa
Одобрена од FDA (Американска администрација за храна и лекови) во 2021 година. Тоа е ВИ-систем кој помага лекарите да дијагностицираат аутизам кај деца од 18 месеци до 5 години.
Работи со: Видео однесување снимено од родител, прашања за развој од родител и лекар, алгоритам што ја одредува веројатноста за аутизам
Точност: околу 80% во раната дијагноза
- AutismAI
Ова е еден вид прототипски систем кој е развиен од страна на неколку универзитети, кој користи машинско учење за анализа на:
- Одговор на лице кога му се приоѓа
- Брзина на одговор на говор
- Синхронизација помеѓу говор и мимика
Овој систем овозможува предвидување на ризик од аутистично однесување без субјективна проценка.
- EarlySee
Ова е еден проект каде ВИ анализира видео-записи од мали деца кои си играат или гледаат видео и следи: Дали гледаат луѓе во очи ; Реакција на звуци; Внимание кон играчки и даваат соодветно мислење споредат анализираните сегменти. Ова може да е од голема корист и помош при дијагностицирање на аутизам и сл.
Роботи и виртуелни асистенти за терапија
Роботи со ВИ се покажале како исклучително ефективни во поддршка на децата со аутизам и социјални тешкотии. Овие роботи се програмирани да комуницираат со деца, да ги учат преку игра, да поставуваат прашања и да ги поттикнуваат на интеракција.
- NAO Роботот
NAO е хуманоиден робот развиен од SoftBank Robotics, дизајниран да помага во образованието и терапијата на деца со аутизам. Неговите карактеристики вклучуваат: Изразување на емоции: преку движења на лице и тело; Интеракција со деца: преку говор, движења и сензори за допир; Поддршка во учење: помага во развој на социјални вештини како имитација и редоследност.
- Kaspar Роботот
Kaspar е хуманоиден робот развиен од Универзитетот во Хертфордшир, специјално дизајниран за деца со аутизам. Неговите функции вклучуваат: Емоционални изрази: користи едноставни изрази на лице и движења за да комуницира; Интеракција преку допир: сензори на различни делови од телото за учење на социјално прифатлив допир; Игри и активности: помага во учење на основни социјални вештини како имитација и редоследност.
Истражувањата покажуваат дека Kaspar може да биде ефективен алатка за развој на социјални вештини кај деца со аутизам.
- Alexa и Google Assistant
Виртуелните асистенти како Alexa и Google Assistant можат да бидат корисни во поддршката на деца со аутизам, особено во:
- Поставување потсетници: за дневни активности како јадење, спиење или учење.
- Интеракција преку глас: помагаат во развој на комуникациски вештини.
- Персонализирани активности: можат да се програмираат за да одговараат на специфични потреби на детето.
На пример, Google Assistant има нови родителски контроли кои овозможуваат поставување на време за користење и ограничување на содржината, што може да биде корисно за деца со аутизам.
Заклучок
Вештачката интелигенција станува моќна алатка во раната дијагноза на нарушувања како што е аутизам. Многу деца може да добијат помош навреме, пред проблемите да се продлабочат, што позитивно влијае на нивниот говорен, емоционален и образовен развој. Исто така ВИ е револуционерен чекор напред во образованието, особено за децата со посебни потреби. При учење со вештачка интелигенција им се дава шанса на овие деца да го достигнат својот вистински потенцијал, во темпо и начин што најдобро им одговара. Има можност за Подобро прилагодување на наставата и нуди поголема мотивација и самодоверба кај учениците со попреченост, подобра комуникација со семејството, наставниците и другите деца. Вештачката интелигенција не е само технолошки напредок – таа исто така претставува моќна алатка за инклузија ,поддршка и полесна комуникација и напредок.
Користена литература
- https://claned.com/the-role-of-ai-in-personalized-learning/
- https://www.dreambox.com/
- https://info.discoveryeducation.com/rs/063-SDC-839/images/wp-14-04-intel_education_institute-intelligent_adaptive_learning_an_essential_element_of_21st_century_teaching_and_learning.pdf
- https://www.assistiveware.com/learn-aac/what-is-aac
- https://www.assistiveware.com/blog/progressive-language-in-proloquo2go
- https://www.fiercehealthcare.com/payers/cognoas-autism-diagnostic-tool-now-network-highmark-members
- https://cognoa.com/
