Родовата еднаквост во маркетингот во ерата на вештачката интелигенција: Анализа на предизвиците и можностите

Published by

on

Марија Тодорова

Вовед

Во последната деценија, вештачката интелигенција (ВИ) се наметна како клучен двигател на трансформацијата во маркетинг индустријата, овозможувајќи нови нивоа на автоматизација, персонализација и аналитичка прецизност. Овој технолошки напредок, иако носи значителни придобивки за брендовите и потрошувачите, истовремено отвора и комплексни прашања поврзани со етичките аспекти и социјалната одговорност на компаниите. Особено актуелно прашање во овој контекст е влијанието на вештачката интелегенција врз родовата еднаквост – како во рамки на самата маркетинг индустрија, така и во поширокиот општествен контекст.

И покрај тоа што маркетингот традиционално се смета за поинклузивна професија во однос на родовата застапеност, сепак, во ерата на дигитализацијата и автоматизацијата, се појавуваат нови предизвици и ризици. Алгоритамските пристрасности, недоволната застапеност на жени во развојот на ВИ алатки и можноста за репродукција на стереотипи преку автоматизирани системи, може да доведат до засилување на постојните нееднаквости. Од друга страна, правилно дизајнираните и имплементирани ВИ решенија имаат потенцијал да ги препознаат и адресираат родовите разлики, да овозможат фер практики и да поттикнат инклузивност во маркетинг комуникацијата и организациската култура.

Ова истражување има за цел да изврши сеопфатна анализа на предизвиците и можностите што ги носи интеграцијата на вештачката интелигенција во маркетингот од аспект на родовата еднаквост. Преку критичко разгледување на актуелните трендови, ризици и добри практики, ова истражување ќе придонесе подлабоко разбирање на двојната улога на ВИ – како потенцијален катализатор, но и како можен предизвикувач на родови нееднаквости во современиот маркетинг.

  1. Примена на вештачката интелигенција во маркетингот

Пред се сметам дека е многу важно накратко да ја објасниме примената на вештачката интелегенција во маркетингот и колку истата ја олеснува и подобрува работата на сите маркетери. 

Вештачката интелигенција претставува суштинска алатка во современиот маркетинг, револуционизирајќи го начинот на кој компаниите комуницираат со потрошувачите, ги оптимизираат кампањите и ги носат стратешките одлуки. Примената на ВИ во маркетингот се одвива низ неколку клучни сегменти, меѓу кои најзначајни се автоматизацијата на процесите, персонализацијата на искуството и анализа базирана на предвидувачки алгоритми.

Најпрво, автоматизацијата на рутинските задачи овозможува значително олеснување на секојдневните маркетинг активности. Со интеграција на ВИ, задачите како управување со кампањи, анализа на перформанси и оптимизација на рекламни буџети се извршуваат со поголема брзина и прецизност. Платформи како Google Ads и Meta Business Suite користат напредни ВИ алгоритми за автоматско таргетирање на публика, што значително го подобрува одзивот на кампањите и го намалува човечкиот фактор во рутинските процес. Оваа автоматизација овозможува маркетерите да се фокусираат на креативни и стратешки аспекти, наместо на административни задачи.

Персонализацијата на искуството на потрошувачите е една од најголемите предности што ја носи ВИ во маркетингот. Со обработка и анализа на големи количини податоци за однесувањето на клиентите, вештачката интелегенција овозможува креирање на хиперперсонализирани пораки, препораки и понуди. Овој пристап оди далеку над традиционалната демографска сегментација, бидејќи се темели на реални податоци за интересите, навиките и интеракциите на секој поединечен потрошувач. На пример, Netflix користи ВИ за да препорача содржини врз основа на историјата на гледање на секој корисник, што резултира со повисоко ниво на задоволство и лојалност кај клиентите.

Анализа базирана на предвидувачки алгоритми е уште еден клучен сегмент на примената на ВИ во маркетингот. Со користење на напредни модели на машинско учење, маркетерите можат да предвидат идни трендови, да идентификуваат потенцијални купувачи и да донесат информирани одлуки за буџетирање и планирање на кампањи. ВИ-базираните алатки анализираат огромни количини на податоци во реално време и овозможуваат брза реакција на промените во потрошувачкото однесување или пазарните услови. На овој начин, маркетинг стратегиите стануваат пофлексибилни и поефикасни, а компаниите добиваат конкурентска предност преку подобро предвидување на потребите на своите клиенти.

Интеграцијата на вештачката интелигенција во маркетингот значи премин од традиционални кон автоматизирани и персонализирани пристапи. Оваа трансформација не само што ја зголемува ефикасноста и релевантноста на маркетинг активностите, туку и овозможува подлабоко разбирање на потрошувачите и поефикасно исполнување на нивните очекувања.

2. Предизвици: Како ВИ ги засилува родовите нееднаквости

Вештачката интелигенција носи значајни предизвици во однос на родовата еднаквост, особено во областа на маркетингот, каде што алгоритмите и автоматизираните системи сè повеќе влијаат на креирањето и дистрибуцијата на содржини, таргетирањето на публика и донесувањето одлуки. Еден од најголемите проблеми е тоа што ВИ системите се тренираат на историски податоци кои често ги рефлектираат постојните општествени предрасуди и стереотипи. Кога овие пристрасности се вградени во податоците, тие се пренесуваат и во алгоритмите, што резултира со автоматизирано репродуцирање и дури засилување на родовите нееднаквости во маркетинг практиките.

На пример, алгоритмите за таргетирање на реклами често покажуваат огласи за високоплатени работни позиции претежно на мажи, додека жените почесто се таргетирани со реклами за традиционално „женски“ професии или производи. Овој феномен не само што ги ограничува можностите за жените, туку и ги зацврстува стереотипите за тоа кои улоги се „соодветни“ за секој пол. Слично, при автоматизираното генерирање на слики или текстови, ВИ моделите имаат тенденција да прикажуваат мажи во лидерски или технички улоги, додека жените се прикажуваат во улоги поврзани со грижа, услужни дејности или подредени позиции. Оваа пристрасност во визуелната и текстуалната репрезентација има долгорочни последици врз перцепцијата на јавноста и самодовербата на жените во професионалниот свет.

Автоматизацијата и дигитализацијата на работните процеси преку ВИ ја засилуваат хоризонталната и вертикалната сегрегација на трудот. Жените, кои традиционално се застапени во „нетехнички“ или административни улоги, се изложени на поголем ризик од маргинализација или автоматизација на нивните работни места, додека технолошките и лидерските позиции, каде што доминираат мажите, стануваат сè поважни и подобро платенИ.Ова дополнително го зголемува родовиот јаз во платите и можностите за напредување.

Друг значаен аспект е недоволната застапеност на жени во процесот на развој и дизајн на ВИ системи. Кога женските перспективи и искуства се исклучени од фазите на креирање на алгоритми, резултатот е технологија која не ги препознава или не ги адресира специфичните потреби на жените. Ова води до производи и маркетинг кампањи кои не се инклузивни и често ги игнорираат или погрешно ги интерпретираат женските потрошувачки навики и вредности, што може да резултира со неефикасно таргетирање и губење на довербата кај значаен дел од публиката.

Покрај тоа, процесот на „феминизација“  на ВИ, односно доделување на женски имиња, гласови и карактеристики на виртуелни асистенти и роботи, дополнително ги зацврстува традиционалните родови улоги и хиерархии. Овие дигитални асистенти често се дизајнирани да бидат „покорни“, „љубезни“ и „интуитивни“, што ги рефлектира и засилува општествените очекувања од жените во реалниот свет. Истовремено, машките гласови се користат за асистенти во улоги кои се перципираат како авторитетни или експертски, со што се репродуцираат стереотипите и во дигиталната сфера.

Ваквите алгоритамски пристрасности не се секогаш резултат на свесна дискриминација, туку често се последица на недостаток на разновидност во податоците и во тимовите кои ги развиваат овие системи. Ова ја нагласува потребата од редовно мониторирање, ревизија и корекција на ВИ моделите, како и од активно вклучување на жени и други маргинализирани групи во процесот на нивно креирање.

2.1 Алгоритамски пристрасности

Алгоритамските пристрасности во вештачката интелигенција се системски проблем кој произлегува од интеракцијата помеѓу историски податоци, социјални норми и технолошки дизајн. Овие пристрасности не се неутрални технички грешки, туку рефлексија на општествените структури и вредности вградени во податоците кои ги користат алгоритмите за обука. Во контекстот на маркетингот, ова резултира со автоматизирана репродукција на родови стереотипи, што ги ограничува можностите на жените и ги засилува нееднаквостите.

Клучниот механизам на оваа појава лежи во податоците кои ги „учи“ вештачката интелегенција. На пример, ако историските податоци за рекламни кампањи покажуваат дека мажите почесто кликнувале на огласи за технички производи, алгоритмите ќе научат да ги таргетираат мажите за слични кампањи, игнорирајќи ги жените како потенцијална публика. Студија спроведена од Cornell University откри дека платформите како Meta Ads покажуваат огласи за високоплатени работни позиции до 30% почесто на мажи, дури и кога квалификациите се исти. Ова не е случајна грешка – тоа е директен одраз на податоците кои ги рефлектираат традиционалните родови улоги во работната сила.

Влијанието на овие пристрасности е длабоко и повеќеслојно. На пример, стереотипното прикажување на жените во реклами за домаќински производи или грижа ги ограничува нивните перцепции за сопствените кариерни можности.

Коренот на проблемот лежи и во недостатокот на разновидност во тимовите кои ги развиваат алгоритмите. Само 22% од професионалците во ВИ се жени, што резултира со технологии кои не ги земаат предвид женските перспективи.

Алгоритамските пристрасности не се само технолошки феномен, туку системско пресликување на општествените хиерархии. Тие ги одржуваат родовите нееднаквости преку економски механизми, дизајнерски одлуки и недостаток на инклузивност, правејќи ги маркетинг кампањите не само неефикасни, туку и етички проблематични.

2.2 Ризик од маргинализација на „нетехнички“ позиции

Воведувањето на вештачката интелигенција во маркетингот ја трансформира структурата на работната сила, создавајќи динамика каде „нетехничките“ улоги – традиционално доминирани од жени – се соочуваат со зголемен ризик од маргинализација. Оваа тенденција е последица на автоматизацијата на рутинските задачи, како управување со социјални мрежи, известување и администрирање на кампањи, коишто претходно беа клучни за овие позиции. Според истражувањата на IZA World of Labor (2025), вештачката интелегенција систематски ги заменува задачите што вклучуваат повторливи или стандардизирани процеси, што директно влијае на работни места каде жените се претежно застапени. На пример, автоматизацијата на анализата на податоци и генерирањето на извештаи преку алатки како HubSpot или Salesforce Einstein ги намалува потребите од човечко вклучување во овие области.

Паралелно, технолошките улоги – како развој на алгоритми, управување со ВИ и стратешка анализа – добиваат поголемо значење, но остануваат доминирани од мажи. Оваа вертикална сегрегација е засилена со економските механизми: фирмите кои инвестираат во ВИ се насочуваат кон вработување на лица со високо образование и STEM-вештини, каде мажите имаат поголема застапеност. Како што наведува McKinsey (2025), преку 60% од компаниите со високо ниво на ВИ ја зголемија употребата на работници со постдипломски степени, додека улогите без универзитетска диплома беа намалени за 22%. Ова ја создава „двојната економија“ во маркетингот: техничките улоги се платени подобро и се перципирани како стратешки, додека нетехничките се сведуваат на секундарни функции со помала можност за напредување.

Оваа дихотомија има директни последици врз родовата еднаквост. Бидејќи жените се претежно вработени во сектори како комуникација, креација и координација на кампањи – области најизложени на автоматизација – тие се соочуваат со поголем ризик од губење на работни места или стагнација на платите.

Економските стимули ги засилуваат овие трендови. Алгоритмите за оптимизација на рекламни буџети, како оние на Google Ads, преферираат да ги таргетираат корисниците со поголема веројатност за конверзија, што често резултира со игнорирање на публиките кои традиционално се поврзани со „нетехнички“ производи (на пр., грижа за домот или образование). Како резултат на тоа, компаниите економски се мотивирани да ги намалат инвестициите во маркетинг кампањи насочени кон овие групи, што дополнително ги маргинализира жените кои работат во тие ниши.

Последиците од оваа маргинализација се повеќеслојни:

  1. Економски: Намалување на можноста за економски напредок кај жените поради губење на работни места и ограничени платени улоги.
  2. Социјални: Засилување на родовите стереотипи преку перцепцијата дека „техничките“ улоги се „машки“, додека креативните и административните се „женски“ и помалку вредни.
  3. Структурни: Создавање на работна средина каде жените се ограничени на улоги со помала моќ за одлучување, што ги оддалечува од процесите на иновација и стратешко планирање.

За да се справи со овие предизвици, неопходни се интервенции на институционално ниво – вклучувајќи програми за преквалификација, менторство за жени во технолошките области и ревизија на алгоритмите за да се осигура дека тие не ги засилуваат економските нееднаквости. Без овие чекори, маргинализацијата на „нетехничките“ позиции ќе продолжи да биде двигател на родовиот јаз во маркетинг индустријата.

3. Можности: ВИ како алатка за промоција на еднаквоста

Вештачката интелигенција нуди трансформативни можности за унапредување на родовата еднаквост, каде што технологијата може да ги идентификува и адресира системските нееднаквости, да креира инклузивни кампањи и да ги оспособи жените за улоги во технолошкиот развој. Клучно е овие алатки да се дизајнираат и имплементираат со јасна родова перспектива, за да се осигураат дека придобивките се распределени праведно.

– Економска инклузија и фер практики

Вештачката интелегенција може да ги открие структурните нееднаквости во економските системи и да предложи корективни мерки. На пример, алатките за анализа на плати, како Glassdoor, користат машинско учење за да ги идентификуваат родовите разлики во надоместоците и да ги информираат компаниите за потребните промени. Слични примени се видливи и во финансиите: Zest AI разви алгоритми за кредитни оценки кои ги елиминираат пристрасностите врз основа на полот, овозможувајќи на жените-претприемачи во земјите во развој да добијат пристап до микрокредити. Ова е особено значајно во региони каде жените традиционално се исклучуваат од формалните финансиски системи.

-Сигурност и заштита од дигитално насилство

Вештачката интелегенција игра клучна улога во борбата против технологиски поттикнатото насилство врз жените. Платформи како Botler.ai користат природна обработка на јазик (NLP) за да ги анализираат инцидентите на сексуално вознемирување и да ги упатат жртвите кон правни ресурси. Во Канада, оваа алатка помогнала во 80% од случаите да се утврди дали инцидентот претставува кршење на законот. Дополнително, апликациите за безбедност, како bSafe, користат геолокациски податоци и вештачка интелигенција за да испраќаат итни сигнали до контактите на корисниците, обезбедувајќи реален заштитен механизам.

– Политички и правни реформи

Вештачката интелегенција може да ги поддржи владите во креирањето на родочувствителни политики. Алгоритмите анализираат илјадници документи за да ги идентификуваат дискриминаторските практики во законите. Во Шведска, ВИ-алатка развиена од Vinnova анализираше пензиски системи и откри дека жените добиваат 30% помали пензии поради паузите за грижа за деца. Ова доведе до воведување на механизми за компензација во државниот систем. Слично, во областа на правосудството, ВИ помага во анализата на пресуди за да се откријат скриени пристрасности во случаите на семејно насилство.

Можностите на ВИ за промоција на родовата еднаквост се обемни, но нивната реализација зависи од свесниот пристап кон дизајнот и имплементацијата.

3.1 Откривање и адресирање на нееднаквости

Откривањето и адресирањето на родовите нееднаквости со помош на вештачката интелигенција  претставува чекор кон создавање поинклузивно општество и поправеден маркетинг екосистем. Современите ВИ алатки овозможуваат анализа на големи количини податоци, што овозможува да се идентификуваат суптилни и системски форми на дискриминација кои традиционалните методи често ги занемаруваат. Примената на ВИ во оваа насока се покажува како особено ефикасна во неколку клучни области: работните односи, финансиските услуги, образованието, медиумите и јавните политики.

Во корпоративниот сектор, вештачката интелегенција се користи за откривање на родов јаз во платите, застапеност во лидерски позиции и пристап до можности за напредување. Ваквите анализи обезбедуваат фактичка основа за преговори и иницирање на политики за еднаква плата. Слично, во финансискиот сектор, се применува за елиминирање на пристрасностите во кредитното оценување, како што покажуваат примерите со Zest AI, каде алгоритмите се дизајнирани да ги надминат историските дискриминаторни практики и да овозможат фер пристап до кредити за жени претприемачи, особено во средини каде што тие традиционално се маргинализирани.

Во областа на образованието, овозможува детекција на разлики во стапките на запишување на курсеви, пристап до ресурси, како и анализа на учебни материјали за присуство на родови стереотипи. Преку обработка на големи бази на податоци, алгоритмите можат да идентификуваат дали жените се помалку застапени во одредени образовни програми или дали содржините ги репродуцираат традиционалните улоги, што им овозможува на институциите да ги ревидираат наставните програми.

Во медиумите и маркетингот, ВИ алатките се користат за анализа на содржини и кампањи со цел да се откријат пристрасности во претставувањето на жените и мажите. Алгоритмите за обработка на природен јазик (NLP) можат да детектираат дали одредени зборови, улоги или карактеристики се непропорционално поврзани со одреден род, што им овозможува на креаторите на содржини да ги корегираат пораките и да избегнат репродукција на стереотипи. Овој пристап е особено значаен во автоматизираното таргетирање на реклами, каде што ВИ може да идентификува и корегира пристрасности кои би довеле до дискриминаторски или исклучувачки маркетинг практики.

Покрај тоа, ВИ се применува и во анализата и подготовката на родово сензитивни закони и јавни политики. Со обработка на големи сетови на податоци за правни случаи, ВИ може да идентификува обрасци на дискриминација и да предложи реформи кои ќе го намалат ризикот од институционализирана нееднаквост. Исто така, алгоритмите можат да проценат какви ќе бидат потенцијалните родови ефекти на нови закони уште пред нивното донесување, што овозможува проактивна заштита од дискриминација.

Сепак, за да биде вештачката интелегенција навистина ефикасна во откривањето и адресирањето на нееднаквостите, неопходно е да се користат разновидни и репрезентативни податоци и да се вклучат различни перспективи во процесот на дизајн и имплементација на алгоритмите. Недостатокот на женска застапеност во развојот на ВИ може да доведе до слепи точки и пропуштање на важни нијанси во анализата, што дополнително ги засилува постојните нееднаквости. Затоа, клучно е да се промовираат инклузивни тимови и да се воспостават етички стандарди за развој и примена на ВИ, со цел технологијата да биде вистински двигател на родова еднаквост.

Вештачката интелегенција има потенцијал не само да ги открие, туку и да ги адресира и намали родовите нееднаквости во различни сфери на општеството. Критично е, сепак, оваа технологија да се користи одговорно, со внимание на разновидноста и инклузивноста, за да се обезбеди дека нејзината примена ќе води кон поправедни и порамноправни резултати.

3.2 Креирање инклузивни кампањи

Креирањето на инклузивни маркетинг кампањи преку вештачка интелигенција претставува клучен чекор кон премостување на родовите и културните јазови во современиот дигитален простор. Вештачката интелегенција нуди алатки кои овозможуваат анализа на големите податоци за да се идентификуваат потрошувачките навики, преференции и бариери на различни демографски групи, со цел да се создадат кампањи кои не само што ги рефлектираат нивните потреби, туку и ги разбиваат стереотипите. На пример, платформите за анализа на публиката (како Google Ads или Meta Business Suite) користат алгоритми за да ги сегментираат потрошувачите врз основа на однесување, наместо демографски генерализации, што овозможува прецизно таргетирање на маргинализирани групи кои традиционално се игнорирани.

Генеративната вештачка интелегенција, како ChatGPT, игра критичка улога во автоматизацијата на креативните процеси, генерирајќи текстови, слики и видеа кои ги прикажуваат жените во нетрадиционални улоги (научнички, лидери, технолози). Овој пристап е особено ефикасен во промовирањето на родовата еднаквост, бидејќи ги предизвикува општествените норми. Студија спроведена од Frontiers in Artificial Intelligence (2024) покажа дека кампањи кои користат ВИ-генерирани слики на жени во лидерски позиции достигнуваат 40% поголемо ангажирање кај младите жени, што укажува на потребата од редефинирање на визуелните наративи.

Успехот на инклузивните кампањи зависи од разновидноста на податоците кои ги тренираат алгоритмите. Доколку ВИ системите се обучуваат на хомогени податоци, тие ќе ги засилат постоечките пристрасности. Затоа, компаниите како Dove и Nike активно работат на вклучување на разновидни податоци во нивните ВИ алатки, обезбедувајќи дека генеративните модели ги претставуваат сите родови, раси и способности. Оваа практика е поткрепена со рамки како CONSIDER (опфатени во истражувањето на Sage Journals, 2024), која ги насочува маркетерите кон етичко дизајнирање на кампањи.

Покрај креацијата, ВИ игра улога и во проценката на ефективноста на инклузивните кампањи. Алатките за анализа на сентиментот (како Brandwatch или Hootsuite) ги следат реакциите на социјалните мрежи за да утврдат дали кампањите ги достигнуваат целните групи и дали ги елиминираат штетните стереотипи. На пример, кока-кола користела ВИ за да ги анализира публикациите на Twitter и да ги прилагоди своите рекламни пораки за да бидат поинклузивни кон ЛГБТQ+ заедницата.

Етичките предизвици остануваат клучни. Иако ВИ нуди можност за инклузија, нејзината имплементација бара строги протоколи за проверка на пристрасности. Според истражувањата, компаниите кои ги игнорираат овие аспекти ризикуваат да ги влошат родовите нееднаквости наместо да ги намалат. Затоа, неопходно е маркетерите да ги вклучат родовите експерти во сите фази на креирање на кампањите – од дизајнот до евалуацијата.

3.3 Поддршка за жените во технолошкиот маркетинг

Поддршката за жените во технолошкиот маркетинг во ерата на вештачката интелигенција претставува двигател за унапредување на родовата еднаквост и за создавање поиновативна и поетична индустрија. Вештачката интелегенција овозможува трансформација на работните процеси, отворајќи нови можности за жените да се вклучат, да напредуваат и да се позиционираат како лидери во маркетингот, особено во неговите технолошки сегменти.

Една од најзначајните придобивки од примената на ВИ е автоматизацијата на рутинските и административни задачи, кои традиционално често им се доделуваат на жените во маркетинг тимовите. Преку алатки за автоматско закажување состаноци, креирање извештаи, форматирање документи и генерирање идеи, жените се ослободуваат од повторливите и временски интензивни активности, што им овозможува да се фокусираат на креативни, стратешки и иновативни задачи. Оваа промена не само што ја зголемува продуктивноста и задоволството на работното место, туку и им овозможува на жените да го демонстрираат својот целосен потенцијал, да преземат водечки улоги и да придонесат со уникатни перспективи во развојот на бренд стратегиите.

Покрај автоматизацијата, ВИ ги поттикнува жените да се вклучат во технолошкиот маркетинг преку специјализирани програми за обука, менторство и професионален развој. Програми како „Growth Academy: Women in AI“ на Google за Startups и иницијативи на Women in AI (WAI) обезбедуваат пристап до едукативни ресурси, работилници, мрежи и поддршка за жени кои сакаат да изградат или унапредат кариера во областа на ВИ и маркетингот. Овие програми не само што ги обучуваат жените за најновите алатки и трендови, туку и им помагаат да развијат лидерски и претприемачки вештини, да го зголемат пристапот до инвеститори и да изградат меѓународни партнерства. Менторските и нетворкинг програмите, како оние на Women Go Tech, исто така се покажуваат како клучни за развој на лидерски вештини, проширување на професионалната мрежа и обезбедување на поддршка во напредувањето на жените во кариерата.

Воедно, жените во технолошкиот маркетинг носат уникатни вредности и компетенции кои се особено важни во ерата на вештачката интелегенција. Нивната природна емпатија, способност за градење односи и стратешка креативност ги прават клучни актери во креирањето на кампањи кои се автентични, персонализирани и ориентирани кон изградба на долгорочни врски со потрошувачите. Женското лидерство во ВИ и маркетингот придонесува за поголема разновидност на идеи, намалување на пристрасностите и развој на поетички и инклузивни технологии. Жените кои се активни во развојот и примената на ВИ се залагаат за фер и етички стандарди, за дизајн на решенија кои ги земаат предвид потребите на различни групи корисници.

Покрај индивидуалните напори, зајакнувањето на жените во технолошкиот маркетинг бара и институционална поддршка. Компаниите и организациите треба да промовираат разновидност во тимовите, да обезбедат фер регрутација и напредување, да поддржат флексибилни работни политики и да создадат безбедна и инклузивна работна средина. Признанието и видливоста на женските улоги во маркетингот , преку медиумите, стручните конференции и лидерските позиции, се клучни за инспирирање на идните генерации и за рушење на стереотипите кои ја ограничуваат женската амбиција и учество во технолошките сектори.

Заклучок

Вештачката интелигенција во маркетингот претставува двоостран меч: истовремено носи ризици од засилување на постојните родови нееднаквости и нуди можности за нивно надминување. Ова истражување покажа дека алгоритамските пристрасности, недоволната застапеност на жени во технолошките тимови и маргинализацијата на „нетехничките“ улоги се клучни предизвици кои ја одржуваат структурната дискриминација.

Критичкиот фактор за реализација на овој потенцијал лежи во свесниот пристап кон развојот и употребата на вештачката интелегенција. Инклузијата на жени во технолошките тимови, како и вклучувањето на родови експерти во дизајнот на алгоритмите, се неопходни за да се осигура дека перспективите на сите групи се рефлектираат во технологијата.

Иднината на маркетингот во ерата на вештачката интелегенција зависи од способноста на индустријата да ги балансира иновациите со етиката. Компаниите кои ги имплементираат препораките за родова разновидност, обука и инклузивни политики не само што ќе ги намалат ризиците од дискриминација, туку и ќе остварат економски придобивки – од зголемена креативност до поголема лојалност на потрошувачите.

Ова истражување потврдува дека родовата еднаквост не е само морален императив, туку и стратешка предност.Маркетингот ќе може да ги искористи придобивките на вештачката интелегенција, создавајќи индустрија која не само што одразува, туку и го обликува општеството кон поголема правда и еднаквост.

Биографија

  1. https://aigender.net
  2. https://feministai.pubpub.org/pub/qbkkxes2
  3. https://www.unesco.org/en/artificial-intelligence/women4ethical-ai
  4. https://www.unwomen.org/en/articles/explainer/artificial-intelligence-and-gender-equality
  5. https://eige.europa.eu/sites/default/files/documents/artificial_intelligence_platform_work_and_gender_equality.pdf
  6. https://platforma.aigender.net
  7. https://genderai.org