Вештачка интелигенција,криминал и дигитално насилство:опасност за безбедноста и приватноста во дигиталниот свет

Published by

on

 

Владимир Чингаровски

1.Вовед

           Вештачката интелигенција (ВИ) и нејзината интензивна употреба се релативно нов феномен. Меѓутоа, степенот до кој може да влијае на секојдневниот живот на луѓето, на редизајнирањето на деловните процеси и начинот на функционирање и организирање на секојдневните општествени, економски, социјални, трговски, политички, демократски и други видови процеси, и тоа глобално и за исклучително кратко време, е огромен и е многу непредвидлив. Од што се состои суштинската промена? Компјутерите, информатичките и комуникациските технологии и процесите на дигитализација примарно претставуваа средства и начини кои го олеснуваа собирањето, складирањето и обработката на податоци, со цел да се зголеми квалитетот и брзината на работата на луѓето. Сепак, со брзиот развој и проширување на примената на вештачката интелигенција – благодарение на нап редокот на длабоките невронски мрежи, зголемувањето на количеството на податоци погодни за машинско учење и зголемената достапност на микропроцесори погодни за обемни нумерички пресметки – се овозможи на компјутерите, роботите и други автоматизирани производи да извршуваат активности кои претходно биле карактеристични само за луѓето. Ова им овозможува на роботите да бидат користени за вредни и хумани цели (како на пример – опасни активности во рудници или во вселената) или на компјутерите да донесуваат заклучоци врз основа на обработка на огромни количини на податоци (на пример – анализирање на снимки и наоди за да се обезбедат попрецизни медицински дијагнози) и да се предвидат одредени настани (како што се економските модели и трендови или временската прогноза). Гледано од тие аспекти, корисноста на вештачката интелигенција е неспорна и неприкосновена. Сепак, потребно е да се земе предвид и проблемот со намалување на бројот на работни места (на пр. во банкарството, јавната администрација, индустријата).

Личните податоци станаа незаменлив дел од развојот и употребата на вештачката интелигенција, каде што служат и се користат како основа за обука на системите за вештачка интелигенција во препознавање шеми, обрасци, подобрување на точноста и овозможување персонализација што се користи во различни индустрии. Дури и по развојот, функционирањето на системите за вештачка интелигенција зависи од податоците со кои „се храни“ вештачката интелигенција, без кои тие не би можеле да ги применат, ниту да ги дадат посакуваните резултати и да го усовршат своето учење. Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR)[1] поставува низа стандарди за да се обезбеди високо ниво на заштита на личните податоци во ЕУ, додека многу национални закони се обврзани да ги следат овие стандарди. Од друга страна, вештачката интелигенција сè уште е регулирана преку меки законски инструменти, таканаречен “soft law”, како што се Етичките упатства за доверлива вештачка интелигенција, креирани на национално и супранационално ниво.

2.Поим за вештачка интелигенција

        Вештачка интелигенција (ВИ) е интелигенција претставена од машини и софтвер и е гранка од компјутерската наука која развива машини и софтвер со интелигенција. Најголемите истражувања како и објавените трудови за ВИ истата ја дефинираат како проучување и дизајн на интелигентен агент, каде под интелигентен агент се подразбира систем способен за перцепирање на околината и преземање на активности кои му ги максимизираат шансите за успех. John McCarthy, човекот кој во 1956 ја измисли синтагмата, ја дефинираше како наука и инженерство за создавање на интелигентни машини. Истражувањето во делот на ВИ е од високо технички и специјализиран карактер, во основа поделен во подобласти кои често слабо меѓусебно комуницираат. Некои од подобластите се должат на културно-општествени фактори: подобластите се развиле врзувајќи се за соодветни институции или резултирале од достигнувања на поединечни истражувачи. ВИ истовремено е поделена и врз основа на техничка проблематика. Имено, некои од подобластите се фокусираат на решавање на специфичен проблем, други пак, се фокусирани на еден од можните пристапи или користење на конкретна алатка или пак насочени кон реализирање на соодветна апликација. Централниот проблем на вештачката интелигенција истражувањето е интеграција од резонирање, знаење, планирање, учење, комуникација, перцепција како и способност за движење и манипулирање со предмети. Општата интелигенција (или чврста интелигенција) сè уште е долготрајна цел во оваа област. Тековно популарните пристапи вклучуваат статистички методи, компјутерска интелигенција и традиционален симбол ВИ ( AI). Огромен е бројот на алатките користени во ВИ , вклучувајќи видови пребарувања, математичка оптимизација, логика, методи засновани на веројатност и економика, и многу други. 

2.1. Историјат на развојот на вештачката интелигенција: Клучни датуми и имиња

        Идејата за „машина што мисли“ датира од античка Грција. Но, од доаѓањето на електронското комуницирање, складирање податоци и пресметување, поважни настани и пресвртници во еволуцијата на вештачката интелигенција се следните:

       1950: Алан Тјуринг го објавува трудот „Computing Machinery and Intelligence“  . Во трудот, Тјуринг – познат по декодирањето на нацистичкиот код ЕНИГМА за време на Втората светска војна – предлага да одговори на прашањето „дали машините можат да размислуваат?“ и го воведува Туринг тестот за да утврди дали компјутерот може да ја демонстрира истата интелигенција (или резултатите од истата интелигенција) како и човекот. Оттогаш се дебатира за вредноста на Туринговиот тест.

     1956: Џон Мекарти го измислил терминот „Вештачка интелигенција“ на првата конференција за вештачка интелигенција на колеџот Дартмут. Подоцна истата година, Ален Њуел, Џеј Си Шо и Херберт Сајмон го создале Logic Theorist5 , првата софтверска програма за вештачка интелигенција.

    1967: Френк Розенблат го направил Mark 1 Perceptron, првиот компјутер базиран на невронска мрежа што „учел“ со обиди и грешки. Само една година подоцна, Марвин Мински и Сејмур Пеперт објавуваат книга со наслов „Perceptrons“  , која станува и најзначајно дело за работата на невронските мрежи.

   1980-ти: Невронските мрежи кои користат алгоритам за заднинско пропагирање за да се обучуваат станаа широко користени во апликациите за вештачка интелигенција.

   1997: Deep Blue на IBM го победил тогашниот светски шампион во шах Гари Каспаров, во два последователни шаховски меча.

   2011: IBM Watson платформата ги победила шампионите Кен Џенингс и Бред Ратер во логичната игра Jeopardy!

     2015: Кинескиот суперкомпјутер Minwa на Baidu[2] користи посебен вид длабока невронска мрежа наречена конволутивна невронска мрежа за да идентификува и категоризира слики со повисока стапка на точност од просечниот човек.

      2016: Програмата AlphaGo на DeepMind, напојувана од длабока невронска мрежа, го победи Ли Содол, светскиот шампион во играта Go, во натпревар од пет сета. Победата е значајна со оглед на огромниот број можни потези што се развивале во текот на играта (над 14,5 трилиони по само четири потези!). Подоцна, Google го купил DeepMind за пријавени 400 милиони американски долари.

     2023: Зголемувањето на големите јазични модели или LLM, како што е ChatGPT, создава огромна промена во перформансите на вештачката интелигенција и нејзиниот потенцијал. Со овие нови генеративни практики за вештачка интелигенција, моделите за длабоко учење може да бидат претходно обучени користејќи огромно количество сурови, необработени и неозначени податоци.


Слика бр.1.Сајбер-криминалот и ВИ напревена слика преку алатката chatgpt

2.2.Влијанието на големите јазични модели врз спроведувањето на законот

           Chatgpt  и сличните алатки за вештачка интелигенција се покажуваат како корисни во многу различни контексти, а Европол се грижи дека може да бидат исто толку корисни за криминалците.Chatgpt е најбрзорастечката апликација на сите времиња, која на луѓето им ја даде моќта на голем интелигентен јазичен модел на вештачка интелигенција, полн со огромна база на податоци од интернет.
Оваа нова моќ веќе доведе до промени во начинот на кој многу луѓе ја извршуваат својата работа или бараат информации на интернет, при што технологијата на идната вештачка интелигенција на многумина им буди и возбуда, бидејќи разни се сценаријата за сето тоа што таа во иднина ќе може да го направи.Секако,  позитивни страни има многу, меѓутоа тука е и загриженоста.
Еден од стравовите околу технологијата за вештачка интелигенција како Chatgpt е што ќе направат криминалците и другите лоши актери со таа моќ.
Тоа е она што Европол, агенцијата за спроведување на законот на Европската Унија, го разгледа во својот неодамнешен извештај за Chatgpt насловен „Влијанието на големите јазични модели врз спроведувањето на законот“.
Chatgpt, кој е изграден на технологијата на големиот јазичен модел GPT3.5 на OpenAL, би можел „значително да им олесни на злонамерните актери подобро да разберат и последователно да вршат различни видови криминал“,
Тоа е затоа што, иако информациите за кои е обучен Chatgpt веќе се слободно достапни на интернет, технологијата може да обезбеди чекор по чекор инструкции за секакви теми, доколку му се дадат вистинските прашања од корисникот.

3.Поим за онлајн-насилство

          Онлајн-насилството е насилство со употреба на дигиталните технологии. Може да се одвива на социјалните медиуми, платформите за размена на пораки, платформите за играње и на мобилните телефони. Станува збор за однесување кое се повторува, а чија цел е да се заплашат, разлутат или посрамат оние кон кои е насочено.

Такви примери се:

  • ширење лаги или објавување засрамувачки фотографии од некого на социјалните медиуми
  • испраќање пораки што може да повредат или закани преку платформите за размена на пораки
  • преземање на туѓ идентитет и испраќање злобни пораки до другите во негово/нејзино име.

Насилството лице в лице и онлајн-насилството често се случуваат паралелно. Но, сајбер-силеџиството остава дигитален отпечаток – запис кој може да биде од корист и да послужи како доказ кој ќе помогне да се запре малтретирањето.

3.1.Последователни ефекти од онлајн-насилството

        Кога насилството се случува онлајн се чувствуваш како да те напаѓаат отсекаде дури и во сопствениот дом. Може да ти се чини дека не постои излез. Ефектите може да траат долго и да влијаат врз тебе на повеќе начини:

  • Ментално – се чувствуваш вознемирено, збунето, глупаво, дури и разлутено
  • Емоционално – се чувствуваш посрамено или губиш интерес за работите што ги сакаш
  • Физички – се чувствуваш изморено (не те фаќа сон) или добиваш симптоми, како што се болки во стомакот или главоболки

Чувствата на исмевање, ругање или вознемирување од другите може да те спречат да проговориш или да не се обидеш да го решиш проблемот.Онлајн-насилството може да нè погоди на повеќе начини. Но сето тоа може да се надмине и луѓето може да си ги вратат довербата и здравјето.

3.2. Концепции за вештачката интелигенција родово базирано насилство

          Традиционално сфатено, технолошки посредуваното родово насилство, или уште познато како родово дигитално базирано насилство (РДБН), е чин на насилство извршено од едно или повеќе лица, кое е извршено, потпомогнато и делумно или целосно засилено со употреба на информатички и комуникациски технологии или дигитални медиуми, врз едно или повеќе лица врз основа на нивниот род/пол. Тоа што го карактеризира овој вид на насилство е постоењето на НАМЕРА да се изврши злонамерно дејство со употреба на дигитална технологија кое за последица предизвикува одредена штета на лицето на кое се однесува таквиот чин. Во поглед на генерирањето на злонамерна содржина разликата меѓу продуцирањето на навредлива содржина во дигитално базираното насилство и навредлива содржина од страна на вештачката интелигенција (ВИ) се однесува на изворот на навредливата содржина и начинот на нејзиното производство. Во дигитално базираното насилство, навредливата содржина се произведува и шири од страна на луѓе. Ова може да вклучува креирање и споделување на навредливи пораки, слики, видеа или други форми на онлајн вознемирување. Луѓето имаат намера и контрола врз производството и распространувањето на таквата содржина. Од друга страна, навредлива содржина од страна на ВИ се однесува на содржина која е произведена или генерирана од ВИ без свесна намера или контрола од страна на луѓето. ВИ може да креира и распространува содржина која може да биде навредлива или штетна, без да има свесност за последиците или намера зад тоа. Пример за ова може да биде автоматско генерирање на фалсификувани вести или слики. Според тоа, главната разлика е во изворот на навредливата содржина и намерата зад неа. Во случаите на дигитално базираното насилство, навредливата содржина е произведена и распространета од страна на луѓе со намера и контрола. Наспроти тоа, навредлива содржина од страна на ВИ е резултат на алгоритми и системи кои не поседуваат свесност и намера, но можат да генерираат содржина која може да биде злонамерна или штетна.

Во контекст на вештачката интелигенција (ВИ), елементот на „намера“ од дигиталното базираното насилство (ДБН) изостанува. ВИ се однесува на системи и алгоритми кои се развиваат да извршуваат задачи кои обично би ги извршувале луѓе. Овие системи не поседуваат свесност, намера или моралност како што ги поседуваат луѓето. Имајќи го ова предвид, кога се зборува за насилство што се извршува со помош на ВИ, не можеме да говориме за намера од страна на ВИ. Наместо тоа, ВИ може да биде користена како алатка или средство за извршување на насилство од страна на луѓе кои ги контролираат тие системи.

 
Слика  бр.2.Al портрети базирани на човечки лик

3.3.Одговорноста во ВИ родовото базирано насилство (ВИРН)

         AI инженерите не можат целосно да ја предвидат содржината што вештачката интелигенција (ВИ) ќе ја продуцира. ВИ е базирана на алгоритми и модели кои се тренираат со помош на големи сетови на податоци. Иако инженерите можат да го програмираат и тренираат ВИ да извршува одредени задачи, тие, сепак, не можат да предвидат точно каква содржина ќе биде генерирана во секоја ситуација. ВИ може да биде програмирана да учи и да генерира нови информации на база на податоците со кои е тренирана. Со тоа, може да произведе содржина која не е предвидена или програмирана од страна на инженерите. Ова може да биде предизвик за контролирање на содржината која се генерира од ВИ. Иако инженерите можат да применат различни техники и мерки за контрола на содржината, како што се филтри за навредлива содржина или етички кодекси, тие, сепак, не можат да гарантираат дека ВИ никогаш нема да генерира навредлива или злонамерна содржина. Ова е поради комплексноста и неодреденоста на алгоритмите и моделите на ВИ, како и влијанието на податоците со кои се обучува ВИ и контекстот во кој се користи ВИ. Затоа, важно е да се применуваат етички и правни рамки за контрола и надзор на ВИ, како и да се преземат мерки за непрекинато надгледување и оценка на неговото функционирање. Одговорноста на инженерите е да работат за да го подобрат и контролираат ВИ, но не можат да гарантираат целосна предвидливост на содржината што ќе биде генерирана. Одговорноста ја вклучува намерата и одговорноста за своите дејства и контрола на содржината што се генерира со ВИ. Затоа, сите лица кои ги користат ВИ, вклучувајќи ги и инженерите, треба да бидат свесни за потенцијалните негативни последици и да преземат одговорни мерки за намалување на ризикот од злонамерна содржина и акти на родово базирано насилство со ВИ. Одговорноста на корисниците на вештачката интелигенција (ВИ) вклучува неколку аспекти: Корисниците треба да бидат свесни за потенцијалните негативни последици и ризици поврзани со користењето на ВИ. Тие треба да разберат дека ВИ не поседува свесност и намера, и содржината што се генерира може да биде неочекувана или злонамерна. Корисниците треба да преземат мерки за да ги намалат ризиците и да ги минимизираат потенцијалните негативни последици. Второ, корисниците треба да ја користат ВИ во согласност со етички стандарди и законски рамки. Тие треба да се воздржуваат од користење на ВИ за генерирање или распространување на злонамерна содржина, вклучувајќи и актови на родово базирано насилство. Корисниците треба да почитуваат правата и приватноста на другите и да не ги злоупотребуваат ВИ за штетни или незаконити цели. Трето, корисниците треба да бидат активни и да го пријавуваат навредливото или злонамерно користење на ВИ. Доколку забележат случаи на родово базирано насилство или други форми на злоупотреба со ВИ, треба да ги пријават на соодветните инстанци или организации за надлежност и да помогнат во справувањето со овој проблем.

4.Заклучоци

1.Вештачка интелигенција (ВИ) е интелигенција претставена од машини и софтвер и е гранка од компјутерската наука која развива машини и софтвер со интелигенција.

2.Идејата за „машина што мисли“ датира од античка Грција.

3.Онлајн-насилството е насилство со употреба на дигиталните технологии. Може да се одвива на социјалните медиуми, платформите за размена на пораки, платформите за играње и на мобилните телефони.

4.Чувствата на исмевање, ругање или вознемирување од другите може да те спречат да проговориш или да не се обидеш да го решиш проблемот.

5.AI инженерите не можат целосно да ја предвидат содржината што вештачката интелигенција (ВИ) ќе ја продуцира.

5.Користена литература

1. https://novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/koi-se-mozhnostite-kriminalcite-da-ja-iskoristat-veshtachkata-inteligencija-vo-svoja-polza/

2.https://www.unicef.org/northmacedonia/mk/онлајн-насилство-што-претставува-и-како-да-се-запре

 3. https://eprints.ugd.edu.mk/34289/1/finalno_istrazuvanje-za-efektot-na-veshtachkata-inteligencija-vrz-chovekovite-prava.pdf

4.https://stella.mk/wp-content/uploads/2024/05/Надвор-од-екранот_-Разоткривање-на-дигиталното-родово-базирано-насилство-низ-критички-осврт.pdf

5. https://sr.wikipedia.org/wiki/ Вештачка_интелигенција


[1] https://gdpr-info.eu/

[2] https://www.ibtimes.co.uk/baidu-minwa-supercomputer-ai-trumps-google-microsoft-humans-image-recognition-1501434