Томче Темелкоски
Вовед
Во последните неколку децении, вештачката интелигенција (ВИ) брзо се развива и станува неизоставен дел од нашето секојдневие. Сепак, учеството на жените во оваа област останува значително пониско во споредба со мажите. Овој труд ги истражува улогата и придонесот на жените во развојот на ВИ, предизвиците со кои се соочуваат, како и стратегиите за подобрување на нивното вклучување. Анализата ги разгледува историските аспекти, тековните иницијативи и идните перспективи за жените во ВИ. Преку детално разгледување на овие аспекти, ќе се покаже дека инклузивноста во технологијата не е само прашање на еднаквост, туку и неопходност за создавање на подобри и поетички одговорни системи на вештачка интелигенција.
Предизвици со кои се соочуваат жените
Технологијата и вештачката интелигенција се движечка сила на современото општество, но едно од клучните прашања што се поставуваат е нивната инклузивност. Иако ВИ нуди огромни можности, се покажува дека има значајни родови нееднаквости во ова поле. Жените се соочуваат со предизвици при вклучувањето во оваа област, а нивното учество во развојот на ВИ е од критично значење за да се обезбеди разновидност во перспективите, пристапите и решенијата што ги носи оваа технологија. Иако денес често се занемарува, жените отсекогаш играле значајна улога во развојот на технологијата. Од Ада Лавлејс, која се смета за првиот програмер во историјата, до пионерите на компјутерските науки како Грејс Хопер, нивниот придонес бил фундаментален. Во текот на Втората светска војна, многу жени работеле на кодирање и криптографија, но по војната, социјалните норми и политиките на работните места довеле до намалување на бројот на жени во ова поле[1]. Сепак, жените продолжиле да бидат активни во развојот на технологијата, особено во последните неколку децении, преку нивното учество во иновативни проекти и истражувања во ВИ.
Предизвиците пред жените во полето на ВИ
а) Стереотипи и културни бариери
Во многу општества, вклучувајќи ги и балканските, технологијата сè уште се перципира како “машка област”. Ова се манифестира уште од раното образование. Студија спроведена во Македонија во 2022 година од страна на Фондот за образованиe покажа дека 70% од наставниците по информатика се мажи, што ги поттикнува девојчињата потсвесно да поврзуваат технологијата со машкост[2]. Дополнително, медиумските портрети на “успешниот технолог” ретко вклучуваат жени, создавајќи ја илузијата дека жените не припаѓаат во овој свет.
б) Недостаток на менторство и видливи улоги
Иако глобално се зголемува бројот на жени во АИ, во Македонија и регионот, нивното присуство е минимално. Според податоците на Мрежата на жени во технологиите на Балканот, само 12% од предавачите на техничките факултети се жени, што ги ограничува можностите за менторство[3]. Без примери за успешни жени, младите девојки губат мотивација.
Сепак, постојат светли примери. Др. Марија Јовановска, истражувач во областа на машинското учење од Македонија, е една од ретките жени кои водеа тим во европски проекти за АИ. Нејзиниот успех покажува дека промената е можна, но неопходна е системска поддршка.
в) Непријателска работна средина
Во глобални компании како Google и Meta, жените често се соочуваат дискринминација каде нивните идеи се игнорирани[4]. Во Македонија, ситуацијата е уште полоша поради недостаток на регулативи. Истражување на Центарот за родови студии во 2023 откри дека 35% од жените во македонските ИТ фирми доживеале сексистички забелешки или недооценување.[5]
Прашањето што сега би си го поставиле е следното: како да се зголеми учеството на жените?
Успешни проекти за еднаквост
Потребна е револуција во образовниот систем, како воведување на обврзувачки предмети за дигитална писменост од прво одделение, со фокус на креативна примена на АИ. На пример, во Финска, децата учат да програмираат преку игри уште на 7 години, што ги стимулира девојчињата да се заинтересираат.
Кампањи за родова рамноправност: Владите треба да креираат медиумски кампањи кои ги нормализираат жените во технологијата. Проектот „Ти си иднината“ во Србија, каде успешни жени во АИ одржуваат предавања во селските училишта, е добар пример.
Поткрепа на млади таленти преку овозможување стипендии и работни средини е исто така добар пример. Формирање на фондации како „Кодирај како девојче“ кои ќе ги финансираат студиите на девојчињата во технологијата. Во Северна Македонија, компанијата Сеавус започна програма за менторство каде жени инженери ги водат тинејџерките низ проекти со вештачка интелигенција.
Хакатони и натпревари: Организирање на натпревари исклучиво за девојчиња, како „AI Girls Challenge“ во Бугарија, каде тимовите развиваат АИ решенија за климатски промени.
Исто така ни се потребни и правни реформи. Европската Унија веќе воведе препораки за 40% жени во одборите на директори, што треба да се пренесе и во технолошкиот сектор. Во Македонија, Министерството за информатичко општество може да воведе бонуси за компании со родови разновидни тимови.
Борба против дискриминацијата: Креирање на анонимни платформи за пријавување на сексизам, како апликацијата „Speak Up“ развиена во Хрватска, која им овозможува на жените безбедно да ги пријават инцидентите.
Поголемото учество на жените во овој сектор може значително да придонесе во забрзан развој и иновативност. За тоа сведочат примери во кои жените биле вклучени во развивање на системи со вештачка интелигенција. Така е во областа на здравствената нега. Со поголемо учество на жените, АИ системите би можеле да ги адресираат специфичните здравствени потреби на жените. На пример, стартапот „Elvie“ (основан од жена) користи АИ за подобрување на дијагнозата на ендометриоза, болест која често се игнорира од машки доминирани тимови.
Тука спаѓаат и образовните содржини. АИ алатки развиени од жени би ја елиминирале родовата пристрасност во образовните содржини. Проектот „GenderEd“, развиен во Полска, користи АИ за анализа на учебници.
Во областа на одржливост и климатски промени жените се глобално поактивни. Со нивно водство, АИ би се фокусирала на модели за намалување на јаглеродниот отпечаток или следење на еколошките кризи. На пример, „ClimateAI“, предводен од жена, користи машинско учење за предвидување на суши во Африка[6].
Успешни жени кои го менуваат светот на АИ
Во светски рамки можат да се забележат голем број на успешни женски приказни, кои го промениле светот таков каков шшто го знаеме.
– Тимнит Гебру е еден од најистакнатите гласови во областа на етичката вештачка интелигенција. Таа е ко-авторка на едно од највлијателните истражувања за пристрастност во системите за препознавање лица, каде што покажа дека алгоритмите значително потфрлаат кога се во контакт со темнокожи жени – што ја открива длабоко вкоренетата пристрасност во податоците со кои овие системи се тренирани.
Гебру беше дел од истражувачкиот етички тим на Google AI, но беше отпуштена во 2020 година откако алармираше за проблематични практики во интерната политика на компанијата – потег што предизвика глобална дебата за слободата на говор во големите технолошки корпорации. Потоа ја основа Distributed AI Research Institute (DAIR), независна организација што има цел да гради праведни ВИ системи преку заедничко и локално истражување. Нејзината работа е водечки пример за тоа како жените можат да влијаат на иднината на технологијата преку отпорност, научна точност и етичка решителност.
– Феи-Феи Ли е професорка на Универзитетот Стенфорд и една од најценетите научници во областа на компјутерскиот вид и машинско учење. Таа е позната по создавањето на ImageNet, огромна база на податоци со слики која служеше како основа за експоненцијалниот напредок на длабокото учење во последната деценија. ImageNet овозможи тренинг на алгоритми со висока точност и ја забрза развојната трка во многу апликации – од автономни возила до медицински дијагностички системи.
Освен нејзиниот технички придонес, Феи-Феи Ли е и активна поборничка за хуманистички пристап кон ВИ. Нејзиниот проект AI4ALL се стреми да донесе ВИ образование до ученици од маргинализирани заедници, вклучувајќи девојки, ученици од ниско-социјални средини и етнички малцинства. Таа често зборува за важноста од вклучување на хуманистичките и етичките вредности во ВИ истражувањето, со цел да се создадат технологии што ќе служат на сите луѓе, не само на елитните групи.
– Џој Буоламвини е компјутерска научничка и активистка која го основа Algorithmic Justice League – организација која се бори против пристрасноста во алгоритмите и се стреми кон транспарентна и одговорна употреба на ВИ. Нејзината работа откри како системите за препознавање лица не функционираат еднакво за сите – најмногу грешат кога се обидуваат да препознаат лица на темнокожи жени.
Таа исто така се појавува и во документарниот филм „Coded Bias“, каде што ја претставува својата истрага за расната и родова пристрасност во ВИ технологиите што се користат сè почесто во јавниот и приватниот сектор. Со своите уметнички и научни вештини, не само што алармира за проблемите во ВИ, туку и инспирира генерации на жени да се вклучат во креирањето на етичка технологија што ги вклучува сите.
– Дафне Колер е компјутерска научничка, истражувачка во областа на машинското учење и ко-основач на платформата Coursera, која денес им овозможува на милиони луѓе пристап до врвно образование. Нејзината академска работа се фокусира на примена на ВИ во медицината, биологијата и образованието.
Таа исто така работела на билдaње модели што помагаат во рана дијагноза на болести, како и системи што учат од огромни количини податоци (big data). Koller е позната по својата способност да ја поврзе ВИ со реални, хумани проблеми – со цел технологијата да биде во служба на здравјето и образованието. Таа често зборува за инклузија и родова еднаквост во науката, охрабрувајќи жени да ги следат своите амбиции во технолошкиот свет.
– Кејт Крафорд е истражувачка и авторка позната по нејзиниот интердисциплинарен пристап кон ВИ, комбинирајќи технологија, политика, општество и етика. Таа работела со Microsoft Research, MIT, и други институции. Крафорд ја напиша книгата „Atlas of AI“, во која ги истражува скриените последици на ВИ – како што се експлоатацијата на ресурси, надзорот, и социјалната неправда.
Таа често критикува како ВИ може да ги продлабочи нееднаквостите ако не се регулира со етички рамки. Преку својата работа, таа ја подига свеста за тоа дека ВИ не е само технички систем, туку општествен производ со реални последици врз животите на луѓето – особено на маргинализираните групи, вклучувајќи жени.ж
Сите овие примери ни кажуваат дека жените веќе придонесуваат за развојот на вештачката интелигенција како претприемачи или истражувачи во полето. Кога би се пробиле стереотипите дека жените не можат да работат во ова поле резултатите би биле уште поголеми.
Додека организациите како UN Women и AI4All работат на глобално ниво, локалните заедници мора да ги адаптираат решенијата[7]. Во Македонија, проектот „Женски мозоци за АИ“ — во соработка со Технолошкиот факултет во Скопје — обезбедува бесплатни обуки за средношколки. Слично, Романија ја зголеми застапеноста на жените во АИ од 15% на 28% за 5 години преку државни субвенции.
Иднината на вештачката интелигенција не е само техничка приказна, туку и општествен договор. Во ера каде ВИ ќе ги дефинира најинтимните аспекти на човековиот идентитет – од работата до односите и здравствената состојба -прашањето „кој ја создава?“ е централно. Жените, кои претставуваат половина од светското население, не смеат да бидат сведоци на оваа револуција, туку нејзини архитекти. За да се постигне ова, потребна е не само промена на статистиките, туку и радикална трансформација на културата, образованието и политиките што ги обликуваат технолошките екосистеми.
Инклузивноста не треба да биде реактивен одговор на кризи (како пристрасни алгоритми), туку превентивен принцип вграден во ДНК на ВИ. Ова бара:
– Ревизија на историјата на технологијата: Учебниците треба да ги вклучат придонесите на жените (на пр., Ада Лавлејс, Грејс Хопер) за да се деконструира митот за „машката генијалност“. Во Македонија, иницијативи како „Скриените хероини на науката“ веќе работат на ревитализација на делата на македонските жени научници.
– Етички-базиран дизајн: Развојот на ВИ треба да вклучи етички прегледи кои ги истражуваат родовите импликации на секој алгоритам, слично на еколошките оценки за инфраструктурни проекти.
Улога на големите компании
Големите компании кои работат во областа на вештачката интелигенција, како што се Google (преку DeepMind), Microsoft, Meta, OpenAI, IBM и други, преземаат сè повеќе чекори за да ја зајакнат улогата на жените во оваа индустрија. Повеќето од нив имаат свои Women in AI програми, чиј фокус е регрутација на повеќе жени во самите институции и нивна еднаквост во истите. Исто така имаат и свои интерни менторски програми каде жените се поврзуваат со професионални ментори кои ги обучуваат и ги помагаат во градењето на нивната професионална кариера. Исто така повеќето од нив имаат склучено договори со различни универзитети и институти за доделување грантови и стипендии за жените заинтересирани во областа на вештачката интелигенција. Онлајн курсевите на DeepMind е уште еден пример, каде се нудат бесплатни почетни часови за жените што се заинтересирани да навлезат во брзорастечкиот свет на вештачката интелигенција.
Многу истражувачки тимови, особено во Google AI Ethics и Microsoft Research, анализираат како ВИ системите можат да бидат пристрасни и работат на тоа да се минимизираат родовите стереотипи. Радува фактот што има сè поголем број на истражувачки трудови потпишани од жени кои се занимаваат со транспарентност и одговорност во ВИ. Иако индустријата сè уште се соочува со нерамнотежа, се забележува тренд на сè повеќе жени на лидерски позиции во истражување и развој на ВИ.
Македонија не смее да заостанува зад светските трендови и мора да фати чекор со науката, тоа би значело:
Национална стратегија за ВИ со родова перспектива: Вклучување на жени во државните тела за дигитална трансформација, како Советот за вештачка интелигенција при Владата.
Поддршка на домашниот стартап-екосистем: Формирање на фондови за стартапи предводени од жени, како што е случајот со „Girls in Tech Macedonia“, кои развиваат ВИ решенија за земјоделството или зачувување на македонскиот јазик.
Ниту една група не може сама да ја обликува иднината на АИ. Мажите мора да бидат сојузници во оваа борба — од поделба на домашните обврски до промовирање на жените во нивните тимови. Пример за ова е „HeForShe“ иницијативата на ООН, која во партнерство со ТУ Скопје организира работилници за машки студенти за родова рамноправност во технологијата.
Ако жените останат на периферијата на АИ, последиците ќе бидат катастрофални:
– Засилување на нееднаквостите: АИ системите ќе ги автоматизираат предрасудите (на пр., платените јазови), создавајќи „машински патријахат“.
– Колонизација на перспективите: Доминацијата на западните, машки тимови ќе ги маргинализира локалните потреби. На пример, АИ дизајнирана во Калифорнија може да не ги разбере културните специфики на Балканот.
Заклучок
Вештачката интелигенција е огледало на општеството што ја создава. Доколку тоа огледало ги рефлектира само машките, бели или елитни перспективи, тогаш сите сме осудени на искажена визија на реалноста. Но, ако жените од Македонија до Мумбај добијат шанса да ја коваат иднината, АИ ќе стане мост кон свет каде технологијата не ги дели, туку ги обединува луѓето. Како што вели источното народно изречение: „Ако сакаш да одиш брзо, оди сам. Ако сакаш да одиш далеку, оди заедно.“ Иднината на АИ не треба да биде трка — треба да биде патување во кое сите сме екипа.
Референци
[1] Women in Computing – What Happened After the War?
[2]Analiza-za-prisustvo-na-rodovi-stereotipi-vo-nastastavni-materijali-na-makedonski-jazik-MK.pdf
[3]Извештај за застапеноста на жените во технолошкиот сектор, https://balkanwomenintech.org/
[4] Истражување за дискриминацијата на жените во технолошките фирми, https://www.technologyreview.com/
[5] Истражување за сексизам во македонските ИТ компании
[6] Minimize Climate Risk | Maximize Future Opportunities | ClimateAi
[7] Програми за разновидност во ВИ, https://ai-4-all.org/