Вештачка интелигенција: Благослов или клетва? 

Published by

on

  

Ева Тончевска

1. Апстракт 

Во овој труд е разгледана вештачката интелигенција како потенцијален благослов, но и  можна клетва, зависно од тоа како се управува и користи истата. Од самиот почеток на  трендот на вештачката интелигенција па до денес сведоци сме на еден силен и брз раст,  развој на оваа тематика. Заинтересираноста за истата поаѓа и од фактот што таа има  допирни точки со речиси се и во денешното модерно општество. Како таква, во фокус на  трудот е ставена тематиката на поврзаноста на вештачката интелигенција во разни  области од општеството и родовата еднаквост во рамки на некои области кои  традиционално можеби се сметаат повеќе како машки професии. 

2. Вовед во Вештачка интелигенција и родова нееднаквост во СТЕМ 

Вештачката интелигенција (ВИ) претставува способност на пресметковни системи да  извршуваат задачи кои традиционално се поврзуваат со човечката интелигенција, како  што се учење, расудување, решавање проблеми, перцепција и донесување одлуки. Таа е  гранка на компјутерската наука која развива и анализира методи и алгоритми што им  овозможуваат на машините да ја разберат нивната околина и да постапуваат на начин  што ги зголемува шансите за постигнување на претходно дефинирани цели. Во овој  контекст, ВИ има амбивалентна улога во однос на родовата еднаквост – може да послужи  како поттикнувач на позитивни промени, но истовремено, ако не се имплементира  внимателно и етички, има потенцијал да ги репродуцира и продлабочи постојните родови  нееднаквости. 

И покрај глобалниот технолошки напредок и зголемената свест за значењето на родовата  еднаквост, жените остануваат недоволно застапени во одредени сектори, особено во  полето на STEM – наука, технологија, инженерство и математика. Истражувањата  укажуваат на тоа дека родовиот јаз е сè уште присутен и во образовниот систем и на  пазарот на трудот, при што жените се помалку застапени во водечките позиции и поретко  се појавуваат како активни креатори на иновации. Брзата дигитална трансформација и  развојот на вештачката интелигенција нудат нови можности за вклучување и оснажување  на жените, но успехот зависи од тоа како ќе се дизајнираат и применат овие технологии.

Во 21 век, STEM образованието станува сè поважно за подготовка на човечкиот капитал за  технолошки напреднатата и динамична реалност. Современите општества се соочуваат со  зголемена потреба за кадар што покрај технички вештини поседува и способности за  критичко размислување, иновативност и адаптација кон новите технолошки трендови.  Иако традиционалните методологии и понатаму се користат, нивната релевантност се  доведува под прашање, особено во контекст на дигиталната трансформација. Поради тоа,  се наметнува потребата од иновативни пристапи во наставата кои ќе овозможат  пренесување и примена на знаењата во реални ситуации. 

Во оваа насока, интеграцијата на вештачката интелигенција во образовниот процес – позната како AIEd – претставува иновативен пристап што овозможува персонализирано,  адаптивно и поефикасно учење. Во рамките на AI-STEM, користењето на интелигентни  туторијали, автоматизирано оценување, анализа на податоци и аналитика на учењето  води кон подобрување на квалитетот на наставата и образовниот процес во STEM  дисциплините. Меѓутоа, за ВИ да биде ефективно интегрирана, неопходно е да се земат  предвид сите аспекти на образовниот процес и да се применуваат родово чувствителни  политики кои ќе овозможат еднаков пристап за сите. 

Родовата нееднаквост во STEM е не само социјален, туку и економски и иновациски  проблем. Истражувањата покажуваат дека тимовите со родова разновидност имаат  поголема креативност и постигнуваат подобри резултати. Тоа укажува на потребата од  зголемена родова инклузивност, не само од аспект на правичност, туку и како предуслов  за подобри технолошки и општествени решенија. Во Македонија, според податоците на  Државниот завод за статистика, околу 30-35% од студентите на STEM факултетите се жени,  но мал дел од нив продолжуваат со кариера во технологијата или инженерството. Овој  факт укажува на потребата од поддршка, менторски програми и креирање на можности за  професионален развој на жените во овие области. 

Иако глобално има напредок во пристапот на девојчињата и жените до образование, тој  не е униформен во сите региони, а родовата нееднаквост останува длабоко вкоренета.  Постои потреба од координирани напори за елиминирање на бариерите и стереотипите 

кои ги одвраќаат девојките од STEM полињата. По пандемијата COVID-19, зголемената  дигитализација и примената на ВИ отворија нови перспективи, но и ја засилија потребата  од родова анализа на новите технологии. Глобалниот дијалог објавен од УНЕСКО во 2020  година ја истакна недоволноста на постојните нормативни рамки за ВИ кои не ја  третираат родовата еднаквост како приоритетно прашање. Преку тие истажувања беше  откриено дека алгоритмите на ВИ често вклучуваат родови пристрасности кои  произлегуваат од пристрасни податоци за обука или од одлуките донесени од страна на  луѓето кои ги развиваат. Таквите пристрасности можат да ги зајакнат родовите стереотипи  и да ја продлабочат дискриминацијата, особено во процеси како вработување, рангирање  или селекција на кандидати. Дополнително, недоволната застапеност на жени во развојот  на ВИ и во технолошките компании влијае на дизајнот и етиката на самите алгоритми.  Затоа, неопходно е структурна промена која ќе овозможи родова рамнотежа во  дигиталните и STEM вештини, а со тоа и пофер развој и примена на самата технологија. 

Па според тоа, вештачката интелигенција има потенцијал да биде силна алатка во  намалување на родовите нееднаквости во STEM и други слични области, но само доколку  нејзиниот развој и примена се водени од етички принципи, инклузивност и родова  сензитивност. Само така може да се обезбеди дигитална иднина во која сите, без разлика  на полот, ќе имаат еднакви шанси за успех и придонес во технолошкиот напредок. 

3. Дали ВИ е благослов или клетва? 

Вештачката интелигенција се издигнува како една од најзначајните револуционерни  технологии на современото општество, со потенцијал да ја трансформира динамиката на  функционирање на економиите, општествата и па дури и секојдневниот живот. Нејзиниот  развој отвора бројни можности за прогрес, но истовремено предизвикува сериозни  предизвици кои не смеат да бидат занемарени. Начинот на кој ќе се применува и  регулира таа може да ја претвори во алатка која ќе ја подобри општата благосостојба  односно да биде „благослов“ или пак во закана која ќе го заостри постоечкиот социјален  јаз и ќе ја наруши основната лична слобода, потенцијално како „клетва“.

Во позитивен контекст, ВИ претставува значителен напредок, особено во сфери како што  се здравството, индустријата и решавањето на глобалните проблеми. Во медицината,  интелигентните системи овозможуваат брзо и прецизно дијагностицирање на болести и  развој на нови терапии, додека персонализираната медицина, која се темели на анализа  на генетски и клинички податоци, значително ја подобрува здравствената заштита. Во  индустрискиот сектор, автоматизацијата базирана на ВИ доведува до зголемена  продуктивност, намалување на трошоците и оптимизација на работните процеси. ВИ исто  така има потенцијал да игра клучна улога во справувањето со глобалните предизвици,  како што се климатските промени, преку анализа на податоци и предвидување на  еколошки ризици. 

Меѓутоа, додека за некои ВИ претставува благослов, за други може да се претвори во  клетва. Автоматизацијата и роботизацијата предизвикуваат губење на работни места, што  носи зголемување на невработеноста и социјалната нестабилност. Голем број работници,  особено во традиционалните индустрии, се соочуваат со потребата за преквалификација  во нови професионални области, што не секогаш е лесно изводливо. Понатаму,  злоупотребата на ВИ за манипулација и ширење дезинформации претставува сериозна  закана за демократските процеси. Технологиите и алгоритмите за персонализирана  содржина можат да се искористат за ширење на лажни вести, манипулирање со јавната  свест и дестабилизација на општествата. Особено загрижувачки се ризиците поврзани со  нарушувањето на приватноста и злоупотребата на лични податоци. Големите корпорации  и државни институции имаат пристап до огромни бази на податоци за индивидуи, што ја  зголемува можноста за злоупотреба на моќта и ограничување на личните слободи. Без  соодветни регулативи, ВИ може да се претвори во инструмент за кој е потребен масовен  надзор, наместо во алатка за општо добро. 

Така, клучниот предизвик не лежи само во технолошкиот развој на ВИ, туку и во нејзината  одговорна и соодветна примена и регулирање. Како неизбежен дел од иднината,  етичкото користење на ВИ претставува заедничка одговорност на научниците, бизнисите,  владите и општеството во целина. Само преку внимателен и балансиран пристап, кој ќе ги  земе во предвид како придобивките така и потенцијалните ризици, ќе можеме да 

осигуриме дека ВИ ќе претставува благослов за човештвото, а не негово проклетство. Во  продолжение ќе ги разгледаме детално моментите во кои придонесува вештачката  интелигенција, т.е нејзините предности, но исто така и нејзините потенцијални  предизвици, како и сите досегашни придобивки во рамки на родовата еднаквост и  понатамошни потенцијални можности за развој. 

3.1 Предности на ВИ 

Вештачката интелигенција претставува една од најзначајните иновации на современата  технологија, која има потенцијал да предизвика фундаментални промени во  секојдневниот живот и индустриите. Со нејзиното интегрирање во различни области,  организациите и поединците се соочуваат со значајни предности, кои се одразуваат во  бројни аспекти на нивната операционална ефикасност и продуктивност. 

Една од најистакнатите предности на ВИ е нејзината способност за автоматизација на  повторувачките и рутински задачи. Ова ја зголемува оперативната ефикасност, намалува  трошоците и го подобрува нивото на точност во секторите како производството,  здравството и финансиските услуги. Автоматизацијата овозможува побрзи и попрецизни  работни процеси, што води до зголемена продуктивност и оптимизирани резултати. Додека автоматизацијата игра клучна улога во зголемувањето на ефикасноста, ВИ исто  така обезбедува моќни алатки за анализа на големи количини податоци и препознавање  на обрасци. Оваа анализа овозможува побрзо и поцелосно донесување одлуки, при што  компаниите користат предвидувачки аналитики за да ги идентификуваат трендовите на  пазарот и да развијат стратегии кои ја зголемуваат нивната конкурентска предност. Преку  ова, организациите можат да реагираат на промените во пазарната динамика и да  донесуваат информирани одлуки. Примената на ВИ во персонализацијата на услуги и  производи претставува значителен напредок во подобрувањето на корисничкото  искуство. Од препораки за филмови и музика до прилагодување на онлајн реклами и  купувања, овозможува анализирање на корисничкото однесување и понудување на  содржини што се најсоодветни за интересите и потребите на поединците, што значително 

ја зголемува ефективноста на пазарните стратегии, па така се почесто сме сведоци и на  тоа како сите тие реклами влијаат на нас. 

Во медицината, ВИ игра клучна улога во дијагностицирањето на болести, обработката на  медицински податоци и предвидувањето на здравствени ризици. Автоматизирани  системи со вештачка интелигенција овозможуваат рано откривање на заболувања, како  што е ракот и значително ја подобруваат точноста на третманите, што води до побрзо и  поефикасно лекување, а потенцијално може да спаси и многу животи. 

Дополнително, ВИ има значајна примена во доменот на сајбер-безбедноста,  овозможувајќи идентификација и превенција на заканите во реално време. Автономните  возила и системите за надзор исто така користат ВИ за зголемена безбедност во  сообраќајот и јавните простори, преку препознавање на сомнително однесување и  навремена реакција. Во енергетскиот сектор, ВИ придонесува за оптимизирање на  потрошувачката и намалување на трошоците. Паметните енергетски мрежи и системи за  предвидување на побарувачката овозможуваат поодржливо искористување на ресурсите,  што значително ја намалува енергетската загуба и ја зголемува ефикасноста на системите. Образовниот сектор исто така бележи значителен напредок преку интеграцијата на ВИ,  која овозможува интерактивно учење, автоматизирано оценување и персонализирани  наставни методи, како што беше напоменато и претходно од досегашните примери за  користење на ВИ во образованието во СТЕМ дисциплините. Ова ја подобрува ефикасноста  на наставниот процес и го поддржува развојот на учениците со посебни потреби, преку  адаптивни технологии кои овозможуваат прилагодување на наставните програми според  способностите и интересите на секој ученик. 

Во целина, ВИ е клучен двигател за иновации и напредок во бројни области, со  значителни придобивки во продуктивноста, корисничкото искуство, безбедноста и  најефикасно управување со ресурсите. Со правилна примена и регулирање, ВИ има  потенцијал да донесе значајни користи за општеството и економијата, што го прави  неопходно да се осигуриме дека нејзината имплементација ќе биде во согласност со  етичките и правните стандарди, во корист на сите членови на општеството.

3.2 Предизвици и недостатоци на ВИ 

Иако вештачката интелигенција носи значајни придобивки и потенцијал за  трансформација на различни аспекти од животот, истовремено ни наметнува и  сериозните предизвици и недостатоци кои можат да имаат далекусежни последици за  општеството и економијата. Овие недостатоци не само што поставуваат етички дилеми,  туку и откриваат неколку клучни проблеми кои треба да бидат внимателно разгледани. 

Еден од најзначајните проблеми поврзани со ВИ е нејзината неспособност за оригинално  и креативно размислување. Иако системите базирани на ВИ можат да генерираат  текстови, музика или уметност врз основа на постоечки обрасци и податоци, тие не  поседуваат способност за иновација и креативност која произлегува од човечката  интуиција и емоционална длабочина. Човечката креативност вклучува поврзување на  невообичаени идеи и концепти на нов и иновативен начин, нешто што машините сè уште  не можат да го постигнат. 

Дополнително, ВИ нема развиена емоционална интелигенција, која е клучна во многу  професионални и лични ситуации. Иако може да препознава одредени емоции и да  реагира според однапред поставени алгоритми,сепак не поседува вистинска емпатија и  чувства. Ова ја ограничува нејзината примена во области како што се социјална работа,  психологија и човечките ресурси, каде што длабокото разбирање на емоциите и  мотивациите на луѓето игра критична улога. Покрај тоа, зголемената зависност од ВИ  може да доведе до намалена когнитивна активност или т.н мрзеливост или стагнација во  работењето и развој на личните вештини. Со тоа што технологијата презема се повеќе  задачи, луѓето ризикуваат да ја изгубат способноста да развиваат свои технички вештини,  што може да доведе до пад на нивната компетентност, особено во области кои бараат  критичко размислување и креативно решавање на проблеми. 

Загрозувањето на приватноста е уште еден важен аспект. За да функционираат ефикасно,  ВИ системите бараат огромни количини на податоци, што отвора можности за  злоупотреба. Трети страни, вклучувајќи компании, владини институции или сајбер криминалци, можат да имаат пристап до чувствителни информации, што го зголемува 

ризикот од нарушување на личната приватност и безбедност, како и крадење на  идентитети, со што во последно време и многу се соочуваме. Исто така системите базирани на ВИ сè повеќе ја преземаат улогата на човечките работници во различни  сектори, од производство до услужни дејности. Ова може да резултира со значителни  социјални и економски последици, особено ако не се предвидат и применат мерки за  преквалификација на работната сила и за создавање нови работни места. 

Дополнително, прекумерната зависност од технологијата може да доведе до намалување  на автономијата на луѓето и нивната способност да донесуваат одлуки врз основа на  сопствено расудување. Кога ВИ системите ќе се користат во критични ситуации ризикот од  технолошки дефекти или неточни резултати може да има сериозни последици, ако луѓето  не се во можност да дејствуваат без помош на технологијата. Етичките и регулаторни  прашања кои се поставуваат со развојот на ВИ се исто така значајни. Брзиот напредок на  оваа технологија многу често ја надминува способноста на општеството да создаде  соодветни правни и етички рамки. Ова може да доведе до злоупотреба на алгоритмите,  нејасни критериуми за донесување одлуки и недостаток на одговорност за последиците  на одлуките донесени од ВИ. 

Конечно, недостатокот на здрав разум и способноста за прилагодување на непредвидени  ситуации претставуваат уште еден критичен недостаток на ВИ. Машините можат да ги  анализираат податоците и да препознаат обрасци, но не се способни да ги разберат  контекстуалните фактори или да се прилагодат на динамичните и сложени човечки  ситуации. Ова може да доведе до нелогични или несоодветни одлуки, што дополнително  ја ограничава употребата на ВИ во некои области. 

Во оваа насока, иако ВИ носи значителни предности и потенцијал за напредок,  недостатоците и предизвиците што произлегуваат од нејзината примена не треба да се  игнорираат. Потребно е внимателно планирање и регулирање на нејзината  имплементација, со цел да се минимизираат негативните ефекти и да се осигура дека ВИ  ќе биде користена на начин што ќе биде од корист за општеството и животната средина.

3.3 Досегашни придобивки од ВИ во рамки на родова еднаквост и етички стандарди 

Вештачката интелигенција има значителен потенцијал за подобрување на родовата  еднаквост, преку олеснување на пристапот до образование и обука, намалување на  дискриминацијата при вработување преку автоматизирани процеси без пристраност, и  превенција на насилство врз жени со рано откривање и поддршка. ВИ исто така  придонесува за родово чувствителни услуги и ја поддржува родовата инклузивност во  технологијата, промовирајќи етички и инклузивни практики кои создаваат еднакви  можности за сите родови. Овие придобивки покажуваат како ВИ може да биде важен  алатка во напорите за постигнување на родова еднаквост. Етичките размислувања за  вештачката интелигенција стануваат клучни со оглед на се поголемото интегрирање на  оваа технологија во различни области на општеството. И додека напредокот на ВИ носи  значајни потенцијали за напредок и иновација, истовремено ја отвора вратата за низа  комплексни и предизвикувачки прашања кои се однесуваат на правичност,  транспарентност, безбедност, автономија и морална одговорност. Овие прашања не се  само теоретски, туку имаат реални последици кои ја обликуваат иднината на човештвото. 

Еден од најголемите етички предизвици што ги поставува ВИ е можноста за нефер исходи,  предизвикани од вчитаните податоци. Системите за ВИ се обучуваат на податоци кои  можат да содржат скриени предрасуди и пристрасности, кои се пренесуваат и засилуваат  преку алгоритмите. Ако не се внимателно избрани и обработени, овие податоци можат да  резултираат со дискриминација во области како што се вработувањето, пристапот до  финансиски услуги или правото. За да се спречат вакви нерамноправности, потребно е да  се користат разнолики и претставителни податоци, како и постојан мониторинг на  моделите за идентификување и намалување на пристрасноста. 

Безбедноста и заштитата на личните податоци се исто така клучни етички аспекти.  Системите за ВИ често обработуваат големи количини на чувствителни податоци, што ги  прави ранливи на сајбер-напади и злоупотреба. За да се осигури заштита на приватноста,  потребно е да се минимизираат податоците што се собираат, да се користат техники на 

10 

анонимизација и да се воспостават високи стандарди за безбедност и заштита на  информациите. 

Зголемената автономија на системите за ВИ отвора нови етички прашања во однос на  контролата врз овие технологии. Во ситуации каде што ВИ системи се користат за  автономни возила или медицински апликации за кои беше напоменато претходно, неопходно е да се обезбеди човечка контрола во процесите на донесување одлуки.  Прекумерната зависност од технологијата може да доведе до губење на човечките  вештини и самостојност, што ги поставува прашањата за балансот меѓу автоматизацијата и  човечката инволвираност, а и точноста на крајните резултати. Многу јасно е дека етичките  дилеми со ВИ се продлабочуваат и во контекст на работните места. И додека новите  технологии носат нови можности за вработување, истовремено постои и ризик од големи  промени на пазарот на труд, со замена на рутински професии и зголемување на  економските нееднаквости, со тоа се бараат значителни инвестиции во преквалификација  и адаптација на работната сила за новите предизвици на пазарот. 

Употребата на ВИ во воената сила претставува еден од најголемите етички тестови во  денешницава. Автономните оружја и системи кои можат да носат одлуки за живот и смрт  на своја рака отвораат сериозни прашања за моралната исправност на таквите  технологии. Ова бара развој на меѓународни регулативи и етички рамки кои ќе осигураат  дека технологијата ќе се користи во согласност со хумани принципи. 

Конечно, со развојот на ВИ се поставува прашањето дали таа може да стане доволно  „паметна“ или „самостојна“ за да ја има својата морална одговорност — како што ја  имаме ние, луѓето? Дали ВИ може да се смета за морален агент и кои права и  одговорности би имала? Денес, одговорноста за одлуките на ВИ системите се припишува  на програмерите и корисниците, но како што овие системи стануваат се поголеми и  поавтономни, ова прашање ќе биде сè покомплексно и ќе бара нови пристапи кон  одговорност и етика. 

Вештачката интелигенција, без сомнение, носи потенцијал за огромен напредок, но  нејзината примена мора да биде водена од длабоки етички принципи. За да се избегнат 

11 

негативните последици и да се осигури користење на ВИ во корист на општеството,  неопходно е континуирано разгледување на сите аспекти на оваа технологија, како и  развој на ефективни регулаторни рамки за обезбедување на одговорна и транспарентна  примена преку етички, социјални и правни принципи. 

3.4 Потенцијални можности за развој и употреба на ВИ во избрани области  

Вештачката интелигенција сè повеќе го променува лицето на различни индустрии,  воведувајќи нови стандарди во процесот на донесување одлуки, обработка на податоци и  автоматизација. Нејзината способност да анализира огромни количини податоци, да  идентификува обрасци и да извршува задачи без човечка интервенција ја прави клучен  фактор во модерната ера на технологија и иновации. 

Во здравствениот сектор, ВИ ја зголемува прецизноста и брзината на дијагностицирањето,  третманот и општата грижа за пациентите. Алгоритмите што анализираат медицински  слики овозможуваат откривање на абнормалности, како што се тумори или фрактури, со  голема точност, што резултира со побрзо и поефикасно поставување дијагнози. ВИ исто  така го олеснува развојот на персонализираната медицина, каде што третманите се  прилагодуваат врз основа на индивидуалните генетски профили и здравствена историја.  Примената на виртуелни здравствени асистенти овозможува континуирана поддршка за  пациентите, 24/7. Еден од најинтересните примери на примена на ВИ во здравството е во  анализата на мамографии. Преку вчитување на голем број слики, ВИ учи како да  препознава рани знаци на рак, како што се суптилни абнормалности кои можат да бидат  пропуштени од страна на луѓето. На овој начин, ВИ помага во рано откривање на рак на  дојка, што може да биде од големо значење за навремено започнување на третманите. Во овој контекст, по нејзина примена денес имаме многу позитивни случаи на рано  откриени неправилности или помош при болести, за кои со употреба само на човечкиот  капацитет не би биле можни во толку брз процес. Едно од истражувањата е финансирано  од Шведското здружение за борба против рак, Конфедерацијата на регионалните центри  за рак и шведското државно финансирање за клинички истражувања. Наодите од  истражувањето укажуваат дека употребата на вештачка интелигенција во скринингот за 

12 

рак на дојка може значително да придонесе за рано откривање додека истовремено го  намалува оптоварувањето на радиолозите при читање на мамографските снимки. Важно  е што оваа примена на ВИ не доведува до зголемување на бројот на лажно позитивни  случаи, а со оглед на тоа дека има недостиг на радиолози во многу земји низ светот ова  може да придонесе значително. 

Во финансискиот сектор, ВИ се користи за зајакнување на безбедноста, оптимизација на  инвестициите и подобрување на клиентската поддршка. Алгоритмите за откривање на  измами анализираат трансакции во реално време, превентивно спречувајќи измами и  финансиски загуби. ВИ исто така овозможува автоматско носење одлуки во  алгоритамското тргување, базирано на податоци од пазарите, што резултира во висока  ефикасност и прецизност. Малопродажбата исто така се развива со ВИ, создавајќи  персонализирани искуства за купувачите и подобрувајќи ги процесите на управување со  залихи. Преку анализа на купувачките навики и преференции, ВИ овозможува препораки  за производи кои се најсоодветни за секој индивидуален клиент, зголемувајќи ја  продажбата и задоволството на корисниците. 

Во транспортот, ВИ игра важна улога во развојот на автономни возила, кои користат  алгоритми за машинско учење и сензори за безбедно и ефикасно управување со  возилата. Покрај тоа, ВИ се користи за предвидување на потребите за одржување на  возила и оптимизација на транспортните рути, што помага во намалување на трошоците и  подобрување на логистиката. Производствената индустрија исто така ја забрзува  автоматизацијата на процесите со помош на неа, што резултира со зголемена  продуктивност и контрола на квалитетот. Роботите напојувани од ВИ се способни да  извршуваат сложени задачи со висока прецизност, додека предвидливото одржување  минимизира време на застој и оперативни трошоци. 

Образованието не е изоставено, бидејќи ВИ овозможува персонализирано учење преку  адаптивни системи, што помага во подобрување на академските резултати на учениците.  ВИ исто така ги олеснува административните задачи на наставниците, како што се  автоматското оценување на задачи и испити, овозможувајќи им да се фокусираат повеќе 

13 

на директна интеракција со учениците. А во забавната индустрија, ВИ трансформира  начините на кои уживаме во содржина. Од платформите за стриминг до развојот на  видеоигри, ВИ анализира преференциите на корисниците и создава препораки за  содржина која најмногу ќе ни одговара. ВИ исто така го забрзува продукцискиот процес во  музичката и видео индустријата, отворајќи нови можности за креативност и поефикасна  употреба, со помали трошоци. 

Вештачката интелигенција има значителен потенцијал да придонесе за родова  инклузивност преку елиминација на пристрасности и создавање на поеднакви можности  во сите овие различни области. Со правилно дизајнирани алгоритми, ВИ може да се  осигури дека одлуките, како оние за вработување, здравствени услуги и образованието,  не се под влијание на родови стереотипи. Преку анализа на податоци и адаптирање на  системите да ја земат предвид родовата разновидност, ВИ може да создаде праведни и  инклузивни процеси кои ќе обезбедат еднаков пристап до ресурси и можности за сите,  без дискриминација или фаворизирање на било кој пол. 

Иако постои ризик од продлабочување на родовиот јаз во вработувањето, вештачката  интелигенција има и огромен потенцијал да помогне во унапредувањето на родовата  еднаквост во иднина. Со правилно дизајнирани алгоритми кои се ослободени од  предрасуди, ВИ може да создаде поефективни и праведни процеси на селектирање на  кандидати, кои се базирани исклучиво на вештини и квалификации, а не на родови  стереотипи. Ова ќе обезбеди еднаков пристап за сите кандидати, вклучително и за жените  во СТЕМ секторите и други индустрии каде традиционално биле недоволно застапени.  Дополнително, ВИ може да игра клучна улога во создавањето на нови работни места,  особено во секторите кои се повеќе автоматизирани и дигитализирани. Со развој на  родово чувствителни АИ системи и политиките за обука, може да се обезбеди  поинклузивна и еднаква дигитална економија, каде жените и мажите ќе имаат  подеднакви можности за напредок и успех. 

Во сите овие индустрии, ВИ не само што го подобрува тековното функционирање, туку и  создава нови можности за иновации и раст. 

14 

4. Заклучок 

Заклучно со сето наведено, од самиот почеток па сè до крајот, јасно се истакнува  значењето и експоненцијалниот развој на вештачката интелигенција (ВИ), како и  нејзините потенцијални предизвици и ризици. ВИ веќе има длабок ефект врз  секојдневниот живот, бизнисите, научната истражувачка дејност и различни избрани индустрии, но нејзината крајна ефективност и влијание се директно зависни од начините  на кои ќе биде применувана и за кои цели ќе се користи. 

Клучната одговорност во користењето на оваа технологија лежи кај самите корисници,  кои се одговорни за интерпретацијата, примената и интеграцијата на ВИ во своите  работни процеси. Ова ја прави технологијата не само моќен алатка за напредок и  иновации, туку и потенцијален извор на ризици, доколку не се користи соодветно. ВИ  може да биде катализатор за иновации, автоматизација и подобрена ефикасност, со што  ќе се унапредат различни сфери на општествениот живот, но исто така може да  предизвика сериозни последици, како што се етички дилеми, нарушување на приватноста  и непредвидливи ефекти. 

Тековниот развој на ВИ е неверојатно брз, а првите што ја интегрираат и применуваат  оваа технологија во своите процеси веќе остваруваат значителна конкурентска предност.  Ова е особено изразено во сектори како што се чет-ботовите, дигиталните илустрации,  апликациите, медицината, финансиските услуги, па дури и во традиционалните области  како што се правото и образованието. Компаниите и поединците што успешно ги користат  предностите на ВИ бележат значителни успеси во форма на зголемена продуктивност,  подобрена услуга и повисока конкурентност. 

Сепак, и покрај бројните предности, ВИ носи и сериозни предизвици. Неконтролираното  или неодговорно користење на ВИ може да резултира со значајни ризици, како што се  сајбер-безбедносни закани, манипулација со информации, намалување на работни места  поради автоматизација, па дури и етички дилеми поврзани со употребата на податоци и  алгоритми. Некои организации како УНЕСКО веќе работи со години на тематиката околу вештачката интелигенција и родовата инклузивност, како и родовата инклузивност во 

15 

машко доминантни професии. А и многу држави веќе започнале со воведување на  регулативи за спречување на злоупотреба и обезбедување одговорна употреба на ВИ, но  брзината на технолошкиот напредок значително ги надминува напорите за создавање  соодветни правни и етички рамки. 

Затоа, продолжувањето на истражувањето, развојот и јавната дискусија преку блогови,  форуми и социјални мрежи за иднината на ВИ е од исклучителна важност. Фокусот треба  да биде на одговорната употреба, транспарентност и интеграција на ВИ, така што оваа  технологија ќе донесе користи за пошироката заедница. Вештачката интелигенција е  неодржлива само како концепт – нашата одлука е дали ќе ја искористиме како моќен  инструмент за напредок или ќе дозволиме да стане фактор на поделби, нееднаквост и  несигурност.

16 

5. Користена литература / Референци 

( Russell, Stuart J.; Norvig, Peter (2021). Artificial Intelligence: A Modern Approach  (4th ed.). Hoboken: Pearson.  

Aparna Lalitkumar Patil, Empirical Economics Letters, 22, (Special Issue 2) (June 2023);  Artificial Intelligence: A Curse or a Boon?, 

Khanzode, K.C.A. and Sarode, R.D., 2020. Advantages and disadvantages of artificial  intelligence and machine learning: A literature review. International Journal of Library  & Information Science 

https://pari.com.mk/so-vestacka-inteligencija-do-podobra/ 

UNESCO ( 2022); The effects of AI on the working lives of women https://www.theguardian.com/society/2025/jan/07/more-breast-cancer-cases found-when-ai-used-in-screenings-study-finds 

https://www.breastcancer.org/screening-testing/artificial-intelligence Nweje, U., Amaka, N.S. and Makai, C.C., 2025. Women in STEM: Breaking barriers and  building the future. 

Ouyang, F. and Jiao, P., 2021. Artificial intelligence in education: The three paradigms.  Computers and Education: Artificial Intelligence 

https://www.unesco.org/en/articles/new-unesco-report-artificial-intelligence-and gender-equality / https://unesdoc.unesco.org/ark:/48223/pf0000374174 https://www.unesco.org/en/artificial-intelligence/gender-equality 

https://denar.mk/321536/ekonomija/kako-vestackata-inteligencija-ke-go-promeni finansiskiot-sektor

17